ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w02 1/7 стр. 14-19
  • Јеховината слава светли врз неговиот народ

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јеховината слава светли врз неговиот народ
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Благословен повеќе од очекуваното
  • Организациски напредок
  • Јеховината светлина ќе продолжи да светли
  • Порастот продолжува
  • Вистинското обожавање се шири по целиот свет
    Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво II
  • Јехова го разубавува својот народ со светлина
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • „Ново име“
    Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво II
  • ‚Малиот народ‘ се намножил на „илјади“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
w02 1/7 стр. 14-19

Јеховината слава светли врз неговиот народ

„Господ ќе биде твое вечно видело“ (ИСАИЈА 60:20).

1. На кој начин Јехова ги благословува припадниците на својот верен народ?

„ГОСПОД го љуби Својот народ, со спасение ги овенчува [разубавува, NW] кротките!“ (Псалм 149:4). Така рекол псалмистот од старо време, а историјата ја потврдува вистинитоста на неговите зборови. Кога припадниците на Јеховиниот народ се верни, тој се грижи за нив, ги прави плодоносни и ги заштитува. Во древни времиња, им давал победа над нивните непријатели. Денес, тој ги одржува духовно јаки и ги уверува во спасението на темел на Исусовата жртва (Римјаните 5:9). Тоа го прави бидејќи тие се убави во неговите очи.

2. Иако наидува на противење, во што е уверен Божјиот народ?

2 Се разбира, во свет потонат во темнина, оние што „живеат со побожна оддаденост“ ќе наидуваат на противење (2. Тимотеј 3:12). Сепак, Јехова ги забележува противниците, и ги предупредува: „Ќе пропаднат народот и царството што не ќе сака да ти служи, и тие народи ќе се сотрат сосем“ (Исаија 60:12). Денес противењето се јавува во многу облици. Во некои земји противниците се обидуваат да го ограничат или да го забранат обожавањето кое искрените христијани му го вршат на Јехова. Во други земји, фанатици физички ги напаѓаат Јеховините обожаватели и го палат нивниот имот. Но, сети се дека Јехова веќе го одредил исходот на секое противење на исполнувањето на неговата волја. Противниците ќе пропаднат. Оние што се борат против Сион, кого го застапуваат неговите деца на Земјата, не можат да успеат. Зарем тоа не е една охрабрувачка гаранција од нашиот величествен Бог, Јехова?

Благословен повеќе од очекуваното

3. На кој начин се илустрирани убавината и плодноста на Јеховините обожаватели?

3 Вистина е дека во текот на последните денови од овој систем на работи Јехова ги благословил припадниците на својот народ повеќе од нивните очекувања. Постепено го разубавувал особено своето место на обожавање и оние во него што го носат неговото име. Според пророштвото на Исаија, тој на Сион му вели: ‚Славата на Ливан ќе дојде при тебе, чемпресите, јаворите и брезите заедно, за да го украсат [разубават, NW] просторот на Моето Светилиште, ќе го прославам Моето подножје!‘ (Исаија 60:13). Планините прекриени со расцветани шуми претставуваат величествена глетка. Затоа, бујните дрвја се соодветни симболи за убавината и плодноста на Јеховините обожаватели (Исаија 41:19; 55:13).

4. Што се ‚Светилиштето‘ и ‚[Јеховиното] подножје‘, и како се тие разубавени?

4 Што се ‚Светилиштето‘ и ‚[Јеховиното] подножје‘ спомнати во Исаија 60:13? Овие термини укажуваат на дворовите на Јеховиниот величествен духовен храм, кој претставува уредување за да му се пристапи во обожавањето преку Исус Христос (Евреите 8:1—5; 9:2—10, 23). Јехова ја навел својата намера да го прослави тој духовен храм собирајќи луѓе од сите нации да дојдат и да го обожаваат во него (Агеј 2:7). Самиот Исаија претходно видел мноштва од сите нации како се собираат кон Јеховината возвишена гора на обожавање (Исаија 2:1—4). Стотици години подоцна, апостол Јован во визија видел ‚едно големо мноштво, коешто ниеден човек не можел да го изброи, од сите нации и племиња и народи и јазици‘. Тие стоеле ‚пред Божјиот престол . . . вршејќи му света служба ден и ноќ во неговиот храм‘ (Откровение 7:9, 15). Како што овие пророштва се исполнуваат во наше време, Јеховиниот дом се разубавува токму пред нашите очи.

5. Каква голема промена на подобро доживеале децата на Сион?

5 Каква само промена на подобро било сето ова за Сион! Јехова вели: „Затоа што беше оставен, заразен, одбегнуван, ќе те направам вечно возвишен [гордост, NW], радост од поколение до поколение“ (Исаија 60:15). Кон крајот на Првата светска војна, „Израелот Божји“ навистина доживеал период на запустување (Галатите 6:16). Тој се чувствувал „оставен“, зашто неговите деца на Земјата не ја согледале јасно Божјата волја за нив. Потоа, од 1919, Јехова ги оживеал своите помазани слуги, и оттогаш ги благословува со прекрасен духовен напредок. Освен тоа, зарем не е разведрувачко ветувањето во овој стих? Јехова ќе гледа на Сион како на „гордост“. Да, децата на Сион, и самиот Јехова, ќе бидат горди на Сион. Тој ќе биде „радост“, причина за неограничена среќа. И тоа нема да биде само за кратко. Повластената положба на Сион, кого го застапуваат неговите земни деца, ќе трае „од поколение до поколение“. Нема никогаш да престане.

6. На кој начин вистинските христијани користат ресурси од народите?

6 Сега, слушни едно друго божествено ветување. Зборувајќи му на Сион, Јехова вели: „Ти ќе се ситиш со млекото на народите, ти ќе се доиш од градите на царевите. И ќе знаеш дека Сум Јас, Господ, твој Спасител, Јакововиот Силен, твој Искупител“ (Исаија 60:16). Како Сион се храни со „млекото на народите“ и се дои од „градите на царевите“? Така што помазаните христијани и нивните придружници „други овци“ користат вредни ресурси од народите за да го унапредуваат чистото обожавање (Јован 10:16). Доброволно дадените финансиски прилози овозможуваат едно големо, меѓународно дело на проповедање и поучување. Мудрата употреба на современата технологија го олеснува издавањето на Библии и библиска литература на стотици јазици. Денес, библиската вистина им е достапна на повеќе луѓе отколку кога и да било порано во историјата. Жителите на многу, многу нации учат дека Јехова, кој ги искупил своите помазани слуги од духовно заробеништво, навистина е Спасителот.

Организациски напредок

7. Каков извонреден напредок доживеале децата на Сион?

7 Јехова го разубавел својот народ и на еден друг начин. Го благословил со организациски напредок. Во Исаија 60:17 читаме: „Место бакар, ќе донесам злато, место железо, ќе донесам сребро; место дрва, бакар, место камен железо. Мирот ќе го поставам за твој главатар, Правдата за владетел“. Заменувањето на бакарот со злато е подобрување, а така е и со другите спомнати материјали. Во согласност со ова, во текот на последните денови Израелот Божји постојано доживува организациски подобрувања. Разгледај неколку примери.

8-10. Опиши некои организациски подобрувања што се случувале од 1919.

8 Пред 1919 година, со собранијата на Божјиот народ управувале старешини и ѓакони, и сите тие биле избирани по демократски пат од членовите на собранието. Почнувајќи од таа година, „верниот и разборит роб“ наименувал управник за служба во секое собрание за да ги надгледува активностите во службата на теренот (Матеј 24:45—47). Меѓутоа, во многу собранија тоа уредување не функционирало толку добро бидејќи некои избрани старешини не го поддржувале во целост делото на евангелизирање. Затоа, во 1932 собранијата добиле упатство да престанат да избираат старешини и ѓакони. Наместо тоа, требало да избираат мажи што ќе служат во еден службен одбор заедно со управникот за служба. Тоа било како „бакар“ наместо „дрва“ — големо подобрување!

9 Во 1938, собранијата низ целиот свет решиле да прифатат едно подобрено уредување, кое било во уште поголема согласност со библискиот преседан. Управувањето со собранието му било доверено на еден слуга на друштвото и на други слуги, и сите тие биле наименувани под надгледувањето на верниот и разборит роб. Повеќе не требало да има избори! На тој начин собраниските наименувања биле правени на теократски начин. Тоа било како „железо“ наместо „камен“ или како „злато“ наместо „бакар“.

10 Оттогаш напредокот продолжил. На пример, во 1972 се виде дека надгледувањето на собранијата од страна на едно кооперативно тело од теократски наименувани старешини, во кое ниеден старешина не спроведува авторитет над останатите, е уште поблизу до начинот на кој биле управувани христијанските собранија во првиот век. Понатаму, пред околу две години, беше направен уште еден чекор напред. Беше направено преиначување во функцијата директори на извесни законски корпорации, што му овозможи на Водечкото тело поцелосно да се сконцентрира на духовните интереси на Божјиот народ наместо вниманието да му биде одвлекувано од секојдневните законски работи.

11. Кој стои зад организациските промени кај Јеховиниот народ, и каков е резултатот од овие промени?

11 Кој стои зад овие прогресивни промени? Никој друг освен Јехова Бог. Тој е оној што вели: „[Јас, NW] ќе донесам злато“. И тој е оној што понатаму вели: ‚[Јас, NW] ќе го поставам мирот за твој главатар, Правдата за владетел‘. Да, Јехова е одговорен за надгледувањето на својот народ. Претскажаниот организациски напредок е уште еден начин на кој тој го разубавува својот народ. И, како резултат на тоа, Јеховините сведоци се благословени на многу начини. Во Исаија 60:18 читаме: „Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја, ни за запустување и разурнување на твое подрачје. Своите ѕидови ќе ги наречуваш Спасение, својата врата — Слава“. Колку се само убави овие зборови! Но, како се исполнуваат?

12. На кој начин завладеал мир меѓу вистинските христијани?

12 Вистинските христијани внимателно се потпираат на Јехова за упатство и водство, а резултатот од тоа е она што го претскажал Исаија: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54:13, ПСП). Освен тоа, Јеховиниот дух дејствува врз неговиот народ, а еден од плодовите на тој дух е мирот (Галатите 5:22, 23). Мирољубивоста, која е резултат на тој мир, го прави Јеховиниот народ освежувачка оаза во еден насилен свет. Неговата мирољубива состојба, темелена на љубовта што ја имаат вистинските христијани еден кон друг, е предвкус на животот во новиот свет (Јован 15:17; Колошаните 3:14). Сигурно дека секој од нас е восхитен што може да ужива во тој мир и да придонесе за него, мир кој му донесува фалба и чест на нашиот Бог и кој е главна компонента на нашиот духовен рај! (Исаија 11:9).

Јеховината светлина ќе продолжи да светли

13. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јеховината светлина нема никогаш да престане да светли врз неговиот народ?

13 Дали Јеховината светлина ќе продолжи да светли врз неговиот народ? Да! Во Исаија 60:19, 20 читаме: „Сонцето веќе не ќе ти биде светлина дење, туку Господ ќе биде твоја вечна светлина, и твојот Бог ќе биде твој сјај. Твоето сонце нема веќе да заоѓа, ниту месечината ќе ти се затемни, зашто Господ ќе биде твое вечно видело и ќе се свршат деновите на твојата жалост“. Кога во 1919 ‚жалоста‘ на духовните изгнаници свршила, Јеховината светлина почнала да светли врз нив. По повеќе од 80 години, тие сѐ уште ја уживаат Јеховината наклоност додека неговата светлина продолжува да светли. А нема ни да престане. Во врска со своите обожаватели, нашиот Бог нема да „зајде“ како сонцето ниту, пак, ќе се „затемни“ како месечината. Наместо тоа, ќе светли врз нив низ сета вечност. Каква само прекрасна гаранција е тоа за нас, кои живееме во последните денови на овој мрачен свет!

14, 15. а) На кој начин сите од Божјиот народ се „праведни“? б) Во врска со Исаија 60:21, кое важно исполнување со нетрпение го очекуваат другите овци?

14 Сега, чуј уште едно ветување што го кажува Јехова во врска со земниот застапник на Сион, Израелот Божји. Исаија 60:21 вели: „Сите во твојот народ ќе бидат праведници, и ќе ја наследат земјата довека, подниците на Мојот расад, делото на Моите раце, за да се прославам [разубавам, NW] во нив“. Во 1919, кога ѝ се вратиле на својата активност, помазаните христијани биле една необична група луѓе. Во еден дефинитивно грешен свет, тие биле „прогласени за праведни“ на темел на нивната непоколеблива вера во откупната жртва на Христос Исус (Римјаните 3:24; 5:1). Потоа, слично на Израелците ослободени од вавилонското заробеништво, тие во посед добиле ‚земја‘, духовна земја, односно подрачје на активност, во кое ќе уживаат во духовен рај (Исаија 66:8). Рајската убавина на таа земја нема никогаш да избледне бидејќи, за разлика од древниот Израел, Израелот Божји како нација нема да се покаже неверен. Нивната вера, истрајност и ревност нема никогаш да престанат да му донесуваат чест на Божјето име.

15 Сите членови на таа духовна нација стапиле во новиот сојуз. Во срцата на сите нив е запишан Јеховиниот закон, а Јехова, на темел на Исусовата откупна жртва, им ги простил гревовите (Еремија 31:31—34). Тој ги прогласува за праведни како „синови“ и постапува со нив како да се совршени (Римјаните 8:15, 16, 29, 30). На нивните придружници, други овци, исто така им се простени гревовите на темел на Исусовата жртва и, како и Авраам, прогласени се за праведни како пријатели на Бог преку верата. „Ги испраа своите долги облеки и ги обелија во крвта на Јагнето.“ А овие придружници, други овци, со нетрпение очекуваат уште еден друг извонреден благослов. Откако ќе ја преживеат „големата неволја“ или откако ќе бидат воскреснати, тие ќе го доживеат физичкото исполнување на зборовите од Исаија 60:21 кога целата Земја ќе стане рај (Откровение 7:14; Римјаните 4:1—3). Во тоа време, „кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11, 29).

Порастот продолжува

16. Какво извонредно ветување дал Јехова, и како се исполнило?

16 Во последниот стих од Исаија 60. поглавје го читаме Јеховиното последно ветување во него. Тој на Сион му вели: ‚Од најмалиот ќе станат илјада, од слабиот силен народ, Јас, Господ, зборував, ќе го извршам тоа во право време‘ (Исаија 60:22). Во нашево време, Јехова си го одржал зборот. Кога во 1919 помазаните христијани се вратиле на својата активност, ги имало малку на број — навистина „најмалиот“. Нивниот број растел додека биле придодавани уште духовни Израелци. А потоа другите овци почнале да се слеваат кон нив во сѐ поголем број. Мирољубивата состојба на Божјиот народ, духовниот рај што постои на нивната „земја“, привлекол толку многу лица со искрени срца што „слабиот“ навистина станал „силен народ“. Во моментов овој „народ“ — Израелот Божји и повеќе од шест милиони предадени „странци“ — е поброен од многу светски суверени држави (Исаија 60:10). Сите негови граѓани имаат удел во одразувањето на Јеховината светлина, и тоа ги прави сите нив убави во неговите очи.

17. Како влијаеше врз тебе оваа дискусија за Исаија 60. поглавје?

17 Да, разгледувањето на главните точки од Исаија 60. поглавје ја зајакнува верата. Утешително е да се види тоа што толку време однапред Јехова знаел дека неговиот народ ќе отиде во духовно заробеништво и дека потоа ќе биде вратен. Нѐ зачудува тоа што толку време однапред Јехова го предвидел големиот пораст на бројот на вистински обожаватели во нашево време. Освен тоа, колку е само утешително да се сетиме дека Јехова нема да нѐ напушти! Колку е љубезна гаранцијата дека вратата на „градот“ секогаш ќе остане отворена за гостољубиво да ги прими оние што се „исправно наклонети кон вечниот живот“! (Дела 13:48). Јехова и понатаму ќе светли врз својот народ. Сион и понатаму ќе биде причина за гордост додека светлината на неговите деца ќе светли сѐ посилно и посилно (Матеј 5:16). Сигурно дека ние сме решени повеќе од кога и да било да останеме близу до Израелот Божји и да ја цениме предноста да ја одразуваме Јеховината светлина!

Можеш ли да објасниш?

• Во што сме уверени во однос на противењето?

• На кој начин децата на Сион ‚се сителе со млекото на народите‘?

• На кои начини Јехова ‚донел бакар наместо дрва‘?

• Кои две особини се истакнати во Исаија 60:17, 21?

• На кој начин „слабиот“ станал „силен народ“?

[Рамка/слики на страница 18]

ПРОРОШТВОТО НА ИСАИЈА — Светлина за целото човештво

Суштината на материјалот од овие статии беше изнесена во едно предавање во текот на Обласните конгреси „Учители на Божјата реч“ 2001/2002 година. На крајот од говорот, на повеќето локации говорникот го објави излегувањето на една нова публикација со наслов Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво, втор том. Претходната година излезе Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво, прв том. Со излегувањето на оваа нова публикација, сега е достапна една осовременета дискусија за речиси секој стих од книгата Исаија. Овие томови се извонредна помош во продлабочувањето на нашето разбирање и ценење за пророчката книга Исаија што вдахнува вера.

[Слики на страница 15]

Наспроти насилничко противење, ‚Јехова го разубавува својот народ со спасение‘

[Слики на страница 16]

Божјиот народ користи скапоцени ресурси од народите за да го унапредува чистото обожавање

[Слика на страница 17]

Јехова го благословил својот народ со организациски напредок и мир

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели