Што знаеш за магијата?
МАГИЈА! На што те потсетува тој збор?
За многумина, таа е составен дел од суеверието и фантазијата и не треба да се сфати сериозно. За нив магијата живее само во подрачјето на мечтата — стари вештерки кои носат наметки со качулки и во котел што клокоти додаваат крилја од лилјаци, ги претвораат луѓето во жаби и додека злобно се клештат, летаат низ ноќното небо на дршки од метли.
За други, пак, магијата не е баш нешто смешно. Некои истражувачи велат дека повеќе од половина од светското население верува дека магиите се вистински и дека можат да влијаат врз животот на другите. Милиони луѓе веруваат дека магијата е зла, опасна и дека треба многу да се плашиме од неа. На пример, една книга за африканската религија вели: „Верувањето во дејствувањето и опасностите на црната магија, волшебништвото и вражањето е длабоко вкоренето во животот во Африка . . . Вештерките и маѓесниците се најомразените луѓе во својата средина. Дури и до ден-денес има места и прилики кога останатите луѓе ги претепуваат до смрт“.
Меѓутоа, во западните земји магијата попримила една нова маска на достојност за почит. Книгите, телевизијата и филмовите многу придонеле за да го намалат стравот од магијата. Аналитичарот за разонода Дејвид Дејвис забележува: „Одеднаш вештерките се помлади и попривлечни, дефинитивно попривлечни. Холивуд брзо ги забележува трендовите . . . Со тоа што ги прават вештерките попривлечни и помили, тие можат да привлечат поголема публика, вклучувајќи жени и помали деца“. Холивуд знае како секој тренд да го претвори во профитабилна понуда.
Некои велат дека магијата станала едно од најбрзо растечките духовни движења во Соединетите Држави. Сѐ поголем број луѓе во развиениот свет, инспирирани од феминистичките движења и разочарани од главните религии, бараат духовна исполнетост во различни облици на магија. Всушност, постојат толку многу облици на магија што луѓето се разидуваат дури и во однос на значењето на зборот „вештерка“. Меѓутоа, оние кои тврдат дека се вештерки честопати се поистоветуваат со Вика — која еден речник ја дефинира како „паганска природна религија чии корења се во претхристијанска западна Европа и која повторно се буди во 20 век“. Според тоа, многумина укажуваат на себеси како на пагани или неопагани.
Низ историјата, вештерките биле намразени, прогонувани и измачувани, па дури и убивани. Не е ни толку чудно тоа што оние кои денес се занимаваат со магија се желни да го подобрат својот имиџ. Во една анкета, десетици вештерки биле запрашани каква порака најмногу сакаат да ѝ пренесат на јавноста. Нивниот одговор, кој го сумирала истражувачката Марго Адлер, бил: „Ние не сме зли. Ние не го обожаваме Ѓаволот. Не им нанесуваме штета на луѓето ниту, пак, ги заведуваме. Не сме опасни. Ние сме обични луѓе како и вие. Си имаме семејства, работа, надежи и сништа. Ние не сме култ. Не сме чудни . . . Не треба да се плашите од нас . . . Ние сме многу послични на вас отколку што мислите“.
Оваа порака станува сѐ поприфатена. Но, дали ова значи дека не постои причина да бидеме загрижени во врска со практикувањето магија? Да го разгледаме тоа прашање во следната статија.