Да одиме со Бог — почетните чекори
„Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас“ (ЈАКОВ 4:8).
1, 2. Зошто можеш да кажеш дека служењето на Јехова е голема предност?
ЧОВЕКОТ со години страдал в затвор. Потоа, бил повикан да се појави пред владетелот на земјата. Настаните течеле брзо. Неочекувано, затвореникот се нашол во служба на најмоќниот монарх кој тогаш бил на Земјата. Поранешниот затвореник бил ставен на позиција на голема одговорност и несекојдневна чест. Јосиф — човекот чии нозе некогаш биле оковани во пранги — сега одел покрај царот! (1. Мојсеева 41:14, 39—43; Псалм 104:17, 18).
2 Денес луѓето имаат прилика да учествуваат во службата на некој кој е далеку поголем од Фараонот во Египет. Севишниот на универзумот нѐ поканува сите нас да му служиме. Колкава само предност, која влева стравопочитување, е да се прави тоа и да се негува близок однос со Јехова, семоќниот Бог! Во Писмото со него се поврзани величествената моќ и сјај, како и ведрината, убавината и пријатноста (Језекиил 1:26—28; Откровение 4:1—3). Љубовта ги проникнува сите негови постапки (1. Јованово 4:8). Тој никогаш не лаже (4. Мојсеева 23:19, NW). И никогаш не ги разочарува оние кои му се лојални (Псалм 17:25). Ако се повинуваме на неговите праведни барања, можеме уште сега да уживаме среќен, смисловен живот, со изглед за вечен живот (Јован 17:3). Ниту еден човечки владетел не нуди нешто што и оддалеку може да се спореди со тие благослови и предности.
3. На кој начин Ное ‚одел со вистинитиот Бог‘?
3 Уште многу одамна, патријархот Ное одлучил да живее во склад со Божјата волја и намера. За него Библијата вели: „Ное беше праведен човек. Тој се покажа како безгрешен меѓу своите современици. Ное одеше со вистинитиот Бог“ (1. Мојсеева 6:9, NW). Се разбира, Ное не одел дословно со Бог, бидејќи ниеден човек ‚никогаш не го видел Бога‘ (Јован 1:18). Наместо тоа, Ное одел со Бог во таа смисла што го вршел она што Бог му го кажувал. Бидејќи Ное го посветил својот живот на вршењето на Јеховината волја, тој уживал еден топол и присен однос со Семоќниот Бог. Исто како Ное, денес милиони лица ‚одат со Бог‘ така што живеат во склад со Јеховиниот совет и упатство. Како некое лице почнува еден таков правец?
Неопходно е точно спознание
4. Како Јехова го поучува својот народ?
4 За да одиме со Јехова, првин мораме да го запознаеме. Пророкот Исаија претскажал: „И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим — словото Господово‘“ (Исаија 2:2, 3). Да, можеме да имаме доверба дека Јехова ќе ги поучи сите оние кои настојуваат да одат по неговите патишта. Јехова ја дал својата Реч, Библијата, и тој ни помага да ја разбереме. Еден начин на кој го прави тоа е преку ‚верниот и разборит роб‘ (Матеј 24:45—47, NW). Јехова го користи ‚верниот роб‘ за да обезбеди духовна поука преку публикациите кои се темелат на Библијата, преку христијанските состаноци и преку подготовката за бесплатни домашни библиски студии. Исто така, Бог му помага на својот народ да ја разбере неговата Реч преку неговиот свет дух (1. Коринтјаните 2:10—16).
5. Зошто библиската вистина е толку скапоцена?
5 Иако не даваме пари за библиската вистина, таа е скапоцена. Додека ја проучуваме Божјата Реч, ние учиме за самиот Бог — за неговото име, за неговата личност, намера и за начинот на кој постапува со луѓето. Исто така, учиме за ослободувачките одговори на фундаменталните прашања во животот: Зошто сме тука? Зошто Бог ги допушта страдањата? Што донесува иднината? Зошто старееме и умираме? Дали постои живот после смртта? Освен тоа, учиме која е Божјата волја за нас, т. е. како треба да одиме за да му угодиме во потполност. Учиме дека неговите барања се разумни и извонредно корисни кога живееме според нив. Без Божјата поука не би можеле никогаш да ги разбереме тие работи.
6. Кон кој правец ни овозможува да се стремиме точното спознание на Библијата?
6 Библиската вистина е моќна и нѐ поттикнува да правиме промени во животот (Евреите 4:12). Пред да го усвоиме спознанието од Писмото, сме можеле да одиме само „според животот на овој свет“ (Ефесјаните 2:2). Но, точното спознание од Божјата Реч детално пропишува еден поинаков правец за да можеме да ‚постапуваме [одиме, NW] достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ‘ (Колосјаните 1:10). Колкава само радост е да ги преземеме почетните чекори во одењето со Јехова, највеличествената личност во целиот универзум! (Лука 11:28).
Два важни чекора — предание и крштавање
7. Додека ја проучуваме Божјата Реч, која вистина за човечкото водство станува очигледна?
7 Кога растеме во разбирањето на Библијата, почнуваме да ги испитуваме човечките работи и својот живот во духовната светлина на Божјата Реч. На тој начин станува очигледна една важна вистина. Таа вистина уште одамна ја изразил пророкот Јеремија, кој напишал: „Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23). На луѓето — на сите нам — ни треба Божје водство.
8. а) Што ги поттикнува луѓето да извршат предание на Бог? б) Што е христијанско предание?
8 Разбирањето на овој витален факт нѐ мотивира да бараме водство од Јехова. А љубовта кон Бог нѐ поттикнува да му го предадеме својот живот нему. Да извршиме предание на Бог значи да му пристапиме во молитва и сериозно да му ветиме дека животот ќе го користиме за да му служиме нему и дека верно ќе одиме по неговите патишта. Притоа, го следиме примерот на Исус кој му се претставил на Јехова со цврста решеност да ја извршува божествената волја (Евреите 10:7).
9. Зошто поединци му го предаваат својот живот на Јехова?
9 Јехова Бог никогаш не врши притисок ниту, пак, присилува некого да изврши предание на него. (Спореди 2. Коринтјаните 9:7.) Освен тоа, Бог не очекува некој да Му го предаде својот живот поради некоја минлива емоција. Пред некој да се крсти, тој мора веќе да биде ученик, а тоа бара трудољубив напор за да се прима спознание (Матеј 28:19, 20). Павле ги преколнувал оние кои веќе биле крстени да ‚ги даруваат своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, света служба со својата сила на разумот‘ (Римјаните 12:1, NW). Со слична примена на нашата сила на разумот ние извршуваме предание на Јехова Бог. Откако сме дознале што вклучува тоа и внимателно сме размислиле за таа работа, ние спремно и радосно му го предаваме својот живот на Бог (Псалм 110:3, NW).
10. Како преданието е поврзано со крштавањето?
10 Откако насамо сме му пристапиле на Бог во молитва за да ја изразиме својата решеност да одиме по неговите патишта, го преземаме следниот чекор: Јавно го објавуваме нашето предание преку нашето крштавање во вода. Тоа е јавна изјава дека сме се заветувале да ја вршиме Божјата волја. Во почетокот на својата земна служба, Исус бил крстен од страна на Јован, и на тој начин ни оставил пример (Матеј 3:13—17). Подоцна, Исус им дал налог на своите следбеници да прават ученици и да ги крштаваат. Затоа, преданието и крштавањето се неопходни чекори за секој кој сака да оди со Јехова.
11, 12. а) Како крштавањето може да се спореди со венчавање? б) Која паралела може да се повлече меѓу нашиот однос со Јехова и односот кој постои меѓу сопругот и сопругата?
11 Станувањето предаден, крстен ученик на Исус Христос е нешто што е слично на венчавањето. Во многу земји, на денот на венчавката му претходат неколку чекори. Мажот и жената се среќаваат, се запознаваат и се вљубуваат. Потоа доаѓа веридбата. Венчавката го објавува она што било одлучено насамо — да се стапи во брак и потоа да се живее заедно како сопруг и сопруга. Венчавката јавно го означува почетокот на тој посебен однос. Тој датум го означува почетокот на бракот. На сличен начин, крштавањето го означува почетокот на еден живот кој е посветен на одење во еден предаден однос со Јехова.
12 Разгледај една друга паралела. После денот на венчавката, љубовта меѓу сопругот и сопругата треба да се продлабочува и да созрева. За да се зближат уште повеќе еден со друг, обата брачни партнера мораат несебично да настојуваат да го задржат и да го зајакнат својот брачен однос. Иако ние не стапуваме во брак со Бог, после нашето крштавање мораме да работиме на тоа да задржиме близок однос со Јехова. Тој ги забележува и ги цени нашите напори да ја вршиме неговата волја и се приближува кон нас. „Приближете се кон Бога“, напишал ученикот Јаков, „и Он ќе се приближи кон вас“ (Јаков 4:8).
Да одиме по Исусовите чекори
13. Чиј пример треба да го следиме во одењето со Бог?
13 За да одиме со Јехова, мораме да се повинуваме на примерот кој го дал Исус Христос. Апостол Петар напишал: ‚За тоа сте повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки‘ (1. Петрово 2:21). Со оглед на тоа што Исус бил совршен а ние сме несовршени, не можеме беспрекорно да го следиме примерот што го дал тој. Сепак, Јехова очекува да го сториме најдоброто што можеме. Да разгледаме пет обележја на Исусовиот живот и служба кои предадените христијани треба да настојуваат да ги имитираат.
14. Што е вклучено во познавањето на Божјата Реч?
14 Исус имал точно и темелно спознание за Божјата Реч. За време на својата служба, Исус честопати цитирал од Хебрејските списи (Лука 4:4, 8). Се разбира, злобните религиозни водачи од тоа време исто така цитирале од Писмото (Матеј 22:23, 24). Разликата била во тоа што Исус разбирал што значи Писмото и го применувал во својот живот. Тој го знаел не само словото туку и духот на Законот. Додека го следиме Христовиот пример, и ние треба да настојуваме да ја разбереме Божјата Реч, да ја сфатиме нејзината смисла, односно нејзиниот дух. Правејќи го тоа, можеме да станеме работници одобрени од Бог кои се способни ‚исправно да управуваат со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15, NW).
15. Како Исус дал пример додека зборувал за Бог?
15 Христос Исус зборувал со другите за својот небесен Татко. Исус не го чувал за себе своето спознание од Божјата Реч. Дури и неговите непријатели му се обраќале како „Учителе“, бидејќи насекаде каде што одел тој зборувал со другите за Јехова и за Неговите намери (Матеј 12:38). Исус јавно проповедал во подрачјето на храмот, во синагогите, во градовите и во селските подрачја (Марко 1:39; Лука 8:1; Јован 18:20). Поучувал со сожалување и љубезност, покажувајќи љубов кон оние на кои им помагал (Матеј 4:23). Исто така, оние кои го следат Исусовиот пример наоѓаат многу места и начини да ги поучуваат другите за Јехова Бог и за неговите величествени намери.
16. Колку бил близок односот на Исус со неговите сообожаватели на Јехова?
16 Исус чувствувал блиска врска со другите кои го обожавале Јехова. Во една прилика, додека Исус им зборувал на мноштвата, дошле мајка му и браќата, кои не биле соверници, за да разговараат со него. Библискиот извештај вели: „Некој Му кажа: ‚Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.‘ Он му одговори на оној што Му зборуваше и рече: ‚Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?‘ И како покажа со рака на учениците Свои, рече: ‚Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа? Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, тој Ми е брат, и сестра, и мајка‘“ (Матеј 12:47—50). Тоа не значело дека Исус го отфрлил своето семејство, зашто подоцнежните настани покажуваат дека тој не го сторил тоа (Јован 19:25—27). Сепак, овој извештај ја нагласувал љубовта која ја имал Исус кон соверниците. Слично е и денес — оние кои одат со Бог, го бараат друштвото од другите Јеховини слуги и искрено ги засакуваат (1. Петрово 4:8).
17. Што мислел Исус во врска со вршењето на волјата на неговиот небесен Татко, и како тоа би требало да влијае врз нас?
17 Вршејќи ја божествената волја, Исус покажувал љубов кон својот небесен Татко. Исус му бил послушен на Јехова во сѐ. Тој рекол: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело“ (Јован 4:34). Исто така, Христос рекол: „Секогаш го вршам она што Му е угодно [на Бог]“ (Јован 8:29). Исус толку многу го љубел својот небесен Татко што ‚се смирил [се понизил, NW], откако станал послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст‘ (Филипјаните 2:8). Од своја страна, пак, Јехова го благословил Исус, возвишувајќи го на позиција на авторитет и чест — втор, единствено после самиот Јехова (Филипјаните 2:9—11). Слично на Исус, ние ќе ја покажеме својата љубов кон Бог ако ги држиме неговите заповеди и ако ја извршуваме неговата волја (1. Јованово 5:3).
18. На кој начин Исус дал пример во врска со молитвата?
18 Исус бил човек од молитва. При своето крштавање тој се молел (Лука 3:21). Пред да ги избере своите 12 апостоли, тој поминал цела ноќ во молитва (Лука 6:12, 13). Исус ги поучил своите ученици како да се молат (Лука 11:1—4). Ноќта пред да умре, тој се молел за и со своите ученици (Јован 17:1—26). Молитвата била важен дел од Исусовиот живот, токму како што треба да биде и во нашиот живот, бидејќи ние сме негови следбеници. Колкава само чест е во молитва да се зборува со Универзалниот Суверен! Освен тоа, Јехова одговара на молитвите, зашто Јован напишал: „И тоа е слободата, која ја имате пред Него, дека ако просиме нешто по Неговата волја, Он нѐ послушува. А кога знаеме дека нѐ услишува што и да побараме, знаеме дека ќе добиеме, што и да сме побарале од Него“ (1. Јованово 5:14, 15).
19. а) Кои особини на Исус треба да ги имитираме? б) На кои начини извлекуваме корист од проучувањето на животот и службата на Исус?
19 Можеме толку многу да научиме од внимателното испитување на земниот живот и служба на Исус Христос! Размисли за особините кои ги покажувал тој: љубов, сожалување, љубезност, сила, рамнотежа, разумност, понизност, храброст и несебичност. Колку повеќе учиме за Исус толку е поголема нашата желба да бидеме негови верни следбеници. Исто така, спознанието за Исус нѐ приближува кон Јехова. На крајот на краиштата, Исус бил совршен одраз на својот небесен Татко. Тој бил толку присен со Јехова што можел да рече: „Кој Ме видел Мене, Го видел [и, NW] Отецот“ (Јован 14:9).
Имај доверба дека Јехова ќе те поддржува
20. Како можеме да стекнеме доверба во одењето со Јехова?
20 Кога децата почнуваат да одат, нивните чекори се несигурни. Како научуваат да одат со доверба? Само со вежбање и истрајност. Па така, оние кои одат со Јехова настојуваат да одат со доверлив, рамномерен чекор. И тоа бара време и истрајност. Павле истакнал колку е важно да се истрае во одењето со Бог кога напишал: „Најпосле, браќа, ве молиме и силно ве поттикнуваме преку Господ Исус, како што добивте упатство од нас за тоа како треба да одите и да му угодувате на Бога — всушност, токму како што и одите — да продолжите тоа да го правите во попотполна мера“ (1. Солунјаните 4:1, NW).
21. Кои благослови можеме да ги уживаме додека одиме со Јехова?
21 Доколку со цела душа сме му оддадени на Бог, тој ќе ни помогне да продолжиме да одиме со него (Исаија 40:29—31). Светов нема да понуди ништо што може да се спореди со благословите кои им ги излева Тој на оние кои одат по неговите патишта. Тој е ‚Оној Кој нѐ учи на добро, Кој нѐ води по оној пат, по кој треба да одиме. И ако ги слушаме Неговите заповеди, тогаш нашиот мир ќе беше како река, и нашата правда — како морски бранови‘ (Исаија 48:17, 18). Ако ја прифатиме поканата да одиме со Бог и верно го правиме тоа, тогаш можеме да уживаме мир со него засекогаш.
Како би одговорил?
◻ Зошто е чест да се оди со вистинскиот Бог?
◻ Зошто проучувањето, преданието и крштавањето се почетните чекори во одењето со Јехова?
◻ Како ние би можеле да ги следиме Исусовите стапки?
◻ Од каде знаеме дека Јехова ќе нѐ поддржува додека одиме со него?
[Слики на страница 13]
Проучувањето, преданието и крштавањето се почетните чекори во одењето со Бог