Во чии стандарди можеш да имаш доверба?
Еден човек што првпат ја посетил Африка се заинтригирал кога видел како некој човек стои покрај патот прав како свеќа. Забележал дека на секои неколку минути човекот ги влечел нозете по многу малку кон едната страна, цело време стоејќи исправен. Дури подоцна посетителот сфатил зошто човекот се движел така. Тој, всушност, се обидувал да остане во сенката на еден телефонски столб. Сенката постепено се движела додека попладневното сонце ја менувало својата положба.
ИСТО како што постојано се менува сенката што ја фрла сонцето така се менуваат човечките работи и стандарди. За разлика од нив, Јехова Бог, „Таткото на небесните светла“, е непроменлив. „Кај него“, напишал ученикот Јаков, „нема промена во вртењето на сенката“ (Јаков 1:17). Еврејскиот пророк Малахија ја запишал Божјата изјава: „Јас Господ [Јехова, NW], не се менувам“ (Малахија 3:6). На нацијата Израел, во деновите на Исаија, Бог ѝ рекол: „Јас ќе останам ист до вашата старост, ќе ве потпирам до вашето побелување. Тоа го правев, ќе ве носам и понатаму“ (Исаија 46:4). Според тоа, одминувањето на времето не ја менува довербата што можеме да ја имаме во ветувањата на Семоќниот.
Поука од Законот
Исто како што Јеховините ветувања се веродостојни и непроменливи такви се и неговите стандарди за исправно и погрешно. Дали би имал доверба во трговец кој користи две гарнитури мерки, од кои само едната е точна? Секако дека не. На сличен начин, „лажната мерка гнасна е на Господа, а полната мерка му е угодна“ (Пословици 11:1; 20:10). Во Законот што им го дал на Израелците, Јехова ја вклучил и оваа заповед: „Не правете неправда во судот, во мерките за должина, тежина и обем. Мерките нека ви бидат точни: теговите еднакви, ефата права, инот вистински. Јас Сум Господ, вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја“ (Левит 19:35, 36).
Послушноста на таа заповед им донела на Израелците Божја наклоност и многу материјални користи. На сличен начин, приврзаноста кон Јеховините непроменливи стандарди, не само во теговите и мерките туку и на сите подрачја од животот, му донесува благослови на обожавателот што има доверба во него. Бог изјавува: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17).
Зошто денес опаѓаат стандардите?
Библијата ја истакнува причината за денешното опаѓање на стандардите. Последната библиска книга, Откровение, опишува една војна на небото, чиј исход влијае врз сите луѓе до ден-денес. Апостол Јован напишал: „И избувна војна на небото: Михаел и неговите ангели се бореа против змејот, и змејот се бореше заедно со своите ангели, но не надвладеа ниту, пак, за нив повеќе се најде место на небото. И беше исфрлен долу големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена земја; беше исфрлен долу на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него“ (Откровение 12:7-9).
Каков бил непосредниот ефект од таа војна? Јован продолжил: „Затоа веселете се небеса и вие кои престојувате на нив! Тешко на земјата и на морето, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време“ (Откровение 12:12).
„Тешко на земјата“ дошло кога во 1914 избувнала I светска војна и окончала една ера чии стандарди многу се разликувале од денешните. „Големата војна од 1914—1918 се простира како појас на изгорена земја што го одвојува тоа време од нашето“, забележува историчарката Барбара Тачмен. „Збришувајќи толку многу животи, кои би биле ефикасни во годините што следеле, уништувајќи верувања, променувајќи идеи и оставајќи неизлечиви рани поради разбиените илузии, таа создала една физичка и психолошка провалија меѓу двете епохи.“ Ерик Хобзбам, друг историчар, се сложува: „Од 1914 имало едно забележливо назадување во однос на стандардите кои тогаш се сметале за нормални во развиените земји . . . Не е лесно да се сфати размерот на, за жал, забрзаното враќање кон она што нашите предци од деветнаесеттиот век го нарекувале варварски стандарди“.
Во својата книга Humanity—A Moral History of the Twentieth Century (Човечноста — морална историја на дваесеттиот век), авторот Џонатан Глоувер забележува: „Едно обележје на нашево време е исчезнувањето на моралниот закон“. Иако е скептичен кога се работи за морален закон од некој надворешен извор, поради опаѓањето на религијата во Западниот свет, тој предупредува: „Ние што не веруваме во религиозен морален закон сепак треба да бидеме загрижени поради неговото исчезнување“.
Денешното изигрување на довербата — сеедно дали е тоа во трговијата, политиката или религијата или дури во личните и семејните односи — и ужасните последици од него се дел од злобната сплетка на Ѓаволот да им прави тешко на жителите на Земјата. Сатана е решен да ја води својата војна сѐ до крајот и да ги собори заедно со себе сите кои настојуваат да живеат според Божјите стандарди (Откровение 12:17).
Постои ли излез, решение за изигрувањето на довербата кое сѐ повеќе преовладува? Апостол Петар одговара: „Според [Божјето] ветување очекуваме нови небеса и нова земја, и во нив ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Можеме да имаме доверба во тоа ветување не само затоа што Бог има моќ да ја изврши својата намера туку и затоа што тој гарантира за нејзиното исполнување. Во врска со кој и да е ‚збор што излегува од неговата уста‘, Јехова изјавува: „Не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив“. Навистина веродостојно ветување! (Исаија 55:11; Откровение 21:4, 5).
Да се живее според Божјите стандарди
Во свет каде што стандардите се разнишани и опаѓаат, Јеховините сведоци настојуваат да живеат според стандардите на однесување што ги дава Библијата. Како резултат на тоа, тие се издвојуваат од мнозинството, и тоа кај другите честопати привлекува внимание — и презир.
На еден конгрес на Јеховините сведоци во Лондон, некој ТВ репортер на еден претставник за печат му го поставил прашањето дали Јеховините сведоци се навистина христијани. Тој му одговорил: „Да, уште како, бидејќи Исус е нашиот пример. Во светот има многу себичност, а ние се сосредоточуваме на Исус како на патот, вистината и животот. Веруваме дека тој е Божји Син, а не дел од тројство, и со ова нашето разбирање на Библијата се разликува од разбирањето на стандардната религија“.
Кога интервјуто било прикажано на телевизијата Би-Би-Си, репортерот ја заклучил програмата со зборовите: „Јас научив многу во врска со тоа зошто Јеховините сведоци чукаат на нашата врата. И мислам дека досега не сум видел 25.000 луѓе толку убаво облечени и со толку добро однесување сите заедно на едно место и во исто време“. Навистина убаво сведоштво од страна на човек кој однадвор набљудувал колку е мудро некој да се придржува кон Божјите непроменливи стандарди!
Иако на некои можеби им е одбивна идејата да живеат според стандарди кои не се нивни, ние те охрабруваме да ја испиташ твојата Библија и да дознаеш какви се Божјите стандарди. Но, не задоволувај се само со површно испитување. Следи ја опомената на апостол Павле: „Престанете да се обликувате според овој систем на работи, туку преобразете се со обновувањето на својот ум за самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Посети ја Салата на Царството во твојата средина, и таму запознај ги Сведоците. Ќе откриеш дека тие се обични луѓе што полагаат доверба во библиските ветувања и ја покажуваат својата доверба во Бог на тој начин што се обидуваат да живеат според неговите стандарди.
Придржувањето кон Божјите непроменливи и веродостојни стандарди во твојот личен живот сигурно ќе ти донесе благослови. Внимавај на поканата што доаѓа лично од Бог: „О, да внимаваше на Моите заповеди, твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови!“ (Исаија 48:18).
[Слики на страница 5]
Денес се изигрува довербата во трговијата, политиката, религијата и во семејните односи