„Пожелните работи“ го исполнуваат Јеховиниот дом
„Јас [Јехова] ќе ги потресам сите нации, и мора да влезат пожелните работи од сите нации; и ќе го исполнам овој дом со слава“ (АГЕЈ 2:7, NW).
1. Зошто во време на опасност најпрвин помислуваме на своите сакани?
СО КАКВИ пожелни работи е исполнет твојот дом? Дали имаш раскошен мебел, најсовремен компјутер, нова кола во гаражата? Дури и ако ги имаш сите овие работи, зарем нема да се сложиш дека најскапоцени работи во твојот дом се луѓето — членовите на твоето семејство? Замисли си како една ноќ се будиш од мирис на чад. Твојата куќа е во оган, и имаш само неколку минути да избегаш! Што ќе ти биде најважно? Мебелот? Компјутерот? Колата? Зарем, наместо тоа, нема да помислиш на своите сакани? Па, сигурно, зашто луѓето се повредни од предметите.
2. Колкаво е Јеховиното создание, и кон кој негов аспект Исус имал најголема наклоност?
2 Сега, размисли за Јехова Бог и за неговиот Син, Исус Христос. Јехова е оној „Кој го создал небото и земјата, и морето и сѐ што се наоѓа во нив“ (Дела 4:24). Неговиот Син, „вештиот работник“ (NW), бил застапник преку кого Јехова ги создал сите други работи (Изреки 8:30, 31; Јован 1:3; Колосјаните 1:15—17). Секако, Јехова и Исус Христос го ценат сето она што е создадено. (Спореди 1. Мојсеева 1:31.) Но, што мислиш, кој аспект од созданието им е најважен — предметите или луѓето? Во улога на персонифицирана мудрост, Исус наведува: „Радоста [Наклоноста, NW] моја беше со синовите човечки“, или како што тоа го изразува преводот на Вилијам Ф. Бек, Исус „им се восхитувал на човечките суштества“.
3. Кое пророштво го изрекол Јехова преку Агеј?
3 Без сомнение, Јехова високо ги вреднува луѓето. Еден показател за тоа се наоѓа во пророчките зборови што ги кажал тој во 520 пр. н. е. преку својот пророк Агеј. Јехова изјавил: „Јас ќе ги потресам сите нации, и мора да влезат пожелните работи од сите нации; и ќе го исполнам овој дом со слава . . . Славата на последниов дом ќе биде поголема од онаа на претходниот“ (Агеј 2:7, 9, NW).
4, 5. а) Зошто не би било разумно да заклучиме дека изразот ‚пожелни работи‘ укажува на материјалниот раскош? б) Како ти би ги дефинирал „пожелните работи“, и зошто?
4 Кои ‚пожелни работи‘ ќе го исполнат Јеховиниот дом и ќе му донесат слава која е без преседан? Раскошен намештај и накитени декорации? Злато, сребро и скапоцени камења? Тешко дека ова би изгледало разумно. Сети се, поранешниот храм, кој бил свечено отворен околу пет века пред тоа, бил здание со вредност од повеќе милијарди долари!a Секако, Јехова не очекувал храмот кој го изградила оваа релативно мала група Евреи, повратници во татковината, да го надмине Соломоновиот храм во материјалниот раскош!
5 Тогаш, што се „пожелните работи“ кои ќе го исполнат Јеховиниот дом? Јасно, тоа мора да се луѓе. Впрочем, она што го радува Јеховиното срце не се среброто и златото, туку луѓето кои му служат од љубов (Изреки 27:11; 1. Коринтјаните 10:26). Да, Јехова длабоко ги цени сите мажи, жени и деца кои го обожаваат на прифатлив начин (Јован 4:23, 24). Тоа се „пожелните работи“ и за Јехова тие се многу поскапоцени отколку сите украси со кои бил разубавен Соломоновиот храм.
6. За која цел служел Божјиот древен храм?
6 И покрај непопустливото противење, храмот бил довршен во 515 пр. н. е. До времето на Исусовата жртва, храмот во Ерусалим останал центар на чистото обожавање за многу „пожелни работи“ кои се состоеле од Евреи и нееврејски прозелити. Но, храмот претставувал нешто далеку повеличествено, како што ќе видиме понатаму.
Исполнување во првиот век
7. а) Што навестувал Божјиот древен храм во Ерусалим? б) Опиши ги постапките на првосвештеникот на Денот на искупување.
7 Храмот во Ерусалим навестувал едно поголемо уредување за обожавање. Тоа е Божјиот духовен храм, кој го воспоставил Јехова во 29 н. е. каде Првосвештеник е Исус (Евреите 5:4—10; 9:11, 12). Разгледај една паралела меѓу должностите на првосвештеникот во Израел и постапките на Исус. Секоја година на Денот на искупување, првосвештеникот пристапувал до олтарот во храмскиот двор и принесувал бик за да ги искупи гревовите на свештениците. После тоа, влегувал во храмот со крвта на бикот, поминувал низ вратата која ги одвојувала дворот и Светињата, а потоа низ завесата кој ги одвојувала Светињата и Најсветата светиња. Додека бил во Светињата, првосвештеникот го попрскувал ковчегот на заветот со крвта. Потоа, следејќи ја истата процедура, принесувал козел за искупување за 12-те несвештенички племиња на Израел (3. Мојсеева 16:5—15). Како ова придржување е поврзано со Божјиот духовен храм?
8. а) Во која смисла Исус бил принесен почнувајќи во 29 н. е.? б) Каков посебен однос уживал Исус со Јехова во текот на својата служба на Земјата?
8 Всушност, Исус бил принесен на олтарот на Божјата волја кога се крстил и бил помазан од Божјиот свет дух во 29 н. е. (Лука 3:21, 22). Да, овој настан за Исус го означил почетокот на еден пожртвуван пат кој траел три и пол години (Евреите 10:5—10). Во текот на тој период Исус уживал однос со Бог како резултат на тоа што бил роден со дух. Другите луѓе не можеле целосно да ја сфатат оваа единствена положба која ја заземал Исус пред својот небесен Татко. Тоа било како некоја завеса да ги блокирала нивните очи на проникливост, исто како што завесата ја штитела Светињата од погледот на оние кои биле во дворот во табернакулот (2. Мојсеева 40:28).
9. Зошто Исус не можел да влезе во небото како човек, и како била решена таа ситуација?
9 И покрај тоа што бил духовно помазан Син Божји, човекот Исус не можел да постигне живот на небото. Зошто? Бидејќи телото и крвта не можат да го наследат Божјето небесно Царство (1. Коринтјаните 15:44, 50). Бидејќи Исусовото човечко тело било бариера, тоа било добро симболизирано со завесата која ги одвојувала Светињата и Најсветата светиња во Божјиот древен храм (Евреите 10:20). Но, три дена после својата смрт, Исус бил воскреснат од Бог како дух (1. Петрово 3:18). Тогаш можел да влезе во Најсветото одделение од Божјиот духовен храм — во самото небо. И токму тоа се случило. Павле пишува: „Христос влезе не во ракотворно светилиште [очигледно укажувајќи на Најсветата светиња], кое е само образ на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас“ (Евреите 9:24).
10. Што сторил Исус откако се вратил на небото?
10 На небото Исус ‚попрскал со крвта‘ од својата жртва на тој начин што му ја претставил на Јехова откупителната вредност на својата крв. Сепак, Исус сторил и повеќе од тоа. Кратко пред да умре, на своите следбеници им рекол: „Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14:2, 3). Со тоа што добил влез во Најсветата светиња, или на небото, Исус го отворил патот за да го следат и другите (Евреите 6:19, 20). Тие поединци, кои ќе бројат 144.000, ќе служат како потсвештеници во Божјето духовно храмско уредување (Откровение 7:4; 14:1; 20:6). Исто како што првосвештеникот во Израел прво ја носел крвта од бикот во Најсветата светиња за да ги искупи гревовите на свештениците, така и вредноста на Исусовата пролеана крв најпрвин била применета на овие 144.000 потсвештеници.b
Современи ‚пожелни работи‘
11. Во чија корист принесувал козел првосвештеникот во Израел, и што навестувало тоа?
11 Изгледа дека општото собирање на помазаниците завршило до 1935 година.c Но, Јехова не завршил со прославувањето на својот дом. Не, ‚пожелните работи‘ допрва треба да дојдат во него. Запомни дека првосвештеникот во Израел принесувал две животни — бик за гревовите на свештениците и козел за гревовите на несвештеничките племиња. Со оглед на тоа што свештениците ги претставуваат помазаниците кои ќе бидат со Исус во небесното Царство, тогаш кого го претставуваат несвештеничките племиња? Одговорот се наоѓа во Исусовите зборови запишани во Јован 10:16: „И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир“. Според тоа, од Исусовата пролеана крв извлекуваат корист две групи луѓе — прво, оние христијани чија надеж е да владеат со Исус на небото и второ, оние кои со нетрпение го очекуваат вечниот живот на рајската Земја. Очигледно, вторава група е претставена со ‚пожелните работи‘ од пророштвото на Агеј (Михеј 4:1, 2; 1. Јованово 2:1, 2).
12. Како многу ‚пожелни работи‘ се привлечени кон Божјиот дом денес?
12 Овие ‚пожелни работи‘ сѐ уште го полнат Јеховиниот дом. Во изминативе години беа симнати ограничувањата во Источна Европа, во делови од Африка и во други земји, а тоа овозможи добрата вест за Божјето воспоставено Царство да цвета во некои досега недопрени подрачја. Како што пожелните доаѓаат во Божјето храмско уредување, тие од своја страна се стремат и понатаму да прават ученици, во послушност на Исусовата заповед (Матеј 28:19, 20). Додека го прават тоа, доаѓаат во контакт со многу поединци, млади и стари, кои имаат потенцијал да станат ‚пожелни работи‘ кои ќе го слават Јеховиниот дом. Разгледај само неколку примери како се случува тоа.
13. Како девојчето од Боливија ја покажало својата ревност во ширење на пораката за Царството?
13 Едно петгодишно девојче од Боливија, воспитано од родители Сведоци, побарало дозвола од својата учителка да отсуствува од училиштето во седмицата кога требало да има посета од покраинскиот надгледник. Зошто? Тоа сакало да учествува во службата во текот на целата оваа седмица на посебна активност. Ова ги изненадило родителите, но биле среќни што тоа имало таков убав став. Сега девојчето води пет домашни библиски студии, а некои од овие студенти присуствуваат на христијанските состаноци. Дури ја довела и учителката во Салата на Царството. Можеби со текот на времето, некои од нејзините библиски студенти ќе се покажат како ‚пожелни работи‘ кои ќе го слават Јеховиниот дом.
14. Како била наградена истрајноста на една сестра во Кореја во случајот со навидум незаинтересирано лице?
14 Додека чекала на железничка станица, една христијанка од Кореја му пристапила на еден студент кој слушал музика на слушалки. „Дали припаѓате на некоја религија?“ — го прашала таа. „Не сум заинтересиран за ниедна религија“, одговорил студентот. Тоа не ја одвратило сестрата. „Со текот на времето“, продолжила таа, „човек можеби ќе посака да избере некоја религија. Но, ако нема познавање за религијата, би можел да избере погрешна.“ Лицето на студентот се променило и тој почнал да ја слуша сестрата со интерес. Таа му ја понудила книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? и му рекла дека оваа публикација ќе му биде од голема помош кога ќе дојде време да си избере религија. Тој радо ја зел книгата. Следната седмица почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и сега присуствува на сите собраниски состаноци.
15. Како едно девојче од Јапонија започнува библиски студии, и како биле наградени нејзините напори?
15 Во Јапонија, 12-годишната Мегуми гледа на училиштето како на богато подрачје за проповедање и поучување. Можела да започне и многу библиски студии. Како Мегуми го прави тоа? Бидејќи ја чита Библијата или се подготвува за состаноците за време на одморот, нејзините соученици честопати ја прашуваат што прави. Некои ја прашуваат Мегуми зошто не учествува во извесни училишни активности. Мегуми одговара на нивните прашања и им кажува дека Бог има име. Ова честопати побудува интерес кај нејзините слушатели. Потоа им нуди библиска студија. Сега Мегуми води 20 студии — 18 од нив со соученици.
16. Како еден брат од Камерун успеал да започне библиски студии со некои од групата исмејувачи?
16 Една група од осум мажи во Камерун кои работеле на градилиште повикале еден брат кој им нудел библиска литература на минувачите. Сакајќи да го исмејуваат братот, тие го прашале зошто не верува во тројство, пеколен оган или во бесмртност на душата. Користејќи ја Библијата, нашиот брат им одговорил на прашањата. Како резултат на тоа, тројца од мажите прифатиле библиска студија. Едниот од нив, Даниел, почнал да присуствува на состаноците, па дури ги уништил и сите работи што ги поседувал а биле поврзани со спиритизам (Откровение 21:8). За помалку од една година се крстил.
17. Како некои браќа од Ел Салвадор употребиле остроумност за да му проповедаат на еден човек кој во почетокот не сакал да слуша за пораката за Царството?
17 Еден човек од Ел Салвадор го врзувал своето опасно куче пред вратата секогаш кога во близина ќе видел Јеховини сведоци. Човекот чекал Сведоците да си заминат, и потоа го враќал кучето во куќата. Браќата никогаш не можеле да разговараат со тој човек. Затоа, еден ден решиле да се обидат со поинаков пристап. Знаејќи дека човекот би можел да чуе што зборуваат, решиле да му проповедаат на кучето. Дошле до куќата, го поздравиле кучето и му рекле дека им е драго што имаат прилика да разговараат со него. Му зборувале за времето кога на Земјата ќе има рај, кога никој нема да се лути — да, кога дури и животните ќе бидат мирољубиви. Потоа, пристојно се збогувале со кучето и си тргнале по патот. На нивно големо изненадување, човекот излегол од куќата и им се извинил што никогаш не им дал на Сведоците прилика да разговараат со него. Зел списанија и била започната библиска студија. Сега овој човек е наш брат — една од „пожелните работи“.
„Не плашете се“
18. Со какви предизвици се соочуваат многу христијани, но како Јехова гледа на своите обожаватели?
18 Дали имаш удел во животоважното дело на проповедање на Царството и правење ученици? Ако да, ти навистина си привилегиран. Секако, преку ова дело Јехова ги привлекува „пожелните работи“ во својот дом (Јован 6:44). Точно, повремено можеби ќе бидеш малку уморен или обесхрабрен. Понекогаш некои — па дури и верни Јеховини слуги — се борат со чувства на безвредност. Но, не се предавај! Јехова го гледа секој свој обожавател како пожелен, и е длабоко заинтересиран за твоето спасение (2. Петрово 3:9).
19. Кое охрабрување го дал Јехова преку Агеј, и како овие зборови можат да бидат извор на сила за нас?
19 Кога ќе се почувствуваме обесхрабрени, било поради противење или поради некои други непријатни околности, Јеховините зборови до еврејските повратници можат да ни бидат извор на сила. Во Агеј 2:4—6 читаме: „,Но охрабри се сега, Зоровавеле, — вели Господ — ободри се, Исусе, сине Јоседеков, првосвештенику, охрабрете се сите народи овде — вели Господ — и работете, зашто Јас сум со вас‘, вели Господ Саваот. ‚Мојот завет, што го склучив со вас, кога излеговте од Египет, и Мојот Дух ќе биде меѓу вас: не плашете се!‘ Оти вака вели Господ Саваот — уште еднаш — и ете, скоро ќе се случи тоа — ќе ги затресам небото и земјата, морето и сувото“. Забележи дека Јехова не само што нѐ поттикнува да бидеме силни, туку и ни го дава средството за добивање сила. Како? Забележи ги успокојувачките зборови: „Јас сум со вас“. Колку само се зајакнува верата кога сфаќаме дека без разлика со какви препреки се соочуваме, Јехова е со нас! (Римјаните 8:31).
20. На кој начин сега Јеховиниот дом го исполнува слава која е без преседан?
20 Јехова сигурно покажал дека е со својот народ. Навистина е онака како што рекол тој преку пророкот Агеј: „Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот . . . и на ова место ќе му дадам мир“ (Агеј 2:9). Секако, најголемата слава денес може да се најде во Јеховиниот духовен храм. Па, секоја година стотици илјади луѓе се слеваат кон вистинското обожавање. Духовно тие се добро нахранети, така што дури и во овој разбрануван свет, уживаат мир кој ќе биде надминат само од оној кој ќе се доживее во Божјиот нов свет (Исаија 9:6, 7; Лука 12:42).
21. На што треба да бидеме одлучни?
21 Јеховиното потресување на нациите стои токму пред нас (Откровение 16:14, 16). Затоа, да го искористиме преостанатото време за да помогнеме да се спасат повеќе животи. Да бидеме силни и да имаме целосна доверба во Јехова. Да бидеме одлучни да продолжиме со обожавањето во неговиот величествен духовен храм, исполнувајќи го со уште повеќе ‚пожелни работи‘ сѐ додека Јехова не рече дека нашето дело е завршено.
[Фусноти]
a Сумата приложена за изградбата на Соломоновиот храм би била еквивалент на речиси 40 милијарди американски долари според сегашните вредности. Сѐ она што не било употребено во градежната работа било ставено во храмската ризница (3. Царства 7:51).
b За разлика од првосвештеникот во Израел, Исус немал гревови за кои би било потребно искупување. Меѓутоа, неговите придружни свештеници имале гревови бидејќи биле купени од грешното човештво (Откровение 5:9, 10).
Дали се сеќаваш?
• Што е поскапоцено за Јехова од материјалните работи?
• Кои две групи луѓе извлекуваат корист од Исусовата пролеана крв?
• Кои се „пожелните работи“ што треба да го исполнат Јеховиниот дом со слава?
• Кој доказ го имаме дека пророштвото на Агеј се исполнува денес?
[Графикон на страница 16]
(Види во публикацијата)
Дали го знаеш симболичното значење на Јеховиниот древен храм?
Најсвета светиња
завеса
Светиња
трем
олтар
двор
[Слика на страница 17]
Првосвештеникот принесувал бик за гревовите на свештениците и козел за гревовите на израелските несвештенички племиња
[Слика на страница 18]
Светското дело на проповедање на Царството привлекува мноштва кон Јеховиниот дом