Животна приказна
„Не знаете каков ќе ви биде животот утре“
РАСКАЖАЛ ХЕРБЕРТ ЏЕНИНГС
„Се враќав кон канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Гана од пристанишниот град Тема и запрев за да земам еден младич кој бараше превоз до градот. Ја искористив приликата да му посведочам. Помислив дека прекрасно го правам тоа! Меѓутоа, кога стигнавме до одредиштето на младичот, тој скокна од камионот и фати да трча.“
ШТОТУКУ спомнатиот настан ми беше доказ дека во мојот живот се случува нешто необично. Пред да раскажам што се случи, дозволете да ви кажам како јас, Канаѓанец, се најдов во Гана.
Беше средината на декември 1949 во едно северно предградие на Торонто (Канада). Штотуку бевме завршиле со копање на скоро еден метар смрзната земја за да спроведеме вода до една нова куќа. Измрзнати и уморни, сите од работната екипа бевме склупчени околу еден оган од струготини од дрво, чекајќи го камионот да нѐ земе. Одеднаш, Арнолд Лортон, еден од работниците, почна да зборува нешто за „војни и гласови за војни“, за „крајот на овој свет“, и употреби други изрази кои ми беа сосема непознати. Сите веднаш замолкнаа, им стана непријатно, а некои дури покажаа и непријателство кон него. Се сеќавам дека си помислив: ‚Момчево е многу храбро! Никој овде не сака да го слуша, а сепак продолжува‘. Но, она што го кажуваше тој ја погоди правата жица во мене. Беа поминати само неколку години по II светска војна, и никогаш немав чуено такви работи во христаделфиската религија која беше дел од моето семејство неколку генерации. Слушав внимателно, маѓепсан од неговите објаснувања.
Не ми требаше многу за да му пријдам на Арнолд за повеќе информации. Кога ќе се присетам, сфаќам колку тој и неговата сопруга Џин беа толерантни и љубезни кон мене, неискусен 19-годишник. Честопати им одев дома ненајавен и непоканет за да разговарам со нив. Тие ме изведоа на прав пат и ми помогнаа да го средам конфликтот на мерилата и моралот кој ми се беше увртел во мојот младешки ум. Десет месеци по тоа прво искуство покрај патот крај огнот, на 22 октомври 1950 се крстив како Јеховин сведок и се поврзав со собранието Вилодејл во Северен Јорк, сега дел од Торонто.
Напредувам со сообожавателите
Животот дома стана сѐ понапнат кога татко ми сфати дека сум решен да продолжам со мојата новопронајдена вера. Татко ми малку пред ова беше жртва на директен судар кој го предизвика еден пијан возач и затоа честопати не можеше да се излезе на крај со него. Животот на мајка ми, двајцата мои браќа и двете сестри беше тежок. Напнатоста заради библиската вистина растеше. Затоа изгледаше мудро да си заминам од дома во интерес на мирот со моите родители и да се утврдам на „патот на вистината“ (2. Петрово 2:2).
Кон крајот на летото 1951 се прибрав во едно мало собрание во Колеман (Алберта). Таму имаше двајца младичи, Рос Хант и Кит Робинс, зафатени во полновременото јавно проповедање, познато како општа пионерска служба. Тие ми помогнаа да се насочам кон истата доброволна служба. На 1 март 1952 се придружив кон редовите на општите пионери.
Со наклоност се сеќавам на охрабрувањето што го добив. Имав уште многу да учам, а тоа беше мојот полигон. Подоцна, откако поминав околу една година во пионерска служба во собранието Летбриџ (Алберта), добив неочекувана покана да служам како патувачки надгледник. Требаше да им служам на собранијата на Јеховините сведоци распрснати по должината на источниот брег на Канада, од Монктон (Њу Брансвик) до Гаспе (Квебек).
На само 24-годишна возраст и релативно нов во вистината, се чувствував многу недостаточен, особено во споредба со зрелите Сведоци на кои требаше да им служам. Вложував искрени напори во следните неколку месеци. Потоа дојде едно друго изненадување.
Гилеад школа и на пат кон Златниот брег
Во септември 1955 бев поканет да им се придружам на околу уште сто студенти на 26. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower во Саут Ленсинг (Њујорк). Петте месеци интензивна обука и проучување беа токму она што ми беше потребно. Мојот ентузијазам се зголеми од заедништвото со една толку силно мотивирана група. Во тоа време се случи уште нешто што ми го збогати животот до денешен ден.
Меѓу студентите кои се подготвуваа за мисионерска активност имаше една млада сестра, Ајлин Стабс. Во неа видов некоја стабилност, разумна практичност и скромен, весел карактер. Мислам дека ја уплашив кога несмасно ѝ ги изјавив моите намери. Меѓутоа, таа не побегна! Со заемна согласност, Ајлин отиде на својата мисионерска доделба во Костарика, а јас на мојата во Златниот брег (сега Гана, Западна Африка).
Едно утро, во мај 1956, се најдов на десеттиот кат во канцеларијата на брат Натан Нор во Бруклин (Њујорк). Тогаш тој беше претседател на Watch Tower Society. Добив доделба да бидам слуга на подружницата за да го надгледувам проповедничкото дело во Златниот брег, Тоголенд (сега Того), Брегот на слонова коска, Горна Волта (сега Буркина Фасо) и Гамбија.
Се сеќавам на зборовите на брат Нор како да ми ги кажа вчера. „Не треба веднаш да ја преземеш одговорноста“, ми рече. „Не брзај; учи од тамошните искусни браќа. Потоа, кога ќе се почувствуваш подготвен, почни да служиш како слуга на подружницата . . . Еве го писмото за твоето наименување. Седум дена откако ќе пристигнеш, преземи ја одговорноста“.
‚Само седум дена‘, си помислив. ‚А што стана со она „не брзај“?‘ Си заминав од тој разговор зашеметен.
Наредните неколку дена ми поминаа брзо. За многу кратко време веќе бев на оградата на еден брод за превоз на товар, кој отплови од Ист Ривер, зад канцеларијата на Заедницата во Бруклин, започнувајќи го 21-дневното прекуокеанско патување кон Златниот брег.
Ајлин и јас им создававме работа на поморските поштенски служби. Повторно се сретнавме во 1958, кога и се венчавме на 23 август. Никогаш не пропуштам да му се заблагодарам на Јехова за таквата извонредна партнерка.
Цели 19 години ја ценев предноста да служам заедно со другите мисионери и моите африкански браќа и сестри во канцеларијата на подружницата на Заедницата. Во тој период Бетелската фамилија порасна од само една рака луѓе на околу 25. Тоа беа предизвикувачки, полни со настани и продуктивни денови за нас. Но, морам да бидам отворен. За мене лично особен предизвик беше топлата, влажна клима. Се чинеше дека секогаш се потев, рацете секогаш ми беа влажни, а понекогаш бев и раздразлив. Сепак, беше вистинска радост да се служи, додека нашиот број во Гана порасна од само нешто повеќе од 6.000 објавители на Царството во 1956 на 21.000 во 1975. А двојно е задоволството кога се гледа дека денес таму има над 60.000 вредни Сведоци.
„Утре“ кое не го очекувавме
Некаде во 1970, почнав да доживувам здравствен проблем кој беше многу тешко да се идентификува. Направив комплетни медицински прегледи, но ми рекоа дека имам „добро здравје“. Тогаш, зошто секогаш се чувствував толку слабо, толку исцрпено, толку немирно? Одговорот го дадоа две работи, кои за нас беа шок. Всушност, како што напишал Јаков: „Не знаете каков ќе ви биде животот утре“ (Јаков 4:14).
Прво навестување беше искуството со младичот кому му сведочев додека го возев кон градот. Не ни сфаќав дека цело време сум дрдорел, говорејќи сѐ побрзо и посилно. Кога стигнавме до одредиштето на овој младич, бев вчудовиден кога тој скокна од камионот и фати да трча. Повеќето Ганци по природа се смирени, прилично спокојни, способни речиси со сѐ лежерно да се справат. Неговата реакција едноставно не ми се вклопуваше во сликата. Седев таму размислувајќи. Сфатив дека имам проблем. Но каков, не знаев. Но, дефинитивно имав проблем.
Второ, по една особено длабока дискусија, Ајлин ми предложи: „Добро, ако проблемот не е физички, тогаш мора да е душевен“. Затоа внимателно ги запишав сите мои симптоми и отидов на психијатар. Кога го прочитав списокот, неговиот одговор гласеше: „Ова е класичен случај. Вие страдате од манично-депресивна психоза“.
Бев шокиран! Додека настојував да се борам во следните две години, доживував постојан пад. Трагав по решение. Но, всушност, никој не знаеше што да се прави. Каква само фрустрирачка борба беше тоа!
Отсекогаш целта ни беше да се држиме за предноста на полновремената служба како наш животен позив, и имаше да се заврши уште многу работа. Упатив многу срчени и горливи молитви: „Јехова, ако ти сакаш, ‚ќе живеам и ќе го сторам ова или она‘“ (Јаков 4:15). Но, не испадна така. Затоа, соочувајќи се со реалноста, средивме да ја напуштиме Гана и многуте блиски пријатели, и во јуни 1975 се вративме во Канада.
Јехова дава помош преку својот народ
Наскоро дознав дека не сум незаменлив ниту, пак, дека мојот проблем е единствен. За мене добија значење зборовите од 1. Петрово 5:9: „[Знајте] дека, што се однесува до страдањата, истите работи ја снаоѓаат целата заедница од ваши браќа по светот“. Откако го сфатив ова, почнав да увидувам дека Јехова навистина нѐ поддржува обајцата и покрај оваа неочекувана промена. На каков само прекрасен начин ‚заедницата од браќа‘ ни даде помош во многу погледи!
Иако немавме многу во материјален поглед, Јехова не нѐ напушти. Тој ги поттикна нашите пријатели во Гана да ни дадат помош и во материјален поглед и на други начини. Со длабоко измешани емоции се збогувавме со оние кои ни беа станале многу драги и се свртевме да се справиме со ова неочекувано „утре“.
Ленора, сестрата на Ајлин, и Алвин Фризен, нејзиниот сопруг љубезно нѐ сместија кај себе и великодушно се грижеа за нашите потреби неколку месеци. Еден прочуен психијатар ми го даде ова уверливо предвидување: „За шест месеци пак ќе застанеш на нозе“. Можеби ова го рече за да ми влее доверба, но тоа предвидување не се исполни ниту по шест години. До ден-денес се борам со она што сега учтиво се нарекува биполарно афективно растројство. Сигурно тоа е едно пољубезно име, но како што многу добро знаат оние кои страдаат од него, пољубезното име во никој случај не ги олеснува моќните симптоми на заболувањето.
Во тоа време, брат Нор веќе страдаше од една болест која на крај доведе до негова смрт во јуни 1977. Сепак, тој наоѓаше време и енергија да ми пишува долги, охрабрувачки писма со зборови на утеха и совети. Сѐ уште многу ги ценам тие писма. Неговите зборови многу ми помогнаа да ги смирам неразумните чувства на неуспех кои цело време избиваа на површина.
Кон крајот на 1975 моравме да ги напуштиме предностите на нашата многу ценета полновремена служба и да се сосредоточиме на стабилизирање на моето здравје. Вообичаената дневна светлина ми сметаше на очите. Ненадејни остри звуци ми одекнуваа како истрели. Се вознемирував кога околу мене имаше многу луѓе. Беше вистинска борба само да се присуствува на христијанските состаноци. Сепак, бев апсолутно уверен во вредноста на духовното дружење. За да се справам со тоа, обично влегував во Салата на Царството откако ќе се сместеше мноштвото и си заминував токму пред тоа да почне да се раздвижува на крајот од програмата.
Учеството во јавната служба претставуваше уште еден голем предизвик. Понекогаш, дури и откако ќе пристигнев до некоја куќа, едноставно не можев да се натерам да заѕвонам. Меѓутоа, не прекинував, бидејќи сфаќав дека нашата служба значи спасение за нас и за сите кои ќе реагираат поволно (1. Тимотеј 4:16). По некое време ќе можев да си ги ставам емоциите под контрола, да појдам на следната врата и пак да се обидам. Продолжувајќи да учествувам во службата, задржав разумно духовно здравје, и тоа ја зголеми мојата способност да излезам на крај со ситуацијата.
Поради хроничната природа на биполарното афективно растројство, сфатив дека најверојатно ќе биде дел од мојот живот во текот на сегашниов систем на работи. Во 1981 во Разбудете се!a излезе одлична серија статии. Со нивна помош почнав подобро да ја сфаќам природата на оваа болест и научив повеќе за некои делотворни техники како да се излезе на крај со неа.
Учам да излегувам на крај
Сево ова не помина без жртви и преиначувања од страна на мојата сопруга. Ако си негувател во слични околности, веројатно ќе ги цениш нејзините забележувања:
„Се чини дека афективното растројство предизвикува промена во личноста. За неколку часа, оној што страда од него може да се промени од еден жив, охрабрувачки настроен поединец кој смислува планови и идеи, во исцрпена, негативна, па дури и гневна личност. Ако не се признае како болест, тоа би можело да предизвика чувства на огорченост и збунетост кај другите. Очигледно, плановите мора брзо да се сменат, и започнува една борба на личноста со чувства на разочарување или отфрленост“.
Што се однесува до мене, кога се чувствувам многу добро, станувам загрижен. Инстинктивно знам дека после „доброто расположение“ следи тонење кон мрачно „дно“. Во мојот случај ‚дното‘ е подобро отколку „доброто расположение“ бидејќи дното обично ме блокира неколку денови, и веројатно нема да направам нешто неурамнотежено. Ајлин ми е од голема помош со тоа што ме предупредува да не се возбудувам претерано и ме теши и ме поддржува кога ќе ме надвладее мрачното расположение.
Кога заболувањето е најактивно постои една многу реална опасност да се стане обземен со самиот себе и да се исклучи сѐ друго. Човек може во целост да се изолира кога се наоѓа во депресивно расположение или да не е свесен за чувствата и реакциите на другите во текот на една манична епизода. Порано ми беше тешко да го прифатам доказот за мојот душевен и емоционален проблем. Морав да се борам со размислувањето дека проблемот е нешто надворешно, на пример, некој неуспешен проект или некоја друга личност. Секогаш одново морав да се потсетувам: ‚Околу мене ништо не е сменето. Проблемот е внатрешен, а не надворешен‘. Постепено го преиначив моето размислување.
Низ годините, обајцата научивме да бидеме отворени и искрени со себеси и со другите во врска со мојата состојба. Настојуваме да задржиме оптимистичен став и да не дозволиме болеста да доминира со нашиот живот.
Подобро „утре“
Со горливи молитви и многу борби извлекуваме корист од Јеховиниот благослов и поддршка. Сега обајцата сме во години. Јас сум под редовен медицински надзор со умерена, но постојана доза лекови, и во разумна мера имам стабилно здравје. Ги цениме кои и да било предности на службата што можеме да ги имаме. И понатаму служам како собраниски старешина. Секогаш се обидуваме да ги поддржуваме другите во верата.
Навистина, како што се вели во Јаков 4:5: „Не знаете каков ќе ви биде животот утре“. Така ќе биде сѐ додека постои овој систем на работи. Меѓутоа, звучат вистинито и зборовите во Јаков 1:12: „Среќен е оној човек кој и понатаму истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде одобрен, ќе ја добие круната на животот која Јехова им ја ветил на оние кои продолжуваат да го љубат“. Нека сите ние застанеме цврсто денес и ги доживееме благословите кои ги спрема Јехова за нас утре.
[Фуснота]
a Види ги статиите „Можеш да излезеш на крај со животот“ во англиските изданија на Разбудете се! од 8 август 1981, „Како можеш да се бориш со депресијата“ во изданието од 8 септември 1981 и „Како да се нападне тешката депресија“ од 22 октомври 1981.
[Слика на страница 26]
Во потрага по осаменост во моето уметничко ателје
[Слика на страница 26]
Со мојата сопруга Ајлин
[Слика на страница 28]
На собирот „Вечна добра вест“ одржан во Тема (Гана) во 1963