Тимотеј — „вистинското чедо по вера“
ТИМОТЕЈ бил релативно млад кога христијанскиот апостол Павле го избрал за патувачки придружник. Со ова започнало едно партнерство кое траело околу 15 години. Меѓу овие двајца мажи се развил таков однос што Павле можел да го нарече Тимотеј „возљубено и верно чедо во Господа“ и „вистинското чедо по вера“ (1. Коринтјаните 4:17; 1. Тимотеј 1:2).
Што било тоа во личноста на Тимотеј кое предизвикало Павле да има толкава наклоност кон него? Како Тимотеј станал таков скапоцен придружник? И кои корисни поуки можеме да ги извлечеме од инспирираниот запис за активностите на Тимотеј?
Избран од Павле
Павле го нашол младиот ученик Тимотеј кога ја посетил Листра (во современа Турција), на своето второ мисионерско патување околу 50 н. е. Веројатно додека бил во доцните тинејџерски или во раните 20-ти години, Тимотеј бил на добар глас меѓу христијаните во Листра и Иконија (Дела 16:1—3). Тој живеел според своето име кое значи „оној кој му оддава чест на Бог“. Тимотеј уште во детството бил поучен од Светото писмо од страна на баба му Лоида и мајка му Евника (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15). Тие го прифатиле христијанството веројатно за време на Павловата прва посета на нивниот град, неколку години пред тоа. Сега, преку дејството на светиот дух, извесно предвидување покажало каква ќе биде иднината на Тимотеј (1. Тимотеј 1:18). Во склад со тоа упатство, Павле и постарите мажи од собранието положиле раце врз младичот и на тој начин го одвоиле за посебна служба, а апостолот го избрал за мисионерски придружник (1. Тимотеј 4:14; 2. Тимотеј 1:6).
Со оглед на тоа што татко му бил Грк и не бил верник, Тимотеј не бил обрежан. Секако, тоа не било христијанско барање. Меѓутоа, за да го отстрани каменот на спрепнување за Евреите кои требало да ги посетат, Тимотеј се подложил на оваа болна процедура (Дела 16:3).
Дали претходно Тимотеј бил сметан за Евреин? Некои изучувачи тврдат дека, според рабинските авторитети, „статусот на потомството на мешан брак се одредувал според мајката, а не според таткото“. Тоа значи дека „една Еврејка раѓа Еврејчиња“. Сепак, писателот Шеј Коен не е сигурен дали таков „рабински закон за лицата веќе постоел во првиот век н. е.“ и дали Евреите од Мала Азија се придржувале за него. По разгледувањето на историскиот доказ тој заклучува дека кога не-Евреите се женеле со Израелки, „децата од тие бракови биле сметани за израелски само доколку семејството живеело меѓу Израелците. Лозата се сметала по мајката кога била во нејзината земја. Кога Израелката ќе се преселела во странство за да му се придружи на нееврејскиот сопруг, тогаш нејзините деца биле сметани за не-Евреи“. Како и да е, мешаното потекло на Тимотеј сигурно било предност во проповедничкото дело. Не требало да има проблеми ниту со Евреите ниту со не-Евреите, и тоа можеби ќе му овозможело да го премости јазот меѓу нив.
Павловата посета на Листра била сигнал за една пресвртница во животот на Тимотеј. Спремноста на тој млад човек да го следи водството на светиот дух и понизно да соработува со христијанските старешини водела до големи благослови и предности на службата. Без разлика дали тогаш го сфатил тоа или не, Тимотеј, под водството на Павле, подоцна требало да биде употребен за важни теократски задачи кои го одвеле далеку од дома, дури до Рим, главниот град на империјата.
Тимотеј ги унапредувал интересите на Царството
Ние имаме само делумен запис за активностите на Тимотеј, но тој патувал надалеку за да ги унапредува интересите на Царството. Првото патување на Тимотеј со Павле и Сила во 50 н. е. го одвело низ Мала Азија и во Европа. Таму учествувал во проповеднички кампањи во Филипи, Солун и Берија. Откако поради противење Павле се преселил во Атина, Тимотеј и Сила останале во Берија за да се грижат за групата ученици која била формирана таму (Дела 16:6—17:14). Подоцна, Павле го испратил Тимотеј во Солун за да го зајакне тамошното ново собрание. Тимотеј донел добри вести за неговиот напредок кога се сретнал со Павле во Коринт (Дела 18:5; 1. Солунјаните 3:1—7).
Писмото не кажува колку долго Тимотеј останал кај коринтјаните (2. Коринтјаните 1:19). Меѓутоа, веројатно околу 55 н. е. Павле размислувал пак да го прати кај нив бидејќи добил вознемирувачки вести за нивната ситуација (1. Коринтјаните 4:17; 16:10). Подоцна, заедно со Ераст, Тимотеј бил испратен од Ефес во Македонија. А кога Павле им пишал на римјаните од Коринт, Тимотеј пак бил со него (Дела 19:22; Римјаните 16:21).
Тимотеј и другите го напуштиле Коринт со Павле кога тој тргнал кон Ерусалим, и го придружувале апостолот барем до Троада. Дали Тимотеј продолжил до Ерусалим не се знае. Но, тој е спомнат во уводите на три писма кои Павле ги напишал од затворот во Рим околу 60—61 н. е.a (Дела 20:4; Филипјаните 1:1; Колосјаните 1:1; Филемон 1). Павле планирал да го испрати Тимотеј од Рим во Филипи (Филипјаните 2:19). И откако Павле бил ослободен од затвор, Тимотеј останал во Ефес според упатството на апостолот (1. Тимотеј 1:3).
Со оглед на тоа што патувањата во првиот век не биле ниту лесни ниту удобни, спремноста на Тимотеј да преземе многу патувања заради собранијата била навистина за пофалба. (Види ја рамката во Стражарска кула од 15 август 1996, страница 29.) Разгледај само едно од неговите можни патувања и што ни кажува тоа за Тимотеј.
Светлина врз личноста на Тимотеј
Тимотеј бил со Павле во Рим кога на прогонуваните христијани во Филипи затворениот апостол им напишал: „Се надевам во Господа Исуса дека наскоро при вас ќе го пратам Тимотеја, та и јас, откако разберам како сте, да се утешам со духот. Бидејќи немам никого еднаков со моите мисли [кој е вака настроен, NW], кој толку искрено би се грижел за вас, оти сите си го бараат своето, а не она на Исуса Христа; а неговата исправност ви е позната: тој, како син кон татко, слугуваше заедно со мене при благовестувањето“ (Филипјаните 1:1, 13, 28—30; 2:19—22).
Овие зборови ја нагласуваат грижата на Тимотеј за соверниците. Освен ако не одел со брод, за едно такво патување му било потребно 40-дневно пешачење од Рим до Филипи, со кратко преминување преку Јадранското Море, а потоа уште 40 дена за враќање во Рим. Тимотеј бил спремен да го стори сето тоа за да им послужи на своите браќа и сестри.
Иако Тимотеј многу патувал, сепак, не бил секогаш со добро здравје. Очигледно имал некакви стомачни проблеми и доживувал ‚чести боледувања‘ (1. Тимотеј 5:23). И покрај тоа, се напрегал заради добрата вест. Не е ни чудо што Павле имал толку близок однос со него!
Под старателство на апостолот и низ заедничките искуства, Тимотеј очигледно почнал да ја одразува личноста на Павле. Затоа, Павле можел да му рече: „Ти се угледа на моето учење, животот, целта, верата на мојата големодушност, љубовта, трпеливоста, на моите гонења и страдања, што ми се случија во Антиохија, и во Иконија, и во Листра, какви прогони претрпев“. Тимотеј леел солзи заедно со Павле, бил во неговите молитви и робувал покрај него за да ги унапредуваат интересите на Царството (2. Тимотеј 1:3, 4; 3:10, 11).
Павле го охрабрил Тимотеј да не дозволи ‚никому да ја презира неговата младост‘. Тоа може да укажува дека Тимотеј бил некако срамежлив, колеблив во спроведувањето на својот авторитет (1. Тимотеј 4:12; 1. Коринтјаните 16:10, 11). Меѓутоа, можел да служи независно, и Павле со доверба можел да го испрати на одговорни мисии (1. Солунјаните 3:1, 2). Кога увидел потреба од силно теократско надгледување во собранието во Ефес, Павле го поттикнал Тимотеј да остане таму за да ‚им заповеда на некои, да не проповедаат друго учење‘ (1. Тимотеј 1:3). Но, иако му биле доверени многу одговорности, Тимотеј бил скромен. И покрај тоа што можеби бил срамежлив, бил и храбар. На пример, отишол во Рим за да му помогне на Павле кој бил на суд поради својата вера. Всушност, самиот Тимотеј поднел еден период во затвор, веројатно од истата причина (Евреите 13:23).
Несомнено, Тимотеј многу научил од Павле. Ценењето што го имал апостолот за својот соработник добро е посведочено со фактот што му напишал две божествено инспирирани писма кои се наоѓаат во Христијанските грчки списи. Околу 65 н. е., кога Павле увидел дека неговата маченичка смрт е неизбежна, тој уште еднаш го повикал Тимотеј (2. Тимотеј 4:6, 9). Писмото не открива дали Тимотеј успеал да се види со Павле пред апостолот да биде погубен.
Стави се на располагање!
Од убавиот пример на Тимотеј може многу да се научи. Тој извлекол голема корист од дружењето со Павле, и израснал од срамежлив младинец во надгледник. Младите христијани и христијанки можат да добијат многу од сличното дружење денес. И ако ја направат Јеховината служба своја кариера, тогаш ќе имаат изобилство исплатлива работа (1. Коринтјаните 15:58, NW). Можат да станат пионери, т. е. полновремени проповедници во своето матично собрание или можеби ќе можат да служат онаму каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Меѓу многуте можности спаѓаат мисионерското дело во друга земја или служба во светската централа на Watch Tower Society или, пак, во една од нејзините подружници. И, секако, сите христијани можат да го покажуваат истиот дух кој го покажувал Тимотеј така што ќе извршуваат служба на Јехова со сета душа.
Дали сакаш и понатаму духовно да растеш, да бидеш корисен за организацијата на Јехова во кое и да е својство што можеби тој ќе го смета за пригодно? Тогаш, прави како што правел Тимотеј. Стави се на располагање колку што можеш. Кој знае какви сѐ понатамошни предности на службата можеби ќе ти се отворат?
[Фуснота]
a Тимотеј е спомнат и во четири други писма на Павле — Римјаните 16:21; 2. Коринтјаните 1:1; 1. Солунјаните 1:1; 2. Солунјаните 1:1.
[Слика на страница 31]
„Немам никој кој е вака настроен“