Ерусалим — дали тој е ‚над твојата главна причина за радост‘?
„Нека се залепи јазикот мој за непцето мое . . . ако не го поставам Ерусалим над секоја моја [главна причина за, NW] радост“ (ПСАЛМ 136:6).
1. Каков став имале многу еврејски изгнаници кон Божјиот избран град?
ПОМИНАЛЕ речиси седум децении откако првите еврејски изгнаници се вратиле во Ерусалим во 537 пр. н. е. Божјиот храм бил повторно изграден, но градот сѐ уште лежел во урнатини. Во меѓувреме, во изгнанство пораснала една нова генерација. Несомнено, многумина од нив се чувствувале исто како псалмистот кој пеел: „Ако Те заборавам тебе, Ерусалиме, — нека ме заборави мојата десница“ (Псалм 136:5). Некои сториле повеќе отколку само да го помнат Ерусалим; со своите постапки докажале дека тој се издигнал „над [нивната] главна причина за радост“ (Псалм 136:6).
2. Кој бил Ездра, и како бил благословен?
2 На пример, размисли за свештеникот Ездра. Дури и пред да се врати во својата татковина, тој ревносно ги унапредувал интересите на чистото обожавање во Ерусалим (1. Ездра 7:6, 10). Ездра бил богато благословен заради тоа. Јехова Бог го поттикнал срцето на персискиот цар да му даде на Ездра предност да одведе и втора група повратнички изгнаници во Ерусалим. Освен тоа, царот им дал и голем прилог од злато и сребро за да ‚го украсат домот Господов‘ (1. Ездра 7:21—27).
3. Како Неемија докажал дека Ерусалим му бил главна грижа?
3 После околу 12 години имало уште еден Евреин кој презел решителна акција — Неемија. Тој служел во персиската палата во Суза. Имал угледна позиција како пехарник на царот Артаксеркс, но тоа не му било ‚главната причина за радост‘. Напротив, тој копнеел да оди и повторно да го изгради Ерусалим. Неемија со месеци се молел за таа работа, и Јехова Бог го благословил заради тоа. Кога дознал за грижата на Неемија, персискиот цар му дал воена сила и писма овластувајќи го повторно да го изгради Ерусалим (Неемија 1:1—2:9).
4. Како можеме да покажеме дека обожавањето на Јехова ни е над секоја друга причина за радост што можеби ја имаме?
4 Без сомнение, Ездра, Неемија и многу Евреи кои соработувале со нив докажале дека Јеховиното обожавање, кое било сосредоточено во Ерусалим, им било поважно од што и да било друго — дека тоа било ‚над секоја нивна главна причина за радост‘, т. е. над секоја друга работа за која би можеле да се радуваат. Какво само охрабрување се таквите поединци за сите оние кои денес на истиот начин гледаат на Јехова, на неговото обожавање и на неговата организација водена со дух! Дали тоа е случај и со тебе? Дали со својата истрајност во побожните дела покажуваш дека твоја најголема причина за радост е предноста да го обожаваш Јехова со неговиот предаден народ? (2. Петрово 3:11). Како понатамошно охрабрување за таа цел, да ги разгледаме убавите резултати од патувањето на Ездра во Ерусалим.
Благослови и одговорности
5. Кои богати благослови дошле за жителите на Јуда во деновите на Ездра?
5 Групата од отприлика 6.000 изгнаници, кои се враќаа со Ездра, донела прилози од злато и сребро за Јеховиниот храм. Во противвредност биле околу 35 милиони американски долари, според сегашните тарифи. Тоа било отприлика седумпати повеќе злато и сребро отколку што успеале да донесат првите изгнаници. Колку само мора да му биле благодарни на Јехова жителите на Ерусалим и Јуда кога ја добиле сета оваа човечка и материјална поддршка! Но, богатите благослови од Бог донесуваат и одговорност (Лука 12:48).
6. Што открил Ездра во својата татковина, и како реагирал?
6 Наскоро Ездра открил дека многу Евреи, вклучувајќи и некои свештеници и старешини, го пречекориле Божјиот закон така што се женеле со пагански сопруги (5. Мојсеева 7:3, 4). Тој со право бил многу жалосен поради ваквото прекршување на заветот на Божјиот закон. „Откако ги чув тие зборови, ја раскинав долната и горната своја облека . . . и седев нажален“ (1. Ездра 9:3). Потоа, во присуство на загрижените Израелци, тој му го излеал своето срце на Јехова во молитва. Ездра пред сите ја повторил непослушноста на Израел во минатото и Божјето предупредување за она што би се случило ако стапат во брак со паганските жители на земјата. Тој заклучил: „Господи, Боже Израилев! Ти си праведен зашто ние бевме нажалени до денес; и еве, ние сме во беззаконијата свои пред Твоето лице, макар што по тоа не би требало да стоиме пред Твоето лице“ (1. Ездра 9:14, 15).
7. а) Каков убав пример дал Ездра во справувањето со погрешното постапување? б) Како реагирале виновниците во времето на Ездра?
7 Ездра го употребил изразот „ние“. Да, тој се вклучил и себеси, иако не бил лично виновен. Длабоката жалост на Ездра, заедно со неговата понизна молитва, ги трогнала срцата на луѓето и ги мотивирала на дела кои се достојни на каење. Тие доброволно понудиле еден болен лек — сите кои го имале прекршено Божјиот закон да ги вратат сопругите туѓинки во нивните татковини, заедно со децата кои им ги имале родено. Ездра се сложил со овој чекор и ги охрабрил виновниците да постапат во склад со тоа. Со авторитетот кој му го дал персискиот цар, Ездра имал право да ги погуби сите прекршители на законот или да ги протера од Ерусалим и Јуда (1. Ездра 7:12, 26). Но, се чини дека не морал да преземе таква акција. „Целото собрание“ рекло: „Како што рече, така и ќе направиме“. Освен тоа, тие признале: „Ние згрешивме многу во таа работа“ (1. Ездра 10:11—13). Ездра, поглавје 10, ги наведува имињата на 111 мажи кои постапиле според одлуката со тоа што ги отпуштиле своите сопруги туѓинки и децата кои им ги родиле.
8. Зошто драстичната акција да се отпуштат сопругите туѓинки била во интерес на целото човештво?
8 Оваа постапка била во интерес не само на Израел туку и на целото човештво. Ако не се направело ништо за да се исправат работите, Израелците можеле да бидат претопени во околните нации. Во тој случај, лозата на потомството на Ветеното Семе за благослов на целото човештво ќе била загадена (1. Мојсеева 3:15; 22:18). Ќе било тешко да се утврди идентитетот на Ветеното Семе како потомок на цар Давид од племето Јуда. После околу 12 години, повторно ѝ било посветено внимание на оваа животоважна работа кога ‚се одделило Израиловото семе од сите другоротци [странци, NW]‘ (Неемија 9:1, 2; 10:29, 30).
9. Кој добар совет им го дава Библијата на христијаните кои се во брак со лица кои не се соверници?
9 Што можат да научат од овој извештај денешните Јеховини слуги? Па, христијаните не се под заветот на Законот (2. Коринтјаните 3:14). Наместо тоа, тие го слушаат „законот Христов“ (Галатјаните 6:2). Според тоа, христијанинот кој е во брак со некој кој не е соверник се повинува на Павловиот совет: „Ако некој од браќата има жена, која не поверувала, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава“ (1. Коринтјаните 7:12). Понатаму, христијаните кои се во брак со лица кои не се соверници, според Писмото се обврзани да работат на тоа нивниот брак да успее (1. Петрово 3:1, 2). Честопати, од послушност кон овој убав совет произлегол благослов — брачните партнери кои не се соверници го промениле своето срце кон вистинското обожавање. Некои дури станале верни крстени христијани (1. Коринтјаните 7:16).
10. Каква лекција можат да научат христијаните од 111-те Израелци кои ги отпуштиле своите сопруги туѓинки?
10 Сепак, случајот со Израелците кои ги отпуштиле своите сопруги туѓинки им дава една убава лекција на христијаните кои се самци. Тие не треба да започнуваат да им се додворуваат на лица од спротивниот пол кои не се соверници. Избегнувањето на таквата врска може да биде тешко, па дури и болно, но тоа е најдобриот правец за да се има Божји постојан благослов. На христијаните им е заповедано: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“ (2. Коринтјаните 6:14). Секој христијанин самец кој сака да стапи во брак треба да планира да го стори тоа со вистински соверник (1. Коринтјаните 7:39).
11. Исто како Израелците, на кој начин можеме да бидеме испитани во врска со нашата причина за радост?
11 Христијаните направиле преиначувања и на многу други начини кога им било свртено вниманието дека се стремат кон небиблиски правец (Галатјаните 6:1). Одвреме навреме ова списание идентификувало кое небиблиско однесување би дисквалификувало некое лице да остане дел од Божјата организација. На пример, во 1973 Јеховиниот народ во потполност разбрал дека злоупотребата на дрога и употребата на тутун се сериозни гревови. За да се стремиме кон побожен правец, мораме да „се очистиме од секаква скверност на телото и на духот“ (2. Коринтјаните 7:1). Приличен број лица го зеле при срце таквиот библиски совет; биле спремни да страдаат поради почетните симптоми на одвикнување за да останат дел од Божјиот чист народ. Било дадено јасно библиско упатство и во врска со сексуалните работи, облекувањето, дотерувањето и мудриот избор на вработување, забава и музика. Без разлика на тоа кон кои библиски начела ќе ни биде свртено внимание, да докажеме дека сме спремни ‚да се исправаме‘ (NW), слично на 111-те Израелци (2. Коринтјаните 13:11). Тоа ќе покаже дека предноста да се обожава Јехова во поврзаност со неговиот свет народ ‚се издигнува над нашата главна причина за радост‘.
12. Што се случило во 455 пр. н. е.?
12 Откако известува за епизодата која ги вклучува сопругите туѓинки, Библијата не ни кажува што се случило во Ерусалим во следните 12 години. Несомнено, соседите на Израел станале уште понепријателски настроени поради раскинувањето на многуте брачни заедници. Во 455 пр. н. е. Неемија пристигнал во Ерусалим со воена придружба. Бил назначен за управител на Јуда и ги донел писмата од персискиот цар со кои бил овластен повторно да го изгради градот (Неемија 2:9, 10; 5:14).
Противење од завидливите соседи
13. Каков став покажале еврејските соседи кои имале лажна религија, и како реагирал Неемија?
13 Соседите од лажната религија се спротивставиле на целта на доаѓањето на Неемија. Нивните водачи му се заканувале, прашувајќи го: „Не мислите ли повеќе да се буните против царот?“ Покажувајќи вера во Јехова, Неемија одговорил: „Бог небесен, Он ќе ни помогне, и ние, слугите Негови, ќе почнеме да ѕидаме, а за вас нема да има ни дел, ни право, ни спомен во Ерусалим“ (Неемија 2:19, 20). Кога започнале поправките на ѕидот, истите непријатели се потсмевале: „Што прават тие проклети Јудејци? Зар ќе ги оживеат камењата од купишта прав? Ќе мине лисицата и ќе ги срине камените ѕидови нивни“. Наместо да одговара на тие забелешки, Неемија се молел: „Чуј, Боже наш, на каков презир сме, и сврти ја таа нивна подигравка врз главите нивни“ (Неемија 4:2—4). Неемија постојано го давал овој убав пример на ослонување на Јехова! (Неемија 6:14; 13:14).
14, 15. а) Како се справил Неемија со заканата со насилство од страна на непријателот? б) Како Јеховините сведоци можат да продолжат со своето духовно градежно дело и покрај свирепото противење?
14 За да ја исполнат својата важна проповедничка задача, Јеховините сведоци денес исто така се ослонуваат на Бог. Противниците се обидуваат да го спречат нивното дело преку исмејување. Понекогаш, поединци кои се заинтересирани за пораката за Царството се откажуваат бидејќи не можат да го поднесат потсмевањето. Ако не успеат со потсмевање, противниците може да се налутат и да прибегнат кон закани со насилство. Тоа е она што го доживеале градителите на ерусалимските ѕидини. Но, Неемија не дозволил да биде заплашен. Напротив, тој ги вооружил градителите за непријателскиот напад и ја зајакнал нивната вера, велејќи: „Не плашете се од нив; помнете Го Господа велик и страшен и бијте се за браќата свои, за синовите свои, за ќерките свои, за жените свои и за куќите свои“ (Неемија 4:13, 14).
15 Исто како во деновите на Неемија, Јеховините сведоци се добро опремени да продолжат со своето духовно градежно дело и покрај свирепото противење. ‚Верниот и разборит роб‘ (NW) обезбедува духовна храна која ја зајакнува верата, што му овозможува на Божјиот народ да биде продуктивен дури и онаму каде што делото е забрането (Матеј 24:45). Како резултат на тоа, Јехова и понатаму го благословува својот народ со пораст низ целата Земја (Исаија 60:22).
Внатрешни проблеми
16. Кои внатрешни проблеми му се заканувале на духот на градителите на ерусалимскиот ѕид?
16 Додека повторната изградба на ерусалимскиот ѕид напредувала и тој станувал сѐ повисок, работата станувала сѐ потешка. Тоа се случило кога на виделина излегол еден проблем кој му се заканувал на духот на борбените градители. Поради недостиг на храна, на некои Евреи им било тешко да обезбедат храна за своите семејства и да ги платат даноците на персиската влада. Побогатите Евреи им позајмувале храна и пари. Меѓутоа, спротивно на Божјиот закон, посиромашните Израелци морале да ги ветат своите земјишта и децата како залог дека ќе ги вратат парите со камата (2. Мојсеева 22:25; 3. Мојсеева 25:35—37; Неемија 4:6, 10; 5:1—5). Сега заемодавците се заканувале дека ќе им ги земат земјиштата и дека ќе ги присилат да си ги продадат децата како робови. Неемија се разбеснил на овој став кој бил без љубов и материјалистички. Брзо дејствувал за да осигура Јеховин постојан благослов над работата во врска со повторната изградба на ерусалимскиот ѕид.
17. Што сторил Неемија за да обезбеди Јеховин постојан благослов врз градежната работа, и со каков исход?
17 Било свикано „големо собрание“ и Неемија јасно им покажал на побогатите Израелци дека она што го направиле не му било угодно на Јехова. Потоа им се обратил на виновниците, вклучувајќи и некои свештеници, да ја вратат целата камата што ја зеле и да ги вратат земјиштата кои незаконски им ги одзеле на оние кои немале средства да ја платат каматата. Пофално е она што виновниците го рекле: „Ќе го вратиме и нема ништо да бараме од нив; ќе направиме така, како што велиш“. Тоа не биле празни зборови, зашто Библијата известува дека ‚народот го одржал тој [Нееминиот] збор‘. И сето собрание го фалело Јехова (Неемија 5:7—13).
18. По кој став станале познати Јеховините сведоци?
18 А како е денес? Јеховините сведоци не се користољубиви; напротив, тие се насекаде познати по нивниот великодушен став кон соверниците и кон другите кои се погодени со неволја. Како и во времето на Неемија, тоа донело многу благодарни изрази на фалба на Јехова. Меѓутоа, истовремено, ‚верниот и разборит роб‘ увидел дека е неопходно да даде библиски совет за деловните работи и за потребата да се избегнува лакомото искористување на другите. Во некои земји е вообичаено да се бара превисока цена за невестата, но Библијата јасно предупредува дека лакомите луѓе и уценувачите нема да го наследат Божјето Царство (1. Коринтјаните 6:9, 10). Добриот одѕив на тој совет од страна на повеќето христијани потсетува на тоа како тие Евреи виделе колку е погрешно да ги искористуваат своите посиромашни браќа.
Ерусалимскиот ѕид довршен
19, 20. а) Каков ефект имало врз религиозните противници довршувањето на ерусалимскиот ѕид? б) Каква победа доживеале Јеховините сведоци во многу земји?
19 И покрај сето противење, ѕидот на Ерусалим бил довршен за 52 дена. Каков ефект имало тоа врз противниците? Неемија рекол: „Кога слушнаа за тоа сите наши непријатели, и го видоа тоа сите околни народи, многу се обескуражија и дознаа дека таа работа е извршена од нашиот Бог“ (Неемија 6:16).
20 Денес, непријателското противење на Божјето дело продолжува на различни начини и на различни места. Меѓутоа, милиони луѓе увиделе дека е бесполезно да им се противат на Јеховините сведоци. На пример, размисли за минатите обиди да се оконча проповедничкото дело во нацистичка Германија, Источна Европа и во многу земји од Африка. Сите такви обиди пропаднале, и многу луѓе сега признаваат дека ‚таа работа е извршена од Бог‘. Колкава само награда било тоа за верните ветерани од тие земји кои Јеховиното обожавање го ‚издигнале над секоја главна причина за радост‘!
21. Кои значајни настани ќе ги разгледаме во следната статија?
21 Во следната статија ќе ги разгледаме важните настани кои воделе до радосното свечено отворање на повторно изградениот ерусалимски ѕид. Исто така, ќе разгледаме како се приближува довршувањето на еден далеку поголем град во корист на целото човештво.
Дали се сеќаваш?
◻ Како Ездра и другите се радувале на Ерусалим?
◻ Во исправањето на кои грешки им помогнале Ездра и Неемија на многу Евреи?
◻ Кои лекции можеш да ги научиш од извештаите кои ги вклучуваат Ездра и Неемија?
[Слика на страница 15]
Главна грижа на Неемија му бил Ерусалим, а не неговата угледна работа во Суза
[Слики на страници 16 и 17]
Слично на Неемија, треба да се молиме за Јеховино водство и сила за да продолжиме со нашата проповедничка задача која е од многу голема важност