ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w02 15/3 стр. 4-7
  • Добро водство — каде можеме да најдеме?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Добро водство — каде можеме да најдеме?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Ветениот водач пристигнува
  • Месијата — идеален водач
  • Што мораме да правиме ние?
  • „Еден е вашиот Водач — Христос“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Дали ти е реално Христовото водство?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Христос го води своето собрание
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Јехова го води својот народ
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
w02 15/3 стр. 4-7

Добро водство — каде можеме да најдеме?

„СЕКОЈА куќа некој ја изградил“, се вели во Библијата, „а оној кој изградил сѐ е Бог“ (Евреите 3:4; Откровение 4:11). Со оглед на тоа што е наш Творец, вистинскиот Бог, Јехова, „знае добро како сме создадени“ (Псалм 103:14). Тој потполно ги познава нашите ограничувања и потреби. И затоа што е љубезен Бог, сака да ги задоволи тие потреби (Псалм 145:16; 1. Јованово 4:8). Тука не е исклучена ни нашата потреба од добро водство.

Јехова преку пророкот Исаија изјавил: „Ете, Него го дадов сведок за народите, водач и заповедник на народите“ (Исаија 55:4, СП). Решението за денешната криза на водството вклучува да се идентификува овој Водач — наименуван од Семоќниот лично — и да се прифати неговото водство. Тогаш, кој е овој претскажан Водач и Заповедник? Кои се неговите квалификации како водач? Каде ќе нѐ води тој? Што мораме да правиме за да извлечеме корист од неговото водство?

Ветениот водач пристигнува

Пред околу 2.500 години, ангелот Гавриел му се појавил на пророкот Даниел и му рекол: „Знај и разбери: Од мигот кога ќе излезе словото: ‚Нека се вратат и нека го изградат пак Ерусалим па до Кнезот Помазаник [Месијата Водачот, NW] ќе бидат седум седмици, и тогаш шеесет и две седмици, и пак ќе бидат изградени улиците и окопот и тоа во тешки времиња“ (Даниел 9:25).

Јасно, ангелот го информирал Даниел за конкретното време на доаѓање на Јеховиниот избран Водач. „Месијата Водачот“ требало да се појави на крајот од 69-те седмици, или 483 години, кои се бројат од 455 пр.н.е., кога излегло словото повторно да се изгради Ерусалимa (Неемија 2:1—8). Што се случило на крајот од тој период? Евангелскиот писател Лука раскажува: „Во петнаесеттата година од владеењето на цезарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител на Јудеја, и Ирод обласен владетел на Галилеја [29 н.е.] . . . на Јован, синот на Захарија, во пустелијата му дојде Божјата објава. И тој го обиколи целото подрачје околу Јордан, проповедајќи крштавање како симбол на покајание за проштавање на гревовите“. Во тоа време ‚народот бил во исчекување‘ на Месијата Водачот (Лука 3:1—3, 15). Иако мноштва луѓе дошле кај Јован, тој не бил тој Водач.

Потоа, околу октомври 29 н.е., Исус од Назарет дошол кај Јован да се крсти. А Јован посведочил со зборовите: „Го видов духот како слегува од небото како гулаб, и остана на него. И јас не го знаев, но Оној кој ме испрати да крштавам во вода, ми рече: ‚На кого ќе видиш дека слегува духот и останува на него, тој е кој крштава во свет дух‘. И го видов тоа, и посведочив дека тој е Божјиот Син“ (Јован 1:32—34). При крштавањето, Исус станал помазаниот Водач — Месијата, или Христос.

Да, се покажало дека Исус Христос е ветениот „водач и заповедник на народите“. А кога ги анализираме неговите особини како водач, веднаш сфаќаме дека неговото водство во голема мера ги надминува современите барања за еден идеален водач.

Месијата — идеален водач

Еден добар водач дава јасни упатства и им помага на луѓето што се под негова грижа лично да стекнат сила и вештини за да можат успешно да ги решаваат проблемите. ‚Ова е неопходно за успешниот водач на 21 век‘, се вели во книгата 21st Century Leadership: Dialogues With 100 Top Leaders (Водството во 21 век: дијалози со 100 врвни водачи). Колку добро ги подготвил Исус своите слушатели да се справат со секојдневните ситуации! Разгледај го само неговото најпрочуено предавање — Проповедта на гората. Зборовите запишани во Матеј, поглавја 5 до 7, изобилуваат со практични совети.

Размисли, на пример, за Исусовиот совет во врска со решавањето на личните несогласувања. Тој рекол: „Ако, значи, го носиш својот дар на олтарот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред олтарот и оди си; прво помири се со брат ти, а потоа, кога ќе се вратиш, принеси го својот дар“ (Матеј 5:23, 24). Преземањето иницијатива да се помириме со другите е на прво место — дури и пред извршувањето на некоја религиозна должност, како што било принесувањето дарови на храмскиот олтар во Ерусалим, како што барал Мојсеевиот закон. Инаку, делата на обожавање би биле неприфатливи за Бог. Исусовиот совет денес е исто толку практичен колку што бил со векови порано.

Исто така, Исус им помогнал на своите слушатели да ја избегнуваат замката на неморалот. Тој ги опоменал: „Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба‘. А јас ви велам дека секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:27, 28). Колку пригодно предупредување! Зошто воопшто да тргнуваме на пат да извршиме неморал со тоа што ќе се занимаваме со мисли за него? Исус рекол дека блудот и прељубата доаѓаат од срцето (Матеј 15:18, 19). Ќе бидеме мудри ако го чуваме своето срце (Пословици 4:23).

Проповедта на гората исто така содржи одлични совети за тоа да се љубат непријателите, да се покажува великодушност, да се има исправно гледиште кон материјалните и духовните работи и слично (Матеј 5:43—47; 6:1—4, 19—21, 24—34). Исус дури им покажал на своите слушатели на кој начин да бараат Божја помош со тоа што ги поучил како да се молат (Матеј 6:9—13). Месијата Водачот ги зајакнува и ги подготвува своите следбеници да се справат со проблемите вообичаени за човештвото.

Во Проповедта на гората Исус шестпати ги воведува своите изјави со изразот „сте чуле дека било речено“, или „освен тоа, било речено“, но потоа изнесува друга идеја, велејќи: „Меѓутоа, јас ви велам“ (Матеј 5:21, 22, 27, 28, 31—34, 38, 39, 43, 44). Тоа покажува дека неговите слушатели биле навикнати да постапуваат на извесен начин, според усните традиции на фарисеите. Но, сега Исус им покажал еден поинаков начин — начин што го одразувал вистинскиот дух на Мојсеевиот закон. Така Исус воведувал промена, и тоа на начин со кој им олеснувал на другите да ја прифатат. Да, Исус ги поттикнувал луѓето да прават драматични промени во својот живот, во духовен и во морален поглед. Ова е обележје на еден вистински водач.

Еден прирачник за менаџмент истакнува колку е тешко да се постигне таква промена. Во него се вели: „На посредникот на промената [водачот] му е потребна чувствителноста на социјален работник, увидот на психолог, издржливоста на маратонски тркач, упорноста на булдог, самоувереноста на испосник и стрпливоста на светец. Па дури и со сите тие особини, не постои гаранција за успех“.

„Водачите мораат да се однесуваат на начинот на кој сакаат да се однесуваат нивните следбеници“, забележала една статија со наслов „Водство: Дали се важни особините?“ Навистина, еден добар водач го практикува она што го проповеда. Колку само ова било вистинито со Исус Христос! Да, тој ги поучувал оние што биле со него да бидат понизни, но им дал и практичен пример со тоа што им ги измил нозете (Јован 13:5—15). Тој не само што ги испратил своите ученици да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство туку и самиот енергично се напрегал во тоа дело (Матеј 4:18—25; Лука 8:1—3; 9:1—6; 10:1—24; Јован 10:40—42). А во врска со тоа како се реагира на водството, Исус дал пример. „Синот не може ништо да прави на своја иницијатива“, рекол за себе, „туку само она што гледа дека Таткото го прави“ (Јован 5:19).

Досегашното разгледување на она што го кажал и направил Исус јасно покажува дека тој е идеалниот Водач. Всушност, тој ги надминува сите човечки мерила за добро водство. Исус е совршен. Откако по својата смрт и воскресение добил бесмртност, тој живее засекогаш (1. Петрово 3:18; Откровение 1:13—18). Кој човечки водач одговара на овие квалификации?

Што мораме да правиме ние?

Како владејачки цар на Божјето Царство, „Месијата Водачот“ ќе излее благослови врз послушното човештво. Во тој поглед Писмото ветува: „Земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода“ (Исаија 11:9). „Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11). „Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши“ (Михеј 4:4). „Самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка“ (Откровение 21:3, 4).

Светот денес доживува криза на водството. Но, Исус Христос ги води кротките кон еден мирољубив нов свет, каде што послушното човештво ќе биде обединето во обожавањето на Јехова Бог и ќе напредува кон совршенство. Колку само е битно да одвојуваме време за да стекнеме спознание за вистинскиот Бог и за Водачот наименуван од него и да постапуваме во согласност со тоа спознание! (Јован 17:3).

Еден од најубавите комплименти што можеме да му ги дадеме на еден човек е да го имитираме. Зарем не треба тогаш да се обидеме да го имитираме најголемиот Водач во човечката историја — Исус Христос? Како можеме да го правиме тоа? Каков ефект ќе има врз нашиот живот прифаќањето на неговото водство? За овие и за други прашања ќе биде дискутирано во следните две статии.

[Фуснота]

a Види страници 186—191 од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, издадена од Јеховини сведоци.

[Слика на страница 4]

Даниел го претскажал доаѓањето на Божјиот избран Водач

[Слики на страница 7]

Исусовите учења ги подготвиле луѓето да се справат со животните проблеми

[Слика на страница 7]

Исус ќе го води послушното човештво во еден мирољубив нов свет

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели