Кој ќе го преживее Јеховиниот ден?
„Доаѓа ден вжарен како печка“ (МАЛАХИЈА 4:1).
1. На кој начин Малахија го опишува крајот на овој зол систем?
БОГ го инспирирал пророкот Малахија да запише пророштва за настани што влеваат страхопочит и што ќе се случат во многу блиска иднина. Овие настани ќе го погодат секој човек на Земјата. Малахија 4:1 претскажува: „Зашто еве, доаѓа ден вжарен како печка; горделивите и злосторниците ќе бидат како плева: денот кој наближува, ќе ги изгори — говори Господ над Воинствата — та нема да им остави ни корен ни гранче“. Колку темелно ќе биде уништувањето на овој зол систем на работи? Ќе биде како кај дрво чии корења се уништени така што повеќе никогаш нема да може да порасне.
2. На кој начин некои стихови го опишуваат Јеховиниот ден?
2 Можеби ќе прашаш: ‚Каков „ден“ претскажува пророкот Малахија?‘ Тоа е истиот ден за кој зборува Исаија 13:9, каде што изјавува: „Ете доаѓа лутиот Господов [Јеховин, NW] Ден, гнев и јарост — за да ја претвори земјата во пустина, за да ги истреби грешниците од неа“. Софонија 1:15 го дава овој опис: „Тој ден е ден на гнев! Ден на тешкотии и неволји! Ден на ужас и запустување! Ден на мрак и наоблаченост! Ден на темнина и маглишта!“
„Голема неволја“
3. Што е „Јеховиниот ден“?
3 Во главното исполнување на пророштвото на Малахија, „Јеховиниот ден“ е временски период што се карактеризира со „голема неволја“. Исус претскажал: „Тогаш ќе биде голема неволја каква што не се случила од почетокот на светот па досега, не, ниту повеќе ќе се случи“ (Матеј 24:21). Помисли само на несреќата што светот веќе ја доживува, особено од 1914 (Матеј 24:7—12). Па само II светска војна одзела повеќе од 50 милиони животи! Сепак, во ‚големата неволја‘ ќе се случат несреќи што ќе ги засенат тие маки. Тој настан, кој е исто што и Јеховиниот ден, ќе заврши со Армагедон, а со тоа ќе завршат и последните денови на овој зол систем (2. Тимотеј 3:1—5, 13; Откровение 7:14; 16:14, 16).
4. Што ќе се случи кога ќе заврши Јеховиниот ден?
4 До крајот на тој Јеховин ден, Сатановиот свет и оние што го поддржуваат ќе бидат истребени. Најпрвин ќе биде уништена целокупната лажна религија. Потоа, Јеховиниот суд ќе биде спроведен над Сатановиот економски и политички систем (Откровение 17:12—14; 19:17, 18). Езекиел пророкува: „Своето сребро ќе го исфрлат по улиците, а златото ќе им биде како ѓубре, во денот на Господовиот гнев не ќе ги избават ни среброто ни златото“ (Езекиел 7:19). Во врска со тој ден, во Софонија 1:14 се вели: „Близу е Господовиот [Јеховиниот, NW] ден, голем! Близу е и доаѓа брзо!“ Со оглед на она што го кажува Библијата за Јеховиниот ден, треба да бидеме одлучни да постапуваме во согласност со Божјите праведни барања.
5. Што доживуваат оние кои се плашат од Јеховиното име?
5 Откако е претскажано што ќе направи Јеховиниот ден со Сатановиот свет, во Малахија 4:2 е запишано како Јехова вели: „А вам, кои се боите од Моето име, ќе ви изгрее сонцето на правдата со здравје во крилјата, и вие ќе излегувате потскокнувајќи како телиња на пасење“. „Сонцето на правдата“ е Исус Христос. Тој е духовната ‚светлина на светот‘ (Јован 8:12). Исус изгрева со лекување — најпрвин со духовното лекување, кое го доживуваме денес, а потоа со потполно физичко лекување во новиот свет. Како што вели Јехова, излекуваните ќе ‚излегуваат потскокнувајќи како телиња на пасење‘ кои се возбудени и радосни затоа што се пуштени.
6. Во каква победничка прослава ќе имаат удел Јеховините слуги?
6 Што е со оние кои ги игнорираат Јеховините барања? Малахија 4:3 вели: „И [вие, Божјите слуги] ќе ги газите беззакониците како прав под нозете во Денот што го подготвувам — говори Господ над Воинствата“. Луѓето што го обожаваат Бог нема да имаат удел во уништувањето на Сатановиот свет. Наместо тоа, фигуративно ќе ги ‚газат беззакониците‘ со тоа што ќе имаат удел во победничката прослава што ќе следи по Јеховиниот ден. Голема прослава следела и по уништувањето на фараоновите војски во Црвеното Море (Излез 15:1—21). Отстранувањето на Сатана и на неговиот свет во големата неволја ќе биде исто така проследено со победничка прослава. Верните преживеани во Јеховиниот ден ќе извикаат: „Да Му воскликнуваме и да се радуваме на Неговото спасение“ (Исаија 25:9). Какво само воскликнување ќе има кога ќе биде оправдан Јеховиниот суверенитет, а Земјата ќе биде исчистена за мирољубиво да се живее на неа!
Христијанскиот свет го имитира Израел
7, 8. Опиши ја духовната состојба на Израел во времето на Малахија.
7 Во поволна положба кај Јехова доаѓаат оние што му служат, како контраст на оние што не му служат. Истото било случај кога Малахија ја напишал својата книга. Во 537 пр.н.е., еден остаток од Израел бил вратен по 70 години заробеништво во Вавилон. Меѓутоа, во текот на следниот век, обновената нација почнала да отпловува во отпадништво и злоба. Повеќето луѓе го обесчестувале Јеховиното име; ги игнорирале неговите праведни закони; го загадувале неговиот храм со тоа што донесувале слепи, сакати и болни животни за жртва, и се разведувале од жените на својата младост.
8 Како последица од тоа, Јехова им рекол: „Ќе дојдам при вас на суд, и ќе бидам подготвен сведок против вражалците и прељубниците, против оние, кои се колнат лажно, против оние, кои задржуваат од платата на работникот, вдовицата и сирачето, против оние, кои го газат правото на странците и не се бојат од Мене . . . зашто Јас, Господ [Јехова, NW] не се менувам“ (Малахија 3:5, 6). Сепак, Јехова упатил покана до сите што би се одвратиле од своите лоши патишта: „Вратете се при Мене и Јас ќе се вратам при вас“ (Малахија 3:7).
9. На кој начин пророштвата на Малахија имале почетно исполнување?
9 Тие зборови имале исполнување и во првиот век н.е. Еден остаток од Евреи му служел на Јехова и станал дел од една нова „нација“ на духовно помазани христијани, во која подоцна влегле и не-Евреи. Но, поголемото мнозинство од природниот Израел го отфрлило Исус. Затоа Исус на таа нација Израел ѝ рекол: „Ете, вашата куќа ви се остава запустена“ (Матеј 23:38; 1. Коринќаните 16:22). Во 70 н.е., како што е претскажано во Малахија 4:1, врз телесниот Израел дошол „ден вжарен како печка“. Ерусалим и неговиот храм биле уништени, а се известува дека повеќе од еден милион луѓе умреле како резултат на глад, битките за власт и нападите од римските војски. Меѓутоа, оние што му служеле на Јехова ја избегнале таа неволја (Марко 13:14—20).
10. На кој начин луѓето во целина и свештенството го имитираат Израел од првиот век?
10 Човештвото, а особено христијанскиот свет, ја имитира нацијата Израел од првиот век. Во целина, водачите и луѓето во христијанскиот свет повеќе ги претпочитаат сопствените религиозни верувања отколку Божјите вистини за кои поучувал Исус. Особено виновно е свештенството. Тоа одбива да го користи Јеховиното име, па дури и го отстранува од своите преводи на Библијата. Го обесчестува Јехова со небиблиски учења, како што се паганските доктрини за вечно мачење во пеколен оган, тројство, бесмртност на душата и еволуција. На тој начин го лишува Јехова од фалбата што ја заслужува, како што правеле и свештениците во времето на Малахија.
11. На кој начин религиите во светот покажуваат кому навистина му служат?
11 Во 1914, кога почнале последните денови, религиите на овој свет, водени од оние што тврдат дека се христијани, покажале кому навистина му служат. Во текот на двете светски војни, тие ги охрабрувале своите членови да одат во војна поради национални разлики, па дури и ако тоа значело да убиваат луѓе од сопствената религија. Божјата реч јасно ги идентификува оние што му се послушни на Јехова и оние што не му се послушни: „Децата Божји и децата на Ѓаволот се познаваат по ова: Секој кој не врши праведност, не потекнува од Бог, како и оној кој не го љуби својот брат. Зашто ова е пораката што сте ја чуле од почетокот, дека треба да имаме љубов еден кон друг; не како Каин, кој потекнуваше од злобниот и го уби својот брат“ (1. Јованово 3:10—12).
Исполнување на пророштвото
12, 13. Кои пророштва ги исполнуваат Божјите слуги во нашево време?
12 На крајот од I светска војна, во 1918 Јеховините слуги можеле да видат дека Бог го осудил христијанскиот свет и целиот остаток од лажната религија. Оттогаш, до луѓето со исправно настроени срца се упатува повикот: „Излезете од неа, народе мој, ако не сакате да учествувате со неа во нејзините гревови и ако не сакате да примите дел од нејзините неволји. Зашто нејзините гревови се натрупаа сѐ до небото, и Бог си спомна за нејзините дела на неправда“ (Откровение 18:4, 5). Оние што сакале да му служат на Јехова почнале да се очистуваат од трагите на лажната религија и низ целиот свет почнале да ја проповедаат добрата вест за воспоставеното Царство, дело што треба да се заврши пред крајот на овој зол систем на работи (Матеј 24:14).
13 Со ова се исполнило пророштвото од Малахија 4:5, каде што Јехова рекол: „Еве, ќе ви го испратам пророкот Илија, пред да дојде Господовиот [Јеховиниот, NW] Ден, ден голем и страшен“. Тоа пророштво го имало своето прво исполнување во делото на Јован Крстител, кој бил навестен преку Илија. Јован извршил дело слично на делото на Илија кога ги крштавал Евреите што се каеле за гревовите направени против сојузот на Законот. Што е уште поважно, Јован бил претходник на Месијата. Меѓутоа, делото на Јован било само почетно исполнување на пророштвото на Малахија. Исус, иако го идентификувал Јован како втор Илија, покажал дека ќе има и едно идно дело на „Илија“ (Матеј 17:11, 12).
14. Кое животоважно дело мора да се изврши пред да заврши овој систем?
14 Пророштвото на Малахија покажало дека ова дело на големиот Илија ќе се изврши пред ‚Јеховиниот Ден, ден голем и страшен‘. Тој ден завршува со војната на големиот ден на Семоќниот Бог, која сѐ побрзо се приближува — Армагедон. Ова значи дека на крајот на овој зол систем на работи и на започнувањето на милениумското владеење на Божјето небесно Царство под власта на востоличениот Исус Христос ќе му претходи едно дело кое ќе одговара на активноста на Илија. Верно на тоа пророштво, пред Јехова да го уништи овој зол систем, современата класа на Илија, поддржувана од милиони сохристијани со земна надеж, одушевено го извршува делото на обнова на чистото обожавање, возвишувајќи го Јеховиното име и поучувајќи ги луѓето слични на овци за библиските вистини.
Јехова ги благословува своите слуги
15. На кој начин Јехова ги памти своите слуги?
15 Јехова ги благословува оние што му служат. Малахија 3:16 вели: „Но кога разговараат оние, кои се плашат од Бога, Господ внимава, ги слуша и тоа се запишува пред Него во Спомен книгата во полза на оние, кои се бојат од Господа и кои Го почитуваат Неговото Име“. Од Авел па наваму, Бог ги запишува во книга, така да се каже, имињата на оние што ќе ги запамти со изглед за вечен живот. За нив Јехова вели: „Донесете ги сите десетоци во ризницата, за да има храна во Мојот Дом, Тогаш испитајте Ме . . . не ќе ли ви ги отворам небесните брани и не ќе ли излеам врз вас благослов со полна мерка“ (Малахија 3:10).
16, 17. На кој начин Јехова го благословил својот народ и неговото дело?
16 Јехова навистина ги благословил оние што му служат. Како? Еден начин е со зголемено разбирање на неговите намери (Пословици 4:18; Даниел 12:10). Друг е со тоа што им дава зачудувачки плодови во нивното дело на проповедање. Многу луѓе со искрени срца им се придружиле во вистинското обожавање, и тие сочинуваат „едно големо мноштво . . . од сите нации и племиња и народи и јазици . . . и постојано извикуваат: ‚Спасението му го должиме на нашиот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето‘“ (Откровение 7:9, 10). Ова големо мноштво станало видливо на еден чудесен начин, а бројот на оние што активно му служат на Јехова сега изнесува повеќе од шест милиони во над 93.000 собранија низ целата Земја!
17 Јеховиниот благослов се гледа и во тоа што Јеховините сведоци ги издаваат најдистрибуираните библиски публикации во целата историја. Сега секој месец се произведуваат по 90 милиони примероци од списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, при што Стражарска кула излегува на 141 јазик, а Разбудете се! на 87 јазици. Книгата за проучување на Библијата Вистина која води до вечен живот, издадена во 1968, достигнала дистрибуција од над 107 милиони примероци на 117 јазици. Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, издадена во 1982, достигнала над 81 милион примероци на 131 јазик. Книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена во 1995, досега е отпечатена во повеќе од 85 милиони примероци на 154 јазици. Брошурата Што бара Бог од нас?, издадена во 1996, досега е дистрибуирана во 150 милиони примероци на 244 јазици.
18. Зошто доживуваме духовен напредок и покрај противењето?
18 Овој духовен напредок го доживуваме и покрај најсуровото и најдолготрајното противење од Сатановиот свет. Ова ја покажува вистината на Исаија 54:17: „Не ќе успее оружјето исковано против тебе. Ќе докажеш дека е зол секој јазик што ќе се подигне против тебе на суд. Тоа е наследство на Господовите слуги, тоа им е победа од Мене — слово е Господово“. Колку е само утешително за Јеховините слуги да знаат дека Малахија 3:17 (ПСП) го има своето главно исполнување врз нив: „И тие ќе бидат Мои, вели Господ Саваот, Моја сопственост во оној ден“.
Радосно да му служиме на Јехова
19. На кој начин оние што му служат на Јехова се разликуваат од оние што не му служат?
19 Контрастот меѓу Јеховините верни слуги и луѓето од Сатановиот свет станува сѐ поочигледен со изминувањето на времето. Во Малахија 3:18 е претскажано: „И тогаш пак ќе го разликувате праведникот од грешникот, оној, кој Му служи на Бога од оној, кој не Му служи“. Една од многуте разлики е тоа што оние кои му служат на Јехова, го прават тоа со голема радост. Меѓу причините за ова спаѓа прекрасната надеж што ја имаат. Тие имаат апсолутна доверба во Јехова кога тој вели: „Еве, Јас создавам нова небеса и нова земја. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум. Веселете се и воскликнувајте довека заради она што Јас [го] создавам“ (Исаија 65:17, 18; Псалм 37:10, 11, 29; Откровение 21:4, 5).
20. Зошто ние сме радосен народ?
20 Ние веруваме во Јеховиното ветување дека неговиот лојален народ ќе го преживее неговиот голем ден и ќе биде воведен во новиот свет (Софонија 2:3; Откровение 7:13, 14). И, иако некои поради старост, болест или несреќа може да умрат пред тоа, Јехова го дава својот збор дека ќе ги воскресне со изглед за вечен живот (Јован 5:28, 29; Тит 1:2). Затоа, иако сите ние си имаме проблеми и предизвици, додека се приближуваме кон овој Јеховин ден, ја имаме секоја причина да бидеме најрадосниот народ на лицето на Земјата.
Како одговараш?
• Што е ‚Јеховиниот ден‘?
• На кој начин религиите во светот го имитираат древниот Израел?
• Кои пророштва ги исполнуваат Јеховините слуги?
• На кој начин Јехова го благословил својот народ?
[Слика на страница 21]
Ерусалим во првиот век ‚изгорел како печка‘
[Слики на страница 23]
Јехова се грижи за оние што му служат
[Слики на страница 24]
Поради својата прекрасна надеж, Јеховините слуги се навистина радосни