ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w00 1/4 стр. 17-22
  • Борците против Бог нема да победат!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Борците против Бог нема да победат!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Јеховините слуги изложени на напад
  • Напред со делото на проповедање!
  • Бараат изговор
  • Прогонети, но бескомпромисни
  • Ниедно оружје направено против нас нема да има успех
  • Биди храбар како Еремија
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • „Не можам да молчам“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • Кому си му послушен ти — на Бог или на луѓето?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Да одиме напред кон конечна победа!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
w00 1/4 стр. 17-22

Борците против Бог нема да победат!

„Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат“ (ЈЕРЕМИЈА 1:19).

1. Каков налог добил Јеремија, и колку долго продолжило неговото дело?

ЈЕХОВА му дал налог на Јеремија да биде пророк на нациите (Јеремија 1:5). Ова се случило за време на владеењето на добриот јудејски цар Јосија. Службата на Јеремија како пророк продолжила низ бурниот период пред Вавилонците да го освојат Ерусалим па сѐ до одведувањето на Божјиот народ во изгнанство (Јеремија 1:1—3).

2. Како Јехова го зајакнал Јеремија, и што значело војувањето против тој пророк?

2 Судските пораки што требало да ги објави Јеремија, сигурно ќе поттикнеле противење. Затоа Бог го зајакнал за она што претстоело (Јеремија 1:8—10). На пример, духот на пророкот бил зацврстен со зборовите: „Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам — вели Господ“ (Јеремија 1:19). Војувањето против Јеремија би значело војување против Бог. Денес Јехова има една група слуги која е како пророк чие дело е слично на делото на Јеремија. Исто како него, тие смело ја објавуваат Божјата пророчка реч. А оваа порака влијае врз сите поединци и нации на добро или на лошо, зависно од тоа како реагираат на неа. Како и во времето на Јеремија, постојат и такви кои војуваат против Бог на тој начин што им се противат на неговите слуги и на нивните активности доделени од Бог.

Јеховините слуги изложени на напад

3. Зошто Јеховините слуги се изложени на напад?

3 Јеховиниот народ е изложен на напад уште од почетокот на 20 век. Во многу земји луѓе со злобна намера настојувале да го спречат — да, да го замолчат — објавувањето на добрата вест за Божјето Царство. Тие се подбуцнувани од нашиот главен Непријател, Ѓаволот, кој „обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Откако во 1914 завршиле „одредените времиња на нациите“ (NW), Бог го поставил својот Син како нов Цар на Земјата со заповедта: „Владеј меѓу непријателите свои“ (Лука 21:24; Псалм 109:2). Применувајќи ја својата моќ, Христос го исфрлил Сатана од небото и го ограничил во близина на Земјата. Знаејќи дека има кратко време, Ѓаволот го излева својот бес врз помазаните христијани и нивните придружници (Откровение 12:9, 17). Какви биле резултатите од честите напади на овие борци против Бог?

4. Какви испити доживеал Јеховиниот народ во периодот на I светска војна, но што се случило во 1919 и 1922?

4 Во текот на I светска војна помазаните Јеховини слуги се соочиле со многу испити на верата. Биле исмејувани и клеветени, гонети од толпи и тепани. Како што претскажал Исус, станале „мразени од сите народи“ (Матеј 24:9). Среде воената хистерија, непријателите на Божјето Царство употребиле една тактика која била употребена и против Исус Христос. Лажно го жигосале Јеховиниот народ како бунтовнички, и удриле во самото јадро на Божјата видлива организација. Во мај 1918, беа издадени федерални судски налози за апсење на претседателот на Watch Tower Society, Џ. Ф. Ратерфорд, и на седуммина негови најблиски соработници. Овие осуммина мажи добија строги затворски казни и беа испратени во федералниот затвор во Атланта (Џорџија, САД). После девет месеци беа ослободени. Во мај 1919, окружниот апелационен суд донесе одлука дека судењето на оптужените не било непристрасно и затоа пресудата беше поништена. Предметот беше вратен на ново судење, но подоцна владата го повлече судското обвинение, а брат Ратерфорд и неговите соработници беа целосно ослободени од вина. Тие повторно започнаа со своите активности, а конгресите кои во 1919 и во 1922 се одржаа во Седар Поинт (Охајо) му дадоа нов поттик на делото на проповедање.

5. Како поминале Јеховините сведоци во нацистичка Германија?

5 Во 1930-тите се појавија диктатури, а Германија, Италија и Јапонија се обединија за да ги формираат силите на Оската. Во почетокот на таа деценија, против Божјиот народ започна варварско прогонство, особено во нацистичка Германија. Беа наметнати забрани. Домовите беа претресувани, а станарите апсени. Илјадници беа фрлени во концентрационите логори бидејќи одбиваа да се откажат од својата вера. Целта на борбата против Бог и неговиот народ беше да се збришат Јеховините сведоци од тоа тоталитарно подрачје.a Кога Сведоците се појавуваа на судовите во Германија за да се борат за своите права, Министерството за правда на Рајхот подготви една детална изјава за да се осигура дека тие нема да успеат. Таму стоеше: „Судовите не смеат да попуштат чисто заради наводните законски формалности; туку мора да настојуваат и да изнајдат начини и покрај формалните тешкотии, да ги исполнат своите возвишени должности“. Ова значеше дека не може да се добие правда. Нацистите останаа на тоа дека активностите на Јеховините сведоци се штетни, или непријателски, и дека ‚ја вознемируваат национал-социјалистичката структура‘.

6. Какви обиди биле направени за да се запре нашето дело во текот на II светска војна и после неа?

6 Во текот на II светска војна, забрани и ограничувања му беа наметнати на Божјиот народ во Австралија, Канада и во други земји кои се поистоветуваа со Британскиот Комонвелт — во Африка, Азија и на островите на Карибите и на Пацификот. Во Соединетите Држави, влијателните непријатели и дезинформираниот народ создаваа „неправда со помош на законот“ (Псалм 94:20, Душан Константинов). Но, на судовите беа добиени споровите во врска со поздравувањето на знамето и во врска со општинските налози со кои се забрануваше проповедање од куќа до куќа, а поволните одлуки во Соединетите Држави изградија еден бастион на поддршка на слободата на обожавање. Благодарение на Јехова, напорите на непријателите не победија. Со завршувањето на војната во Европа, забраните беа укинати. Илјадници Сведоци заробени во концентрационите логори беа ослободени, но борбата сѐ уште не беше завршена. Веднаш по II светска војна започна Студената војна. Источноевропските нации го подложија Јеховиниот народ на понатамошен притисок. Беше преземена службена акција да се спречат и запрат нашите активности на сведочење, да се прекине дотокот на библиска литература, да се укинат нашите јавни собири. Мнозина беа затворени или испратени во работнички логори.

Напред со делото на проповедање!

7. Што доживеале Јеховините сведоци во Полска, Русија и во други земји последниве години?

7 Како што изминуваа децениите така се отвораше и делото на проповедање на Царството. Во Полска, иако тогаш сѐ уште под комунистичка власт, во 1982 беше дозволено да се одржат еднодневни конгреси. Во 1985 таму се одржаа меѓународни конгреси. Во 1989 следеа огромни меѓународни конгреси, на кои имаше илјадници присутни од Русија и Украина. Истата година Унгарија и Полска им дадоа законско признание на Јеховините сведоци. Во есента 1989 падна Берлинскиот ѕид. После неколку месеци добивме законско признание во Источна Германија, а кратко потоа во Берлин се одржа меѓународен конгрес. А во почетокот на последната деценија од 20 век почнаа да се вложуваат напори да се оствари личен контакт со браќата во Русија. Беше контактирано со некои службеници во Москва и, во 1991, Јеховините сведоци беа законски регистрирани. Оттогаш делото во Русија и во републиките кои беа дел од поранешниот Советски Сојуз извонредно расте.

8. Што се случуваше со Јеховиниот народ во 45-те години по завршувањето на II светска војна?

8 Иако прогонството во некои подрачја престана, во други се засили. Во 45-те години после завршувањето на Втората светска војна, многу земји одбија да им дадат законско признание на Јеховините сведоци. Освен тоа, беа наметнати забрани врз нас или врз нашите активности во 23 земји во Африка, 9 во Азија, 8 во Европа, 3 во Латинска Америка и 4 во некои островски нации.

9. Што претрпеле Јеховините слуги во Малави?

9 Почнувајќи од 1967 Јеховините сведоци во Малави доживеаја дивјачко прогонство. Поради својот неутрален став како вистински христијани, нашите тамошни соверници не купуваа книшки од политичките партии (Јован 17:16). После еден состанок на Конгресната партија на Малави во 1972, дојде до обновување на бруталноста. Браќата беа истерани од своите домови и отпуштени од работа. Илјадници ја напуштија земјата за да избегнат да бидат убиени. Но, дали борците против Бог и неговиот народ победија? Никако! Со пресвртот на околностите, во 1999 Малави извести најголем број од 43.767 објавители на Царството и над 120.000 присутни на обласните конгреси. Во главниот град беше изградена нова канцеларија на подружницата.

Бараат изговор

10. Како и во случајот со Даниел, што прават денешните противници на Божјиот народ?

10 Некои отпадници, свештеници и други не можат да ја поднесат нашата порака од Божјата реч. Под притисок од религиозните кругови на христијанскиот свет, противниците бараат таканаречен законски пат да ја оправдаат својата борба против нас. Какви тактики понекогаш се користат? Па, што сториле заговорниците кога го нападнале пророкот Даниел? Во Даниил 6:4, 5 читаме: „Тогаш кнезовите и сатрапите смислија предлог да го обвинат Даниила во управувањето со царството, но никако не можеа да најдат повод [изговор, NW], ниту пак, грешка, бидејќи тој беше верен и немаше никаква погрешка ни вина. Но тие луѓе рекоа: ‚Нема да најдеме причина [изговор, NW] против Даниила, ако не најдеме против него нешто во Законот на неговиот Бог‘“. Денес противниците на сличен начин бараат изговор. Тие креваат врева околу ‚опасните култови‘ и се обидуваат да им ја прикачат оваа етикета на Јеховините сведоци. Со погрешно прикажување, инсинуации и лаги тие го напаѓаат нашето обожавање и нашата приврзаност кон побожните начела.

11. Какви лажни тврдења изнесуваат некои противници на Јеховините сведоци?

11 Во некои земји, религиозните и политичките елементи одбиваат да признаат дека практикуваме ‚облик на обожавање кој е чист и неизвалкан од гледна точка на нашиот Бог‘ (Јаков 1:27, NW). Иако нашите христијански активности се вршат во 234 земји, противниците тврдат дека ние не сме „позната религија“. Кратко пред меѓународниот конгрес во 1998, еден атински весник го цитираше грчкото православно свештенство кое тврдело дека „[Јеховините сведоци] не се ‚позната религија‘“ и покрај тоа што одлуката на Европскиот суд за човекови права гласеше токму спротивно. Неколку дена подоцна, друг весник од истиот град цитираше еден црковен претставник кој рече: „[Јеховините сведоци] не можат да бидат ‚христијанско собрание‘ бидејќи немаат ништо заедничко со христијанската вера во личноста на Исус Христос“. Ова зачудува, зашто ниедна друга религиозна група не става толкав нагласок на тоа да се имитира Исус како Јеховините сведоци!

12. При водењето на нашата духовна борба, што мора да правиме?

12 Ние настојуваме да ја браниме и да ја утврдуваме добрата вест со законски средства (Филипјаните 1:7, NW). Освен тоа, ние нема да ја компромитираме или разводнуваме нашата цврста приврзаност кон Божјите праведни мерила (Тит 2:10, 12). Слично на Јеремија, ние ‚ги препашуваме бедрата свои и им кажуваме сѐ што Јехова ни заповеда‘, не дозволувајќи борците против Бог да нѐ поразат со некаков страв (Јеремија 1:17, 18). Јеховината Света реч јасно го означува исправниот правец кој треба да го заземеме. Никогаш не сакаме да се приклониме кон слабата „телесна мишка“ или да бараме „засолниште под сенката на Египет“ т.е. во овој свет (2. Летописи 32:8; Исаија 30:3; 31:1—3). При водењето на духовната борба, мораме и понатаму да имаме доверба во Јехова со сето наше срце, да му дозволиме тој да управува со нашите чекори и да не се потпираме на сопственото разбирање (Изреки 3:5—7). Ако немаме Јеховина поддршка и ако самиот тој не нѐ води, целиот наш труд ќе биде ‚залуден‘ (Псалм 126:1).

Прогонети, но бескомпромисни

13. Зошто може да се каже дека сатанскиот напад врз Исус промашил?

13 Најистакнат пример за бескомпромисна оддаденост на Јехова е Исус кој бил лажно обвинет за бунт и за нарушување на воспоставениот поредок. Откако го преиспитал случајот на Исус, Пилат бил спремен да го пушти. Но мноштвото, подбуцнато од верските водачи, викало Исус да биде прикован, иако бил невин. Барале наместо него да биде ослободен Варава — човек затворен заради бунт и убиство! Пилат повторно пробал да ги одврати неразумните противници, но на крај попуштил пред општата врева (Лука 23:2, 5, 14, 18—25). Иако Исус умрел на столб, гнасниот сатански напад врз невиниот Син Божји во потполност промашил, зашто Јехова го воскреснал Исус и го возвишил од Својата десна страна. И на ден Пентекост 33 н.е., преку прославениот Исус, бил излеан светиот дух со што било основано христијанското собрание — „новото создание“ (2. Коринтјаните 5:17; Дела 2:1—4).

14. Каков бил резултатот кога еврејскиот религиозен елемент дејствувал против Исусовите следбеници?

14 Кратко потоа, религиозниот елемент им се заканувал и на апостолите, но тие Христови следбеници не престанале да зборуваат за работите кои ги виделе и чуле. Исусовите ученици се молеле: „А сега, Јехова, обрни внимание на нивните закани, и дај им на своите слуги и понатаму со сета смелост да ја говорат твојата реч“ (Дела 4:29, NW). Јехова одговорил на нивното преколнување така што ги исполнил со свет дух и ги зајакнал да продолжат со своето бестрашно објавување. Набрзо на апостолите повторно им било наредено да престанат со проповедање, но Петар и другите апостоли одговориле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел, отколку луѓето“ (Дела 5:29, NW). Заканите, апсењата и камшикувањето не можеле да ги одвратат од тоа да ја шират својата активност за Царството.

15. Кој бил Гамалиил, и каков совет им дал на религиозните противници на Исусовите следбеници?

15 Како реагирале религиозните владетели? „Тие се разлутија и мислеа да ги убијат [апостолите]“. Меѓутоа, бил присутен еден учител на Законот по име Гамалиил, фарисеј, а тој бил почитуван од целиот народ. Изведувајќи ги накратко апостолите надвор од салата на Синедрионот, тој ги советувал тие религиозни противници: „Луѓе Израилци, помислете си добро што ќе правите со овие луѓе! . . И сега ви велам — оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога!“ (Дела 5:33—39).

Ниедно оружје направено против нас нема да има успех

16. Како со свои зборови ќе ја изразиш гаранцијата што му ја дава Јехова на својот народ?

16 Советот на Гамалиил бил разумен, и ние цениме кога некои луѓе отворено зборуваат во наша корист. Исто така, признаваме дека слободата на обожавање се поддржува преку судските одлуки на справедливите судии. Секако, нашата приврзаност кон Божјата реч не му е угодна на свештенството на христијанскиот свет и на другите водачи на Големиот Вавилон — светското царство на лажната религија (Откровение 18:1—3). Иако тие и оние кои се под нивно влијание се борат против нас, ние ја имаме оваа гаранција: „Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех; и секој јазик, кој би се подигнал против тебе на суд, — ти ќе го обвиниш. Тоа е наследство на слугите Господови, нивно оправдание од Мене, вели Господ“ (Исаија 54:17).

17. Иако противниците војуваат против нас, зошто ние сме храбри?

17 Нашите непријатели војуваат против нас без причина, но ние не се обесхрабруваме (Псалм 108:1—3). Никогаш нема да дозволиме оние кои ја мразат нашата библиска порака да нѐ заплашат, па да ја искомпромитираме нашата вера. Иако очекуваме нашата духовна борба да се засили, го знаеме исходот. Слично на Јеремија, ќе го доживееме исполнувањето на пророчките зборови: „,Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам‘ — вели Господ“ (Јеремија 1:19). Да, знаеме дека борците против Бог нема да победат!

[Фуснота]

a Види ја статијата „Верни и бестрашни наспроти нацистичкото угнетување“, страници 24—28.

Како би одговорил?

• Зошто Јеховините слуги се изложени на напад?

• На кои начини противниците војуваат против Јеховиниот народ?

• Зошто можеме да бидеме сигурни дека борците против Бог нема да победат?

[Слика на страница 17]

Јеремија бил уверен дека Јехова ќе биде со него

[Слика на страница 18]

Преживеани од концентрациони логори

[Слика на страница 18]

Насилство од толпи против Јеховините сведоци

[Слика на страница 18]

Џ. Ф. Ратерфорд и соработниците

[Слика на страница 21]

Во случајот на Исус, борците против Бог не победиле

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели