Надежта во воскресение е сигурна!
„Се надевам на Бога, оти ќе има воскресение“ (ДЕЛА 24:15).
1. Зошто можеме да се надеваме на воскресение?
ЈЕХОВА ни дал силни причини за надеж во воскресение. Го имаме неговиот збор дека мртвите ќе се подигнат, повторно станувајќи за живот. А неговата намера во врска со оние кои спијат во смрт сигурно ќе се оствари (Исаија 55:11; Лука 18:27). Всушност, Бог веќе ја покажал својата моќ да подига мртви.
2. Како ни користи надежта во воскресението?
2 Верата во подготовката на Бог да ги подигне мртвите преку својот Син, Исус Христос, може да нѐ поддржува во времиња на стрес. Сигурноста на надежта во воскресение може да ни помогне и да го задржиме интегритетот кон нашиот небесен Татко дури до смрт. Веројатно нашата надеж во воскресение ќе се зајакне додека ги разгледуваме случаите на враќање во живот запишани во Библијата. Сите овие чуда биле извршени преку моќта на Суверениот Господ Јехова.
Ги примиле своите мртви преку воскресение
3. Што бил овластен да направи Илија кога умрел синот на една вдовица во Сарепта?
3 Во еден возбудлив преглед на верата која ја покажале Јеховините претхристијански сведоци, апостол Павле напишал: „Жените преку воскресение ги примија своите мртви“ (Евреите 11:35; 12:1, NW). Една од тие жени била сиромашната вдовица во феникискиот град Сарепта. Затоа што била гостољубива кон Божјиот пророк Илија, нејзиното брашно и масло биле на чудесен начин поддржувани во текот на едно време на глад кој можел да го одземе нејзиниот живот и животот на нејзиниот син. Кога подоцна детето умрело, Илија го положил на леглото, се помолил, се спружил над него трипати, и преколнувал: „Господи [Јехова, NW], Боже мој! Нека се врати душата на ова момче во него!“ Бог предизвикал душата, односно животот, да се врати во момчето (3. Царства 17:8—24). Замисли си ја само радоста на вдовицата кога нејзината вера била наградена со првото запишано воскресение — воскресението на нејзиниот драг син!
4. Какво чудо направил Елисеј во Сунам?
4 Друга жена која примила свој мртов преку воскресение живеела во градот Сунам. Била сопруга на еден остарен човек, и покажала љубезност кон пророкот Елисеј и кон неговиот слуга. Таа била наградена со син. Меѓутоа, после неколку години, го повикала пророкот и кога тој пристигнал во нејзиниот дом го нашол детето мртво. Откако Елисеј се помолил и направил извесни чекори, ‚телото на детето се загреало‘. Тоа ‚кивнало седумпати и ги отворило очите свои‘. Ова воскресение несомнено им донело голема радост и на мајката и на синот (4. Царства 4:8—37; 8:1—6). Но, колку само ќе бидат тие посреќни кога ќе бидат подигнати за живот на Земјата во ‚подоброто воскресение‘ — воскресението кое ќе им даде можност никогаш повторно да не умрат! Колкава само причина за благодарност на Богот на воскресението, Јехова, кој е полн со љубов! (Евреите 11:35).
5. Како Елисеј бил вклучен во едно чудо после својата смрт?
5 Дури и после смртта и погребот на Елисеј, Бог со светиот дух ги направил моќни неговите коски. Читаме: „Кога [извесни Израелци] погребуваа еден човек, оние што го погребуваа, таму ги видоа тие луѓе [Моавците], го фрлија тој човек во Јелисеевиот гроб, и тој [мртвиот човек] падна, се допре до Јелисеевите коски, оживе и се исправи на нозете свои“ (4. Царства 13:20, 21). Колку само мора да бил изненаден и среќен тој човек! Замисли си ја радоста што ќе ја доживееме кога нашите сакани ќе бидат подигнати за живот во склад со непогрешливата намера на Јехова Бог!
Божјиот син ги подигал мртвите
6. Какво чудо направил Исус во близина на градот Наин, и како овој настан може да влијае врз нас?
6 Божјиот син, Исус Христос, ни дал силни причини да веруваме дека мртвите можат да бидат воскреснати, со изглед за вечен живот. Еден настан што се случил во близина на градот Наин може да ни помогне да сфатиме дека такво чудо е можно со моќта добиена од Бог. Во една прилика Исус наишол на група ожалостени кои го изнесувале од градот за погреб телото на едно момче. Тој бил единец на една вдовица. Исус ѝ рекол: „Не плачи!“ Потоа, го допрел носилото и рекол: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Тогаш момчето седнало и почнало да зборува (Лука 7:11—15). Ова чудо сигурно го зацврстува нашето уверување дека надежта во воскресение е сигурна.
7. Што се случило во врска со ќерката на Јаир?
7 Размисли и за еден настан во кој се работело за Јаир, претседавачкиот службеник на синагогата во Капернаум. Тој го замолил Исус да дојде и да ѝ помогне на неговата сакана 12-годишна ќерка која била на умирање. Набрзо стигнала вест дека девојчето умрело. Поттикнувајќи го Јаир, кој бил скршен од болка, да покаже вера, Исус го придружувал до неговиот дом, каде што мноштвото плачело. Тие се насмеале кога тој им рекол: „Детето не е умрено туку спие“. Тоа навистина било мртво, но Исус се спремал да покаже дека луѓето можат да бидат подигнати за живот исто како што можат да се разбудат од длабок сон. Земајќи го девојчето за рака, тој рекол: „Девојко, стани!“ Таа веднаш станала, а ‚нејзините родители биле вон себе‘ (NW) од восхит (Марко 5:35—43; Лука 8:49—56). Несомнено, членовите на семејството ќе бидат „вон себе“ кога нивните сакани кои умреле ќе се вратат во живот на рајската Земја.
8. Што сторил Исус на гробот на Лазар?
8 Лазар веќе четири дена бил мртов кога Исус пристапил до неговиот гроб и побарал да го тргнат каменот од влезот. Откако јавно се помолил за да можат набљудувачите да знаат дека тој зависи од силата која му ја дава Бог, Исус со силен глас извикал: „Лазаре, излези надвор!“ И излегол! Рацете и нозете сѐ уште му биле завиени во погребни завои, а лицето му било завиткано со платно. „Одвиткајте го и оставете го да оди!“ — рекол Исус. Гледајќи го ова чудо, мнозина од оние кои биле таму да ги утешат Марија и Марта, сестрите на Лазар, поверувале во Исус (Јован 11:1—45). Зарем овој извештај не те исполнува со надеж дека твоите сакани можат да бидат подигнати за живот во Божјиот нов свет?
9. Зошто можеме да бидеме сигурни дека сега Исус може да ги воскресне мртвите?
9 Кога Јован Крстител бил в затвор, Исус му ја испратил следнава охрабрувачка порака: „Слепи прогледуваат . . . мртви воскреснуваат“ (Матеј 11:4—6). Со оглед на тоа што кога бил на Земјата Исус воскреснувал мртви, тој со сигурност може да го прави тоа како моќно духовно суштество ополномоштено од Бог. Исус е „воскресението и животот“, и колку само е утешително да се знае дека во блиска иднина „сите, кои што се во [спомен, NW] гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“! (Јован 5:28, 29; 11:25).
Други воскресенија кои ја зајакнуваат нашата надеж
10. Како би го опишал првото запишано воскресение кое го извршил еден апостол?
10 Кога ги испратил своите апостоли како проповедници на Царството, Исус рекол: „Мртви воскреснувајте!“ (Матеј 10:5—8). Се разбира, за да го прават ова, морале да се потпираат на Божјата моќ. Во Јопа, во 36 н.е., во смрт заспала побожната жена Дорка (Тавита). Во нејзините добри дела спаѓало правењето облека за бедните вдовици, и тие многу тагувале поради нејзината смрт. Учениците организирале погреб за неа и порачале да го викнат апостол Петар, можеби за да ги утеши (Дела 9:32—38). Тој ги замолил сите да излезат од горната соба, се помолил и рекол: „Тавита, стани!“ Таа ги отворила очите, седнала, го фатила Петар за рака, и тој ја подигнал. Ова прво запишано воскресение кое го извршил еден апостол, предизвикало многумина да станат верници (Дела 9:39—42). Исто така, тоа ни дава додатна причина за надеж во воскресението.
11. Кое е последното воскресение од библискиот запис?
11 Последното воскресение од библискиот запис се случило во Троада. Кога Павле запрел таму на своето трето мисионерско патување, продолжил со својот говор сѐ до полноќ. Совладано од умор и можеби од топлината на многуте ламби и гужвата во местото каде што се состанале, едно момче по име Евтих заспало и паднало од прозорецот од третиот кат. Го ‚дигнале мртво‘, не само во несвест. Павле се фрлил на Евтих, го прегрнал и на набљудувачите им рекол: „Не дигајте врева, бидејќи неговата душа е во него“ (NW). Со тоа Павле мислел дека на момчето му е вратен животот. Присутните ‚не малку се утешиле‘ (Дела 20:7—12). Денес Божјите слуги наоѓаат голема утеха во сознанието дека ќе се исполни надежта во воскресение на нивните поранешни придружници во Божјата служба.
Воскресение — долготрајна надеж
12. Каква увереност изразил Павле кога се наоѓал пред римскиот управител Феликс?
12 Кога бил на суд пред римскиот управител Феликс, Павле посведочил: „Верувам во сѐ што е напишано во Законот и во Пророците, и дека се надевам на Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:14, 15). Како некои делови од Божјата реч, на пример „Законот“, укажуваат на подигање од мртвите?
13. Зошто може да се рече дека Бог алудирал на воскресението кога го дал првото пророштво?
13 Самиот Бог алудирал на воскресение кога го дал првото пророштво во Едем. Кога ја изрекувал пресудата врз „старата змија“, Сатана Ѓаволот, Бог рекол: „Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата“ (Откровение 12:9; 1. Мојсеева 3:14, 15, ДХК). Сотрувањето на петата на семето на жената значело убивање на Исус Христос. Ако тоа Семе требало после тоа да ја сотре главата на змијата, ќе морало Христос да биде подигнат од мртвите.
14. Како Јехова „не е Бог на мртвите, туку на живите“?
14 Исус изјавил: „А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го посведочи и Мојсеј при капината, кога Го нарече Господа — Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов. А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи“ (Лука 20:27, 37, 38, 2. Мојсеева 3:6). Авраам, Исак и Јаков биле мртви, но Божјата намера да ги воскресне била толку сигурна што за него тие исто како да биле живи.
15. Зошто Авраам имал причина да верува во воскресение?
15 Авраам имал причина за надеж во воскресение зашто кога тој и неговата сопруга Сара биле многу стари и биле мртви во однос на способноста да родат деца, Бог на чудесен начин ја обновил нивната способност за размножување. Тоа било како воскресение (1. Мојсеева 18:9—11; 21:1—3; Евреите 11:11, 12). Кога нивниот син Исак имал околу 25 години, Бог му рекол на Авраам да го жртвува. Меѓутоа, токму кога Авраам сакал да го погуби Исак, Јеховиниот ангел му ја задржал раката. Авраам ‚сметал дека Бог може и од мртвите да го подигне [Исак]; а оттаму и го добил на сликовит начин‘ (Евреите 11:17—19, NW; 1. Мојсеева 22:1—18).
16. Додека сега спие во смрт, што очекува Авраам?
16 Авраам се надевал на воскресение под владата на Месијата, ветеното Семе. Уште од својата претчовечка поволна положба, Божјиот син ја забележал верата на Авраам. Затоа, како човек Исус Христос, тој на Евреите им рекол: „Авраам, таткото ваш, би се зарадувал да го види Мојот ден“ (Јован 8:56—58; Изреки 8:30, 31). Сега Авраам спие во смрт, очекувајќи воскресение за живот на Земјата под Божјето месијанско Царство (Евреите 11:8—10, 13).
Сведоштво од Законот и од Псалмите
17. Како „сѐ што е напишано во Законот“ укажува на воскресението на Исус Христос?
17 Павловата надеж во воскресение била во склад со „сѐ што е напишано во Законот“. Бог им рекол на Израелците: „Првиот сноп од жетвата ваша донесете го кај свештеникот, тој [на 16 нисан] ќе го вознесе тој сноп пред Господа, за да ви биде примен“ (3. Мојсеева 23:9—14). Имајќи го на ум можеби овој закон, Павле напишал: „Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените“. Како „првина“ Исус бил воскреснат на 16 нисан 33 н.е. Подоцна, за време на неговата присутност, требало да има воскресение на ‚подоцнежните плодови‘ — неговите духовно помазани следбеници (1. Коринтјаните 15:20—23; 2. Коринтјаните 1:21; 1. Јованово 2:20, 27).
18. Како Петар покажал дека Исусовото воскресение било претскажано во Псалмите?
18 Псалмите исто така даваат поддршка на воскресението. На ден Пентекост 33 н.е., апостол Петар цитирал од Псалм 15:8—11 велејќи: „Давид [за Христос] вели: ‚Секогаш Го гледав пред себеси Господа, зашто Он е од мојата десна страна, за де не се поместам. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж, — зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во ад, ниту, пак, ќе позволиш Твојот праведник да види распаѓање‘“. Петар додал: „[Давид] предвиде и кажа за воскресението на Христа, дека душата Негова нема да се остави во пеколот [Хадесот, NW] и дека телото Негово нема да види распаѓање. Овој Исус Го воскресна Бог“ (Дела 2:25—32).
19, 20. Кога Петар го цитирал Псалм 117:22, и како ова било поврзано со смртта и воскресението на Исус?
19 Неколку дена подоцна, Петар застанал пред Синедрионот и повторно цитирал од Псалмите. Запрашан како излечил еден хром питач, апостолот рекол: „Тоа нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израилски, дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, овој стои пред вас здрав. Овој [Исус] камен, што вие како ѕидари го отфрливте, стана глава на аголот; и во никој друг нема спасение; зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:10—12).
20 Овде Петар цитирал од Псалм 117:22 и она што било речено го применил на Исусовата смрт и воскресение. Подбуцнати од своите верски водачи, Евреите го отфрлиле Исус (Јован 19:14—18; Дела 3:14, 15). Тоа што ‚ѕидарите го отфрлиле каменот‘ имало за последица смрт на Христос, но тоа што ‚каменот станал глава на аголот‘ го претставувало неговото подигање во духовна слава на небото. Како што претскажал псалмистот, ‚тоа било од Господа‘ (Псалм 117:23). Тоа што „каменот“ станал Глава на аголот вклучувало да биде возвишен како наименуван Цар (Ефесјаните 1:19, 20).
Поддржувани од надежта во воскресение
21, 22. Каква надеж изразил Јов, според она што е запишано во Јов 14:13—15, и како ова може да ги утеши ужалените денес?
21 Иако ние лично никогаш не сме виделе некој да биде подигнат од мртвите, сепак, видовме некои библиски извештаи кои нѐ уверуваат во воскресението. Затоа, можеме да ја негуваме надежта која ја изразил праведникот Јов. Кога страдал, тој молел: „О, кога би сакал да ме скриеш [Јехова] во шеолот . . . да ми определиш рок кога ќе си спомнеш за мене! Зашто, кога човекот умре, зар може да оживее? . . Би ме повикал, а јас би се оѕвал; имаш желба за делото на Своите раце“ (Јов 14:13—15, ДХК). Бог ‚ќе има желба за делото на своите раце‘, длабоко посакувајќи да го воскресне Јов. Колкава само надеж ни дава тоа!
22 Некој член на едно богобојазливо семејство може сериозно да се разболи, како и Јов, и можеби дури и да подлегне на непријателот смрт. Ужалените можеби леат солзи од жал, исто како што плачел Исус кога умрел Лазар (Јован 11:35). Но, колку е само утешително да се знае дека Бог ќе повика, и оние кои се наоѓаат во неговото сеќавање ќе одговорат! Ќе изгледа како да се вратиле од некое патување — без да бидат болни или со нарушено здравје, да, сосема здрави.
23. Како некои ја изразиле својата доверба во надежта во воскресение?
23 Смртта на една верна постара христијанка поттикнала некои соверници да напишат: „Те молиме прими го нашето најдлабоко сочувство заради загубата на твојата мајка. Ќе помине само кратко време и повторно ќе ја пречекаме — убава и полна со живот!“ Едни родители кои го изгубиле својот син рекле: „Со колкаво само нетрпение го очекуваме денот кога ќе се разбуди Џејсон! Ќе погледне околу себе и ќе го види Рајот по кој толку многу копнееше . . . Каков само поттик е тоа за нас кои го сакаме и ние да бидеме таму“. Да, и колку само можеме да бидеме благодарни што надежта во воскресение е сигурна!
Каков е твојот одговор?
• Како може да ни користи верата во Божјата подготовка да ги подигне мртвите?
• Кои настани запишани во Писмото ни даваат причина за надеж во воскресение?
• Зошто може да се рече дека воскресението е долготрајна надеж?
• Каква поткрепувачка надеж можеме да негуваме во врска со мртвите?
[Слика на страница 10]
Со моќ од Јехова, Илија му го вратил животот на синчето на една вдовица
[Слика на страница 12]
Кога Исус ја вратил во живот ќерката на Јаир, нејзините родители биле вон себе од восхит
[Слика на страница 15]
На ден Пентекост 33 н.е., апостол Петар смело посведочил дека Исус бил подигнат од мртвите