Стојте потполни и со цврсто уверување
‚Гледајте! Големото мноштво!‘
ТОА прашање со децении ги збунувало Јеховините слуги. Долго време се вложувале напори да се одгатне со помош на Библијата. Од таа тема произлегле многу дискусии. Но, конечно, бил пронајден библискиот одговор, и тој, практично, ја наелектризирал конгресната публика во Вашингтон (Д.К.), во 1935 година.
Зад сета таа дискусија стоело едно обично прашање: Кој е идентитетот на ‚големото множество‘ (ДХК), или ‚големото мноштво‘ (Превод Нов свет), спомнато во Откровение 7:9? Дали оваа група верници ќе живее на небото?
Долгогодишно прашање
Од времето на апостол Јован па сѐ до нашево време, христијаните биле збунети околу идентитетот на ‚големото множество‘. Библиските студенти сметале дека големото мноштво е второстепена небесна класа, група која имала спознание за библиската вистина, но не се трудела да ја шири.
Меѓутоа, имало некои соработници на помазаните христијани кои станале многу ревносни во делото на проповедање. Тие немале аспирации да одат на небото. Всушност, нивната надеж била во склад со јавното предавање „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“, кое Јеховиниот народ го држел од 1918 до 1922. Таквите поединци ќе бидат благословени со вечен живот на Земјата.
Во англиското издание на Стражарска кула од 15 октомври 1923 било дискутирано за Исусовата парабола за овците и козите, и било речено: „Овците ги претставуваат сите народи од нациите, не оние што се родени со дух туку оние што се настроени кон праведност, кои умствено го признаваат Исус Христос како Господ и кои чекаат и се надеваат на подобро време под неговото владеење“ (Матеј 25:31-46).
Повеќе зраци светлина
Во 1931 година, во Vindication, Book One, (Оправдување, Прв том), било дискутирано за 9. поглавје од Езекиел, и оние што се означени на челата за да го преживеат крајот на светот биле идентификувани како овците од Исусовата парабола. Оправдување, Втор том (издаден во 1932), го опишал исправниот став на срцето што го имал не-Израелецот Јонадав, кој се качил во колата на Јуј, помазаниот цар на Израел, и заедно со него отишол да ја види ревноста на Јуј во погубувањето на лажните обожаватели (2. Цареви 10:15-28). Во книгата стоело: „Јонадав ја претставувал или навестувал онаа класа луѓе што сега е на Земјата [која] не се согласува со Сатановата организација, застанува на страната на праведноста и ја сочинуваат лица кои Господ ќе ги сочува во текот на Армагедон, ќе ги изведе низ таа неволја и ќе им даде вечен живот на Земјата. Тие ја сочинуваат класата на ‚овците‘“.
Во 1934 Стражарска кула разјаснила дека христијаните со земна надеж треба да му се предадат на Јехова и да се крстат. Светлината во врска со оваа земна класа навистина светела сѐ посилно! (Пословици 4:18).
Брилијантен блесок на разбирање
Разбирањето на Откровение 7:9-17 допрва требало да засветли со блескава брилијантност (Псалм 97:11). Стражарска кула изразила надеж дека конгресот, кој бил предвиден за 30 мај до 3 јуни 1935 во Вашингтон (Д.К., САД), ќе биде „вистинска утеха и корист“ за оние што се претставени со Јонадав. А така и било!
Во еден возбудлив говор за „Големото множество“, кој го одржал пред околу 20.000 делегати, Џ. Ф. Ратерфорд изнел библиски доказ дека современите „други овци“ се идентични со она „големо мноштво“ од Откровение 7:9 (Јован 10:16). При кулминацијата на овој говор, говорникот прашал: „Дали сите оние што имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата ќе сакаат да станат?“ Откако еден огромен дел од публиката станал, Ратерфорд изјавил: „Гледајте! Големото множество!“ Настанала тишина, по која уследило бучно скандирање. Следниот ден се крстиле 840 нови Сведоци на Јехова, од кои повеќето тврделе дека се од големото мноштво.
Извонредна присутност
Пред 1935, кај сѐ поголем број од оние што се одѕивале на библиската порака и покажувале ревност во проповедањето на добрата вест се гледал интерес да живеат засекогаш на рајската Земја. Тие немале желба да одат на небото, зашто Бог не им дал надеж за небесен живот. Тоа што се идентификувале со големото мноштво други овци покажало дека, до 1935, позивот на 144.000 помазани христијани практично бил завршен (Откровение 7:4).
Кога избувнала II светска војна, Сатана Ѓаволот вложил силни напори да го прекине собирањето на оние што ќе го сочинуваат големото мноштво. Делото на проповедање на Царството во многу земји било ограничено. Во тие мрачни денови, и кратко пред својата смрт во јануари 1942, Џ. Ф. Ратерфорд забележал: „Впрочем, изгледа дека ‚големото множество‘ нема да биде баш толку големо“.
Но, поради божествениот благослов, работите испаднале поинакви. Додека ‚стојат потполни и со цврсто уверување‘, помазаниците и нивните придружници, другите овци, го исполнуваат налогот да прават ученици (Колошаните 4:12; Матеј 24:14; 28:19, 20). До 1946, бројот на Јеховините сведоци кои проповедале низ целиот свет изнесувал 176.456 — од кои повеќето му припаѓале на големото мноштво. Во 2000 година, повеќе од 6.000.000 Сведоци верно му служеа на Јехова во 235 земји — навистина големо мноштво! А тој број и понатаму расте.