Помош за да се разбере Библијата
БИБЛИЈАТА е уникатна книга. Нејзините писатели тврдат дека се инспирирани од Бог, а содржината дава изобилни докази дека тоа тврдење е точно (2. Тимотеј 3:16). Меѓу другото, Библијата покажува од каде сме, зошто сме овде и каде одиме. Сигурно дека таа е книга која го заслужува нашето внимание!
Можеби си се обидел да ја читаш Библијата, но ти било тешко да ја разбереш. Можеби не знаеш каде да ги бараш одговорите на твоите прашања. Ако е така, тогаш не си единствениот. Ти си во слична ситуација како еден човек што живеел во првиот век. Тој со кола патувал одејќи од Ерусалим накај својата татковина Етиопија. Овој етиопски службеник наглас читал од пророчката библиска книга Исаија, која била напишана повеќе од седумстотини години пред тоа.
Одеднаш го поздравил некој човек кој трчал покрај колата. Тој човек бил Филип, ученик на Исус, кој го прашал Етиопјанинот: „Го разбираш ли всушност тоа што го читаш?“ Етиопјанинот одговорил: „Навистина, како би можел ако некој не ме упати?“ Потоа тој го поканил Филип да се качи во колата. Филип го објаснил значењето на пасусот што човекот го читал и продолжил да му ја објавува „добрата вест за Исус“ (Дела 8:30-35).
Исто како што во старо време Филип му помогнал на Етиопјанинот да ја разбере Божјата реч така и Јеховините сведоци денес им помагаат на луѓето да ја разберат Библијата. Ним ќе им биде драго да ти помогнат и тебе. Обично, најдобро е Библијата да се проучува систематски, почнувајќи со основните библиски учења (Евреите 6:1). Како што ќе напредуваш така ќе можеш да го примаш она што апостол Павле го нарекол ‚цврста храна‘ — т.е. подлабоките вистини (Евреите 5:14). Иако, всушност, ја проучуваш Библијата, други публикации — помагала за проучување на Библијата — можат да ти помогнат во пронаоѓањето и разбирањето на библиските пасуси на најразлични теми.
Студијата обично може да се договори во време и на место што ти одговара тебе. Некои дури проучуваат по телефон. Проучувањето не се одржува во таков амбиент како во училница; тоа е приватна подготовка приспособена на твоите лични околности, во кои спаѓа твојата заднина и образование. За таква библиска студија не се плаќа (Матеј 10:8). Не постојат испити и нема да бидеш доведуван во непријатна состојба. Ќе ти биде одговорено на прашањата и ќе научиш како да му се приближиш на Бог. Но, зошто да ја проучуваш Библијата? Разгледај некои од причините зошто проучувањето на Библијата може да ти ја зголеми радоста во животот.