Чуј што има да каже духот
„Ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!“ (ИСАИЈА 30:21).
1, 2. Како Јехова комуницирал со луѓето низ историјата?
ОСТРОВОТ Порторико е дом на најголемиот и најсензитивниот радиотелескоп со единечна параболична антена. Научниците со децении се надевале дека ќе добијат пораки од вонземјани користејќи го овој огромен инструмент. Но, никогаш не биле примени такви пораки. Сепак, иронично е тоа што постојат јасни пораки надвор од човечкото подрачје кои секој од нас може да ги добие во секое време — без да користи софистицирана опрема. Тие доаѓаат од еден Извор кој е далеку повозвишен од кој и да било измислен вонземјанин. Кој е Изворот на тие соопштенија, и кој ги добива? Што велат тие пораки?
2 Библискиот запис содржи неколку извештаи за прилики кога човечките уши можеле да чујат пораки од божествено потекло. Понекогаш тие пораки ги доставувале духовни суштества кои служеле како Божји гласници (1. Мојсеева 22:11, 15; Захарија 4:4, 5; Лука 1:26—28). Во три прилики се чул лично Јеховиниот глас (Матеј 3:17; 17:5; Јован 12:28, 29). Исто така, Бог зборувал преку човечки пророци, од кои многумина го запишале она што тој ги инспирирал да го кажат. Денес ја имаме Библијата, која вклучува пишан запис за многу од овие соопштенија, како и за учењата на Исус и на неговите ученици (Евреите 1:1, 2). Јехова навистина пренесува информации до своите човечки творби.
3. Која е целта на Божјите пораки, и што се очекува од нас?
3 Сите овие инспирирани пораки од Бог малку откриваат за физичкиот универзум. Тие се сосредоточуваат на поважни работи — работи кои имаат влијание врз нашиот живот сега и во иднина (Псалм 18:7—11; 1. Тимотеј 4:8). Јехова ги користи за да ја соопшти својата волја и за да ни даде водство. Тие се еден начин на кој се исполнуваат зборовите на пророк Исаија: „Ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!“ (Исаија 30:21). Јехова не нѐ присилува да го слушаме неговото ‚слово‘. Од нас зависи дали ќе го следиме Божјето водство и дали ќе одиме по неговиот пат. Од таа причина Писмото нѐ советува да ги слушаме соопштенијата од Јехова. Во книгата Откровение седумпати се појавува охрабрувањето да ‚чуеме што зборува Духот‘ (Откровение 2:7, 11, 17, 29; 3:6, 13, 22).
4. Дали е разумно во нашево време да очекуваме Бог да комуницира со нас директно од небото?
4 Денес Јехова не ни зборува директно од небесното подрачје. Дури и во библиски времиња, ваквата натприродна комуникација била редок настан, понекогаш во временски интервал од векови. Низ историјата Јехова најчесто комуницирал со својот народ на поиндиректни начини. Тоа е случај и во нашево време. Да разгледаме три начини на кои Јехова комуницира со нас денес.
‚Целото Писмо е вдахновено‘
5. Кој е главниот Јеховин инструмент за комуникација денес, и како можеме да извлечеме корист од него?
5 Главниот инструмент на комуникација меѓу Бог и луѓето е Библијата. Таа е вдахновена од Бог, и сѐ што е во неа може да се покаже корисно за нас (2. Тимотеј 3:16). Библијата изобилува со примери на вистински луѓе кои ја примениле својата слободна волја при одлучувањето дали да го слушаат Јеховиниот глас или не. Тие примери нѐ потсетуваат зошто е животоважно да слушаме што кажува Божјиот дух (1. Коринтјаните 10:11). Исто така, Библијата содржи и практична мудрост, давајќи ни совети за времињата кога ќе се соочиме со одлуки во животот. Тоа е како Бог да е зад нас, кажувајќи ни ги на уво зборовите: „Ете го патот, врвете по него!“
6. Зошто Библијата е супериорна во однос на сите други записи?
6 За да чуеме што кажува духот преку страниците на Библијата, мораме редовно да ја читаме. Библијата не е само добро напишана, популарна книга која денес им е достапна на многумина. Библијата е вдахновена од духот и ги содржи Божјите мисли. Евреите 4:12 вели: „Словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето“. Додека ја читаме Библијата, нејзината содржина продира до нашите внатрешни мисли и мотиви како меч, откривајќи до кој степен нашиот живот е доведен во склад со Божјата волја.
7. Зошто читањето на Библијата е животоважно, и според охрабрувањата што ги добиваме колку често треба да го правиме тоа?
7 „Мислите и намерите на срцето“ можат да се променат со изминувањето на времето и со искуствата во животот — пријатни и тешки. Ако не ја проучуваме постојано Божјата реч, нашите мисли, ставови и емоции повеќе нема да бидат во склад со побожните начела. Затоа Библијата нѐ опоменува: „Испитувајте се дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Коринтјаните 13:5, NW). За да продолжиме да слушаме што кажува духот, треба да внимаваме на советот секојдневно да ја читаме Библијата (Псалм 1:2).
8. Кои зборови на апостол Павле ни помагаат да се преиспитаме во поглед на читањето на Библијата?
8 Едно важно потсетување за читателите на Библијата е следново: одвој си доволно време за да го впиеш она што го читаш! Во обид да го послушаме советот да ја читаме Библијата секој ден, ние не сакаме набрзина да поминеме неколку поглавја без да ја сфатиме смислата на она што сме го прочитале. Иако редовното читање на Библијата е животоважно, нашата мотивација не треба да биде само да бидеме во чекор со распоредот; треба да имаме вистинска желба да учиме за Јехова и за неговите намери. Во тој поглед, за самоиспитување можеме да ги користиме зборовите на апостол Павле. Пишувајќи им на сохристијаните тој рекол: „Ги свиткувам колената пред Таткото, за . . . да ви даде . . . преку вашата вера Христос со љубов да престојува во вашите срца; за да бидете вкоренети и цврсто втемелени, за да можете со сите свети во потполност да сфатите умствено која е ширината и должината и висината и длабочината, и да ја спознаете љубовта Христова која го надминува спознанието, да бидете исполнети со сета полнота што ја дава Бог“ (Ефесјаните 3:14, 16—19, NW).
9. Како можеме да ја негуваме и да ја продлабочиме својата желба да учиме од Јехова?
9 Се разбира, некои од нас по природа не уживаат во читањето додека други, пак, се страсни читатели. Меѓутоа, без оглед на нашата лична склоност, можеме да ја негуваме и продлабочуваме желбата да учиме од Јехова. Апостол Петар објаснил дека треба да имаме копнеж за библиското спознание, и признал дека таа желба можеби треба да се развие. Напишал: „Како новородени деца, бидете желни [развијте копнеж, NW] за вистинско и разумно млеко, та во него да пораснете за спасение“ (1. Петрово 2:2). Самодисциплината е животоважна ако сакаме да ‚развиеме копнеж‘ за проучување на Библијата. Исто како што можеме да развиеме желба за нова храна откако сме ја пробале неколкупати, така и нашиот став кон читањето и проучувањето може да се смени на подобро ако се дисциплинираме да следиме редовна рутина.
„Храна во право време“
10. Кој го сочинува ‚верниот и разборит роб‘, и како Јехова ги користи денес?
10 Другиот канал кој го користи Јехова за да ни зборува денес го идентификувал Исус во Матеј 24:45—47 (NW). Таму тој зборувал за христијанското собрание помазано со дух — ‚верниот и разборит роб‘ наименуван да обезбедува духовна „храна во право време“ (NW). Како поединци, членовите на оваа класа се Исусовите „домашни“. Тие, заедно со ‚големото мноштво‘ на „други овци“ добиваат охрабрување и водство (Откровение 7:9; Јован 10:16). Голем дел од оваа храна во право време доаѓа во облик на печатени публикации, како што се Стражарска кула, Разбудете се! и други. Додатна духовна храна се дели во облик на предавања и прикази на конгресите, собирите и на собраниските состаноци.
11. Како покажуваме дека сме приемливи за она што духот има да го каже преку ‚верниот и разборит роб‘?
11 Информациите кои ги обезбедува ‚верниот и разборит роб‘ (NW) се наменети да ја зајакнат нашата вера и да ја школуваат нашата моќ на согледување (Евреите 5:14, NW). Таквиот совет по природа може да биде општ за да му дозволи на секого лично да го примени. Одвреме навреме добиваме и совети кои се занимаваат со конкретни аспекти од нашето однесување. Каков треба да биде нашиот став ако навистина слушаме што кажува духот преку класата на робот? Апостол Павле одговара: „Бидете им послушни на оние кои предводат меѓу вас и бидете подложни“ (Евреите 13:17, NW). Секако, сите кои се вклучени во овој процес се несовршени луѓе. Сепак, Јехова се радува да ги користи своите човечки слуги, иако несовршени, за да нѐ води во ова време на крајот.
Водство од нашата совест
12, 13. а) Кој друг извор на водство ни го дал Јехова? б) Какво позитивно влијание може да има совеста дури и врз луѓето кои немаат точно спознание за Божјата реч?
12 Јехова ни дал уште еден извор на водство — нашата совест. Тој го создал човекот со внатрешно чувство за исправно и погрешно. Тоа е дел од нашата природа. Во своето писмо до римјаните, апостол Павле објаснил: „Зашто незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сѐ по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон; поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат“ (Римјаните 2:14, 15).
13 Многумина кои не го познаваат Јехова можат до извесна мера да ги доведат своите мисли и постапки во склад со побожните начела за исправно и погрешно. Тоа е како да слушаат некој тивок внатрешен глас кој ги води во исправна насока. Ако тоа е случај со оние кои немаат точно спознание за Божјата реч, колку повеќе внатрешниот глас треба да зборува кај вистинските христијани! Секако, христијанската совест која се прочистува со точно спознание на Божјата реч и која дејствува во склад со Јеховиниот свет дух може да пружи доверливо водство (Римјаните 9:1).
14. Како може библиски школуваната совест да ни помогне да го следиме водството на Јеховиниот дух?
14 Добрата совест, школувана според Библијата, може да нѐ потсети на патот по кој духот сака да одиме. Може да има прилики кога ниту Писмото ниту нашите публикации темелени на Библијата не коментираат конкретно за одредена ситуација во која можеби ќе се најдеме. Сепак, нашата совест може да огласи предупредување кое ни дава сигнал против потенцијално штетниот правец. Во такви случаи, игнорирањето на она што ни го налага совеста всушност може да значи игнорирање на она што го вели Јеховиниот дух. Од друга страна, пак, учејќи да се потпираме на својата школувана христијанска совест можеме да направиме добар избор дури и кога не е изнесен написмено некој конкретен правец. Битно е да задржиме на ум дека кога не постои некое божествено дадено начело, правило или закон, би било неисправно на сохристијаните да им ги наметнуваме судовите на нашата сопствена совест за работи кои се сосема лични (Римјаните 14:1—4; Галатјаните 6:5).
15, 16. Што може да предизвика нашата совест погрешно да функционира, и како можеме да го спречиме тоа?
15 Чистата, библиски школувана совест е добар дар од Бог (Јаков 1:17). Но, мораме да го заштитиме овој дар од расипани влијанија за да функционира исправно како морално сигурносна направа. Локалните обичаи, традиции и навики кои се во судир со Божјите мерила можат, ако ги следиме, да предизвикаат нашата совест погрешно да функционира и да пропушта да нѐ боцка во исправна насока. Може да се покажеме неспособни исправно да ги просудуваме работите, па дури и да се измамиме да поверуваме дека некое лошо дело е всушност добро. (Спореди Јован 16:2.)
16 Ако продолжиме да ги игнорираме предупредувањата на нашата совест, нејзиниот глас ќе станува послаб и послаб сѐ додека не станеме морално бесчувствителни или неосетливи. Псалмистот зборувал за таквите луѓе кога напишал: „Срцето им стана неосетливо како сало“ (Псалм 119:70, NW). Некои кои ги игнорираат бодежите на својата совест ја губат способноста исправно да размислуваат. Тие повеќе не се водени од побожните начела и не можат да донесуваат исправни одлуки. За да избегнеме таква ситуација, треба да бидеме осетливи за водството на нашата христијанска совест дури и кога спорните прашања за кои станува збор изгледаат ситни (Лука 16:10).
Среќни се оние кои слушаат и се послушни
17. Како ќе бидеме благословени додека го слушаме ‚словото зад нас‘ и внимаваме на нашата библиски школувана совест?
17 Додека го воспоставуваме образецот на слушање на ‚словото зад нас‘ — кое се дава преку Писмото и верниот и разборит роб — и додека внимаваме на потсетувањата од нашата библиски школувана совест, Јехова ќе нѐ благослови со својот дух. Светиот дух пак, од своја страна, ќе ја зголеми нашата способност да го примаме и да го разбереме она што ни го кажува Јехова.
18, 19. Како може Јеховиното водство да ни користи и во службата и во приватниот живот?
18 Исто така, Јеховиниот дух ќе нѐ зајакне да се соочиме со тешките ситуации со мудрост и храброст. Како и во случајот на апостолите, Божјиот дух може да ја стимулира нашата умствена моќ и да ни помогне секогаш да постапуваме и да зборуваме во склад со библиските начела (Матеј 10:18—20; Јован 14:26; Дела 4:5—8, 13, 31; 15:28). Комбинацијата од Јеховиниот дух и нашите лични напори ќе ни донесе успех кога носиме важни одлуки во животот, и ќе ни даде храброст да останеме при тие одлуки до крај. На пример, можеби размислуваш да го преиначиш својот животен стил за да си создадеш повеќе време за духовните работи. Или можеби се соочуваш со некој важен избор кој може да ти го смени животот како, на пример, избор на брачен партнер, проценување на некоја понуда за работа или купување куќа. Наместо да дозволиме нашите човечки емоции да бидат единствениот фактор при донесувањето на одлуките, треба да слушаме што има да ни каже Божјиот дух и да дејствуваме во склад со неговото водство.
19 Ние навистина ги цениме љубезните потсетувања и советите кои ги добиваме од сохристијаните, вклучувајќи ги и старешините. Меѓутоа, не треба секогаш да чекаме другите да ни го свртат вниманието кон некоја работа. Ако знаеме кој е мудриот правец што треба да го следиме и какви преиначувања треба да направиме во својот став и однесување за да му угодиме на Бог, тогаш да дејствуваме. Исус рекол: „Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате“ (Јован 13:17).
20. Каков благослов добиваат оние кои го слушаат ‚словото зад нив‘?
20 Јасно, за да знаат како да му угодат на Бог, христијаните не треба да слушаат дословен глас од небото ниту, пак, треба да ги посети некој ангел. Тие се благословени со тоа што ја имаат Божјата пишана реч и љубезното водство преку неговата помазана класа на Земјата. Ако грижливо внимаваат на ова ‚слово зад нив‘ и го следат водството на својата библиски школувана совест ќе бидат успешни во вршењето на Божјата волја. Тогаш сигурно ќе го доживеат исполнувањето на она што го ветил апостол Јован: „Оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17).
Кратко повторување
• Зошто Јехова комуницира со своите човечки творби?
• Како можеме да извлечеме корист од програмата на редовно читање на Библијата?
• Како треба да реагираме на водството од класата на робот?
• Зошто не треба да го игнорираме она што ни го налага библиски школуваната совест?
[Слика на страница 13]
На човекот не му е потребна софистицирана опрема за да добива пораки од Бог
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Arecibo Observatory/David Parker/Science Photo Library
[Слика на страница 15]
Јехова ни зборува преку Библијата и преку ‚верниот и разборит роб‘