Фали го Јехова за неговите големи дела!
„Мојата душа го велича Јехова . . . бидејќи Силниот направи големи дела за мене“ (ЛУКА 1:46-49).
1. За кои големи дела со право го фалиме Јехова?
ЈЕХОВА заслужува да биде фален за неговите големи дела. Кога раскажувал за избавувањето на Израел од Египет, пророкот Мојсеј изјавил: „Вашите очи ги видоа сите тие големи дела што Господ ги направи“ (Второзаконие 11:1-7). На сличен начин, кога ангелот Гавриел ѝ го најавил раѓањето на Исус, девицата Марија рекла: „Мојата душа го велича Јехова . . . бидејќи Силниот направи големи дела за мене“ (Лука 1:46-49). Како Јеховини сведоци, ние го фалиме за големите дела, како што е ослободувањето на Израел од египетско ропство, и за чудесното зачнување на неговиот драг Син.
2. а) Што значи Божјата ‚вечна намера‘ за послушното човештво? б) Што доживеал Јован на островот Патмос?
2 Многу Јеховини големи дела биле поврзани со неговата ‚вечна намера‘ да го благослови послушното човештво преку Месијата и преку владата на неговото Царство (Ефешаните 3:8-13). Таа намера прогресивно се разоткривала кога на остарениот апостол Јован му било дозволено да ѕирне низ една визионерски отворена врата во небото. Тој чул како еден глас сличен на труба вели: „Качи се ваму, и ќе ти го покажам она што мора да се случи“ (Откровение 4:1). Додека бил протеран на островот Патмос од страна на римската влада ‚затоа што зборувал за Бог и сведочел за Исус‘, Јован добил „откровение од Исус Христос“. Она што апостолот го видел и чул открило многу за Божјата вечна намера, давајќи им на тој начин духовно просветлување и навремено охрабрување на сите вистински христијани (Откровение 1:1, 9, 10).
3. Кого го претставуваат 24-те старешини, кои ги видел Јован во визија?
3 Низ отворената врата во небото, Јован видел 24 старешини, востоличени и крунисани како цареви. Тие паднале пред Бог и рекле: „Достоен си, Јехова, да, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, зашто ти создаде сѐ, и поради твојата волја постои и е создадено“ (Откровение 4:11). Тие старешини ги претставуваат сите воскреснати помазани христијани на возвишената положба која им ја ветил Бог. Поттикнати се да го фалат Јехова поради неговите големи дела поврзани со творештвото. И ние се воодушевуваме на доказот за Јеховината „вечна моќ и Божество“ (Римјаните 1:20). И колку повеќе учиме за Јехова толку поголема причина имаме да го фалиме за неговите големи дела.
Објавувај ги Јеховините дела вредни за фалба!
4, 5. Наведи примери за тоа како Давид го фалел Јехова.
4 Псалмистот Давид го фалел Бог за Неговите големи дела. На пример, Давид пеел: „Пејте Му на Господа, Кој живее на Сион, разгласете ги Неговите дела меѓу народите; Смилуј ми се Господи: погледај на моето страдање од моите непријатели; Ти, Кој ме избавуваш од вратите на смртта; за да ги навестувам сите Твои пофалби во вратите на Сионовата ќерка“ (Псалм 9:11, 13, 14). Откако на својот син Соломон му го дал архитектурниот план за храмот, Давид го благословил и го фалел Бог со зборовите: „Твоја е, Господи, величината, силата, славата, сјајот и величеството . . . Твое е, Господи, царството, и Ти си возвишен над сѐ, Главатар на сѐ . . . И Те славиме, Боже наш, и Го фалиме Твоето славно Име“ (1. Летописи 29:10-13).
5 Писмото секогаш одново нѐ повикува — да, нѐ поттикнува — да го фалиме Бог, како што го правел тоа Давид. Книгата Псалми содржи многу изрази на фалба на Бог, и околу половина од овие песни му се припишуваат на Давид. Тој постојано го фалел Јехова и му благодарел (Псалм 69:30). Освен тоа, уште од рани времиња, божествено инспирираните композиции на Давид и на другите се користеле за фалба на Јехова.
6. Како се покажале корисни за нас инспирираните Псалми?
6 Колку само Псалмите се корисни за Јеховините обожаватели! Кога сакаме да му се заблагодариме на Бог за сите негови големи дела во наша корист, нашите умови веројатно се свртуваат кон прекрасните зборови што се наоѓаат во Псалмите. На пример, откако ќе се разбудиме во нов ден, можеби сме поттикнати да упатиме изрази слични на овие: „Добро е да се слави Господ и да се пее на Твоето Име, Севишен; да се навестува Твојата љубов наутро и Твојата верност ноќе . . . Зашто Ти ме развесели со Твоите дела, о Господи. Ќе се радувам на делата од Твоите раце“ (Псалм 92:1-4). Кога совладуваме некоја препрека во нашиот духовен напредок, можеби сме склони во молитва да изразиме радост и благодарност, исто како што сторил псалмистот кога пеел: „Дојдете, да Му запееме на Господа, да Му воскликнуваме на Тврдината, на Својот Спасител! Да застанеме пред Неговото лице со благодарности, да Му воскликнуваме со песни“ (Псалм 95:1, 2).
7. а) Што е вредно да се забележи во врска со многуте песни кои ги пеат христијаните? б) Која е една причина да се стигне рано на состаноците и да се остане сѐ до крајот?
7 Ние честопати ги креваме нашите гласови во песни на фалба на Јехова на собраниските состаноци, собирите и конгресите. Вредно е да се забележи дека многу од овие песни се темелат на инспирираните мисли од книгата Псалми. Колку само сме среќни што имаме современа збирка песни на фалба на Јехова кои го радуваат срцето! Пеењето фалби на Бог е една многу добра причина да стигнеме рано на нашите состаноци и да бидеме присутни сѐ до крајот, учествувајќи на тој начин со сообожавателите во фалењето на Јехова со песна и молитва.
„Фалете го Јах!“
8. Што е содржано во зборот „алилуја“, и како се преведува обично?
8 Фалењето на Јехова се содржи во зборот „алилуја“, транслитерација на еден хебрејски израз кој значи „Фалете го Јах“. На пример, во Псалм 135:1-3 ја наоѓаме оваа срдечна, нагласена покана: „Алилуја! Фалете Го Господовото име [Фалете го Јах, NW], фалете Го, Господови слуги, кои престојувате во Господовиот дом, во дворовите на Домот на нашиот Бог! Фалете го Господа, зашто Господ е благ, пејте Му на Неговото Име, зашто тоа е мило!“
9. Што нѐ мотивира да го фалиме Јехова?
9 Додека размислуваме за Божјите чудесни дела на создавање и за сите негови постапки во наша корист, искреното ценење нѐ поттикнува да го фалиме. Кога размислуваме за чудесните работи што Јехова ги направил за својот народ во минатото, нашите срца нѐ мотивираат да го фалиме. И додека медитираме за ветувањата за големите работи што Јехова допрва ќе ги направи, бараме начини да изразиме фалба и благодарност.
10, 11. Како самото наше постоење ни дава причина да го фалиме Бог?
10 Самото наше постоење ни дава оправдана причина да го фалиме Јах. Давид пеел: „Ти благодарам [ќе те фалам, NW] [Јехова] што сум создаден толку чудесно, што се Твоите дела прекрасни. Мојата душа тоа добро го знае“ (Псалм 139:14). Да, ние сме ‚чудесно создадени‘ и имаме скапоцени дарови: вид, слух и способност за размислување. Тогаш, зар нашиот живот не треба да го насочиме на таков начин што ќе го фалиме нашиот Создател? Павле рекол нешто слично кога напишал: „Јадете ли, пиете ли или правите што и да е друго, сѐ правете за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31).
11 Ако навистина го љубиме Јехова, ќе правиме сѐ за негова слава. Исус рекол дека првата заповед е: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум и со сета своја сила“ (Марко 12:30; Второзаконие 6:5). Секако дека треба да го љубиме и да го фалиме како наш Создател и Дарител на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17; Исаија 51:13; Дела 17:28). Впрочем, нашите способности за размислување, нашиот духовен капацитет и нашата физичка сила — сите својства и способности што ги имаме — доаѓаат од Јехова. Како наш Творец, тој е достоен за нашата љубов и фалба.
12. Какви чувства имаш за Јеховините големи дела и за зборовите од Псалм 40:5?
12 Големите Јеховини дела ни даваат безброј причини да го љубиме и да го фалиме! „О Господи, Боже мој, Ти твориш многу чудеса и замисли чудни“, пеел Давид. „Ти нема рамен! Сакам да ги кажувам и да ги објавувам, но премногу се за да можат да бидат преброени“ (Псалм 40:5). Давид не можел да ги преброи сите Јеховини чудесни дела, а не можеме ни ние. Но, секогаш да го фалиме Бог кога вниманието ќе ни биде свртено кон кое и да било негово големо дело.
Дела поврзани со Божјата вечна намера
13. На кој начин нашата надеж е тесно сврзана со Божјите големи дела?
13 Нашата надеж за иднината е тесно сврзана со големите и вредни за фалба дела кои се поврзани со Божјата вечна намера. По побуната во Едем, Јехова го дал првото пророштво полно со надеж. Изрекувајќи казна врз змијата, Бог рекол: „Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата“ (Битие 3:15). Надежта во ветеното Семе на жената заживеала во срцата на верните луѓе откако Јехова извршил едно големо дело на тој начин што го сочувал Ное и неговото семејство низ глобалниот Потоп во кој бил збришан еден злобен свет (2. Петрово 2:5). Пророчките ветувања дадени на некои мажи од вера, како што биле Авраам и Давид, дале понатамошен увид во тоа што сѐ ќе постигне Јехова преку тоа Семе (Битие 22:15-18; 2. Самоил 7:12).
14. Што е ненадминлив пример на Јеховините големи дела во корист на човештвото?
14 Ненадминливото покажување на Јехова, како оној што извршува големи дела во корист на човештвото, се случило кога го дал својот единороден Син — ветеното Семе, Исус Христос — како откупна жртва (Јован 3:16; Дела 2:29-36). Откупнината го поставила темелот за помирување со Бог (Матеј 20:28; Римјаните 5:11). Јехова првите со кои се помирил ги довел во христијанското собрание кое било основано на Пентекост 33 н.е. Со помошта на светиот дух, тие ја проповедале добрата вест надалеку и нашироко, покажувајќи како Исусовата смрт и воскресение го отвораат патот за послушното човештво да доживее вечни благослови под владата на Божјето небесно Царство.
15. Во кој поглед постапил Јехова на чудесен начин во нашево време?
15 Во нашево време, Јехова постапил на еден чудесен начин за да ги собере последните помазани христијани. Ветровите на уништување биле задржувани за да бидат запечатени преостанатите од 144.000 кои ќе владеат со Христос на небото (Откровение 7:1-4; 20:6). Бог се погрижил помазаните христијани да бидат избавени од духовното ропство на „Големиот Вавилон“, светската империја на лажната религија (Откровение 17:1-5). Што му овозможило на помазаниот остаток тоа избавување во 1919 година и божествената заштита што оттогаш ја доживува? Да светли со давањето конечно сведоштво, пред Јехова да му стави крај на злобниот Сатанов систем на работи во ‚големата неволја‘ која брзо се приближува (Матеј 24:21; Даниел 12:3; Откровение 7:14).
16. Што се случува како резултат на денешното светско дело на проповедање на Царството?
16 Јеховините помазани Сведоци ревносно предводат во светското дело на проповедање на Царството. Како резултат на тоа, сега сѐ поголем број „други овци“ стануваат обожаватели на Јехова (Јован 10:16). Се радуваме што на кротките на Земјата сѐ уште им е отворена можноста да ни се придружат во фалењето на Јехова. Оние што се одѕиваат на поканата да ‚дојдат‘, во положба се да бидат сочувани во големата неволја, со изглед да го фалат Јехова низ сета вечност (Откровение 22:17).
Илјадници навалуваат кон вистинското обожавање
17. а) Како Јехова извршува големи дела во врска со нашата проповедничка активност? б) Како се исполнува Захарија 8:23?
17 Сега Јехова извршува големи дела вредни за фалба во врска со нашата проповедничка активност (Марко 13:10). Во последниве години, тој ‚отворил голема врата која води во активност‘ (1. Коринќаните 16:9). Ова овозможило добрата вест да се објавува низ огромни подрачја каде што на патот на вистината порано стоеле непријателите. Многумина, кои некогаш живееле во духовна темнина, сега се одѕиваат на поканата да го обожаваат Јехова. Тие ги исполнуваат овие пророчки зборови: „Господ над Војските зборува вака: ‚Во тие денови десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин, говорејќи: ‚Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас‘“ (Захарија 8:23). Овие на кои ‚десетте луѓе‘ им се обраќаат се духовните Евреи, денешниот остаток од помазани христијани. Со оглед на тоа што бројот десет може да претставува потполност од земен вид, ‚десетте луѓе‘ го претставуваат ‚големото мноштво‘, кое е доведено во врска со „Израелот Божји“ со кој формираат „едно стадо“ (Откровение 7:9, 10; Галатите 6:16). Колкава само радост е да се види како толку многу луѓе сега заедно принесуваат света служба како обожаватели на Јехова Бог!
18, 19. Каков доказ постои дека Јехова го благословува делото на проповедање?
18 Ние сме восхитени што десетици илјади — всушност, стотици илјади лица — го прифаќаат вистинското обожавање во земјите во кои некогаш доминирала лажната религија, така што се чинело дека луѓето никогаш нема да ја прифатат добрата вест. Отвори го новиот Годишњак Јеховиних сведока и забележи кои земји сега известуваат од 100.000 до речиси 1.000.000 објавители на Царството. Ова е еден силен доказ дека Јехова го благословува делото на проповедање на Царството (Пословици 10:22).
19 Како Јеховин народ, ние го фалиме нашиот небесен Татко и му благодариме затоа што ни дал вистинска смисла во животот, наградувачка работа во неговата служба и светла перспектива за иднината. Живееме во желно исчекување на исполнувањето на сите божествени ветувања и решени сме да ‚се зачуваме во Божјата љубов, со изглед за вечен живот‘ (Јуда 20, 21). Колку само сме восхитени што гледаме дека големото мноштво кое го фали Бог сега брои повеќе од 6.000.000! Со Јеховиниот очигледен благослов, помазаниот остаток заедно со своите придружници, другите овци, организирани се во околу 91.000 собранија во 235 земји. Сите ние сме духовно добро нахранети преку неуморните напори на „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Прогресивната теократска организација со љубезно надгледување управува со активноста на Царството со помошта на 110 канцеларии на подружници на Јеховините сведоци. Благодарни сме што Јехова ги поттикнува срцата на членовите на својот народ да ‚му искажуваат чест на Јехова со своите вредни работи‘ (Пословици 3:9, 10, NW). Како резултат на тоа, нашето светско дело на проповедање продолжува, додека според потребите се градат печатници, бетелски и мисионерски домови, Сали на Царството и Собирни сали.
20. Како треба да влијае врз нас размислувањето за Јеховините големи дела вредни за фалба?
20 Невозможно е да ги спомнеме сите големи и вредни за фалба дела на нашиот небесен Татко. Но, може ли некој со исправно срце да не му се придружи на мноштвото Јеховини фалители? Се разбира, не! Затоа, нека сите љубители на Бог радосно извикаат: „Алилуја! Фалете Го Господа [Јах, NW] од небесата, фалете Го во височините! Фалете Го, сите Негови ангели . . . момчиња и девици, старци со децата заедно. Сите нека Го фалат Господовото име, зашто единствено Неговото име е возвишено! Неговата слава е над земјата и небото“ (Псалм 148:1, 2, 12, 13). Да, сега и засекогаш, да го фалиме Јехова за неговите големи дела!
Како би одговорил?
• Кои Јеховини дела се вредни за фалба?
• Зошто се чувствуваш наведен да го фалиш Јехова?
• Како е поврзана нашата надеж со Божјите големи дела?
• Како Јехова извршува дела вредни за фалба во врска со делото на проповедање на Царството?
[Слика на страница 10]
Дали со цело срце се придружуваш во песните на фалба на Јехова?
[Слики на страница 13]
Се радуваме што на кротките сѐ уште им е отворена можноста да ни се придружат во фалењето на Јехова