Можеш ли да имаш доверба во својата совест?
ПОД нормални околности, компасот е веродостоен инструмент. Неговата игла, ориентирана од магнетното поле на Земјата, постојано покажува кон север. На тој начин, патниците можат да се ослонат на компасот за правец кога немаат други ориентири кои ќе ги водат. Но, што се случува кога во близина на компасот се стави еден магнетен предмет? Наместо да покажува кон север, иглата ќе се ниша кон магнетот. Тој веќе не е доверлив водич.
Нешто слично може да се случи и со човечката совест. Творецот ни го всадил овој дар за да ни служи како доверлив водич. Бидејќи ние сме создадени според Божји лик, кога донесуваме одлуки совеста треба постојано да ни го покажува исправниот правец. Таа треба да нѐ наведе да ги одразуваме Божјите морални мерила (1. Мојсеева 1:27). Најчесто, и го прави тоа. На пример, христијанскиот апостол Павле напишал дека дури и некои кои се без Божјиот откриен закон, „сами од себе вршат сѐ по законот“. Зошто? Бидејќи „нивната совест им сведочи за тоа“ (Римјаните 2:14, 15).
Сепак, совеста не реагира секогаш кога треба. Поради човечката несовршеност, склони сме да правиме работи за кои знаеме дека се погрешни. „Со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји“, признал Павле, „но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“ (Римјаните 7:22, 23). Доколку доста често им попуштаме на погрешните склоности, нашата совест може постепено да отапи и на крај да престане да ни кажува дека таквото однесување е погрешно.
Меѓутоа, и покрај несовршеноста, можеме да ја израмнуваме нашата совест според Божјите мерила. Навистина, витално е да го правиме тоа. Една чиста, исправно школувана совест не само што води до топол, личен однос со Бог, туку е и неопходна за нашето спасение (Евреите 10:22; 1. Петрово 1:15, 16). Понатаму, добрата совест ќе ни помогне да донесуваме мудри одлуки во животот што, пак, ќе води до мир и среќа. За лицето со таква совест псалмистот рекол: „Законот на неговиот Бог е во срцето негово; стапките негови нема да се сопнат“ (Псалм 36:31).
Школување на совеста
Школувањето на совеста вклучува повеќе отколку само да запамтиме еден список со закони и потоа строго да се придржуваме кон него. Тоа е она што го правеле фарисеите во времето на Исус. Овие религиозни водачи го знаеле Законот и развиле една подробна традиција, наводно за да им помогнат на луѓето да избегнат прекршување на Законот. Затоа, тие брзо протестирале кога Исусовите ученици скинале класје и јаделе зрна на Сабат. Исто така, му пркоселе на Исус кога на Сабат му ја излечил исушената рака на еден човек (Матеј 12:1, 2, 9, 10). Обете овие постапки, според фарисејската традиција, претставувале кршење на четвртата заповед (2. Мојсеева 20:8—11).
Очигледно, фарисеите го проучувале Законот. Но, дали нивната совест била израмнета според Божјите мерила? Тешко! Па, веднаш откако ситничареле во врска со она за кое сметале дека е шокантен прекршок на одредбата за Сабатот, фарисеите се советувале против Исус „како да го погубат“ (Матеј 12:14). Замисли си — овие самоправедни религиозни водачи се наежиле на идејата да се јаде свежо набрано класје и да се лечи на Сабат; но, немале грижа на совеста кога направиле завера Исус да умре!
Првосвештениците покажале слично извртено размислување. Овие корумпирани мажи не чувствувале бодежи на вина кога му понудиле на Јуда 30 сребреници од храмската каса за да го издаде Исус. Но, кога Јуда неочекувано ги вратил парите, фрлајќи ги во храмот, совеста на првосвештениците била соочена со правна дилема. „Не чини [Не е законски, NW]“, рекле тие, „да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв“ (Матеј 27:3—6). Изгледа дека свештениците биле загрижени за тоа што сега парите на Јуда биле нечисти. (Спореди 5. Мојсеева 23:18.) Сепак, истата оваа група мажи не гледала ништо погрешно во тоа парите да се трошат за да се купи предавството на Божјиот Син!
Да се биде ускладен со Божјето размислување
Горниве примери покажуваат дека школувањето на совеста бара повеќе отколку само да се наполни умот со еден список од правила што смееш а што не смееш. Се разбира, спознанието за Божјите закони е неопходно, а послушноста кон нив е потребна за спасение (Псалм 18:7—11). Меѓутоа, освен што ќе ги научиме Божјите закони, ние мораме да развиваме и срце кое е ускладено со Божјето размислување. Тогаш можеме да го доживееме исполнувањето на Јеховиното пророштво дадено преку Исаија, кое наведува: „Очите твои ќе Го гледаат твојот Учител; ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!“ (Исаија 30:20, 21; 48:17).
Секако, ова не значи дека кога се соочуваме со тешка одлука, некој дословен глас ќе ни каже што да правиме. Сепак, кога нашето размислување е ускладено со Божјето размислување за работите, нашата совест ќе биде подобро опремена за да ни помогне да донесуваме одлуки кои ќе му бидат нему угодни (Изреки 27:11).
Размисли за Јосиф кој живеел во 18 век пр. н. е. Кога Петефриевата сопруга го наговарала да изврши прељуба со неа, Јосиф одбил велејќи: „Како јас да направам толку големо зло и да грешам пред Бога?“ (1. Мојсеева 39:9). Во времето на Јосиф немало пишан Божји закон кој го осудувал чинот на прељуба. Освен тоа, Јосиф живеел во Египет, далеку од семејната дисциплина или од патријархалните правила. Тогаш, што му овозможило на Јосиф да се спротивстави на искушението? Едноставно кажано, тоа било неговата школувана совест. Јосиф го усвоил Божјето гледиште дека сопругот и сопругата треба да бидат „едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Оттука, тој увидел дека би било погрешно да му ја преземе сопругата на некој друг човек. Јосифовото размислување било ускладено со Божјето размислување за таа работа. Прељубата го повредувала неговото морално чувство.
Денес малку луѓе се како Јосиф. Сексуалниот неморал не може да се заузда. Многумина не чувствуваат одговорност кон својот Творец, кон себеси, па дури ни кон своите брачни партнери за да останат морално чисти. Ситуацијата е многу слична на онаа која е опишана во книгата Јеремија: „Никој не се кае за злото свое, никој не вели: ‚што направив;‘ секој тргнал по својот пат како коњ, што се впушта во бој“ (Јеремија 8:6). Затоа, постои поголема потреба од кога и да е порано да се ускладиме со Божјето размислување. Имаме една извонредна подготовка која ни помага во тоа.
Помош за да ја школуваме совеста
Инспирираното Писмо е „полезно за поука, за изобличување, поправање, и поучување во правдата, за да биде Божјиот човек совршен и годен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). Проучувањето на Библијата ќе ни помогне да го школуваме она што таа го нарекува „моќ на согледување“ (NW) за да разликуваме исправно од погрешно (Евреите 5:14). Таа ќе ни овозможи да развиеме љубов кон работите кои Бог ги сака и гадење кон работите кои тој ги мрази (Псалм 96:10; 138:21).
Исто така, целта на проучувањето на Библијата е да го разбереме духот и суштината на вистината, а не само нејзината техничка рамка. Во своето издание од 1 септември 1976, Стражарска кула навела: „При нашето проучување на Писмото треба да настојуваме да го сфатиме чувството на Божјата правда, љубовта и праведноста и да ги всадиме овие особини длабоко во нашите срца за да станат дел од нас како што се јадењето и дишењето. Треба да се обидеме поцелосно да го разбудиме чувството на морална одговорност со тоа што ќе негуваме длабока свесност за она што е исправно а што погрешно. Згора на тоа, треба да постигнеме нашата совест силно да ја чувствува својата одговорност кон совршениот Законодавец и Судија (Исаија 33:22). Затоа, додека учиме за Бог, треба да се обидуваме да го имитираме во секој аспект од животот“.
Стекнување „ум Христов“
Исто така, проучувањето на Библијата ни помага да добиеме „ум Христов“, умствената склоност кон послушност и понизност која ја манифестирал Исус (1. Коринтјаните 2:16). За него вршењето на волјата на неговиот Татко претставувало радост, а не само една рутина која требало да се следи автоматски, без размислување. Неговиот став пророчки го опишал псалмистот Давид, кој напишал: „Се радував да ја вршам твојата волја, о Боже мој, и твојот закон е во моите внатрешни делови“a (Псалм 40:8, NW).
Стекнувањето „ум Христов“ е витално при школувањето на совеста. Кога бил на Земјата како совршен човек, Исус ги одразувал особините и личноста на својот Татко до најголема можна мера во рамките на човечките ограничувања. Затоа можел да рече: „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот“ (Јован 14:9). Во секоја ситуација со која се соочил на Земјата, Исус го правел токму она што го барал неговиот Татко. Затоа, кога го проучуваме животот на Исус, добиваме јасна слика за тоа каков е Јехова Бог.
Читаме дека Јехова е „штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив“ (2. Мојсеева 34:6). Исус постојано ги манифестирал тие особини при соработувањето со своите апостоли. Кога тие секогаш одново се препирале околу тоа кој е поголем, Исус стрпливо ги поучувал со збор и со пример дека ‚кој меѓу нив сака да биде поголем, нека им биде слуга; и кој сака меѓу нив да биде прв, нека им биде слуга‘ (Матеј 20:26, 27). Ова е само еден пример кој покажува дека ние можеме да се ускладиме со Божјето размислување ако размислуваме за животот на Исус.
Колку повеќе учиме за Исус толку подобро ќе бидеме опремени да го имитираме нашиот небесен Татко, Јехова (Ефесјаните 5:1, 2). Совеста која е ускладена со Божјето размислување ќе нѐ води во исправен правец. На оние кои имаат доверба во него, Јехова им ветува: „Ќе те вразумам,“ — вели Бог — „ќе ти го покажам патот, по кој да одиш; ќе ги управам очите Мои на тебе“ (Псалм 31:8).
Да се извлече корист од школуваната совест
Знаејќи ја своеглавоста на несовршените луѓе, Мојсеј ги предупредил Израелците: „Внесете ги во срцето сите зборови, што ви ги кажав денес, и заповедајте им на децата ваши, да ги пазат и да ги исполнуваат сите зборови од овој закон“ (5. Мојсеева 32:46). И ние мораме да го впишеме Божјиот закон во нашите срца. Ако го правиме тоа, нашата совест ќе биде уште посклона да ни ги насочува чекорите и ќе ни помага да донесуваме исправни одлуки.
Секако, мораме да бидеме внимателни. Библиската изрека вели: „Има патишта, кои на човека му изгледаат прави, но крајот нивни води до дното на пеколот“ (Изреки 14:12). Зошто ова честопати е случај? Бидејќи, како што наведува Библијата, „лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано; кој ќе го разбере?“ (Јеремија 17:9). Затоа, постои потреба сите ние да ја следиме опомената од Изреки 3:5, 6: „Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“.
[Фуснота]
a Во своето писмо до Евреите, зборовите од 39. (40., NW) Псалм апостол Павле ги применил на Исус Христос (Евреите 10:5—10).
[Слика на страница 7]
Како еден компас, библиски школуваната совест може да ни го покаже исправниот правец
[Извор на слика]
Компас: Со љубезност на Peabody Essex Museum, Salem, (Mass.)