Прашања од читателите
Како Јеховините сведоци гледаат на гласањето?
Во Библијата се изложени јасни начела кои им овозможуваат на Божјите слуги да заземат исправно гледиште за оваа работа. Меѓутоа, изгледа дека не постои некое начело кое е против самата практика гласање. На пример, не постои причина зошто еден одбор на директори не треба да гласа за донесување одлуки кои се однесуваат на нивното претпријатие. Собранијата на Јеховините сведоци честопати донесуваат одлуки во врска со терминот за состаноци и за користењето на собраниските пари со гласање по пат на кревање рака.
Но, што е со гласањето на политички избори? Секако, во некои демократски земји, дури до 50 проценти од населението не излегува да гласа на денот на изборите. Што се однесува до Јеховините сведоци, тие не го попречуваат правото на другите да гласаат; ниту, пак, на некој начин спроведуваат кампањи против политичките избори. Тие ги почитуваат и соработуваат со властите кои се соодветно избрани на таквите избори (Римјаните 13:1—7). Што се однесува до тоа дали тие лично ќе гласаат за одреден учесник на некој избор, секој Јеховин сведок донесува одлука на темел на својата библиски школувана совест и сфаќањето на својата одговорност пред Бог и пред државата (Матеј 22:21; 1. Петрово 3:16). При донесувањето на оваа лична одлука, Сведокот зема предвид неколку фактори.
Прво, Исус Христос на своите следбеници им рекол: „Тие не се [дел, NW] од светот, како и Јас што не сум [дел, NW] од Него“ (Јован 17:14). Јеховините сведоци сериозно го сфаќаат ова начело. Бидејќи „не се дел од светот“ тие се неутрални во политичките работи на светот (Јован 18:36).
Второ, апостол Павле укажал на себе како на „амбасадор“ (NW) кој им го претставувал Христос на луѓето од негово време (Ефесјаните 6:20; 2. Коринтјаните 5:20, NW). Јеховините сведоци веруваат дека сега Христос Исус е востоличениот Цар на Божјето небесно Царство и тие, како амбасадори, мораат да им го објавуваат тоа на народите (Матеј 24:14; Откровение 11:15). Од амбасадорите се очекува да бидат неутрални и да не се мешаат во внатрешните работи на земјите во кои се испратени. Како претставници на Божјето небесно Царство, Јеховините сведоци чувствуваат слична обврска да не се мешаат во политиката на земјите во кои живеат.
Трет фактор кој треба да се земе предвид е дека оние кои имаат удел во гласањето за некое лице да дојде на функција, може да станат одговорни за она што го прави тоа лице. (Спореди 1. Тимотеј 5:22, The New English Bible.) Христијаните мора внимателно да размислат за тоа дали сакаат да сносат таква одговорност.
Четврто, Јеховините сведоци многу го ценат своето христијанско единство (Колосјаните 3:14). Кога религиите се мешаат во политика, честопати резултатот е поделба меѓу нивните членови. Имитирајќи го Исус Христос, Јеховините сведоци избегнуваат мешање во политиката и на тој начин го задржуваат своето христијанско единство (Матеј 12:25; Јован 6:15; 18:36, 37).
Петто, и последно, немешањето во политиката им дава на Јеховините сведоци слобода на говор за да им пристапуваат на луѓето од секакви политички убедувања со важната порака за Царството (Евреите 10:35).
Со оглед на библиските начела кои беа изложени погоре, во многу земји Јеховините сведоци донесуваат лична одлука да не гласаат на политичките избори, и нивната слобода да ја донесат таа одлука е поддржана со законот на земјата. Но, што ако законот бара граѓаните да гласаат? Во таков случај, секој Сведок е одговорен да донесе совесна, библиски темелена одлука за тоа како да се справи со таа ситуација. Ако некој одлучи да оди на гласачкото место, тоа е негова одлука. Она што тој го прави на гласачкото место е работа меѓу него и неговиот Творец. Некои пуштиле празно гласачко ливче. Други некако го означиле гласачкото ливче за да го покажат својот совесен став. Без разлика што ќе направат, верните христијани сфаќаат дека животоважно е да избегнуваат кршење на својата христијанска неутралност или на својата библиски школувана совест.
Во англиското издание на Стражарска кула од 15 ноември 1950 година, на страници 445 и 446 пишуваше: „Онаму каде што Ќесарот го прави задолжително гласањето на граѓаните . . . [Сведоците] можат да одат на гласање и да влезат на гласачките места. Тука се повикани да го означат гласачкото ливче или да напишат што застапуваат тие. Гласачите прават со своите гласачки ливчиња што сакаат. Затоа, таму, во присуство на Бог, е местото каде што неговите сведоци мора да дејствуваат во склад со неговите заповеди и во склад со својата вера. Не е наша одговорност да ги поучуваме што да прават со гласачкото ливче“.
Што ако сопругот на некоја христијанка кој не е соверник инсистира таа да биде присутна на гласањето? Па, таа е подложна на својот сопруг, исто како што христијаните се подложни на вишите власти (Ефесјаните 5:22; 1. Петрово 2:13—17). Дали таа ќе го послуша својот сопруг и ќе отиде на гласачкото место е нејзина лична одлука. Никој не треба да ја критикува за тоа. (Спореди Римјаните 14:4.)
Но, како е во земја каде што гласањето не е наложено со закон, но има вжештени емоции кон оние кои не одат на гласачките места — можеби се изложени и на физичка опасност? Или, што ако поединци, иако законски не се обврзани да гласаат, на некој начин се жестоко казнувани ако не отидат на гласачкото место? Во такви и слични ситуации, христијанинот мора да донесе лична одлука. „Секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:5).
Можеби постојат луѓе кои се спрепнуваат кога забележуваат дека за време на некои избори во нивната земја, некои Сведоци на Јехова одат на гласачкото место, а други не. Можеби велат: ‚Јеховините сведоци не се доследни‘. Но, луѓето треба да признаат дека, кога се работи за совеста на поединецот, како во овој случај, секој христијанин мора да донесе лична одлука пред Јехова Бог (Римјаните 14:12).
Без разлика на тоа какви лични одлуки донесуваат Јеховините сведоци наспроти различните ситуации, тие се грижат да ја задржат својата христијанска неутралност и слобода на говор. Тие во сѐ се ослонуваат на Јехова Бог за да ги зајакне, да им даде мудрост и да им помогне да избегнат компромитирање на нивната вера на кој и да било начин. Така покажуваат доверба во зборовите на псалмистот: „Зашто Ти си крепост моја и прибежиште мое, заради името Твое поведи ме и управувај со мене“ (Псалм 30:3).