Прашања од читателите
Како змијата во градината Еден ѝ ја пренела на Ева идејата да го прекрши Божјиот закон во врска со дрвото на познавање на доброто и злото?
Во Битие 3:1 се вели: „Змијата беше полукава од сите полски животни, што Господ, Бог, ги направи. Таа ѝ рече на жената: ‚Вистина ли е дека Бог рекол — не ќе јадете од ниедно дрво во градината?‘“ Постојат различни мислења што се однесува до тоа како можела змијата да комуницира со Ева. Една идеја е дека тоа го сторила преку говор со движења или гестови. На пример, англискиот свештеник Џозеф Бенсон коментирал: „Изгледа многу веројатно дека тоа било со помош на некакви знаци. Навистина, некои сметаат дека во тоа време разумот и говорот биле познати карактеристики на змиите . . . но не постои доказ за тоа“.
Меѓутоа, користејќи само говор со движења, како можела змијата да ѝ ја пренесе на Ева идејата дека ако јаде од забранетиот плод, таа ќе стане како Бог, способна да одлучува што е добро а што зло? Освен тоа, Ева учествувала во разговор, одговорила на прашањето што ѝ го поставила змијата (Битие 3:2-5). Гледиштето дека змијата комуницирала само со знаци или со движења би водело до заклучок дека Ева одговарала со помош на гестови, но Библијата вели дека таа зборувала.
Укажувајќи на овој настан, апостол Павле ги предупредил сохристијаните: „Се плашам, како што змијата ја заведе Ева со своето лукавство, на некој начин и вашите умови да не се расипат“. Опасноста за која зборувал Павле дошла од „лажни апостоли, измамливи работници“. Заканата од таквите „супер апостоли“ не била ограничена на говор со движења и на гестови. Таа го вклучувала нивниот говор — нивните лукави зборови, кажани за да ги заведат другите (2. Коринќаните 11:3-5, 13).
Иако во градината Еден бил користен говор за да се наведе Ева на погрешен пат, не постои нешто што укажува дека дословната змија имала гласни жици. Всушност, не ѝ биле ни потребни. Кога Божјиот ангел зборувал со Валаам преку една магарица, на животното не му бил потребен сложен грклан сличен на човечкиот (Броеви 22:26-31). Очигледно, кога ова ‚немо товарно животно говорело со човечки глас‘, моќта за таа постапка дошла од духовното подрачје (2. Петрово 2:16).
Духовното суштество зад змијата кое зборувало со Ева е идентификувано во Библијата како ‚празмијата што се вика Ѓавол и Сатана‘ (Откровение 12:9). Гласните зборови што Ева ги чула и на кои одговорила биле предизвикани од Сатана, кој „се преобразува во ангел на светлината“ (2. Коринќаните 11:14).
[Слика на страница 27]
„Ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото“