ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w01 1/12 стр. 14-18
  • Нека во твоето срце се развие страв од Јехова

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Нека во твоето срце се развие страв од Јехова
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Страхопочит, длабока почит и страв
  • „Прилепете се кон Него“
  • Да се љуби Бог значи да се има страв од него
  • Да научиме да се плашиме од Јехова
  • Среќен е секој што се плаши од Јехова
  • Научи како да најдеш радост во стравот од Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Бој се од Јехова и исполнувај ги неговите заповеди
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Плаши се од Јехова и слави го неговото свето име
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Користи од стравот од вистинскиот Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
w01 1/12 стр. 14-18

Нека во твоето срце се развие страв од Јехова

„Само кога во ова нивно срце би развиле страв од мене и секогаш би ги пазеле сите мои заповеди“ (ВТОРОЗАКОНИЕ 5:29, NW).

1. Зошто можеме да бидеме сигурни дека еден ден луѓето ќе уживаат слобода од страв?

СТРАВОТ со векови го прогонува човештвото. Стравот од глад, болести, криминал или војна држи милиони луѓе во постојана тегобна загриженост. Од оваа причина преамбулата на Универзалната декларација за човекови права ја изразува желбата да се создаде еден свет во кој сите луѓе ќе уживаат слобода од страв.a За среќа, самиот Бог нѐ уверува дека таков свет ќе дојде — иако не со човечки напори. Преку својот пророк Михеј, Јехова ни ветува дека во новиот свет на праведност што тој ќе го воспостави, ‚никој не ќе го плаши неговиот народ‘ (Михеј 4:4).

2. а) На кој начин нѐ поттикнува Писмото да се плашиме од Бог? б) Кои прашања може да се појават кога размислуваме за нашата обврска да се плашиме од Бог?

2 Од друга страна, пак, стравот може да биде и позитивна сила. Во Писмото, Божјите слуги се секогаш одново поттикнувани да се плашат од Јехова. Мојсеј им кажал на Израелците: „Бој се од Господа, од твојот Бог, искажувај му нему почитување“ (Второзаконие 6:13). Со векови подоцна, Соломон напишал: „Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот“ (Проповедник 12:13). Преку нашето дело на сведочење, кое се врши под надзор на ангелите, и ние ги поттикнуваме сите луѓе да ‚се плашат од Бог и да му оддадат слава‘ (Откровение 14:6, 7). Освен што се плашат од Јехова, христијаните мора да го љубат со сето свое срце (Матеј 22:37, 38). Како можеме да го љубиме Бог и во исто време да се плашиме од него? Зошто е неопходно да се плашиме од еден Бог полн со љубов? Какви користи извлекуваме од негувањето побожен страв? За да одговориме на овие прашања, најпрвин мораме да разбереме што значи стравот од Бог и како овој вид страв претставува основен дел од нашиот однос со Јехова.

Страхопочит, длабока почит и страв

3. Што значи стравот од Бог?

3 Стравот од Бог е чувство што христијаните треба да го имаат кон својот Творец. Една дефиниција за овој страв е „страхопочит и длабока почит кон Создателот и здрав страв да не предизвикаме негово незадоволство“. Значи, стравот од Бог влијае врз два важни аспекта од нашиот живот: нашиот став кон Бог и нашиот став кон однесување што тој го мрази. Очигледно, обата аспекта се пресудни и заслужуваат грижливо разгледување. Како што истакнува Толковниот речник на зборови од Новиот завет на Вајн (Vine’s Expository Dictionary of New Testament Words), овој полн со почит страв на христијаните е ‚управувачки мотив во животот, како во духовните така и во моралните работи‘.

4. Како можеме да развиеме чувства на страхопочит и длабока почит кон нашиот Создател?

4 Како можеме да развиеме чувства на страхопочит и длабока почит кон нашиот Создател? Ние застануваме во страхопочит кога ќе видиме некој убав пејзаж, импресивен водопад или спектакуларен залез. Ова чувство се продлабочува кога, со очите на верата, ја препознаваме Божјата рака што стои зад таквите дела на создавање. Освен тоа, исто како цар Давид, ја согледуваме сопствената безначајност во споредба со Јеховиното творештво што влева страхопочит. „Кога ги гледам Твоите небеса, делото на Твоите прсти; месечината и ѕвездите што си ги поставил: Што е човекот за да си спомнуваш за него?“ (Псалм 8:3, 4). Оваа длабока страхопочит води до длабока почит, која нѐ поттикнува да му благодариме на Јехова и да го фалиме за сѐ што тој прави за нас. Исто така, Давид напишал: „Ти благодарам што сум создаден толку чудесно, што се Твоите дела прекрасни. Мојата душа тоа добро го знае“ (Псалм 139:14).

5. Зошто треба да се плашиме од Јехова, и кој убав пример го имаме во тој поглед?

5 Чувствата на страхопочит и длабока почит предизвикуваат еден здрав и полн со почит страв од Божјата моќ како Создател и од неговиот авторитет на законит Владетел на универзумот. Во една визија што ја видел апостол Јован, ‚оние што излегле како победници над дивиот ѕвер и над неговиот лик‘ — помазаните следбеници на Христос на нивната небесна положба — објавуваат: „Големи и чудесни се твоите дела, Јехова Боже, Семоќен. Праведни и вистинити се твоите патишта, Цару на вечноста. Кој нема навистина да се плаши од тебе, Јехова, и да го слави твоето име“ (Откровение 15:2-4). Стравот од Бог, кој потекнува од длабока почит кон неговото величество, ги наведува овие совладетели со Христос во небесното Царство да му оддаваат чест на Бог како на врховен авторитет. Кога размислуваме за сѐ што постигнал Јехова и за праведниот начин на кој владее со универзумот, зарем немаме изобилство причини да се плашиме од него? (Псалм 2:11; Еремија 10:7).

6. Зошто треба да имаме здрав страв да не предизвикаме незадоволство кај Јехова?

6 Меѓутоа, освен страхопочит и длабока почит, стравот од Бог мора да вклучува и здрав страв да не предизвикаме негово незадоволство или да не му бидеме непослушни. Зошто? Затоа што иако Јехова е ‚долготрпелив на гнев и многумилостив‘, мораме да запомниме дека тој „не остава неказнет виновник“ (Излез 34:6, 7). Иако е полн со љубов и милостив, Јехова не толерира неправедност и намерно престапување (Псалм 5:4, 5; Хабакук 1:13). Оние што намерно и непокајнички практикуваат работи што се зли во Јеховините очи и се поставуваат наспроти него, не можат да го прават тоа неказнето. Како што кажал апостол Павле, „страшно е да се падне во рацете на живиот Бог“. Да се има здрав страв од запаѓање во таква ситуација е, на крајот, заштита за нас (Евреите 10:31).

„Прилепете се кон Него“

7. Какви причини имаме за доверба во Јеховината спасувачка моќ?

7 Стравот полн со длабока почит кон Бог и изострената свесност за неговата застрашувачка моќ навестуваат доверба и сигурност во Јехова. Исто како што едно мало дете се чувствува заштитено кога е во близина на својот татко така и ние се чувствуваме безбедни и сигурни под Јеховината рака што нѐ води. Забележи како реагирале Израелците откако Јехова ги извел од Египет: ‚Израел ја виде големата сила што Господ ја покажа над Египетците. Народот се исплаши од Господа, и му поверува на Господа‘ (Излез 14:31). Искуството на Елисеј исто така сведочи за фактот дека „Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува“ (Псалм 34:7; 2. Цареви 6:15-17). Современата историја на Јеховиниот народ и веројатно нашето лично искуство потврдуваат дека Бог ја практикува својата моќ во корист на оние што му служат (2. Летописи 16:9). На тој начин почнуваме да согледуваме дека „во стравот од Господа е голема верба“ (Пословици 14:26).

8. а) Зошто нѐ поттикнува стравот од Бог да одиме по неговите патишта? б) Објасни како треба да се ‚прилепиме‘ кон Јехова.

8 Здравиот страв од Бог не само што поттикнува на доверба и сигурност во него туку и нѐ мотивира да одиме по неговите патишта. За време на инаугурацијата на храмот, Соломон му се молел на Јехова: ‚Нека [Израел] се бои од Тебе одејќи по Твоите патишта додека живее на земјата, што Ти им ја даде на нашите татковци‘ (2. Летописи 6:31). Претходно, Мојсеј ги поттикнал Израелците: „Одете само по Господа, својот Бог; бојте се од Него; вршете ги Неговите заповеди; слушајте го Неговиот глас, служете Му; прилепете се кон Него“ (Второзаконие 13:4). Како што овие стихови јасно покажуваат, желбата да се оди по Јеховините патишта и да се биде ‚прилепен‘ кон него потекнува од довербата и сигурноста во Бог. Да, побожниот страв нѐ води до тоа да му бидеме послушни на Јехова, да му служиме и да се прилепиме кон него, исто како што едно мало дете може дословно да се прилепи за својот татко во кого има безусловна доверба и сигурност (Псалм 63:8; Исаија 41:13).

Да се љуби Бог значи да се има страв од него

9. Каква е врската меѓу љубовта кон Бог и стравот од Бог?

9 Од библиска гледна точка, стравот од Бог во никој случај не ја исклучува љубовта кон него. Напротив, Израелците биле поучени да ‚се бојат од Господа . . . да одат по сите негови патишта; да го љубат‘ (Второзаконие 10:12). Според тоа, стравот од Бог и љубовта кон Бог се тесно поврзани. Стравот од Бог нѐ поттикнува да одиме по неговите патишта а тоа, пак, од своја страна, дава доказ за нашата љубов кон него (1. Јованово 5:3). Ова е логично бидејќи кога љубиме некого, со право се плашиме да не го повредиме. Израелците го повредувале Јехова со својот бунтовнички начин на постапување во пустелијата. Сигурно не би сакале да сториме нешто што ќе му донесе таква тага на нашиот небесен Татко (Псалм 78:40, 41). Од друга страна, пак, затоа што „на Господа Му се мили оние, кои се бојат од Него“, нашата послушност и верност го радуваат неговото срце (Псалм 147:11; Пословици 27:11). Љубовта кон Бог нѐ поттикнува да му угодиме, а стравот од Бог нѐ спречува да го повредиме. Тие особини се надополнуваат, не се противречни.

10. Како покажал Исус дека уживал во стравот од Јехова?

10 Животниот пат на Исус Христос јасно илустрира како можеме да го љубиме Бог и во исто време да се плашиме од него. Пророк Исаија за Исус напишал: „Господовиот Дух ќе почива на него, дух на мудроста и на разум, дух на совет и на сила, дух на знаење и на страв Господен. Господовиот страв ќе го вдахне [ќе биде уживање за него, NW]“ (Исаија 11:2, 3). Според ова пророштво, Божјиот дух го поттикнал Исус да се плаши од својот небесен Татко. Освен тоа, забележуваме дека овој страв, далеку од тоа да ограничувал — напротив, бил извор на задоволство. Исус уживал да ја врши Божјата волја и да му угоди, дури и под најтешките околности. Кога се соочил со неизбежното погубување на маченички столб, на Јехова му рекол: „Не како јас што сакам, туку како ти што сакаш“ (Матеј 26:39). Поради овој побожен страв, Јехова поволно ги сослушал преколнувањата на својот Син, го зајакнал и го спасил од смртта (Евреите 5:7).

Да научиме да се плашиме од Јехова

11, 12. а) Зошто мораме да научиме да се плашиме од Бог? б) Како нѐ поучува Исус да се плашиме од Јехова?

11 За разлика од инстинктивната страхопочит што ја чувствуваме кога се соочуваме со моќта и величественоста на природата, стравот од Бог не доаѓа автоматски. Затоа, Поголемиот Давид, Исус Христос, пророчки ни ја упатува оваа покана: „Дојдете, чеда, и послушајте ме, ќе ве научам на страв од Господа“ (Псалм 34:11). Како можеме да научиме од Исус да се плашиме од Јехова?

12 Исус нѐ поучува да се плашиме од Јехова со тоа што ни помага да ја разбереме прекрасната личност на нашиот небесен Татко (Јован 1:18). Исусовиот личен пример открива како Бог размислува и како постапува со другите, зашто Исус совршено ја одразува личноста на својот Татко (Јован 14:9, 10). Освен тоа, преку Исусовата жртва добиваме пристап кај Јехова кога се молиме да ни ги прости гревовите. Овој извонреден израз на Божјата милост сам по себе е една силна причина да се плашиме од него. Псалмистот напишал: „Но во Тебе е проштавањето, за да се бојат од Тебе“ (Псалм 130:4).

13. Кои чекори изложени во книгата Пословици ни помагаат да се плашиме од Јехова?

13 Книгата Пословици изложува низа чекори што ни овозможуваат да развиваме побожен страв. „Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш моите заповеди во себе, и со своето уво ја послушаш мудроста и го обратиш своето срце кон разумот; да, ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста . . . тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога“ (Пословици 2:1-5). Според тоа, за да се плашиме од Бог, мора да ја проучуваме неговата Реч, искрено да настојуваме да ја разбереме нејзината поука и, потоа да обрнеме грижливо внимание на нејзиниот совет.

14. Како можеме да го следиме советот што им бил даден на царевите на Израел?

14 Секој цар на древниот Израел бил поучен да направи препис од Законот и ‚да го чита во секое време на својот живот, за да научи да се бои од Господа, својот Бог, за да ги пази сите зборови на Законот‘ (Второзаконие 17:18, 19). Читањето и проучувањето на Библијата се исто толку битни и за нас ако сакаме да научиме да се плашиме од Јехова. Додека ги применуваме библиските начела во својот живот, постепено стекнуваме божествена мудрост и спознание. Почнуваме да ‚го разбираме Господовиот страв‘ затоа што ги гледаме добрите резултати што тој ги донесува во нашиот живот, и високо го цениме нашиот однос со Бог. Освен тоа, со тоа што редовно се собираат со соверниците, и младите и старите можат да ја слушаат божествената поука, да научат да се плашат од Бог и да одат по неговите патишта (Второзаконие 31:12).

Среќен е секој што се плаши од Јехова

15. На кои начини е поврзан стравот од Бог со нашето обожавање на Бог?

15 Од претходно кажаното можеме да видиме дека стравот од Бог е здрав став што сите ние треба да го негуваме, затоа што тој е основен дел од нашето обожавање на Јехова. Тој води до тоа да имаме безрезервна доверба во него, да одиме по неговите патишта и да се прилепиме кон него. Како што било случај и со Исус Христос, стравот од Бог може и да нѐ поттикне да го исполниме нашиот завет на предание сега и за сета вечност.

16. Зошто нѐ охрабрува Јехова да се плашиме од него?

16 Побожниот страв никогаш не е морбиден ниту, пак, ограничува претерано. „Блажен е секој, кој се бои од Господа, кој оди по Неговите патеки“, нѐ уверува Библијата (Псалм 128:1). Јехова нѐ охрабрува да се плашиме од него бидејќи знае дека оваа особина ќе нѐ заштити. Неговата љубезна грижа ја забележуваме во зборовите што му ги упатил на Мојсеј: „Само кога [Израелците] во ова нивно срце би развиле страв од мене и секогаш би ги пазеле сите мои заповеди, за да им биде добро ним и на нивните синови засекогаш!“ (Второзаконие 5:29, NW).

17. а) Какви користи извлекуваме од тоа што се плашиме од Бог? б) Кои аспекти од побожниот страв ќе ги разгледаме во следната статија?

17 На сличен начин, ако во нашето срце развиеме страв од Бог, тоа ќе биде добро за нас. Во кои погледи? Пред сѐ, таквиот став ќе му биде угоден на Бог и ќе нѐ приближи кон него. Давид од лично искуство знаел дека „тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува“ (Псалм 145:19). Второ, побожниот страв ќе ни користи бидејќи ќе влијае врз нашиот став кон она што е лошо (Пословици 3:7). Во следната статија ќе испитаме како овој страв нѐ чува од духовна опасност, и ќе разгледаме некои библиски примери за луѓе што се плашеле од Бог и се одвраќале од она што е лошо.

[Фуснота]

a Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човекови права на 10 декември 1948.

Можеш ли да одговориш на следново?

• Што значи стравот од Бог, и како тој влијае врз нас?

• Каква е врската меѓу стравот од Бог и одењето со Бог?

• Како покажува примерот на Исус дека стравот од Бог е поврзан со љубовта кон Бог?

• На кои начини во нашето срце може да се развие страв од Јехова?

[Слика на страница 17]

На израелските цареви им било заповедано да направат личен препис од Законот и да го читаат секој ден

[Слика на страница 18]

Стравот од Јехова нѐ води до тоа да имаме доверба во него како што синот има доверба во својот татко

[Извор на слика на страница 15]

Ѕвезди: фотографија на Малин, © IAC/RGO 1991

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели