Очистени како народ за добри дела
„Да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот, усовршувајќи ја светоста во Божји страв“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 7:1).
1. Што бара Јехова од оние кои го обожаваат?
„КОЈ ќе се искачи на Господовата Гора, кој ќе застане на Неговото свето место?“ Цар Давид од древниот Израел го поставил ова прашање, кое поттикнува на размислување, во врска со обожавањето што му е прифатливо на Јехова. Потоа, го дал одговорот: „Оној, кој има чисти раце и невино срце; кој не ѝ ја предаде својата душа на суетата и кој не се заколнува лажно“ (Псалм 24:3, 4). За да му се биде прифатлив на Јехова, кој е самото олицетворение на светоста, мора да се биде чист и свет. Претходно, Јехова го потсетил собранието на Израел: „Осветувајте се да бидете свети, зашто Јас Сум свет!“ (Левит 11:44, 45; 19:2).
2. Како Павле и Јаков ја нагласиле важноста на чистотата во вистинското обожавање?
2 Со векови подоцна, апостол Павле им напишал на сохристијаните во гнилиот град Коринт: „Бидејќи ги имаме овие ветувања, љубени, да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот, усовршувајќи ја светоста во Божји страв“ (2. Коринќаните 7:1). Ова уште еднаш нагласува дека за да се стапи во однос со Бог и да се добијат неговите ветени благослови, мора да се биде чист и без физичка и духовна валканост и расипаност. На сличен начин, пишувајќи за она обожавање што му е прифатливо на Бог, ученикот Јаков навел: „Обликот на обожавање кој е чист и неизвалкан од гледна точка на нашиот Бог и Татко е овој: да се грижиш за сираците и за вдовиците во нивната неволја и да се чуваш без дамка од светот“ (Јаков 1:27).
3. За нашето обожавање да му биде прифатливо на Бог, за што мораме да бидеме сериозно заинтересирани?
3 Со оглед на тоа што да се биде чист, свет и неизвалкан се толку важни фактори во вистинското обожавање, секој што сака да добие Божје одобрување треба да биде сериозно заинтересиран да ги исполни овие барања. Меѓутоа, бидејќи луѓето денес имаат мошне различни мерила и сфаќања во врска со чистотата, треба да разбереме што Јехова смета за чисто и прифатливо и да се придржуваме за тоа. Треба да откриеме што Бог бара од своите обожаватели во тој поглед и што сторил за да им помогне да станат и да останат чисти и прифатливи за него (Псалм 119:9, NW; Даниел 12:10).
Чисти за вистинското обожавање
4. Објасни го библиското сфаќање за чистота.
4 За повеќето луѓе, да се биде чист едноставно значи да се биде без нечистота или валканост. Меѓутоа, во Библијата, идејата да се биде чист е означена со неколку хебрејски и грчки зборови што опишуваат чистота не само во физичка смисла туку почесто во морална и во духовна смисла. Затоа една библиска енциклопедија вели: „,Чист‘ и ‚нечист‘ се термини што ретко се поврзани само со прашања околу хигиената, туку главно се поврзани со религиозни сфаќања. Како такво, начелото за ‚чистота‘ влијае речиси врз секој аспект од животот“.
5. До која мера Мојсеевиот закон ја регулирал чистотата во животот на Израелците?
5 Навистина, Мојсеевиот закон вклучувал правила и одредби за практично секој аспект од животот на Израелците, изложувајќи што било чисто и прифатливо, а што не било. На пример, во Левит поглавја 11 до 15 наоѓаме детални упатства што се однесуваат на чистотата и нечистотата. Некои животни биле нечисти, и Израелците не смееле да ги јадат. Раѓањето ја правело жената нечиста за одреден временски период. Извесни болести на кожата, особено лепрата, и изливот од машките и женските полови органи, исто така правеле некој да биде нечист. Законот конкретно наведувал и што треба да се прави во ситуации што вклучувале нечистота. На пример, во Броеви 5:2 читаме: „Нареди им на Израелевите синови да ги отстранат од логорот: секој лепрозен, секој што има излив и секој што ќе се онечисти со мртво тело“.
6. Со каква цел биле дадени законите за чистота?
6 Несомнено, овие и други закони од Јехова одразувале медицински и физиолошки сфаќања што биле далеку понапредни од сфаќањата во тоа време, и луѓето извлекувале корист кога ги следеле. Сепак, овие закони не биле дадени само како еден здравствен кодекс или да служат само како медицински упатства. Тие биле дел од вистинското обожавање. Фактот што тие се однесувале и на секојдневниот живот на луѓето — јадење, раѓање, брачни односи итн. — едноставно ја нагласувал поентата дека како нивни Бог, Јехова имал право да одреди што било исправно, а што неисправно за нив во сите аспекти од нивниот живот, кој бил исклучително оддаден на Јехова (Второзаконие 7:6; Псалм 135:4).
7. Каков благослов ќе добиела нацијата Израел ако верно го држела Законот?
7 Исто така, сојузот на Законот ги заштитувал Израелците од валканите практики на нациите околу нив. Ако верно го држеле Законот, вклучувајќи ги и сите барања за да се остане чист во Јеховини очи, Израелците ќе биле погодни да му служат на својот Бог и да го добијат неговиот благослов. Во тој поглед, Јехова на нацијата ѝ рекол: „Ако Ми се покорувате верно и го држите Мојот Завет, вие ќе Ми бидете посебна сопственост, покрај сите народи — па Мој е целиот свет! — вие ќе Ми бидете царство, свештеници, свет народ“ (Излез 19:5, 6; Второзаконие 26:19).
8. Зошто треба христијаните денес да обрнат внимание на она што е кажано во Законот за чистотата?
8 Со оглед на тоа што Јехова изложува такви детали во Законот за да ги поучи Израелците како да станат чисти, свети и прифатливи за него, зарем христијаните денес не се должни грижливо да размислат каде стојат во тој поглед? Иако не се обврзани со Законот, христијаните мораат да задржат на ум дека, како што објаснил Павле, сите работи што биле изложени во Законот „се сенка на работите што треба да дојдат, а стварноста му припаѓа на Христос“ (Колошаните 2:17; Евреите 10:1). Ако Јехова Бог, кој вели „не се менувам“, во тоа време на чистотата и неизвалканоста гледал како на важен фактор во вистинското обожавање, ние денес мораме сериозно да внимаваме на физичката, моралната и духовната чистота ако сакаме да го добиеме неговото одобрување и благослов (Малахија 3:6; Римјаните 15:4; 1. Коринќаните 10:11, 31).
Физичката чистота нѐ препорачува
9, 10. а) Зошто физичката чистота е важна за христијанинот? б) Какви коментари честопати се даваат во врска со конгресите на Јеховините сведоци?
9 Дали физичката чистота сѐ уште е важен елемент на вистинското обожавање? Иако физичката чистота сама по себе не го прави некого да биде вистински обожавател на Бог, секако дека е соодветно еден вистински обожавател да биде физички чист колку што му дозволуваат околностите. Особено денес, кога многумина малку внимаваат да се одржуваат чисти себеси, својата облека или околината, оние што го прават тоа се честопати забележани од луѓето околу нив. Ова може да води до позитивни резултати, како што Павле им рекол на коринтските христијани: „На никаков начин не даваме каков и да е повод за спрепнување, за да не ѝ се најде маана на нашата служба; туку во сѐ се препорачуваме како Божји министри“ (2. Коринќаните 6:3, 4).
10 Јеховините сведоци секогаш одново добиваат пофалба од државните службеници заради нивното чисто, уредно и учтиво однесување и навики, кои се видливи особено на нивните големи конгреси. На пример, во врска со еден конгрес што бил одржан во провинцијата Савона (Италија), весникот La Stampa коментирал: „Она што веднаш паѓа в очи кога се поминува низ објектите е чистотата и уредноста на луѓето што ги користат тие објекти“. По некој конгрес на Сведоците на еден стадион во Сао Паоло (Бразил), еден службеник од стадионот на шефот на својот персонал за чистење му рекол: „Отсега натаму сакаме стадионот да се чисти како што го исчистија Јеховините сведоци“. Друг службеник од истиот стадион рекол: „Кога Јеховините сведоци сакаат да го изнајмат стадионот, нѐ интересираат само датумите. Ништо друго не нѐ загрижува“.
11, 12. а) Кое библиско начело треба да го имаме на ум кога станува збор за личната чистота? б) Кои прашања можеме да си ги поставиме во врска со нашите лични навики и начин на живот?
11 Ако чистотата и уредноста на нашето место на обожавање можат да бидат извор на фалба на Богот што го обожаваме, сигурно дека подеднакво е важно да ги покажуваме овие особини и во личниот живот. Меѓутоа, во приватноста на нашиот дом, можеби мислиме дека имаме право да се опуштиме и да правиме што сакаме. Што се однесува, пак, до облекувањето и дотерувањето, сигурно дека имаме слобода да го избереме она што мислиме дека е удобно и привлечно! Сепак, во голема мера, сета оваа слобода е само релативна. Сети се дека кога дискутирал за нечиј избор да јаде извесна храна, Павле ги предупредил сохристијаните: „Внимавајте ова ваше право некако да не стане камен спрепинач за оние кои се слаби“. Потоа навел едно вредно начело: „Сѐ е дозволено; но не е сѐ корисно. Сѐ е дозволено; но сѐ не изградува“ (1. Коринќаните 8:9; 10:23). На кој начин Павловиот совет важи за нас во поглед на чистотата?
12 Разумно е луѓето да очекуваат од еден Божји министер да биде чист и уреден во својот начин на живот. Затоа, треба да бидеме сигурни дека изгледот на нашиот дом и на неговата околина не одвраќа внимание од она што тврдиме дека сме, имено, министри на Божјата реч. Какво сведоштво дава нашиот дом за нас и за нашите верувања? Дали покажува дека вистински копнееме да живееме во чист и уреден нов свет на праведност, кој толку многу им го препорачуваме на другите? (2. Петрово 3:13). На сличен начин, нашиот личен изглед — сеедно дали е тоа во слободното време или во службата — може или да ја зголеми или да ја намали привлечноста на пораката што ја проповедаме. На пример, забележи го овој коментар од еден новински репортер во Мексико: „Навистина, младите луѓе претставуваат голем дел од членството на Јеховините сведоци, и она што се истакнува е начинот на кој се потстрижани, чистотата и пригодното облекување“. Колкава само радост е што во нашата средина имаме такви млади луѓе!
13. Што можеме да сториме за да се погрижиме сите аспекти од нашиот секојдневен живот да бидат чисти и уредни?
13 Се разбира, да се погрижиме нашиот изглед, нашите поседи и нашиот дом да бидат секогаш чисти и уредни е полесно да се каже отколку да се стори. Она што е потребно не е да се има бројна комплицирана и скапа опрема или апарати, туку добро планирање и доследен напор. Мораме да одвоиме време за да ги одржуваме чисти телото, облеката, домот, автомобилот итн. Нашата зафатеност во службата, присуството на состаноците и личната студија — покрај грижата за другите обврски во секојдневниот живот — не нѐ ослободуваат од потребата да останеме чисти и прифатливи во очите на Бог и на луѓето. Познатото начело дека ‚за сѐ има свое време‘ важи подеднакво и за овој дел од нашиот живот (Проповедник 3:1).
Неизвалкано срце
14. Зошто може да се рече дека моралната и духовната чистота се поважни од физичката чистота?
14 Исто како што е важно да се обрне внимание на физичката чистота уште поважно е да се биде загрижен за моралната и духовната чистота. До овој заклучок доаѓаме ако се сетиме дека Јехова ја отфрлил нацијата Израел не затоа што била физички нечиста туку затоа што морално и духовно се расипала. Јехова преку пророкот Исаија им рекол дека заради тоа што биле ‚грешен народ, загазен во зло‘, нивните жртви, нивното држење на младата месечина и сабатот, да, дури и нивните молитви, му станале товар. Што требало да прават за повторно да ја добијат Божјата наклоност? Јехова рекол: „Измијте се, очистете се. Отстранете ги од пред Моите очи нечесните дела, престанете да правите зло“ (Исаија 1:4, 11—16).
15, 16. Што рекол Исус дека го валка човекот, и како можеме да извлечеме корист од Исусовите зборови?
15 За да ја сфатиме уште повеќе важноста на моралната и на духовната чистота, да разгледаме што рекол Исус кога фарисеите и книжниците тврделе дека неговите ученици биле нечисти, бидејќи не ги измиле рацете пред да јадат. Исус ги исправил работите со зборовите: „Она што влегува во устата не го валка човекот; туку она што излегува од устата, тоа го валка човекот“. Потоа Исус објаснил: „Она што излегува од устата, доаѓа од срцето, и тоа го валка човекот. На пример, од срцето доаѓаат зли резонирања, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули. Тоа се работите што го валкаат човекот; а да се јаде со неизмиени раце, тоа не го валка човекот“ (Матеј 15:11, 18—20).
16 Што можеме да научиме од Исусовите зборови? Исус укажувал дека на злобните, неморалните и нечистите постапки им претходат злобни, неморални и нечисти склоности во срцето. Како што ученикот Јаков го изложува тоа, „секој е искушуван со тоа што неговата сопствена желба го одвлекува и мами“ (Јаков 1:14, 15). Затоа, ако не сакаме да западнеме во сериозните гревови што ги опишал Исус, мораме да ги искорениме и да ги држиме подалеку од срцето сите склоности кон такви работи. Тоа значи дека мораме да бидеме внимателни во врска со она што го читаме, гледаме и слушаме. Денес, во името на слободниот говор и уметничката слобода, индустријата за забава и за реклами произведува бескрајна буица звуци и слики што ги задоволуваат копнежите на паднатото тело. Треба да бидеме одлучни да не дозволиме некоја таква идеја да пушти корен во нашето срце. Клучната работа е дека за да му бидеме угодни и прифатливи на Бог, мораме постојано да внимаваме за да задржиме чисто и неизвалкано срце (Пословици 4:23).
Очистени за добри дела
17. Зошто Јехова го довел својот народ во чиста состојба?
17 Секако дека е благослов и заштита тоа што, со Јеховина помош, можеме да уживаме чиста положба пред него (2. Коринќаните 6:14—18). Сепак, го цениме и тоа што Јехова го довел својот народ во чиста состојба за една конкретна цел. Павле му рекол на Тит дека Христос Исус „се дал себеси за нас за да нѐ избави од секаков вид беззаконие и да си очисти народ кој е негова посебна своина, ревносен за добри дела“ (Тит 2:14). Како очистен народ, за кои дела треба ние да бидеме ревносни?
18. Како можеме да покажеме дека сме ревносни за добри дела?
18 Пред сѐ, треба да се напрегаме во јавното објавување на добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). На тој начин на луѓето насекаде им ја нудиме надежта за вечен живот на Земја што ќе биде ослободена од секаков вид загадување (2. Петрово 3:13). Нашите добри дела вклучуваат и да ги покажуваме плодовите на Божјиот дух во секојдневниот живот, славејќи го на тој начин нашиот небесен Татко (Галатите 5:22, 23; 1. Петрово 2:12). И, не ги забораваме оние во вистината што можеби се тешко погодени од природни катастрофи или од човечки трагедии. Ја имаме на ум Павловата опомена: „Тогаш, навистина, сѐ додека имаме погодно време за тоа, да им правиме добро на сите, а особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Галатите 6:10). Сите такви служби, извршени од чисто срце и со чист мотив, му се угодни на Бог (1. Тимотеј 1:5).
19. Кои благослови нѐ очекуваат ако продолжиме да задржуваме високо мерило на чистота — физичка, морална и духовна?
19 Како слуги на Највишиот, ги земаме при срце зборовите на Павле: „Ве преколнувам преку Божјите сочувства да ги принесувате своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, како света служба со вашата сила на разумот“ (Римјаните 12:1). Да продолжиме да ја цениме предноста Јехова да нѐ очисти и да дадеме сѐ од себе за да задржиме високо мерило на физичка, морална и духовна чистота. Тоа нема да ни донесе само самопочит и задоволство сега туку и изглед да видиме како „поранешните работи“ — сегашниов зол и валкан систем — поминува кога Бог ќе ‚направи сѐ ново‘ (Откровение 21:4, 5).
Се сеќаваш ли?
• Зошто на Израелците им биле дадени многуте закони за чистота?
• На кој начин физичката чистота ја зголемува привлечноста на пораката што ја проповедаме?
• Зошто моралната и духовната чистота се поважни и од физичката чистота?
• Како можеме да покажеме дека сме народ „ревносен за добри дела“?
[Слики на страница 21]
Физичката чистота ја зголемува привлечноста на пораката што ја проповедаме
[Слика на страница 22]
Исус предупредил дека злите мисли водат до зли дела
[Слики на страница 23]
Како очистен народ, Јеховините сведоци се ревносни за добри дела