Добри примери — дали извлекуваш корист од нив?
„СТАНАВТЕ пример за сите верници во Македонија и во Ахаја.“ Овие зборови им ги напишал апостол Павле на верните христијани кои живееле во Солун. Примерот кој им го дале тие на соверниците бил навистина за пофалба. Сепак, самите солуњани се одѕвале на примерот кој го дале Павле и неговите придружници. Павле рекол: „Добрата вест која ја проповедаме не се појави меѓу вас само со зборови туку и со моќ и со свет дух и со силно уверување, токму како што знаете какви луѓе станавме заради вас; и станавте наши . . . имитатори“ (1. Солунјаните 1:5—7, NW).
Да, Павле правел повеќе отколку само да држи проповеди. Самиот негов живот бил проповед — пример на вера, истрајност и самопожртвуваност. Поради ова, Павле и неговите придружници извршиле моќно влијание врз животот на солуњаните, поттикнувајќи ги да ја прифатат вистината „во големи неволји“. Но, Павле и неговите соработници во никој случај не биле единственото позитивно влијание врз тие верници. За нив охрабрување бил и примерот на другите кои истрајале во неволји. Павле им напишал на солуњаните: „Вие браќа, станавте имитатори на Божјите собранија кои се во Јудеја во обединетост со Христос Исус, бидејќи и вие почнавте да ги трпите истите работи од рацете на вашите земјаци какви што ги трпат и тие од рацете на Евреите“ (1. Солунјаните 2:14, NW).
Христос Исус — најистакнат Пример
Иако самиот Павле дал пример кој вреди да го имитираме, тој не пропуштил да укаже на Исус Христос како на главен пример кој треба да го следат христијаните (1. Солунјаните 1:6). Христос бил и сѐ уште е нашиот најистакнат Пример. Апостол Петар напишал: „Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21).
Меѓутоа, Исус го завршил својот живот како човек пред скоро 2.000 години. Сега тој „живее во непристапна светлина“ како бесмртно духовно суштество. Како таков, „никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види“ (1. Тимотеј 6:16). Тогаш, како можеме да го имитираме? Еден начин е преку проучување на четирите библиски извештаи за Исусовиот живот. Евангелијата пружаат увид во неговата личност, животен пат и „мисловен став“ (Филипјаните 2:5—8, NW). Додатен увид може да се добие преку грижливо проучување на книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел во која многу детално и во хронолошки редослед се дискутира за настаните од Исусовиот живот.a
Исусовиот самопожртвуван пример имал силен ефект врз апостол Павле. Тој на коринтските христијани им рекол: „А јас на драго срце сѐ ќе жртвувам и ќе се жртвувам себе за вашите души“ (2. Коринтјаните 12:15). Каков само став сличен на Христовиот! Додека размислуваме за Христовиот совршен пример, и ние треба да бидеме поттикнати да го имитираме на својот сопствен животен пат.
На пример, Исус нѐ поучил дека треба да се потпираме на Божјето ветување дека ќе се грижи за нас во материјален поглед. Но, сторил и повеќе од тоа. Таквата вера и доверба во Јехова ги покажувал во својот секојдневен живот. Тој рекол: „Лисиците имаат легла и птиците небески — гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони“ (Матеј 6:25; 8:20). Дали со твоето размислување и со твоите постапки доминираат материјалните грижи? Или, пак, твојот живот дава доказ дека најнапред го бараш Царството? А како е со твојот став кон Јеховината служба? Дали е како ставот на нашиот Пример, Исус? Библијата покажува дека Исус не само што ревносно проповедал туку во многу прилики покажувал и огнена ревност (Јован 2:14—17). Освен тоа, колку само убав пример дал Исус кога станува збор за љубовта! Па, тој го жртвувал сопствениот живот за своите ученици! (Јован 15:13). Дали го имитираш Исус покажувајќи љубов кон твоите христијански браќа? Или, пак, дозволуваш несовршеностите на некои од нив да те спречуваат да ги сакаш?
Додека настојуваме да го следиме Христовиот пример, честопати не успеваме во тоа. Но, на Јехова сигурно му се угодни нашите напори да ‚се облечеме во Господа Исуса Христа‘ (Римјаните 13:14).
„Пример на стадото“
Има ли во денешното собрание поединци кои можат да ни служат како примери? Сигурно дека има! Браќата кои служат на наименувани положби на одговорност особено мораат да даваат пример. На Тит, кој им служел на собранијата на Крит и кој наименувал надгледници, Павле му рекол дека секој старешина мора да биде „човек без обвинение“ (Тит 1:5, 6, NW). На сличен начин апостол Петар ги опоменал „старешините“ (NW) да бидат „пример на стадото“ (1. Петрово 5:1—3). А што е со оние кои служат како слуги помошници? И тие мора да бидат ‚мажи кои служат на добар начин‘ (1. Тимотеј 3:13, NW).
Секако, не е реалистично да се очекува дека секој старешина или слуга помошник ќе биде извонредно вешт во секој аспект од христијанската служба. На христијаните во Рим Павле им рекол: „Според дадената благодат имаме разни дарови“ (Римјаните 12:6). Различни браќа се истакнуваат на различни подрачја. Не е разумно да очекуваме дека старешините ќе прават и ќе кажуваат сѐ на совршен начин. „Сите ние многу грешиме“, вели Библијата во Јаков 3:2. „Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело.“ Меѓутоа, и покрај своите несовршености, старешините, како и Тимотеј, сепак можат да ‚служат како пример во словото, животот, љубовта, духот, верата и чистотата‘ (1. Тимотеј 4:12). Кога старешините го прават тоа, оние кои се во стадото спремно ќе ја применат опомената од Евреите 13:7 (NW): „Сеќавајте се на оние кои предводат меѓу вас . . . и додека набљудувате каков е исходот од нивното однесување, имитирајте ја нивната вера“.
Други современи примери
Во изминативе неколку децении, безброј други лица се покажале како добри примери. Што е со илјадниците самопожртвувани мисионери кои ‚оставиле куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви‘ за да го исполнат христијанскиот налог на странски терени? (Матеј 19:29). Размисли и за патувачките надгледници и нивните сопруги, мажите и жените кои служат како доброволци во канцелариите на Watch Tower Society и на пионерите кои им служат на собранијата. Можат ли таквите примери да ги мотивираат другите? Еден христијански евангелизатор од Азија си спомнува за еден мисионер од осмиот клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower. Тој рекол дека овој верен брат бил ‚спремен да се соочи со роевите комарци и неподносливата влажност . . . Уште поимпресивна била неговата способност да изнесува презентации на кинески и на малајски јазик иако бил од Англија‘. Каков бил ефектот од овој добар пример? Братот рекол: „Неговата смиреност и доверба ме инспирираа да сакам да станам мисионер кога ќе пораснам“. Не е за изненадување што овој брат навистина станал мисионер.
Индексот на публикации на Стражарска кула содржи список на многу животни приказни кои се излезени во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Овие приказни зборуваат за поединци кои ги напуштиле световната кариера и цели, ги надминале слабостите, направиле драматично преобразување на личноста, останале позитивно настроени наспроти неволјите и покажале трудољубивост, истрајност, лојалност, понизност и самопожртвуван дух. Во врска со ваквите извештаи една читателка напишала: „Кога читам низ што сѐ поминале другите, тоа ме прави попонизна и поблагодарна христијанка, и ми помага да не мислам превисоко за себе и да не бидам себична“.
Освен тоа, не ги заборавај добрите примери во твоето собрание: семејните поглавари кои верно се грижат како за материјалните така и за духовните потреби на своите семејства; сестрите — вклучувајќи ги и самохраните мајки — кои се справуваат со притисоците од подигањето на децата додека во исто време имаат активен удел во службата; остарените и немоќни лица кои верно продолжуваат и покрај тоа што стануваат сѐ покревки и имаат нарушено здравје. Зарем не си трогнат од ваквите примери?
Се разбира, светот е полн со лоши примери (2. Тимотеј 3:13). Сепак, размисли за поттикот на Павле до христијаните кои живееле во Јудеја. Откако раскажал за примерното однесување на многу древни мажи и жени од вера, апостол Павле ги поттикнал: „Затоа и ние, бидејќи сме опколени од толку голем облак од сведоци . . . со истрајност да трчаме во трката што стои пред нас, додека внимателно гледаме на Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера, Исус“ (Евреите 12:1, 2, NW). Христијаните денес се исто така опколени со „голем облак“ од добри примери — како древни така и современи. Дали навистина извлекуваш корист од нив? Ќе можеш, ако си одлучен ‚да го имитираш не она што е зло, туку она што е добро‘ (3. Јованово 11, NW).
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Истакната мисла на страница 20]
Не е реалистично да се очекува дека секој старешина или слуга помошник ќе биде извонредно вешт во секој аспект од христијанската служба
[Слики на страница 21]
Старешините треба да бидат „пример на стадото“