Законски да се брани добрата вест
СЀ ДОДЕКА човекот гради градови, тој всушност гради ѕидови. Особено во минатото ваквите тврдини биле заштита. Од врвот на ваквата препрека, бранителите можеле да се борат со цел да ги одбранат ѕидините за да не бидат срушени или поткопани од напаѓачите. Заштита наоѓале не само жителите на градот туку честопати во ѕидините наоѓале прибежиште и оние кои престојувале во околните градови (2. Царства 11:20—24; Исаија 25:12).
На сличен начин, Јеховините сведоци изградиле еден ѕид — еден законски ѕид — на одбрана. Овој ѕид не бил подигнат за да ги изолира Сведоците од останатото општество, зашто Јеховините сведоци се познати како друштвени и отворени луѓе. Напротив, тој ги зајакнува законските гаранции на основните слободи на сите луѓе. Истовремено, тој го штити нивниот начин на обожавање и правото да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. (Спореди Матеј 5:14—16.) Овој ѕид ги брани нивните законски права за да можат слободно да го спроведуваат своето обожавање. Каков е тој ѕид, и како бил изграден?
Градење законски ѕид на одбрана
Иако во многу земји Јеховините сведоци уживаат религиозна слобода, во некои држави тие се предмет на неоправдани напади. Кога е оспорувана нивната слобода на обожавање преку заедничко собирање или преку проповедање од куќа до куќа, тие ги средуваат работите по законски пат. Ширум светот се водат илјадници правни случаи во кои се вклучени Сведоците.a Не извојувале победа во сите случаи. Но, кога пониските судови пресудуваат против нив, тие честопати се жалат на вишите судови. Со каков резултат?
Во децениите на 20 век, законските победи во многу земји поставиле преседани на кои Јеховините сведоци можеле да се потпрат и на кои се повикувале во подоцнежните случаи. Како што циглите или камењата сочинуваат еден ѕид, така и овие поволни одлуки создаваат еден законски ѕид на заштита. Од врвот на тој ѕид на преседан, Сведоците продолжуваат да се борат за религиозната слобода со цел да го спроведуваат своето обожавање.
На пример, разгледај го случајот Мардок против Комонвелтот на Пенсилванија кој го решил Врховниот суд на Соединетите Држави на 3 мај 1943. Прашањето кое се покренало во овој случај било: Дали, за да ја дистрибуираат својата верска литература, Јеховините сведоци треба да набават трговска дозвола за продавање? Јеховините сведоци тврделе дека тоа не треба да се бара од нив. Нивното проповедничко дело не е — и никогаш не ни било — комерцијално. Нивна цел не е да печалат пари, туку да ја проповедаат добрата вест (Матеј 10:8; 2. Коринтјаните 2:17, NW). Во одлуката Мардок судот се сложил со Сведоците, потврдувајќи дека какво и да е барање да се плати данок за дозвола како предуслов да се дистрибуира верска литература е неуставно.b Оваа одлука поставила еден важен преседан, и оттогаш Сведоците успешно се повикувале на неа како на авторитет во голем број случаи. Одлуката Мардок се покажала како јака цигла во законскиот ѕид на заштита.
Таквите случаи постигнале многу во одбраната на религиозната слобода на сите луѓе. Во врска со придонесот на Сведоците кон одбраната на граѓанските права во Соединетите Држави, University of Cincinnati Law Review рекол: „Јеховините сведоци имаа длабок учинок врз еволуцијата на уставниот закон, особено преку ширење на границите на заштита на говорот и религијата“.
Зајакнување на ѕидот
Со секоја законска победа, ѕидот станува сѐ појак. Разгледај неколку одлуки од 1990 па наваму, од кои извлекоа корист како Јеховините сведоци така и сите други љубители на слободата ширум светот.
Грција. На 25 мај 1993, Европскиот суд за човекови права го поддржа правото на еден грчки граѓанин да ги поучува другите за своите религиозни верувања. Случајот го вклучуваше Минос Кокинакис, тогаш 84-годишен. Како Јеховин сведок, Кокинакис беше апсен повеќе од 60 пати од 1938 па наваму, се појави пред грчките судови 18 пати и помина в затвор повеќе од шест години. Беше во голема мера осудуван според еден грчки закон од 1930-тите кој забранува прозелитизам — закон кој е одговорен за речиси 20.000 апсења на Јеховини сведоци од 1938 до 1992. Европскиот суд донесе одлука според која грчката влада ја повредила религиозната слобода на Кокинакис и пресуди да му се плати отштета во износ од 14.400 долари. Во својата одлука судот пресуди дека Јеховините сведоци се навистина „позната религија“. (Види Стражарска кула од 1 септември 1993, страници 27—31.)
Мексико. На 16 јули 1992, во Мексико беше преземен еден крупен чекор во одбраната на религиозната слобода. На тој датум беше донесен Законот за религиозни здруженија и јавно обожавање. Со тој закон, една религиозна група може да добие легален статус како религиозна институција ако ја набави потребната регистрација. Претходно Јеховините сведоци, како и другите религии во земјата, всушност постоеја но немаа легален статус. На 13 април 1993 Сведоците дадоа молба за регистрација. За среќа, на 7 мај 1993, тие беа законски регистрирани како La Torre del Vigía, A. R. и Los Testigos de Jehová en México, A. R. — и обете се религиозни здруженија. (Види Разбудете се! од 22 јули 1994, страници 12—14 [хрв.].)
Бразил. Во ноември 1990, бразилскиот Национален институт за социјална сигурност (INSS) ја извести канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society дека министрите волонтери во Бетелот (името за објектите на подружницата на Јеховините сведоци) повеќе нема да се сметаат за религиозни министри и затоа ќе дојдат под бразилските закони за труд. Сведоците се жалеа на одлуката. На 7 јуни 1996 Судскиот извештај на врховниот обвинител од Бразилија донесе одлука со која се поддржува положбата на министри во Бетелот како членови на легитимен религиозен ред, а не како световно вработени.
Јапонија. На 8 март 1996, Врховниот суд на Јапонија изрече одлука во врска со прашањето за образование и слобода на религијата — во корист на секого во Јапонија. Судот едногласно пресуди дека Општинскиот индустриски технички колеџ од Кобе го прекршил законот со тоа што го истерал Кунихито Кобајаши заради тоа што тој одбил да учествува во обука за боречки вештини. Ова решение го означува првиот пат кога Врховниот суд изрекол одлука која се темели на религиозната слобода загарантирана со јапонскиот Устав. Следејќи ја својата библиски школувана совест, овој млад Сведок сметал дека таа обука не е во склад со библиските начела како што е она кое се наоѓа во Исаија 2:4, кое вели: „Ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војни“. Одлуката на судот постави преседан за идните случаи. (Види Стражарска кула од 1 ноември 1996, страници 19—21.)
На 9 февруари 1998 Вишиот суд на Токио изрече една друга одлука — пресвртница која го поддржа правото на една жена Сведок по име Мизае Такеда да одбие медицинско лечење кое не е во склад со библиската заповед да се ‚воздржуваме од крв‘ (Дела 15:28, 29). За овој случај поднесена е жалба до Врховниот суд, и останува да се види дали ќе биде поддржана одлуката на Вишиот суд.
Филипини. Во една одлука која беше донесена на 1 март 1993, филипинскиот Врховен суд едногласно пресуди во полза на Јеховините сведоци во еден случај што вклучуваше млади Сведоци кои беа истерани од училиштето бидејќи со почитување одбиле да го поздрават знамето.
Секое поволно судско решение е како додатен камен или цигла што го зајакнува законскиот ѕид кој ги заштитува правата не само на Јеховините сведоци туку и на целиот народ.
Да се чува ѕидот
Јеховините сведоци се законски регистрирани во 153 земји, уживајќи со право многу слободи како и другите признати религии. После децении прогонство и забрана во Источна Европа и во поранешниот Советски Сојуз, Јеховините сведоци сега се законски признати во земјите како што се Албанија, Белорусија, Република Чешка, Грузија, Унгарија, Казахстан, Киргизија, Романија и Словачка. Меѓутоа, во извесни земји денес, вклучувајќи и некои западноевропски земји кои имаат одамна основани судски системи, правата на Јеховините сведоци се сериозно оспорени или скратени. Противниците активно се обидуваат да ‚измислат неволја преку законот‘ против Сведоците (Псалм 94:20, NW). Како реагираат тие?c
Јеховините сведоци сакаат да соработуваат со сите влади, но сакаат и да имаат законска слобода да го спроведуваат своето обожавање. Тие се цврсто убедени дека сите закони или судски одлуки кои би им забраниле да ги слушаат Божјите заповеди — вклучувајќи ја и заповедта да ја проповедаат добрата вест — се неважечки (Марко 13:10). Доколку не можат да постигнат пријателски договори, Јеховините сведоци ќе стапат во напад во законската сфера, преземајќи ги сите апелациони мерки кои се потребни за да добијат правна заштита на своето право добиено од Бог да го спроведуваат своето обожавање. Јеховините сведоци имаат целосна доверба во Божјето ветување: „Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех“ (Исаија 54:17).
[Фусноти]
a За детална дискусија за правното досие на Јеховините сведоци, те молиме види го поглавје 30 од книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom, објавена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Во одлуката Мардок Врховниот суд го сменил својот став во случајот Џонс против градот Опелика. Во случајот Џонс во 1942, Врховниот суд ја поддржал одлуката на еден понизок суд кој го осудил Раско Џонс, еден Јеховин сведок, заради тоа што учествувал во дистрибуција на литература на улиците на Опелика (Алабама), без да плати данок за дозвола.
c Види ги статиите „Намразени заради нивната вера“ и „Да ја браниме нашата вера“, на страници 8—18.
[Рамка на страница 21]
Одбрана на правата на Јеховините сведоци
Од прогонството врз Јеховините сведоци произлегло влечкање пред судови и владини службеници ширум светот (Лука 21:12, 13). Јеховините сведоци не штеделе напор во законската одбрана на своите права. Судските победи во многу земји помогнале да се заштити нивната законска слобода, вклучувајќи ги и нивните права:
◻ да проповедаат од куќа до куќа ослободени од ограничувањата кои им се наметнуваат на трговските продавачи (Мардок против Комонвелтот на Пенсилванија, Врховен суд на Соединетите Држави, 1943; Кокинакис против Грција, Европски суд за човекови права [ECHR], 1993).
◻ слободно да се собираат за обожавање (Маноусакис и други против Грција, ECHR, 1996).
◻ да одлучуваат како можат совесно да покажат почитување кон националното знаме или амблем (Министерството за образование од државата Западна Вирџинија против Барнет, Врховен суд на САД, 1943; Врховен суд на Филипини, 1993; Врховен суд на Индија, 1986).
◻ да одбиваат воена служба која ја повредува нивната христијанска совест (Георгијадис против Грција, ECHR, 1997).
◻ да избираат лечење и лекови кои не ја повредуваат нивната совест (Малет против Шулман, Онтарио [Канада], Апелационен суд, 1990; Watch Tower против Е. Л. А. Врховен суд, Сан Хуан [Порторико], 1995; Фосмаир против Николо, Њујорк [САД], Апелационен суд, 1990).
◻ да ги воспитуваат децата според своите верувања темелени на Библијата, дури и тогаш кога тие верувања се предизвикани во споровите за старателство над децата (Ст-Лаурент против Соуси, Врховен суд на Канада, 1997; Хофман против Австрија, ECHR, 1993).
◻ да поседуваат и да дејствуваат со законски посредништва кои ги добиваат истите изземања од даночење кои им се одобрени на посредништвата кои ги користат другите признати религии (Луѓето против Харинг, Њујорк [САД], Апелационен суд, 1960).
◻ оние кои се наименувани за некој вид специјална полновремена служба да го добиваат истиот поволен даночен третман кој им е даден на полновремените религиозни работници од другите религии (Бразилски национален институт за социјална сигурност, Бразилија, 1996).
[Слика на страница 20]
Минос Кокинакис со неговата сопруга
[Слика на страница 20]
Кунихито Кобајаши
[Извор на слика на страница 19]
The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck