Можеш да избегнеш духовен срцев удар
Еден светски атлетичар, многу искусен во својата вештина и според надворешниот изглед во одлична форма, ненадејно се онесвестил додека вежбал и умрел. Тој атлетичар бил Сергеј Гринков, двократен добитник на олимпискиот златен медал во уметничко лизгање, чија кариера била прекратена токму во цутот — кога имал само 28 години. Каква трагедија! Која била причината? Срцев удар. Било изјавено дека неговата смрт е сосема неочекувана бидејќи немало никаков знак дека страдал од некое срцево заболување. Сепак, испитувањата откриле дека имал проширено срце и сериозно зачепени коронарни артерии.
ИАКО можеби изгледа дека до многу срцеви удари доаѓа без предупредување, медицинските авторитети признаваат дека тоа ретко е случај. Вистината е дека таквите предзнаци и факторите што придонесуваат за тоа, како што се задишаност, прекумерна тежина и болки во градите, честопати се игнорираат. Како резултат на тоа, дури и да не умрат во текот на срцевиот удар, многумина остануваат со тешки хендикепи во останатиот дел од животот.
Во медицинското мислење денес постои општа согласност дека за да се спречи срцев удар потребно е постојано да се внимава на исхраната и начинот на живот, како и да се вршат редовни медицински прегледи.a Таквите мерки, заедно со вистинската спремност да се прават промени таму каде што е потребно, во голема мера ќе помогнат човек да биде поштеден од трагичните последици од срцевиот удар.
Меѓутоа, постои еден друг аспект на нашето срце што заслужува уште поголемо внимание. „А над сѐ чувај го своето срце“, нѐ предупредува Библијата, „зашто животот извира од него“ (Пословици 4:23). Се разбира, овој стих во принцип се однесува на фигуративното срце. Потребна е внимателност за да го сочуваме нашето физичко срце, но уште поважно е да останеме будни ако сакаме да го заштитиме нашето фигуративно срце од болести што можат да водат до духовна смрт.
Анатомија на фигуративен срцев удар
Како и кај заболувањата на физичкото срце, еден од најсигурните начини да се спречи срцев удар во духовен поглед е да се научи за неговите причини и потоа да се преземат некои чекори. Затоа, да разгледаме некои од основните фактори што придонесуваат за проблемите на срцето — на дословното и на фигуративното.
Исхрана. Општо е прифатено дека иако е вкусна, од шунд храната има малку или, пак, никакви здравствени користи. На сличен начин, умствената шунд храна е лесно достапна и ги предизвикува сетилата, но е штетна за духовното здравје. Во медиумите итро се рекламира изобилство материјал во кој се прикажуваат недозволен секс и дрога, насилство и окултни работи. Внесувањето таква храна во умот е смртоносно за фигуративното срце. Божјата реч предупредува: „Сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот. Освен тоа, светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:16, 17).
Здравата храна, како што е овошјето и зелениот зеленчук, не е баш привлечна за еден зависник од шунд храна. Исто така, здравата и цврста духовна храна може да не му е баш привлечна на некој што се навикнал да ги храни умот и срцето со световна храна. Можеби некое време тој ќе опстојува на ‚млекото‘ од Божјата реч (Евреите 5:13). Но, на долги патеки, тој не ја развива духовната зрелост што е потребна за да ги преземе своите основни духовни одговорности во христијанското собрание и во службата (Матеј 24:14; 28:19; Евреите 10:24, 25). Некои во таква ситуација дозволиле нивната духовна сила да спласне до тој степен што станале неактивни Сведоци!
Една друга опасност е тоа што надворешниот изглед може да мами. Површното извршување на христијанските должности може да ја замаскира сѐ поголемата кревкост на едно фигуративно срце, кое е ослабнато од тајното препуштање на материјалистичките филозофии или забавата во која се прикажуваат неморал, насилство или окултни работи. Може да изгледа дека една таква неисправна духовна исхрана има мал ефект врз нечија духовност, но тоа би можело да го парализира фигуративното срце како што лошата исхрана ги стврднува артериите и го оштетува дословното срце. Исус предупредил да не се дозволи во срцето да влезат неисправни желби. Тој рекол: „Секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28). Да, слабата духовна исхрана може да води до духовен срцев удар. Сепак, има и други работи.
Вежбање. Добро познато е дека седечкиот начин на живот може да придонесе за физички срцев удар. На сличен начин, духовно седечкиот начин на живот може да има сериозни последици. На пример, можеби некој има извесен удел во христијанската служба, но можеби тој тоа го става во границите на она што може да се нарече комотна зона, вложувајќи малку или никакви напори да стане „работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:15). Или, можеби некој присуствува на некои христијански состаноци, но малку се подготвува и учествува на нив. Можеби нема духовни цели ниту, пак, апетит или одушевеност за духовните работи. Недостигот на духовно вежбање на крајот ја ослабува, па дури и ја умртвува верата што можеби тој некогаш ја имал (Јаков 2:26). Апостол Павле ја забележал оваа опасност кога им пишувал на еврејските христијани, од кои изгледа некои западнале во таков духовно седечки начин на живот. Забележи како предупредил тој на потенцијалниот закоравувачки ефект што би можело ова да го има врз нивната духовност. „Браќа, чувајте се во некого од вас некогаш да не се развие злобно срце на кое му недостига вера, отстапувајќи од живиот Бог; туку опоменувајте се еден со друг секој ден, сѐ додека може да се каже ‚денес‘, за некој од вас да не отврдне поради измамничката моќ на гревот“ (Евреите 3:12, 13).
Стрес. Друга главна причина за физички срцев удар е преголемиот стрес. На сличен начин, стресот, односно „животните грижи“, може лесно да се покаже смртоносен за фигуративното срце, па дури и да предизвика жртвата сосема да престане да му служи на Бог. Навремено е Исусовото предупредување во тој поглед: „Внимавајте на себе срцата никогаш да не ви отежнат од прејадување и прекумерно пиење и од животните грижи, и тој ден ненадејно да ве затече како замка“ (Лука 21:34, 35). Стресот може неповолно да влијае и врз нашето фигуративно срце ако подолг временски период се измачуваме заради некој таен грев. Цар Давид од искуство ја научил болката поврзана со таквиот штетен стрес, кога рекол: „Од моите гревови нема мир за моите коски. Зашто беззаконијата на мојата глава ме надвишија, ме притиснуваат како претешко бреме“ (Псалм 38:3, 4).
Прекумерна самодоверба. Многу жртви на срцев удар биле многу самоуверени во врска со својата здравствена состојба токму пред нивниот срцев удар. Честопати, тие одбивале да прават проверки или медицински прегледи или дури во смеа ги отфрлале како потполно непотребни. На сличен начин, некои можеби мислат дека, со оглед на тоа што извесно време се христијани, не би можело ништо да им се случи. Можеби занемаруваат да се подложат на духовни прегледи или самоиспитување сѐ додека не избие катастрофа. Животоважно е да го задржиме на ум добриот совет против прекумерната самодоверба, како што навел апостол Павле: „Кој мисли дека стои, нека се чува да не падне“. Мудро е да ја признаеме нашата несовршена природа и одвреме навреме духовно да се испитуваме (1. Коринќаните 10:12; Пословици 28:14).
Немој да ги игнорираш знаците на предупредување
Писмото со добра причина ѝ дава висок приоритет на состојбата на фигуративното срце. Во Еремија 17:9, 10 читаме: „Поизмамливо од сѐ е срцето, и е страшно болно, кој може да проникне во него? Јас, Господ, ги истражувам срцата и ги испитувам бубрезите, за да му дадам секому според неговото поведение, според плодот на неговите раце“. Но, освен што го испитува нашето срце, Јехова исто така прави љубезна подготовка да ни помогне да го правиме потребното самоиспитување.
Преку „верниот и разборит роб“ ни се даваат навремени потсетувања (Матеј 24:45). На пример, еден од главните начини на кои би можело да нѐ заведе нашето фигуративно срце е со тоа што нѐ тера да се впуштаме во световни фантазии. Тоа се нереалистични мечти, сништа, празни лутања со умот. Тие можат да станат многу штетни, особено ако побудуваат нечисти мисли. Затоа мораме целосно да ги отфрлиме. Ако го мразиме беззаконието, како што правел Исус, ќе го зачуваме срцето да не се впушти во световни фантазии (Евреите 1:8, 9).
Освен тоа, ја имаме помошта на љубезните старешини во христијанското собрание. Сепак, иако грижата од другите секако се цени, одговорноста да се грижиме за нашето фигуративно срце конечно лежи на секого од нас лично. До нас како поединци е ‚да се увериме во сите работи‘ и да ‚се испитуваме дали сме во верата‘ (1. Солуњаните 5:21; 2. Коринќаните 13:5).
Зачувај го срцето
Библиското начело дека „што човек сее, тоа и ќе пожнее“ важи и за здравјето на нашето фигуративно срце (Галатите 6:7). Честопати испаѓа дека она што изгледа ненадејна духовна катастрофа е резултат на едно долго, тајно досие на впуштање во духовно штетни стремежи, како што е гледање порнографија, претерана загриженост за материјални работи или стремење кон истакнатост или моќ.
Според тоа, за да се заштити срцето, неопходно е да се внимава на духовната исхрана. Храни ги умот и срцето со Божјата реч. Избегнувај умствена шунд храна која е лесно достапна и толку привлечна за телото, но единствените резултати од неа се тоа што фигуративното срце го прави бесчувствително. Псалмистот предупредува со погодна — и медицински здрава — аналогија: „Срцето им стана бесчувствително исто како сало“ (Псалм 119:70, NW).
Ако постојат некои долготрајни тајни грешки, напорно настојувај да ги искорениш за да не се зачепат твоите фигуративни артерии. Ако светот почне да изгледа привлечен и се чини дека нуди многу во поглед на задоволствата и уживањето, медитирај за мудриот совет што го дал апостол Павле. Тој напишал: „Го велам ова, браќа: Преостанатото време е скратено. Отсега оние . . . кои го користат светот, [ќе бидат] како оние кои не го користат во потполност; зашто се менува сцената на овој свет“ (1. Коринќаните 7:29-31). И, ако почне да те привлекува материјалното богатство, земи ги при срце зборовите на Јов: „Зар надежта ја ставив во златото или му реков на златото: ‚Сигурност моја!‘ Тоа ќе беше грев што вика по суд, бидејќи би се одрекол од Севишниот Бог“ (Јов 31:24, 28; Псалм 62:10; 1. Тимотеј 6:9, 10).
Укажувајќи колку е сериозно од навика да се игнорира библискиот совет, Библијата предупредува: „Човекот кој по опомената останува тврдоглав, во миг ќе се скрши и нема да му има лек“ (Пословици 29:1). Спротивно на тоа, ако добро се грижиме за нашето фигуративно срце, можеме да ги доживееме задоволството и душевниот мир што доаѓаат од живеењето едноставен, уреден живот. Ова отсекогаш бил патот што го препорачува вистинското христијанство. Апостол Павле бил инспириран да напише: „Несомнено, таа е средство за голема добивка, оваа побожна оддаденост заедно со тоа човек да е задоволен со она што го има. Зашто ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме. Затоа, кога имаме храна и покрив, да бидеме задоволни со тоа“ (1. Тимотеј 6:6-8).
Да, вежбањето на патот на побожна оддаденост ќе ни засигури здраво и јако фигуративно срце. Ако добро внимаваме на нашата духовна исхрана, нема да дадеме место разорните патишта и размислувањето на овој свет да ѝ предизвикаат некаква штета на нашата духовност. А што е најважно, прифаќајќи ги Јеховините подготовки преку неговата организација, редовно да го подложуваме на прегледи нашето фигуративно срце. Ако марливо постапуваме така, тоа многу ќе ни помогне да ги избегнеме жалосните последици од духовен срцев удар.
[Фуснота]
a За понатамошни информации, те молиме види ја серијата статии „Срцев удар — што може да се стори?“, во изданието на Разбудете се! од 8 март 1997, издадено од Јеховини сведоци.
[Истакната мисла на страница 10]
НЕИСПРАВНА ДУХОВНА ИСХРАНА БИ МОЖЕЛА ДА ГО ПАРАЛИЗИРА ФИГУРАТИВНОТО СРЦЕ ИСТО КАКО ШТО ЛОШАТА ИСХРАНА МОЖЕ ДА ГИ СТВРДНЕ АРТЕРИИТЕ И ДА ГО ОШТЕТИ ДОСЛОВНОТО СРЦЕ
[Истакната мисла на страница 10]
ДУХОВНО СЕДЕЧКИОТ НАЧИН НА ЖИВОТ МОЖЕ ДА ИМА СЕРИОЗНИ ПОСЛЕДИЦИ
[Истакната мисла на страница 11]
„ЖИВОТНИТЕ ГРИЖИ“ МОЖАТ ЛЕСНО ДА СЕ ПОКАЖАТ СМРТОНОСНИ ЗА ФИГУРАТИВНОТО СРЦЕ
[Слика на страница 11]
Занемарувањето на нашето духовно здравје може да води до големи болки
[Слики на страница 13]
Негувањето добри духовни навики го чува фигуративното срце
[Извор на слика на страница 9]
AP Photo/David Longstreath