‚Сѐ уште не бил дојден Неговиот час‘
„Никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов“ (ЈОВАН 7:30).
1. Од кои два фактора бил воден Исусовиот правец на постапување?
„СИНОТ Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“, им рекол Исус Христос на своите апостоли (Матеј 20:28). На римскиот управител Понтиј Пилат тој му рекол: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Исус точно знаел зошто ќе умре и каква работа треба да заврши пред својата смрт. Исто така, знаел колку време има за да ја изврши својата мисија. Неговата служба на Земјата како Месија требало да трае само три и пол години. Таа започнала со неговото крштавање во вода на реката Јордан (29 н.е.) во почетокот на претскажаната 70-та симболична седмица и завршила со неговата смрт на маченички столб во средината на таа седмица (33 н.е.) (Даниил 9:24—27; Матеј 3:16, 17; 20:17—19). Според тоа, целиот Исусов правец на постапување на Земјата во суштина бил воден од два фактора: целта на неговото доаѓање и префинето чувство за избирање на вистинскиот момент.
2. Како е прикажан Исус Христос во евангелијата, и како покажал свесност за својата мисија?
2 Евангелските извештаи го прикажуваат Исус Христос како човек од акција кој надолго и нашироко патувал низ земјата Палестина, објавувајќи ја добрата вест за Божјето Царство и вршејќи многу моќни дела. Во раниот дел од Исусовата динамична служба, за него било речено: „Уште не беше дошол часот Негов“. Самиот Исус ја дал оваа изјава: „Времето Мое уште не се исполнило“. Кон крајот на својата служба, тој го користел изразот „дојде часот“ (Јован 7:8, 30; 12:23). Исусовата свесност за часот, односно времето за делото кое му било доделено, вклучувајќи ја и неговата жртвена смрт, сигурно влијаела врз она што го зборувал и правел. Разбирањето на тоа влијание може да ни даде увид во неговата личност и во образецот на неговото размислување, и ќе ни помогне потесно да ‚ги следиме неговите чекори‘ (1. Петрово 2:21, NW).
Решен да ја врши Божјата волја
3, 4. а) Што се случува на една свадба во Кана? б) Зошто Синот Божји приговара на предлогот на Марија дека би требало да стори нешто во врска со недостигот на вино, и што можеме да научиме од тоа?
3 Годината е 29 н.е. Поминале само неколку дена откако Исус лично ги избрал своите први ученици. Сега сите доаѓаат во селото Кана во областа Галилеја за да присуствуваат на една свадба. Таму е и Марија, мајката на Исус. Снемува вино. Сугерирајќи му дека би требало да стори нешто, Марија му вели на својот син: „Немаат вино“. Но, Исус ѝ одговара: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час“ (Јован 1:35—51; 2:1—4).
4 Исусовиот одговор: „Што бараш од Мене, жено?“, е еден стар облик на прашање со кој се покажува приговор на она што е сугерирано или предложено. Зошто Исус приговара на зборовите на Марија? Па, сега тој има 30 години. Само неколку седмици пред тоа се крстил, бил помазан со свет дух и претставен од Јован Крстител како ‚Јагнето Божјо, Кое ги зело гревовите на светот врз Себе‘ (Јован 1:29—34; Лука 3:21—23). Сега водството за него неизбежно мора да дојде од Врховниот Авторитет кој го испратил (1. Коринтјаните 11:3). Никому, па дури ни на некој близок член на семејството, не би можело да му се дозволи да го попречува делото за кое дошол Исус. Каква само решителност да ја врши волјата на својот Татко е изразена во одговорот што ѝ го дал Исус на Марија! Да бидеме и ние на сличен начин решени да ја исполниме ‚целата наша обврска‘ кон Бог (Проповедник 12:13, NW).
5. Какво чудо прави Исус Христос во Кана, и каков ефект има тоа врз другите?
5 Сфаќајќи ја поентата на зборовите на нејзиниот син, Марија веднаш истапува и на служителите им вели: „Сѐ што ќе ви рече, направете!“ И, Исус го решава проблемот. На служителите им вели да ги наполнат ќуповите со вода, и водата ја претвора во најквалитетно вино. Ова претставува увод во Исусовата чудотворна моќ, и знак дека врз него е Божјиот дух. Кога новите ученици го гледаат ова чудо, нивната вера се зајакнува (Јован 2:5—11).
Ревносен за Јеховиниот дом
6. Зошто Исус е огорчен од она што го гледа во храмот во Ерусалим, и каква акција презема?
6 Наскоро е пролет 30 н.е., а Исус и неговите придружници се на пат кон Ерусалим за да ја прослават Пасхата. Додека се таму, учениците го гледаат својот Водач како постапува на начин на кој не постапил никогаш порано. Лакомите еврејски трговци продаваат животни и птици за жртви баш во храмот, и им ги наплатуваат на верните еврејски обожаватели по многу високи цени. Исполнет со огорченост, Исус стапува во акција. Прави бич од јажиња и ги истерува продавачите. Им ги истура кованите пари на менувачите, и им ги испревртува масите. „Носете го тоа одовде!“ им заповеда на оние кои продаваат гулаби. Кога учениците гледаат како Исус постапува со таква жар, си спомнуваат за пророштвото во врска со Божјиот Син: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде“ (Јован 2:13—17; Псалм 68:9). И ние мора ревносно да внимаваме световните тенденции да не го загадат нашето обожавање.
7. а) Што го наведува Никодим да го посети Месијата? б) Што учиме од тоа што Исус ѝ посведочил на една Самарјанка?
7 Додека е во Ерусалим, Исус прави извонредни знаци, и многу луѓе почнуваат да веруваат во него. Дури и Никодим, член на Синедрионот, односно врховниот еврејски суд, е импресиониран од Исус и доаѓа кај него ноќе за да научи повеќе. Потоа, Исус и неговите ученици остануваат во „земјата Јудејска“ околу осум месеци, проповедајќи и правејќи ученици. Меѓутоа, откако е затворен Јован Крстител, тие ја напуштаат Јудеја и се упатуваат кон Галилеја. Додека патуваат низ областа Самарија, Исус искористува една прилика да ѝ даде темелно сведоштво на една Самарјанка. Ова го пробива патот за многу Самарјани да станат верници. Да бидеме и ние будни за приликите да зборуваме за Царството (Јован 2:23; 3:1—22; 4:1—42; Марко 1:14).
Опсежно поучување во Галилеја
8. Какво дело започнува Исус во Галилеја?
8 Пред „часот“ на Исусовата смрт, тој има многу работа во службата за својот небесен Татко. Во Галилеја, Исус започнува уште пообемна служба отколку во Јудеја и Ерусалим. Тој оди ‚по цела Галилеја и, кога поучува по синагогите, го проповеда Евангелието на царството и лекува секаква болест и немоќ кај народот‘ (Матеј 4:23). Неговите предизвикувачки зборови: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ одекнуваат во целата таа област (Матеј 4:17). После неколку месеци, кога доаѓаат двајца ученици на Јован Крстител за од прва рака да добијат извештај за Исус, тој им вели: „Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието; и блажен е оној, кој не ќе се соблазни поради Мене“ (Лука 7:22, 23).
9. Зошто мноштвата се слеваат кон Христос Исус, и каква поука можеме да извлечеме од тоа?
9 ,Добриот глас за Исус се шири по целата околина‘ (NW) и големи мноштва се слеваат кон него — од Галилеја, Декапол, Ерусалим, Јудеја и од другата страна на реката Јордан (Лука 4:14, 15; Матеј 4:24, 25). Тие доаѓаат кај него не само поради неговите чудесни лекувања туку и поради неговите прекрасни поуки. Неговата порака е пријатна и охрабрувачка (Матеј 5:1—7:27). Исусовите зборови се привлечни и восхитувачки (Лука 4:22). Мноштвата се ‚вчудовидени од неговиот начин на поучување‘ (NW) зашто зборува од Писмото со авторитет (Матеј 7:28, 29; Лука 4:32). Кој не би бил привлечен кон таков човек? Да негуваме и ние уметност на поучување за да можат поединците со искрени срца да бидат привлечени кон вистината.
10. Зошто граѓаните на Назарет се обидуваат да го убијат Исус, и зошто не успеваат?
10 Меѓутоа, не се приемливи сите слушатели на Исус. Уште во почетокот на неговата служба, кога поучува во синагогата на својот град Назарет, направен е обид да биде убиен. Иако граѓаните се восхитуваат на неговите ‚привлечни зборови‘ (NW), тие сакаат да видат чуда. Меѓутоа, наместо да изврши таму многу моќни дела, Исус ја разоткрива нивната себичност и недостиг на вера. Исполнети со гнев, оние кои биле во синагогата стануваат, го фаќаат Исус и го водат до една падина на планината за да го фрлат главечки од гребенот. Но, тој им се извлекува и безбедно побегнува. „Часот“ на неговата смрт сѐ уште не бил дојден (Лука 4:16—30).
11. а) Зошто некои верски водачи доаѓаат да го чујат Исус? б) Зошто Исус е обвинет за кршење на Сабатот?
11 Верските водачи — книжници, фарисеи, садукеи и други — се исто така често присутни онаму каде што проповеда Исус. Многумина од нив доаѓаат, не за да слушаат и учат туку за да најдат грешка и да се обидат да го фатат во стапица (Матеј 12:38; 16:1; Лука 5:17; 6:1, 2). На пример, додека е во посета на Ерусалим за Пасхата 31 н.е. Исус лекува еден човек кој е болен 38 години. Еврејските верски водачи го обвинуваат Исус дека го крши Сабатот. Тој одговара: „Мојот Отец [Татко, NW] досега работи, и Јас работам“. Сега Евреите го обвинуваат за хулење заради тоа што тврди дека е Божји син нарекувајќи го Бог Татко. Гледаат да го убијат Исус, но тој и неговите ученици го напуштаат Ерусалим и заминуваат за Галилеја. На сличен начин, и ние сме мудри ако избегнуваме непотребни конфронтации со противниците додека својата енергија ја посветуваме на делото на проповедање на Царството и на правењето ученици (Јован 5:1—18; 6:1).
12. Колку опсежно го обработува Исус подрачјето на Галилеја?
12 Во следната отприлика една и пол година, Исус ја ограничува својата служба претежно на Галилеја, посетувајќи го Ерусалим само за да присуствува на трите годишни празници на Евреите. Сѐ на сѐ, тој презел три проповеднички обиколки во Галилеја: првата со четворицата нови ученици, втората со 12-мина апостоли, и една поопсежна, кога ги испратил и обучените апостоли. Какво само обемно сведоштво за вистината било дадено во Галилеја! (Матеј 4:18—25; Лука 8:1—3; 9:1—6).
Храбро сведочење во Јудеја и Переја
13, 14. а) Во која прилика Евреите се обидуваат да го фатат Исус? б) Зошто службениците не успеваат да го уапсат Исус?
13 Есен е, 32 н.е., а Исусовиот „час“ сѐ уште лежи во иднина. Близу е празникот Сеници. Сега полубраќата го поттикнуваат Исус: „Излези одовде и отиди во Јудеја“. Тие сакаат Исус да им ја покаже својата чудесна моќ на сите кои се собрани на празникот во Ерусалим. Но, Исус е свесен за опасноста. Затоа, на своите браќа им вели: „Јас уште не одам горе на овој празник, зашто моето одредено време уште не дошло во потполност“ (NW) (Јован 7:1—8).
14 Задржувајќи се уште некое време во Галилеја, Исус се искачува во Ерусалим „не јавно, туку некако тајно“. Евреите навистина го бараат на празникот, велејќи: „Каде е Оној?“ Кога половината од празникот веќе е помината, Исус влегува во храмот и храбро почнува да поучува. Се обидуваат да го фатат, можеби да го стават в затвор или да го предадат да биде убиен. Сепак, не успеваат бидејќи ‚неговиот час сѐ уште не бил дојден‘. Сега многумина почнуваат да веруваат во Исус. Дури и офицерите кои се испратени од фарисеите за да го фатат, се враќаат со празни раце, велејќи: „Никогаш човек не говорел така како Овој Човек“ (Јован 7:9—14, 30—46).
15. Зошто Евреите земаат камења за да фрлаат по Исус, и каква проповедничка кампања започнува тој потоа?
15 Судирите меѓу Исус и неговите еврејски противници продолжуваат додека тој поучува за својот Татко во храмот за време на празникот. На последниот ден од празникот, разбеснети поради Исусовите изјави во врска со своето претчовечко постоење, Евреите земаат камења за да фрлаат по него. Но, тој се сокрива и си заминува неповреден (Јован 8:12—59). Додека престојува надвор од Ерусалим Исус започнува една интензивна кампања на сведочење во Јудеја. Тој избира 70 ученици и, откако ги поучува, ги испраќа двајца по двајца за да го работат подрачјето. Тие одат пред Исус во секое место и град каде тој, придружуван од апостолите, планира да оди (Лука 10:1—24).
16. Каква опасност избегнува Исус за време на празникот Посветување, и со какво дело повторно се зафаќа?
16 Зимата 32 н.е., Исусовиот „час“ уште повеќе наближува. Тој доаѓа во Ерусалим на празникот Посветување. Евреите сѐ уште настојуваат да го убијат. Додека Исус оди во колонадата на храмот, тие го опколуваат. Обвинувајќи го повторно за хулење, земаат камења за да го убијат. Но, како што сторил и во претходните прилики, Исус побегнува. Набрзо е на пат поучувајќи, овојпат од град во град и од село во село во областа Переја, преку Јордан, од другата страна на Јудеја. И мнозина почнуваат да веруваат во него. Но, една порака во врска со неговиот сакан пријател Лазар го враќа повторно во Јудеја (Лука 13:33; Јован 10:20—42).
17. а) Каква итна порака добива Исус додека проповеда во Переја? б) Што покажува дека Исус е свесен за целта на акцијата која мора да ја преземе и за вистинскиот момент на настаните?
17 Итната порака е од Марта и Марија, сестрите на Лазар, кои живеат во Витанија во Јудеја. „Господи, ете, оној што го милуваш, болен е“, раскажува гласникот. „Таа болест не е за умирање“, одговара Исус, „туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.“ За да ја постигне оваа цел, Исус два дена намерно останува таму каде што е. Потоа им вели на своите ученици: „Да отидеме пак во Јудеја!“ Тие скептично му одговараат: „Рави, сега сакаа да те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?“ Но, Исус е свесен дека преостанатите ‚часови дневна светлина‘ (NW), или времето кое Бог му го доделил за неговата земна служба, е кратко. Тој точно знае што мора да стори и зошто (Јован 11:1—10).
Чудо кое никој не можел да го игнорира
18. Каква е ситуацијата кога Исус пристигнува во Витанија, и што се случува по неговото пристигнување?
18 Во Витанија, Марта е првата која го пресретнува Исус, велејќи: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми“. По неа идат Марија и оние кои дошле во нивниот дом. Сите плачат. „Каде сте го положиле?“, прашува Исус. Тие му одговараат: „Господи, дојди и види!“ Кога пристигнуваат кај спомен-гробот — пештера на чиј влез е положен камен — Исус изјавува: „Кренете го каменот!“ Не сфаќајќи каква намера има Исус, Марта приговара: „Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен“. Но, Исус одговара: „Нели ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?“ (Јован 11:17—40).
19. Зошто Исус се моли јавно пред да го воскресне Лазар?
19 Кога го тргнуваат каменот кој го покрива влезот од гробот на Лазар, Исус гласно се моли за луѓето да знаат дека она што сега ќе го стори го постигнал преку Божјата моќ. Потоа, извикува со силен глас: „Лазаре, излези надвор!“ Лазар излегува со нозете и рацете завиени во погребни повои, и со лицето завиткано со крпа. „Одвиткајте го и оставете го да оди!“, вели Исус (Јован 11:41—44).
20. Како реагираат оние кои гледаат како Исус го воскреснува Лазар?
20 Кога го гледаат ова чудо, многумина од Евреите кои биле дојдени да ги утешат Марта и Марија почнуваат да веруваат во Исус. Други заминуваат за да им кажат на фарисеите што се случило. Каква е нивната реакција? Тие и главните свештеници веднаш свикуваат итен состанок на Синедрионот. Во паника се жалат: „Што да правиме? Овој човек прави многу чудеса. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот“. Но, првосвештеникот Кајафа им вели: „Вие ништо не знаете, ниту помислувате, дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне“. Затоа, од тој ден се согласуваат да го убијат (Јован 11:45—53).
21. Во што е предигра чудото на воскресението на Лазар?
21 Така, одложувајќи го своето пристигнување во Витанија, Исус може да изврши чудо кое никој не може да го игнорира. Овластен од Бог, Исус воскреснува човек кој бил четири дена мртов. Дури и угледниот Синедрион е принуден да обрне внимание и да донесе смртна пресуда за Чудотворецот! Така чудото служи како предигра во една важна пресвртница во Исусовата служба — промена од периодот кога ‚неговиот час сѐ уште не бил дојден‘ до времето кога ‚дошол часот‘.
Како би одговорил?
• Како Исус покажал дека е свесен за своето дело доделено од Бог?
• Зошто Исус приговара на предлогот на мајка си во врска со виното?
• Што можеме да научиме од начинот на кој Исус честопати се справувал со противниците?
• Зошто Исус одложува да реагира на болеста на Лазар?
[Слики на страница 12]
Исус ја посветил својата енергија на одговорноста која му ја доделил Бог