Можеш ли да најдеш внатрешен мир?
Во 1854 година, американскиот автор Хенри Торо напишал: „Народните маси водат живот на тивок очај“.
Изгледа повеќето луѓе во негово време немале внатрешен мир. Меѓутоа, тоа било пред скоро 150 години. Дали работите денес се поинакви? Или дали зборовите на Торо сѐ уште важат? Како е со тебе лично? Дали си задоволен, спокоен? Или, пак, си несигурен, сомничав во врска со иднината, ‚во тивок очај‘, да ги парафразираме зборовите на Торо?
ЗА ЖАЛ, во светот постојат многу работи кои им го одземаат внатрешниот мир на луѓето. Да спомнеме само неколку. Во многу земји невработеноста и ниската плата донесуваат сиромаштија, а со неа и економски очај. Во други земји, пак, многумина го трошат поголемиот дел од својата енергија трчајќи по богатство и материјални поседи. Но, натпреварувачкиот стил на живеење честопати донесува вознемиреност, а не мир. Болестите, војните, криминалот, неправдата и угнетувањето исто така им го одземаат мирот на луѓето.
Тие барале внатрешен мир
Многумина не се спремни да го поднесат светот онаков каков што е. Антонјуa бил водач на работниците во една огромна фабрика во Сао Паоло (Бразил). Во надеж дека ќе ги подобри условите за живеење, учествувал во протести и демонстрации, но тоа не му донело душевен мир.
Некои се надеваат дека бракот ќе им донесе извесна мера спокојство во животот, но можат да се разочараат. Маркос бил успешен бизнисмен. Се вклучил во политика и станал градоначалник на еден индустриски град. Меѓутоа, семејниот живот му бил катастрофа. Кога неговите деца го напуштиле домот, тој и сопругата се одвоиле поради непремостливите разлики.
Герсон, улично дете од Салвадор (Бразил), сакал авантури. Лутал од град во град, возејќи се со камионџиите. Набргу станал зависник од дрога, и ги пљачкал луѓето за да може да го поддржува својот порок. Неколкупати го фатила полиција. Меѓутоа, и покрај агресивната, насилничка личност, Герсон копнеел по внатрешен мир. Дали ќе може некогаш да го најде?
Додека Вања била сѐ уште млада, умрела мајка ѝ, и таа станала одговорна за домот, вклучувајќи ја и грижата за нејзината болна сестричка. Вања одела в црква, но се чувствувала напуштена од Бог. Таа во никој случај немала душевен мир.
Тука е и Марсело. Сѐ што сакал тој била добрата забава. Сакал да се забавува со други млади луѓе — танцување, пиење и злоупотреба на дрога. Еднаш западнал во тепачка и повредил друг младич. После тоа бил обземен од жал заради она што го сторил и му се молел на Бог за помош. И тој копнеел по душевен мир.
Овие искуства се примери за некои ситуации кои можат да го уништат душевниот мир. Дали постоел начин на кој водачот на работниците, политичарот, уличното дете, ќерката преоптоварена со работа и љубителот на забави би можеле да го постигнат внатрешниот мир кој го барале? Дали можеме да научиме нешто од она што им се случило ним? Одговорот на обете прашања е ‚да‘, како што ќе видиме во следната статија.
[Фуснота]
a Некои имиња се променети.
[Слика на страница 3]
Дали копнееш по внатрешен мир?