Плодна маслинка во Божјиот дом
ВО ЗЕМЈАТА Израел расте едно дрво кое е практично неуништливо. Дури и кога ќе се пресече, неговата пенушка пушта нови фиданки. А во времето на берба на неговите плодови, го наградува сопственикот со изобилство масло кое може да се користи за готвење, осветлување, хигиена и козметика.
Според една древна парабола запишана во библиската книга Судии, „едно време тргнале дрвјата да побараат цар“. Кое дрво од шумата најпрвин го избрале? Ниедно друго туку издржливата, плодна маслинка (Судиите 9:8).
Пред повеќе од 3.500 години, пророкот Мојсеј го опишал Израел како ‚добра земја, земја на маслинки‘ (5. Мојсеева 8:7, 8). Дури и денес, пејзажот на подножјето од гората Ермон на север па сѐ до периферијата на Вирсавија на југ е полн со кории од маслинки. Тие сѐ уште ги разубавуваат крајбрежната рамница Шарон, карпестите падини на Самарија и плодните долини на Галилеја.
Библиските писатели честопати ја користеле маслинката во симболична смисла. Карактеристиките на ова дрво служеле за да се илустрира Божјата милосрдност, ветувањето за воскресение и среќниот семеен живот. Еден поглед одблизу на маслинката ќе ни помогне да ги разбереме овие наводи од Писмото и ќе го продлабочи нашето ценење за ова единствено дрво кое му се придружува на останатиот дел од творештвото во фалењето на својот Творец (Псалм 148:7, 9).
Издржливата маслинка
На прв поглед маслинката не е баш импресивна. Таа не достигнува до небесата како некои величествени либански кедри. Нејзиното дрво не е толку фалено како кипарисот, а нејзините цветови не го восхитуваат окото како цветовите на бадемот (Песна над песните 1:17; Амос 2:9). Најважниот дел од маслинката не се гледа — тој е под земјата. Нејзините широки корења, кои можат да достигнат 6 метри под површината, а хоризонтално уште повеќе, се клучот за плодноста и преживувањето на тоа дрво.
Тие корења им овозможуваат на маслинките да преживеат суша на карпести падини кога дрвјата во долината веќе изумреле од жед. Корењата им овозможуваат да продолжат да раѓаат маслинки со векови, иако глуждовитото стебло можеби изгледа погодно само за огрев. Сѐ што бара ова издржливо дрво е простор за да расте и аеробна почва за да може да диши, да се ослободи од коровот или од другата вегетација која би можела да потхранува штетници. Ако овие едноставни барања се задоволат, едно дрво може да даде до 57 литри масло годишно.
Несомнено, Израелците ја сакале маслинката заради нејзиното скапоцено масло. Нивните домови биле осветлени со ламби чиј фитил горел на маслиново масло (3. Мојсеева 24:2). Маслиновото масло било неопходно при готвењето. Ја штитело кожата од сонцето, и ги снабдувало Израелците со сапун за перење. Житото, виното и маслинките биле главните култури во земјата. Кога маслинките не давале принос, тоа било катастрофа за едно израелско семејство (5. Мојсеева 7:13; Авакум 3:17).
Меѓутоа, маслиновото масло обично го имало во изобилство. Мојсеј укажал на Ветената земја како на ‚земја на маслинки‘ веројатно бидејќи маслинката била најчесто одгледувано дрво на тоа подрачје. Природонаучникот Х. Б. Тристрам од деветнаесеттиот век ја опишал маслинката како „единствено карактеристично дрво за земјата“. Поради неговата вредност и плодност, маслиновото масло дури служело како корисна меѓународна валута во регионот на Средоземјето. Самиот Исус Христос укажал на еден долг кој бил пресметан за „сто бата маслиново масло“ (Лука 16:5, 6, NW).
„Како млади маслинови гранчиња“
Корисната маслинка погодно ги илустрира божествените благослови. Како ќе биде награден еден богобојазлив човек? „Твојата жена ќе биде како плодна лоза во внатрешноста на твојот дом“, пеел псалмистот. „Твоите синови како млади маслинови гранчиња, околу твојот стол“ (Псалм 128:3, ДХК). Што се овие „млади маслинови гранчиња“, и зошто псалмистот ги споредил синовите со нив?
Маслинката е необична по тоа што од основата на нејзиното стебло постојано потеруваат нови фиданки.a Кога поради старост главното стебло повеќе не раѓа плодови како порано, одгледувачите може да дозволат неколку гранчиња, или нови фиданки да пораснат сѐ додека не станат составен дел на дрвото. После некое време, првобитното дрво ќе има три или четири млади силни стебла кои го опкружуваат, како синови околу маса. Овие гранчиња ја имаат истата пенушка, и имаат удел во добриот принос на маслинката.
Оваа карактеристика на маслинката погодно илустрира како синовите и ќерките можат да пораснат цврсти во верата, благодарение на силните духовни корења на своите родители. Како што потомството расте, и тоа ќе има удел во донесувањето плодови и во поддршката на своите родители, на кои ќе им биде драго да видат како нивните деца му служат на Јехова покрај нив (Изреки 15:20).
„За дрвото сепак има надеж“
Еден постар татко кој му служи на Јехова им се восхитува на своите побожни деца. Но, истите тие деца жалат кога нивниот татко на крај ‚заминува по патот на сите смртни‘ (3. Царства 2:2). За да ни помогне да се соочиме со една таква семејна трагедија, Библијата нѐ уверува дека ќе има воскресение (Јован 5:28, 29; 11:25).
Јов, татко на многу деца, бил сосема свесен за краткиот животен век на човекот. Го споредил со цвеќе кое брзо овенува (Јов 1:2; 14:1, 2). Јов копнеел по смртта како начин да избега од својата агонија, гледајќи на гробот како на скривница од која би можел да се врати. „Кога ќе умре човек ќе живее ли пак?“ — прашал Јов. Потоа со доверба одговорил: „Во сите денови на одреденото време би чекал додека ми дојде смената. Ти [Јехова] би викнал, и јас би Ти дал одговор, и Ти би покажал благоволение кон созданието на Твоите раце“ (Јов 14:13—15).
Како ја илустрирал Јов својата увереност дека Бог ќе го повика од гробот? Со едно дрво, според чиј опис веројатно укажувал на маслинката. „За дрвото сепак има надеж“, рекол Јов. „Макар и да биде пресечено, пак ќе оживее“ (Јов 14:7). Маслинката може да биде пресечена, но со тоа нема да биде уништена. Таа ќе умре само ако се искорне дрвото. Ако корењата останат цели, дрвото пак ќе потера со обновена сила.
Дури и ако поради подолга суша старата маслинка многу овене, исушената пенушка може да оживее. „Ако неговиот корен и остарее во земјата, ако неговата пенушка се исуши во прав, штом ќе почувствува вода, тоа ќе распапи и ќе пушти гранки како ново стебло [растение, NW]“ (Јов 14:8, 9, ДХК). Јов живеел во една сува, прашлива земја каде што веројатно набљудувал многу стари пенушки од маслинки кои изгледале суви и безживотни. Меѓутоа, кога врнеле дождови, таквото ‚мртво‘ дрво оживувало и од неговите корења се јавувало ново стебло како да било „ново растение“. Оваа извонредна способност за брзо опоравување навела еден хортолог од Тунис да забележи: „Може да се каже дека маслинките се бесмртни“.
Исто како што еден земјоделец копнее да види како неговите исушени маслинки повторно потеруваат така и Јехова копнее да ги воскресне своите верни слуги. Тој со нетрпение го чека времето да ги врати во живот верните поединци како што биле Авраам и Сара, Исак и Ребека и многу други (Матеј 22:31, 32). Колку само ќе биде прекрасно да им изразиме добредојде на мртвите и да видиме како повторно ќе водат исполнет и продуктивен живот!
Симболичната маслинка
Божјата милосрдност се покажува во неговата непристрасност како и во подготовката за воскресение. Апостол Павле ја употребил маслинката за да илустрира како Јеховината милосрдност се проширува на луѓето без разлика на нивната раса или потекло. Со векови Евреите биле горди што биле Божји избран народ, „семе Авраамово“ (Јован 8:33; Лука 3:8).
Да се биде роден во еврејската нација не било само по себе барање за да се добие божествена наклоност. Меѓутоа, сите Исусови рани ученици биле Евреи и имале предност да бидат првите луѓе кои ги избрал Бог за да го сочинуваат ветеното Авраамово семе (1. Мојсеева 22:18; Галатјаните 3:29). Павле ги споредил овие еврејски ученици со гранки на симболична маслинка.
Мнозинството од природните Евреи го отфрлиле Исус, дисквалификувајќи се како идни членови на ‚малото стадо‘ или „Израилот Божји“ (Лука 12:32; Галатјаните 6:16). Затоа станале како гранки на симболична маслинка кои биле поткастрени. Кој ќе го заземе нивното место? Во 36 н.е. не-Евреите биле избрани да станат дел од Авраамовото семе. Изгледало како Јехова да накалемил гранки од дива маслинка на питомата маслинка. Меѓу оние кои би го сочинувале ветеното Авраамово семе би спаѓале луѓето од нациите. Нееврејските христијани сега можеле да станат ‚учесници во масниот корен на маслинката‘ (Римјаните 11:17, NW).
За еден земјоделец, калемењето на гранка од дива маслинка на питома маслинка би било незамисливо и „против природата“ (Римјаните 11:24). „Накалеми го доброто на дивото, и, како што велат Арапите, тоа ќе го победи дивото“, објаснува делото The Land and the Book (Земјата и книгата), „но во обратен правец тој процес нема да можеш успешно да го смениш.“ Така и еврејските христијани биле зачудени кога Јехова ‚за првпат им обрнал внимание на нациите за од нив да земе народ за своето име‘ (Дела 10:44—48; 15:14). Меѓутоа, ова било јасен знак дека извршувањето на Божјата намера не зависело од ниедна посебна нација. Не, во „секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:35).
Павле покажал дека со оглед на тоа што неверните еврејски ‚гранки‘ на маслинката биле поткастрени, истото би можело да се случи и со секој кој поради гордост и непослушност немало да остане во Јеховината наклоност (Римјаните 11:19, 20). Ова сигурно илустрира дека Божјата незаслужена љубезност никогаш не треба да се земе како нешто само по себе разбирливо (2. Коринтјаните 6:1).
Подмачкување со масло
Во Писмото има и дословни и симболични наводи за користењето на маслиново масло. Во древни времиња, раните и модринките биле ‚омекнувани со масло‘ за да се забрза процесот на лекување (Исаија 1:6). Според една Исусова споредба, ближниот Самарјанин излеал маслиново масло и вино врз раните на човекот кој го сретнал на патот за Ерихон (Лука 10:34).
Излевањето маслиново масло врз главата освежува и смирува (Псалм 140:5). А при справување со случаи на духовна болест, христијанските старешини можат ‚да помазат некој член на собранието со масло во името на Јехова‘ (Јаков 5:14, NW). Љубезниот библиски совет на старешините и искрените молитви во корист на нивниот духовно болен соверник се споредени со смирувачко маслиново масло. Интересно е тоа што во идиоматскиот хебрејски јазик добриот човек понекогаш е опишан како „чисто маслиново масло“.
‚Плодна маслинка во Божјиот дом‘
Со оглед на претходно споменатите точки, не изненадува тоа што Божјите слуги можат да се споредат со маслинки. Давид посакувал да биде како ‚плодна маслинка во Божјиот дом‘ (Псалм 51:8). Исто како што израелските семејства често имале маслинки околу своите куќи така и Давид сакал да биде близок со Јехова и да донесува плодови на Божја фалба (Псалм 51:9).
Додека му било верно на Јехова, двоплеменското царство Јуда било како ‚плодна маслинка со убави плодови‘ (Јеремија 11:15, 16). Но, народот на Јуда ја изгубил таа предносна положба кога ‚се откажал да ги слуша зборовите на Господ па тргнал по туѓи богови‘ (Јеремија 11:10).
За да станеме плодна маслинка во Божјиот дом мораме да му бидеме послушни на Јехова и да бидеме спремни да ја прифатиме стегата со која тој нѐ кастри за да можеме да донесуваме повеќе христијански плодови (Евреите 12:5, 6). Освен тоа, исто како што на една природна маслинка ѝ се потребни широко разгранети корења за да преживее период на суша така и ние треба да ги зајакнуваме своите духовни корења за да ги поднесеме испитите и прогонствата (Матеј 13:21; Колосјаните 2:6, 7).
Маслинката добро го симболизира верниот христијанин кој можеби за светот е непознат, но Бог го препознава. Ако таквото лице умре во овој систем, тоа повторно ќе живее во новиот свет кој ќе дојде (2. Коринтјаните 6:9; 2. Петрово 3:13).
Практично неуништливата маслинка која донесува плодови од година в година нѐ потсетува на Божјето ветување: „Дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои“ (Исаија 65:22). Тоа пророчко ветување ќе се исполни во Божјиот нов свет (2. Петрово 3:13).
[Фуснота]
a Обично овие нови фиданки се поткаструваат секоја година за да не му ја одземат силата на главното дрво.
[Слика на страница 25]
Древно глуждовито стебло најдено во Хасеја, покраината Аликанте (Шпанија)
[Слики на страница 26]
Кории со маслинки во покраината Гранада (Шпанија)
[Слика на страница 26]
Древна маслинка надвор од ѕидините на Ерусалим
[Слика на страница 26]
Библијата спомнува калемење на гранки на маслинка
[Слика на страница 26]
Оваа стара маслинка е опкружена со потерани млади гранки