Животна приказна
Бевме тим
РАСКАЖАЛА МЕЛБА БЕРИ
На 2 јули 1999, мојот сопруг и јас бевме на еден голем собир на Јеховините сведоци, како што сме биле илјадници пати во нашите 57 години брак. Тој петок Лојд го изнесуваше последното предавање на обласниот конгрес на Хаваи. Одеднаш, се онесвести. И покрај сите напори да го освестат, почина.a
КОЛКУ само беа мили тие христијански браќа и сестри на Хаваи кои се собраа околу мене и ми помогнаа да излезам на крај со оваа трагедија! Лојд имаше удел во животот на многумина од нив, како и на многу други низ целиот свет.
Во овие речиси две години од неговата смрт, размислував за скапоцените години што ги минавме заедно — од кои многу на странска мисионерска доделба, како и во светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). Исто така, се потсетив на мојот ран живот во Сиднеј (Австралија), и на предизвиците со кои се соочивме Лојд и јас за да се венчаме во почетокот на II светска војна. Но, најпрвин да ви кажам како станав Сведок и како го запознав Лојд во 1939 година.
Како станав Сведок
Џејмс и Хенриета Џоунс беа моите љубезни и грижливи родители. Имав само 14 години кога го завршив училиштето во 1932. Тогаш светот беше среде Големата депресија. Почнав да работам за да му помогнам на семејството, во кое спаѓаа и две мои помали сестри. По неколку години добив добро платено работно место како претпоставена на неколку млади жени.
Во меѓувреме, во 1935, мајка ми зеде библиска литература од еден Јеховин сведок и набрзо се увери дека ја пронашла вистината. Ние останатите мислевме дека полудела. Меѓутоа, еден ден ја видов брошурката со наслов Where Are the Dead? (Каде се мртвите?) и насловот ме заинтересира. Затоа тајно ја прочитав. И таа си го стори своето! Веднаш почнав да одам со мајка ми на еден состанок во средината на седмицата наречен Модел за проучување. Брошурката со наслов Модел за проучување — на крај ги имаше три — содржеше прашања и одговори, како и стихови кои ги поткрепуваа одговорите.
Отприлика во тоа време, во април 1938, Џозеф Ф. Ратерфорд, претставник на светската централа на Јеховините сведоци, го посети Сиднеј. Неговото јавно предавање беше првото на кое присуствував. Тоа требаше да се одржи во Градската сала во Сиднеј, но противниците успеаја во тоа да ни биде откажана таа локација. Наместо тоа, говорот беше одржан на многу поголемиот сиднејски Спортс граунд. Поради додатниот публицитет што се направи со противењето, беа присутни околу 10.000 лица, зачудувачки број ако се земе предвид дека во тоа време во Австралија имаше само 1.300 Сведоци.
Кратко потоа, учествував во службата на теренот за првпат — и тоа без никаква обука. Кога нашата група пристигна на подрачјето за проповедање, тој што предводеше ми рече: „Она е твоја куќа“. Бев толку нервозна што кога госпоѓата ја отвори вратата, ја прашав: „Ќе можете ли да ми кажете, Ве молам, колку е часот?“ Таа влезе внатре, виде колку е часот, се врати и ми кажа. Тоа беше сѐ. Се вратив кај автомобилот.
Меѓутоа, не се откажав, и наскоро редовно ја споделував пораката за Царството со другите (Матеј 24:14). Во март 1939, го симболизирав моето предание на Јехова со тоа што се крстив во кадата на Дороти Хачингс, сосетката до нас. Бидејќи немаше на располагање браќа, набрзо откако се крстив ми беа дадени собраниски одговорности кои обично се наменети за христијански мажи.
Состаноците обично ги одржувавме во приватни домови, но понекогаш изнајмувавме сала за јавни предавања. Еден згоден млад брат од Бетел, канцеларијата на нашата подружница, дојде во нашето собрание за да одржи говор. Јас не знаев дека имал и друга причина да дојде — да ме измерка мене. Да, така всушност го запознав Лојд.
Го запознавам семејството на Лојд
Набрзо имав желба да му служам на Јехова полновремено. Меѓутоа, кога поднесов молба за пионер (да учествувам во полновременото проповедничко дело), ме прашаа дали сакам да служам во Бетел. Па така, во септември 1939, месецот кога започна II светска војна, станав член на бетелската фамилија во Стратфилд, предградие на Сиднеј.
Во декември 1939 отпатував за Нов Зеланд на конгрес. Бидејќи Лојд беше од Нов Зеланд, дојде и тој. Патувавме со истиот брод, и подобро се запознавме. Лојд се погрижи да се сретнам со мајка му, татко му и неговите сестри на конгресот во Велингтон, а подоцна и во нивниот дом во Крајстчерч.
Забрана на нашето дело
Во сабота, на 18 јануари 1941, во канцеларијата на подружницата пет-шест црни лимузини дојдоа со службеници на Комонвелтот за да го конфискуваат имотот. Бидејќи работев во стражарската куќичка на влезот од Бетелот, прва ги видов. Околу 18 часа пред тоа бевме известени за забраната, така што речиси целата литература и архива беше преместена од подружницата. Следната седмица, петмина членови на бетелската фамилија, вклучувајќи го и Лојд, беа ставени в затвор.
Знаев дека на браќата во затворот најмногу им е потребна духовна храна. За да го охрабрам Лојд, решив да му пишувам „љубовни писма“. Почнував во стилот што се очекува од едно такво писмо, но потоа препишував цели статии од Стражарска кула и се потпишував како неговата сакана. По четири и пол месеци, Лојд беше пуштен.
Брак и понатамошна служба
Во 1940 мајка му на Лојд ја посети Австралија, и тој ѝ кажа дека размислуваме за брак. Таа го советувала против тоа бидејќи се чинеше дека е многу близу крајот на системот на работи (Матеј 24:3-14). Исто така, тој им спомнал на своите другари какви намери има, но тие секојпат го наговараа да не се жени. Конечно, еден ден, во февруари 1942, Лојд тивко ме одведе мене — како и четворица Сведоци кои ветија дека нема да кажуваат — во матична служба, и се венчавме. Во тоа време во Австралија не постоеше подготовка Јеховините сведоци да можат да венчаваат.
Иако не ни беше дозволено да продолжиме со нашата бетелска служба како брачен пар, нѐ прашаа дали сакаме да одиме во специјална пионерска служба. Радосно ја прифатиме задачата во едно гратче по име Вага Вага. Нашето дело на проповедање сѐ уште беше под забрана, и немавме никаква финансиска помош, па затоа навистина моравме да го фрлиме нашиот товар на Јехова (Псалм 55:22, NW).
Во селските подрачја одевме со велосипед за двајца, запознавме некои фини луѓе, и имавме долги дискусии со нив. Не прифатија многумина библиска студија. Меѓутоа, еден дуќанџија толку многу го ценеше делото кое го вршевме што секоја седмица ни даваше овошје и зеленчук. Откако поминавме шест месеци во Вага Вага, пак бевме повикани во Бетел.
Во мај 1942 членовите на бетелската фамилија ја напуштија канцеларијата во Стратфилд и беа разместени во приватни домови. Се селеа од една куќа во друга отприлика на секои две седмици за да не бидат откриени. Кога во август Лојд и јас се вративме во Бетелот, им се придруживме на една од тие локации. Нашата задача во текот на денот беше да работиме во една од подземните печатници што беа отворени. Конечно, во јуни 1943, забраната на нашето дело беше симната.
Подготовка за служба во странство
Во април 1947 ни беа дадени прелиминарни молби за запишување на Библиската школа Гилеад на Watchtower, сместена во Саут Ленсинг (Њујорк, САД). Во меѓувреме, бевме доделени да ги посетуваме собранијата во Австралија за духовно да ги зајакнуваме. По неколку месеци, добивме покана да присуствуваме на 11. клас на Гилеад. Имавме три седмици за да си ги средиме работите и да се спакуваме. Во декември 1947 ги напуштивме семејството и пријателите и се упативме кон Њујорк со уште 15 други од Австралија кои беа поканети во истиот клас.
Неколкуте месеци кои ги минавме на школата Гилеад летнаа, и добивме мисионерска доделба во Јапонија. Бидејќи беше потребно време за да се средат документите за Јапонија, Лојд беше повторно доделен како патувачки надгледник на Јеховините сведоци. Собранијата кои требаше да ги посетуваме се протегаа од градот Лос Анџелес сѐ до мексиканската граница. Немавме автомобил, па затоа секоја седмица Сведоците со љубов нѐ превезуваа од едно собрание до друго. Подрачјето што го опфаќаше таа огромна покраина денес сочинува делови од три англиски и три шпански области, а секоја област е составена од околу 10 покраини!
Неочекувано, тоа беше октомври 1949, се најдовме на пат за Јапонија на еден брод кој порано пренесувал војска. Едниот крај од бродот беше резервиран за мажи, а другиот за жени и деца. Само еден ден пред да стигнеме во Јокохама, бевме погодени од тајфун. Очигледно, тој го расчисти воздухот, зашто кога следнот ден, на 31 октомври, изгреа сонцето, можевме да ја видиме планината Фуџи во сиот нејзин сјај. Какво само величествено добредојде на нашата нова доделба!
Работење со Јапонците
Како што се приближувавме кон пристаништето, можевме да видиме стотици црнокоси луѓе. ‚Какво бучно мноштво!‘ си мислевме додека слушавме силно тропање. Сите носеа дрвени кломпи кои тропаа по дрвеното пристаниште. По една ноќ во Јокохама, фативме воз за нашата мисионерска доделба, Кобе. Таму, Дон Хаслет, колега од Гилеад кој пристигна во Јапонија неколку месеци пред нас, беше изнајмил мисионерски дом. Тоа беше една прекрасна, голема, двоспратна куќа во западен стил — сосема празна!
За да имаме на што да спиеме, ја насековме високата трева во дворот и ја пославме на подот. Така започна нашиот мисионерски живот, немавме ништо освен багажот. Набавивме мали печки на јаглен, наречени хибачи, за да имаме на што да се грееме и да готвиме. Една ноќ, Лојд ги најде двајцата други мисионери, Перси и Илма Излоб, онесвестени. Ги освести така што ги отвори прозорците за да влезе малку свеж, студен воздух. И јас еднаш се онесвестив додека готвев на јаглената печка. Требаше време додека да се навикнеме на некои работи!
Учењето на јазикот имаше приоритет, и еден месец учевме јапонски по 11 часа на ден. Потоа, тргнавме во служба со една или две напишани реченици за да започнеме. Првиот ден кога излегов во служба, сретнав една мила госпоѓа, Мијо Такаги, која љубезно ме прими. За време на повторните посети се мачевме со помош на јапонско-англиски речници сѐ додека не се разви една прекрасна библиска студија. Во 1999, кога присуствував на свеченото отворање на проширениот објект на подружницата во Јапонија, пак ја видов Мијо, како и извесен број други драги лица со кои проучував. Поминаа педесет години, но тие сѐ уште се ревни објавители на Царството, правејќи онолку колку што можат за да му служат на Јехова.
На 1 април 1950, на Меморијалот на Христовата смрт во Кобе присуствуваа околу 180 лица. На наше изненадување, следното утро 35 лица дојдоа за да учествуваат во службата на теренот. Секој мисионер зеде со себе во службата по тројца или четворица од овие нови. Домаќините не разговараа со мене — странец кој малку разбираше — туку со Јапонците кои присуствуваа на Меморијалот што ме придружуваа. Разговорите течеа, а немав поим за што разговараат. Среќна сум што можам да кажам дека некои од овие нови напредуваа во спознанието и продолжуваат со делото на проповедање сѐ до денес.
Многу предности и доделби
Продолживме со нашето мисионерско дело во Кобе до 1952, кога бевме доделени во Токио, каде што Лојд доби задача да ја надгледува канцеларијата на подружницата. Со текот на времето, неговите работни задачи го одведоа низ цела Јапонија и во други земји. Подоцна, на една од своите посети на Токио, Натан Х. Нор од светската централа ми рече: „Патем, знаеш ли каде ќе оди твојот сопруг на следното зонско патување? Во Австралија и Нов Зеланд“. Додаде: „Можеш и ти да одиш, ако си го платиш патот“. Колкаво возбудување! Впрочем, беа поминати девет години откако го напуштивме домот.
После тоа брзо се зафативме со пишување писма. Мајка ми ми помогна за картата. Лојд и јас бевме зафатени со нашите доделби, и немавме пари за да си ги посетиме семејствата. Така, ова беше одговор на моите молитви. Како што можеш и да си замислиш, мајка ми беше многу среќна што ме гледа. Ми рече: „Па, сега ќе почнам да штедам за да дојдеш пак по три години“. Се разделивме со таа мисла, но за жал, таа почина следниот јули. Какво прекрасно повторно обединување се надевам да имам со неа во новиот свет!
Сѐ до 1960 мојата доделба го вклучуваше само мисионерското дело, но тогаш добив писмо во кое беше објаснето: „Направена е подготовка, од овој датум, да переш и да пеглаш за целата бетелска фамилија“. Во тоа време нашето семејство броеше само дванаесеттина луѓе, така што освен за мојата мисионерска задача можев да се грижам и за оваа работа.
Во 1962 нашиот дом во јапонски стил беше разурнат, и на тоа место следната година беше завршен еден нов шесткатен бетелски дом. Добив задача да им помагам на младите, нови бетелски браќа да ги одржуваат уредни своите соби и да ги чистат откако ќе работат нешто. По обичај, момчињата во Јапонија не се поучуваат да работат нешто низ дома. Беше ставан нагласок на световното образование, и мајките работеле сѐ за нив. Набрзо научија дека не сум им мајка. Со текот на времето, многумина напредуваа до степен да преземат нови, одговорни задачи во организацијата.
Еден многу топол летен ден, една библиска студентка беше во обиколка на нашите објекти и ме виде како ги чистам бањите. Ми рече: „Те молам, кажи му на оној кој е овде одговорен дека би сакала да платам да дојде куќна помошничка да го работи ова место тебе“. Ѝ објаснив дека иако го ценам нејзиниот љубезен обѕир, јас сум повеќе од спремна да работам сѐ што ќе ми биде доделено во Јеховината организација.
Отприлика во тоа време, Лојд и јас добивме покана да присуствуваме на 39. клас на Гилеад! Каква само предност беше тоа во 1964, на 46 годишна возраст, пак да се оди на школата! Курсот беше организиран посебно за да им се помогне на оние кои служеа во канцелариите на подружниците да се грижат за своите одговорности. По десетмесечниот курс повторно бевме доделени во Јапонија. До тоа време, во таа земја имаше над 3.000 објавители на Царството.
Растот доби толкав замав што до 1972 имаше повеќе од 14.000 Сведоци, и во Нумазу, јужно од Токио, беше изградена една нова петкатна канцеларија на подружницата. Од нашите згради имавме спектакуларна глетка на планината Фуџи. Огромната нова ротациона преса почна да печати по повеќе од еден милион списанија месечно на јапонски јазик. Но, на повидок беше една промена.
При крајот на 1974, Лојд доби писмо од централата на Јеховините сведоци во Бруклин со кое беше поканет да служи во Водечкото тело. Во почетокот си помисливме: ‚Па, тоа е тоа. Со оглед на тоа што Лојд има небесна надеж, а јас земна, порано или подоцна и така ќе мора да се разделиме. Можеби Лојд ќе треба да оди во Бруклин без мене‘. Но, набрзо го исправив моето размислување и спремно се преселив со Лојд во март 1975.
Благослови во централата
Дури и во Бруклин, срцето на Лојд му беше на јапонскиот терен, и секогаш ги раскажуваше искуствата што ги доживеавме таму. Но, сега имавме прилики да се прошириме. Последните 24 години од својот живот, Лојд во голема мера беше користен во зонското дело, што вклучуваше патување низ целиот свет. Јас го придружував низ светот неколкупати.
Посетувањето на нашите христијански браќа во другите земји ми помогна да ги разберам околностите под кои живеат и работат многумина од нив. Никогаш нема да го заборавам лицето на десетгодишната Ентелија, девојче кое го запознавме во северна Африка. Го сакаше Божјето име и пешачеше по час и половина во еден правец за христијанските состаноци. И покрај суровото прогонство од семејството, Ентелија му се предаде на Јехова. Кога го посетивме нејзиното собрание, имаше само една слаба сијалица која висеше над забелешките на говорникот — инаку, на местото на состанокот прст пред око не се гледаше. Во оваа темнина, ни се одземаше здивот додека го слушавме прекрасното пеење на браќата и сестрите.
До една врвна точка во нашиот живот дојде во декември 1998 кога Лојд и јас се најдовме во една делегација на обласните конгреси „Божји пат на живот“ што се одржаа на Куба. Колку само бевме импресионирани од благодарноста и радоста кои ги изразија браќата и сестрите поради тоа што ги посетил некој од централата во Бруклин! Драги ми се многуте спомени од средбите со тие мили лица кои ревносно креваат голем извик на фалба на Јехова.
Дома со Божјиот народ
Иако моја татковина е Австралија, ги засакав луѓето секаде каде што ме праќаше Јеховината организација. Тоа беше случај во Јапонија, а истото е случај и сега, во Соединетите Држави, каде што сум повеќе од 25 години. Кога го изгубив мојот сопруг, не размислував да се вратам во Австралија туку да останам во Бетелот во Бруклин, каде што Јехова ме доделил.
Сега сум во своите 80-ти години. По 61 година во полновремена служба, сѐ уште сум спремна да му служам на Јехова секаде каде што тој смета дека треба. Тој навистина добро се грижи за мене. Многу ги ценам оние над 57 години во кои можев да го делам животот со еден драг партнер кој го љубеше Јехова. Уверена сум во Јеховиниот натамошен благослов над нас, и знам дека Тој нема да го заборави нашето дело и љубовта што ја покажавме кон неговото име (Евреите 6:10).
[Фуснота]
[Слика на страница 25]
Со мајка ми во 1956
[Слика на страница 26]
Со Лојд и група објавители од Јапонија во почетокот на 1950-тите
[Слики на страница 26]
Со мојата прва библиска студентка во Јапонија, Мијо Такаги, во раните 1950-ти и во 1999
[Слика на страница 28]
Со Лојд во делото со списанија во Јапонија