Стојте потполни и со цврсто уверување
Превод Нов свет — ценет од милиони луѓе низ целиот свет
БЕА потребни 12 години, 3 месеци и 11 дена макотрпна работа. Меѓутоа, на 13 март 1960 година беше довршен последниот сегмент од текстот за еден нов библиски превод. Беше наречен Превод Нов свет на Светото писмо.
По една година, Јеховините сведоци го издадоа овој превод во единечен том. Тоа издание во 1961 достигна тираж од еден милион примероци. Денес, бројот на отпечатени примероци ја надмина бројката од сто милиони, со што Превод Нов свет стана една од најдистрибуираните Библии. Но, што ги натера Сведоците да го направат овој превод?
Зошто нов превод на Библијата?
За да ја разберат и објават пораката на Светото писмо, Јеховините сведоци низ годините користеа најразлични библиски преводи на англиски јазик. Иако овие верзии си имаат свои добри страни, често се обоени со религиозни традиции и верувања на христијанскиот свет (Матеј 15:6). Затоа Јеховините сведоци ја увидоа потребата од библиски превод што верно ќе го пренесе она што се наоѓа во оригиналните инспирирани записи.
Првиот чекор кон задоволувањето на оваа потреба беше преземен во октомври 1946, кога Натан Х. Нор, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, предложи да се изработи нов библиски превод. На 2 декември 1947, Одборот за библискиот превод Нов свет се зафати со подготвување превод што ќе биде верен на оригиналниот текст, ќе ги вклучи најновите научни откритија собрани од новооткриените библиски манускрипти и ќе користи јазик што е лесно разбирлив за денешните читатели.
Со објавувањето на првиот дел — Превод Нов свет на Христијанските грчки списи — во 1950 година, стана очигледно дека преведувачите ги исполниле своите цели. Некои библиски стихови што претходно слабо се разбираа, станаа драматично јасни. На пример, размисли за збунувачкиот текст во Матеј 5:3: „Блажени се бедните по дух“ (СП). Тој беше преведен: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“. Прашањето на Исусовите ученици „Каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање?“ (СП) беше преведено со: „Што ќе биде знакот на твојата присутност?“ (Матеј 24:3). А осврнувањето на апостол Јован на „похотта на телото“ (СП) гласи „желбата на телото“ (1. Јованово 2:16). Јасно, Превод Нов свет отвори еден нов свет на разбирање.
Различни изучувачи беа импресионирани. На пример, британскиот библиски изучувач Александар Томсон забележал дека Превод Нов свет е извонреден во точното преведување на грчкото сегашно време. Да илустрираме: Лука 6:36 гласи: „Бидете и понатаму милосрдни“, наместо само да се каже: „Бидете милостиви“ (СП). „Се чини дека ниедна друга верзија не го покажува ова извонредно обележје со таква потполност и толку често“, рекол Томсон во врска со Превод Нов свет.
Едно друго извонредно обележје на Превод Нов свет е тоа што го користи Божјето лично име, Јехова, како во хебрејскиот така и во грчкиот дел на Писмото. Со оглед на тоа што хебрејското име на Бог се појавува речиси 7.000 пати само во таканаречениот Стар завет, јасно е дека нашиот Творец сака неговите обожаватели да го користат неговото име и да го познаваат како личност (Излез 34:6, 7). Превод Нов свет им помогнал во тоа на милиони луѓе.
Превод Нов свет станува многујазичен
Уште откако се појави на англиски, Јеховините сведоци низ целиот свет копнееја да добијат Превод Нов свет на свој мајчин јазик — и тоа со добра причина. Во некои земји беше тешко да се набават преводи на локалните јазици, затоа што претставниците на Библиските друштва што ги дистрибуираа не беа среќни кога гледаа како купови нивни Библии завршуваат во рацете на Јеховините сведоци. Освен тоа, таквите домашни Библии честопати притајуваат животоважни учења. Типичен пример за тоа е една верзија на еден јазик од Јужна Европа, каде што се притајува едно важно укажување на Божјето име, на тој начин што Исусовите зборови „нека се свети името твое“ се заменети со „нека луѓето ти оддаваат чест“ (Матеј 6:9).
Уште во 1961 година преведувачите почнаа да го преведуваат англискиот текст на Превод Нов свет на други јазици. По само две години, Превод Нов свет на Христијанските грчки списи беше завршен на уште шест јазици. Дотогаш, 3 од секои 4 Сведоци низ светот можеа да ја читаат оваа Библија на свој мајчин јазик. Сепак, имаше да се заврши уште многу работа за Јеховините сведоци да достават примерок од оваа Библија во рацете на уште многу милиони луѓе.
Во 1989 таа цел стана подостижна со основањето на Преведувачките служби во светското седиште на Јеховините сведоци. Тој оддел разви една метода на преведување во која беше комбинирано проучувањето на библиските зборови со компјутерската технологија. Користењето на овој систем овозможи Христијанските грчки списи да се преведат на неколку други јазици за една година, а Хебрејските списи за две години — за многу пократко време од она што обично беше потребно за еден проект на преведување на Библијата. Откако беше развиена оваа метода, од англиски беа преведени 29 изданија на Превод Нов свет и беа објавени на јазици што ги зборуваат преку две милијарди луѓе. Сега е во тек преведувањето на уште 12 јазици. До денес, англискиот Превод Нов свет е преведен, во целина или делумно, на 41 друг јазик.
Поминаа веќе 50 години откако на 3 август 1950, на собирот на Јеховините сведоци „Теократски пораст“ во Њујорк Сити беше објавен првиот дел од Превод Нов свет. Во таа прилика, Натан Х. Нор ги поттикна конгресните делегати: „Земете го овој превод. Читајте го; правете го тоа со уживање. Проучувајте го, зашто ќе ви помогне да го подобрите своето разбирање на Божјата реч. Доставете им го на другите“. Те охрабруваме секој ден да ја читаш Библијата, зашто нејзината порака може да ти помогне да ‚стоиш потполн и со цврсто уверување во сета Божја волја‘ (Колошаните 4:12).
[Графикон/слики на страници 8 и 9]
(Види во публикацијата)
„Изданија на Превод Нов свет“
Најпрвин објавен на англиски, Превод Нов свет сега е достапен во целина или делумно на 41 додатен јазик
Христијански грчки списи Целосна Библија
1950 1
1960 — 1969 6 5
1970 — 1979 4 2
1980 — 1989 2 2
1990 — сега 29 19