Како ангелите можат да ти помогнат
БОЖЈАТА Реч потврдува дека постојат ангели. Таа ни кажува дека има милиони вакви духовни суштества. Даниил, слуга на Јехова Бог, добил визија за небесните работи за кои напишал: „Илјада илјади му служеа [на Бог], и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него“ (Даниил 7:10).
Забележи дека изјавата на Даниил прави повеќе отколку што ни кажува дека постојат многу ангели. Исто така, таа покажува дека ангелите му служат на Бог. Тие се негови слуги. Во склад со тоа, псалмистот пеел: „Благословувајте Го Господа — сите ангели Негови, крепки по сила, кои го извршуваат Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов; благословувајте Го Господа — сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова“ (Псалм 102:20, 21).
Исто така, Библијата ни кажува дека ангелите не го започнале својот живот како луѓе на Земјата. Јехова ги создал ангелите на небото уште пред да ја создаде Земјата. Кога Бог ‚ги поставил основите на земјата, сите синови Божји извикувале од радост‘ (Јов 38:4—7).
Ангелите се духовни суштества — невидливи, моќни, интелигентни. Во Библијата, хебрејскиот збор малах и грчкиот термин агелос се преведени со „ангел“ кога се укажува на духовно суштество. Овие зборови се појавуваат во Библијата скоро 400 пати. Обата го имаат истото значење, а тоа е „гласник“.
Средби со ангели
Нема сомнение дека ангелите се гласници. Можеби си запознат со библискиот извештај за времето кога ангелот Гавриил ѝ се појавил на Марија. Тој ѝ рекол дека, иако е девица, ќе роди син кому треба да му стави име Исус (Лука 1:26—33). Еден ангел им се појавил и на некои пастири кои биле на полето. Тој објавил: „Денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лука 2:8—11). На сличен начин, ангелите им доставиле пораки на Агара, Авраам, Лот, Јаков, Мојсеј, Гедеон, Исус и на други од библискиот запис (1. Мојсеева 16:7—12; 18:1—5, 10; 19:1—3; 32:24—30; 2. Мојсеева 3:1, 2; Судии 6:11—22; Лука 22:39—43; Евреите 13:2).
Вредно е да се забележи дека сите овие пораки кои ги доставиле ангели биле во склад со извршувањето на Божјите намери, а не задолжително на намерите на луѓето кои биле вклучени. Ангелите се појавиле како Божји претставници, според неговата волја и неговиот временски распоред. Луѓето не ги повикале нив.
Дали треба да ги повикуваме ангелите на помош?
Дали е прикладно да повикуваме ангели во време на неволја? Ако е прикладно, тогаш би сакале да го знаеме името на некој ангел кој најдобро ќе може да ни помогне. Како резултат на тоа, некои комерцијални книги ги набројуваат наводните имиња на многу ангели, заедно со нивниот ранг, титула и должност. Една книга ги набројува, како што таа ги нарекува „небесните топ-10“, „најпознатите ангели во Западниот свет“. Заедно со списокот доаѓа и советот да ги затвориш очите, полека да го повториш името на ангелот неколкупати, длабоко да вдишеш, полека да дишиш и „да се подготвиш за можен контакт со нив“.
За разлика од нив, Библијата ги дава имињата само на двајца Божји верни ангели — Михаил и Гавриил (Даниил 12:1; Лука 1:26). Можеби причината за давањето на овие имиња била да се покаже дека секој ангел е уникатна духовна личност со свое име, а не само некоја безлична енергија или сила.
Вредно е да се забележи дека некои ангели одбиле да им ги обелоденат своите имиња на луѓето. Кога Јаков замолил еден ангел да му го открие своето име, тој не го сторил тоа (1. Мојсеева 32:29). Кога бил замолен да се идентификува, еден ангел кој му пристапил на Исус Навин само рекол дека тој е „водачот на војската Господова“ (Исус Навин 5:14). Кога родителите на Самсон прашале еден ангел како се вика, тој рекол: „Зошто прашуваш за името мое? Тоа е чудно“ (Судии 13:17, 18). Со тоа што не дава список со имиња на ангелите, Библијата нѐ чува од тоа да им оддаваме на ангелите несоодветна чест и обожавање. Како што ќе видиме, таа исто така не нѐ поучува да ги привикуваме.
Да го повикуваме Бог
Библијата ни кажува сѐ што треба да знаеме во врска со работите од духовното подрачје. Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука . . . за да биде Божјиот човек совршен и годен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). Ако Бог сакал да ги знаеме имињата на многуте ангели, тој ќе ни ги откриел во својата Реч, Библијата. И ако Бог сакал да нѐ поучи за тоа како да стапиме во контакт со ангелите и да зборуваме со нив во молитва, тогаш ќе ни ги обезбедел тие информации во Писмото.
Наместо тоа, Исус Христос поучувал: „Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност . . . Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое“ (Матеј 6:6, 9). Гледиштето на Писмото е следново: Ние не треба да повикуваме ангели ниту, пак, да им се молиме, туку треба молитвено да му пристапиме на Творецот на ангелите — на самиот Бог. Неговото име не е мистерија и нема потреба од визионер за да ни го открие тоа. Иако се прават обиди да се замагли божественото име, тоа се појавува во библискиот запис над 7.000 пати. На пример, псалмистот пеел во врска со небесниот Татко: „Ти, чие име е Јехова, единствено ти си Највишиот над целата Земја“ (Псалм 83:18, NW).
Јехова никогаш не е премногу зафатен за да нѐ сослуша ако прикладно му пристапуваме во молитва. Библијата ја дава оваа гаранција: „Зашто очите Господови ја гледаат целата земја, за да им помагаат на оние, чие што срце наполно Му е предадено Нему“ (2. Летописи 16:9).
Ангелите и моралот
Спротивно на она што честопати се прикажува во медиумите, ангелите не им судат на луѓето. Тоа е прикладно зашто ангелите не се овластени за тоа. Јехова е „Судијата на сите“, но ‚целиот суд Му го предал на Синот‘ (Евреите 12:23; Јован 5:22). Сепак, би било погрешно да претпоставуваме дека ангелите се рамнодушни во врска со тоа каков живот водиме. Исус рекол: ‚Радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае‘ (Лука 15:10).
Меѓутоа, ангелите не се само пасивни набљудувачи. Во минатото тие служеле како погубители, извршувајќи ги Божјите осуди. На пример, Бог употребил ангели против древните Египќани. Според Псалм 77:49, ‚го испратил врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки — одред зли ангели [ангели кои носат несреќа, NW]‘. Слично на тоа, Библијата известува дека во една ноќ само еден единствен ангел убил 185.000 асирски војници (4. Царства 19:35).
На сличен начин, во иднина ангелите ќе ги уништат оние кои, со тоа што одбиваат да се повинат на Божјите праведни мерила, се закануваат на благосостојбата на другите. Исус ќе дојде „со ангелите на Својата сила, во пламенен оган да им се одмаздува на оние, кои не Го познаваат Бога, кои не се покоруваат на Благовестието“ (2. Солунјаните 1:7, 8).
На тој начин Писмото покажува дека верните ангели на Бог секогаш ја извршуваат неговата волја така што ги спроведуваат упатствата и ги поддржуваат неговите праведни мерила. Јасно, ако сакаме Божјите ангели да ни помогнат, треба да дознаеме која е Божјата волја и ревно да настојуваме да ја вршиме.
Ангели чувари
Дали ангелите се грижат за луѓето и ги заштитуваат? Апостол Павле прашал: „Нели се тие [ангели] сите службени духови, определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението?“ (Евреите 1:14). Јасно, одговорот на Павловото прашање е „да“.
Поради тоа што одбиле да му се поклонат на еден златен лик кој го подигнал вавилонскиот цар Навуходоносор, тројцата Евреи Седрах, Мисах и Авденаго биле фрлени во една вжештена печка. Меѓутоа, тие верни Божји слуги не биле ни допрени од огнот. Кога царот погледнал во печката, видел „четворица силни мажи“ и рекол дека „изгледот на четвртиот е сличен на еден син на боговите“ (Даниил 3:25, NW). После неколку години, поради својата верност Даниил се нашол во една лавовска јама. И тој се извлекол неповреден и изјавил: „Мојот Бог го испрати својот ангел и им ја затвори устата на лавовите“ (Даниил 6:22).
Со воспоставувањето на собранието на Христови следбеници во првиот век н. е. повторно се појавиле ангели кои ги ослободиле апостолите од затвор (Дела 5:17—24; 12:6—12). Кога, пак, животот на Павле бил загрозен додека бил на море, еден ангел го уверил дека безбедно ќе стигне во Рим (Дела 27:13—24).
Денешните слуги на Јехова Бог се целосно уверени дека Божјите невидливи ангелски сили се вистински и можат да пружат заштита, како што го сториле тоа за Елисеј и за неговиот слуга (4. Царства 6:15—17). Навистина, „ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува“ (Псалм 33:7; 90:11).
Пораката која ја носат ангелите
Додека ангелите се загрижени за благосостојбата на оние кои му служат на Јехова Бог, тие се вклучени и во грижата луѓето да дознаат за него и за неговата намера. Апостол Јован напишал: „Видов друг ангел како лета посреде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: ‚Бојте се од Бога и подајте Му слава‘“ (Откровение 14:6, 7).
Дали сакаш да ја дознаеш содржината на ова „вечно Евангелие“? Ако да, прашај ги Јеховините сведоци. Ним ќе им биде драго да ја споделат со тебе.
[Слики на страница 7]
Еден ангел посреде небото го објавува вечното Евангелие. Дали сакаш да научиш нешто за него?