Зошто страв од Апокалипсата?
„ХРИСТИЈАНСКИТЕ фундаменталисти со децении пророкувале дека наскоро ќе се случи [некаков] вид разделување на општеството“, забележува Демјан Томпсон, писател за религија во списанието Time. „Сега, на нивно чудење, не само што овие сценарија се сфаќаат сериозно, туку и ги шират истите оние кои им се исмејувале: програмери на компјутери, деловни лидери и политичари.“ Тој тврди дека стравот од светска компјутерска пропаст во 2000 година „темелно ги претворил световните поединци во неверојатни миленаристи“ кои се плашат од доаѓањето на катастрофи како, на пример, „масовна паника, парализа на владата, побуни заради храната, уривање на авиони во облакодерите“.
Освен општата тегобна загриженост, тука се и вознемирувачките активности на различни мали верски групи, честопати наречени „апокалиптични“ групи. Во јануари 1999, во една статија со наслов „Ерусалим и сирените на Апокалипсата“, во францускиот дневник Le Figaro стоеше: „Службите за безбедност [на Израел] проценуваат дека бројот на ‚миленаристите‘ кои се наоѓаат на Маслинската гора или во нејзина близина и ја очекуваат парусијата, или апокалипсата, изнесува повеќе од сто“.
1998 Britannica Book of the Year содржи еден специјален извештај за „Култовите на Судниот ден“. Меѓу другото, таму се спомнуваат самоубиствени култови како, на пример, Небесната капија, Храмот на народот и Редот на храмот на сонцето и Аум Шинрикјо (Врховната вистина) кој организираше напад со смртоносен отровен гас во токиската подземна железница во 1995 година при што беа убиени 12 и повредени илјадници луѓе. Сумирајќи го овој извештај, Мартин Е. Марти, професор по религија на универзитетот во Чикаго, напишал: „Свртувањето на страницата на календарот на 2000 година е инспирирачко — и речиси сигурно ќе инспирира секакви пророштва и движења. Некои може да станат и опасни. Ќе дојде време со кое не би требало да се соочиме со самозадоволство“.
Историја на стравот од Апокалипса
Апокалипса, или Откровение, е името на последната книга во Библијата, напишана кон крајот на првиот век н. е. Со оглед на пророчката природа и високо симболичниот јазик на оваа книга, придавката „апокалиптичен“ почнала да се применува во еден облик на литература кој започнал долго пред да биде напишана библиската книга Откровение. Митолошката симболика на оваа литература оди наназад сѐ до древна Персија, па и пред тоа. Затоа, The Jewish Encyclopedia зборува за еден „изразито вавилонски карактер на многу од митолошките елементи внесени во оваа [еврејска апокалиптична] литература“.
Еврејската апокалиптична литература цветала од почетокот на вториот век пр. н. е. до крајот на вториот век н. е. Објаснувајќи ја причината за овие записи, еден библиски изучувач напишал: „Целокупното време Евреите го делеле на две ери. Постоела сегашнава ера која е сосема лоша . . . Затоа, Евреите го очекувале крајот на работите онакви какви што се. Постоела и ерата која треба да дојде и која требало да биде сосема добра, златна ера на Бог во која ќе има мир, просперитет и праведност . . . Како сегашнава ера требало да стане ерата која ќе дојде? Евреите верувале дека промената никогаш нема да може да дојде со човечко посредништво и, затоа, очекувале директна интервенција од Бог . . . Денот на доаѓањето на Бог бил наречен Денот на Господ и требало да биде страшно време на ужас, уништување и суд што би претставувало породилни маки за новата ера. Целокупната апокалиптична литература се занимава со овие настани“.
Дали стравот од Апокалипса е оправдан?
Библиската книга Откровение зборува за ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘, или Армагедон, во која злобните ќе бидат уништени, и после која ќе следи илјадагодишен период (понекогаш наречен Милениум) во кој Сатана ќе биде фрлен в бездна и Христос ќе му суди на човештвото (Откровение 16:14, 16; 20:1—4). Некои луѓе во средниот век погрешно ги разбрале овие пророштва бидејќи католичкиот „светец“ Августин (354—430 н. е.) рекол дека Милениумот започнал со раѓањето на Христос и дека по него ќе следи Последниот суд. Изгледа дека Августин обрнал малку внимание на временската рамка, но со приближувањето на 1000 година стравот растел. Историчарите не се сложуваат во врска со раширеноста на овој средновековен страв од Апокалипса. Но, колку и да бил распространет, сигурно се покажал неоправдан.
Слично е и денес. Постои религиозен и световен страв дека 2000 или 2001 година, ќе донесат со себе ужасна апокалипса. Но, дали овој страв е оправдан? И, дали пораката која се наоѓа во библиската книга Откровение, или Апокалипса, е нешто од кое треба да се плашиме или, напротив, е нешто на кое треба да се надеваме? Те молиме, прочитај понатаму.
[Слика на страница 4]
Средновековниот страв од Апокалипса се покажал неоправдан
[Извор на слика]
© Clichè Bibliothèque Nationale de France, Париз
[Извор на слика на страница 3]
Maya/Sipa Press