„Дојдете кај мене . . . и јас ќе ве освежам“
Состаноци што поттикнуваат кон љубов и кон извонредни дела
ОД ТОРОНТО до Токио, од Москва до Монтевидео — неколкупати во седмицата, милиони Јеховини сведоци и нивните пријатели се слеваат кон своите места на обожавање. Меѓу овие поединци спаѓаат трудољубиви семејни мажи, исцрпени по еден долг ден поминат на работа; работливи сопруги и мајки придружувани од мали деца; енергични младинци кои денот го поминале на училиште; кревки постари лица кои чекорат забавено од болки; храбри вдовици и сирачиња, како и депримирани души на кои им треба утеха.
Овие Сведоци на Јехова користат многу превозни средства — од супер-брзи возови до магариња, од преполни вагони на подземни железници до камиони. Некои мораат да преминуваат реки полни со крокодили, додека други мораат да го поднесуваат излудувачкиот сообраќај во големите градови. Зошто сите овие луѓе вложуваат толкав напор?
Првенствено затоа што присуството и учеството на христијанските состаноци се еден важен начин да го обожаваме Јехова Бог (Евреите 13:15). Апостол Павле укажал уште на една додатна причина кога напишал: „Да обрнуваме внимание едни на други за да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање . . . туку храбрејќи се едни со други, и тоа дотолку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25). Овде Павле изразил слични чувства како псалмистот Давид, кој пеел: „Се зарадував кога ми рекоа: ‚Да одиме во Господовиот Дом!‘“ (Псалм 122:1).
Зошто се радуваат христијаните на присуството на своите состаноци? Затоа што присутните не се само набљудувачи. Наместо тоа, состаноците им даваат прилики да се запознаат еден со друг. Овие собири особено им даваат прилики да даваат, а не само да примаат, и да се поттикнуваат едни со други кон љубов и да учествуваат во извонредни дела. Ова ги прави состаноците изградувачки прилики. Освен тоа, христијанските состаноци се еден од начините на кои Исус го исполнува своето ветување: „Дојдете кај мене . . . и јас ќе ве освежам“ (Матеј 11:28).
Оаза на утеха и грижа
Јеховините сведоци имаат добри причини да гледаат на своите состаноци како на освежување. Како прво, „верниот и разборит роб“ сервира на состаноците духовна храна во право време (Матеј 24:45). Исто така, состаноците играат важна улога за Јеховините слуги да станат вешти и ревносни учители на Божјата реч. Освен тоа, во Салата на Царството може да се најде група од љубезни, заинтересирани и грижливи пријатели што се спремни и желни да помогнат и да ги утешат другите во време на стрес (2. Коринќаните 7:5—7).
Тоа го доживеала Филис, вдовица која го изгубила мажот кога нејзините деца имале пет и осум години. Опишувајќи го освежувачкиот ефект што христијанските состаноци го имале врз неа и врз нејзините малечки, таа рекла: „За мене беше голема утеха што одев во Салата на Царството бидејќи соверниците секогаш ја покажуваа својата љубов и грижа со прегратка, некоја библиска мисла или стисок на раката. Тоа беше место каде што секогаш сакав да бидам“ (1. Солуњаните 5:14).
Откако Мари имала некоја голема операција, лекарот ѝ рекол дека за да се излекува ќе бидат потребни најмалку шест седмици. Во првите седмици од закрепнувањето, Мари не можела да оди на состаноци. Нејзиниот лекар забележал дека таа не била толку расположена како порано. Кога дознал дека тоа е затоа што не оди на состаноци, ја охрабрил да оди. Мари одговорила дека нејзиниот сопруг не ја дели нејзината вера и дека нема да биде спремен да ѝ дозволи да оди на состаноци затоа што е загрижен за нејзиното здравје. Затоа, лекарот напишал службен рецепт со кој на Мари ѝ „наредил“ да оди во Салата на Царството заради охрабрување и изградувачко дружење. Мари заклучува: „Откако присуствував на еден состанок, се чувствував многу подобро. Почнав да јадам, спиев цела ноќ, не морав толку често да земам таблети против болки и повторно почнав да се смеам!“ (Пословици 16:24).
Љубезната атмосфера на христијанските состаноци не поминува незабележана од луѓето однадвор. Една студентка на факултет избрала да ги набљудува Јеховините сведоци за да напише состав за часот по етнологија. Во врска со атмосферата на состаноците, во својот состав напишала: „Срдечното добредојде што ми беше укажано . . . ми остави голем впечаток . . . Пријателството на Јеховините сведоци беше една многу истакната особина и како што почувствував, најзначајниот дел од атмосферата“ (1. Коринќаните 14:25).
Во овој разбрануван свет, христијанското собрание е духовна оаза. Тоа е пристаниште на мир и љубов. Со својата присутност на состаноците, можеш самиот да ја доживееш вистинитоста на зборовите на псалмистот: „Ете, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно“ (Псалм 133:1).
[Рамка/слика на страница 25]
ЗАДОВОЛУВАЊЕ НА ЕДНА ПОСЕБНА ПОТРЕБА
Како можат оние што не слушаат да извлечат корист од христијанските состаноци? Низ целиот свет Јеховините сведоци формираат собранија на знаковен јазик. Во изминатите 13 години, во Соединетите Држави беа формирани 27 собранија и 43 групи на знаковен јазик. Во најмалку 40 други земји сега има околу 140 собранија на знаковен јазик. Христијанските публикации се подготвуваат на видеокасети на 13 знаковни јазици.
Христијанското собрание им нуди на глувите прилика да го фалат Јехова. Одејл, поранешна католичка од Франција, која доживувала напади на тешка депресија и размислувала за самоубиство, е многу благодарна за библиското школување што го добива на христијанските состаноци. „Ми се поврати здравјето и радоста на животот“, вели таа. „Но, пред сѐ, ја пронајдов вистината. Сега мојот живот има смисла.“