ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w02 15/7 стр. 20-25
  • Тие продолжуваат да одат во вистината

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Тие продолжуваат да одат во вистината
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Вистината и христијанското обожавање
  • Прогонувани поради проповедање на вистината
  • Вистината и религиозните прослави
  • Вистината се објавува низ целата Земја
  • Вистината и личното однесување
  • Вистината и вишите власти
  • Вистината — обединувачка врска
  • Благословени затоа што поучуваат за вистината
  • Христијаните и човечкото општество денес
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Христијаните обожаваат со дух и со вистина
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Раните христијани и светот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Биди уверен дека си ја нашол вистината
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2021
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
w02 15/7 стр. 20-25

Тие продолжуваат да одат во вистината

„Јас немам поголема причина за благодарност од оваа, да чујам дека моите деца одат во вистината“ (3. ЈОВАНОВО 4).

1. На што се сосредоточува „вистината на добрата вест“?

ЈЕХОВА ги одобрува само оние што го обожаваат „со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Тие ѝ се послушни на вистината, прифаќајќи ги сите христијански учења темелени на Божјата реч. Оваа ‚вистина на добрата вест‘ се сосредоточува на Исус Христос и на оправдувањето на Јеховиниот суверенитет преку Царството (Галатите 2:14). Бог дозволува „дејствувањето на заблудата“ да ги стигне оние што повеќе ја сакаат лагата, но спасението зависи од тоа да се има вера во добрата вест и да се оди во вистината (2. Солуњаните 2:9—12; Ефешаните 1:13, 14).

2. За што бил особено благодарен апостол Јован, и од каква природата бил неговиот однос со Гај?

2 Објавителите на Царството се „соработници во вистината“. Исто како апостол Јован и неговиот пријател Гај, тие цврсто се држат за вистината и одат во неа. Имајќи го на ум Гај, Јован напишал: „Јас немам поголема причина за благодарност од оваа, да чујам дека моите деца одат во вистината“ (3. Јованово 3—8). Дури и ако остарениот Јован лично не го донел Гај во вистината, сепак, поради напредната старост на апостолот, христијанската зрелост и татковската наклоност, било соодветно овој изгледа помлад човек да биде сметан за едно од духовните деца на Јован.

Вистината и христијанското обожавање

3. Која била целта и користа од состаноците што ги одржувале раните христијани?

3 За да учат за вистината, раните христијани се состанувале како собранија, честопати во приватни домови (Римјаните 16:3—5). На тој начин меѓусебно се охрабрувале и се поттикнувале кон љубов и кон извонредни дела (Евреите 10:24, 25). Во врска со оние што се исповедувале како христијани подоцна, Тертулијан (околу 155 — после 220 н.е.) напишал: „Се состануваме за да ги читаме Божјите книги . . . Со тие свети зборови ја храниме нашата вера, ја издигнуваме нашата надеж, ја потврдуваме нашата доверба“ (Апологија, 39. поглавје).

4. Каква улога играло пеењето на христијанските состаноци?

4 Пеењето веројатно било дел од состаноците на раните христијани (Ефешаните 5:19; Колошаните 3:16). Професор Хенри Чадвик пишува дека Целз, критичар од вториот век, увидел дека изгледа мелодичните песни што ги пееле оние што се исповедувале како христијани биле „толку убави што нему, всушност, не му се допаѓало како тие влијаеле врз неговите емоции“. Чадвик додава: „Клемент од Александрија е најраниот христијански писател што дискутира за тоа кој вид музика бил пригоден да го користат христијаните. Тој упатува дека тоа не треба да биде оној вид што е поврзан со еротичната музика за танцување“ (The Early Church — Раната црква, страници 274, 275). Исто како што првите христијани изгледа пееле кога се состанувале така и Јеховините сведоци честопати пеат библиски темелени песни што вклучуваат моќни химни кои го фалат Бог и Царството.

5. а) Како било обезбедувано духовно водство за собранијата на раните христијани? б) На кој начин вистинските христијани ги примениле Исусовите зборови запишани во Матеј 23:8, 9?

5 Во собранијата на раните христијани надгледниците поучувале за вистината, а слугите помошници им помагале на соверниците на различни начини (Филипјаните 1:1). Духовно водство обезбедувало едно водечко тело кое се потпирало на Божјата реч и на светиот дух (Дела 15:6, 23—31). Не се користеле религиозни титули бидејќи Исус на своите ученици им заповедал: „Вие не дозволувајте да ве нарекуваат Раби, зашто еден е вашиот учител, а вие сите сте браќа. Освен тоа, никого на земјата не нарекувајте го свој татко, зашто еден е вашиот Татко, небесниот“ (Матеј 23:8, 9). Во овие и во многу други погледи постојат паралели меѓу раните христијани и Јеховините сведоци.

Прогонувани поради проповедање на вистината

6, 7. Иако објавуваат мирољубива порака, како се постапува со вистинските христијани?

6 Иако ја објавувале мирољубивата порака за Царството, раните христијани биле прогонувани, исто како што бил прогонуван Исус (Јован 15:20; 17:14). Историчарот Џон Л. вон Мошим ги нарекол првите христијани „група луѓе со најбезопасен ненавредлив карактер, кои никогаш во своите умови не негувале непријателска желба или мисла кон доброто на државата“. Д-р Мошим навел дека она што „ги раздразнувало Римјаните против христијаните била едноставноста на нивното обожавање, кое во ништо не личело на светите обреди на кој и да е друг народ“. Тој додал: „Тие немале жртви, храмови, ликови, пророчишта ниту свештенички редови; и тоа било доволно за да си го навлечат прекорот од неукото мноштво, кое имало претстава дека не може да постои религија без тие работи. На тој начин тие биле сметани за еден вид атеисти; а, според римските закони, оние што можело да бидат обвинети за атеизам биле прогласувани за напаст за човечкото општество“.

7 Свештениците, занаетчиите и други што заработувале од идолопоклонството го подбуцнувале населението против христијаните, кои не учествувале во идолопоклонички практики (Дела 19:23—40; 1. Коринќаните 10:14). Тертулијан напишал: „Тие веруваат дека христијаните се причина за секоја катастрофа во државата, за секоја несреќа на народот. Ако Тибар стигне до градските ѕидини, ако Нил не се прелее во нивите, ако небото не се движи а Земјата се движи, ако има глад, ако има чума, веднаш се слуша извикот: ‚Фрлете ги христијаните на лавот!‘“ Без оглед на последиците, вистинските христијани ‚се чуваат од идоли‘ (1. Јованово 5:21).

Вистината и религиозните прослави

8. Зошто оние што одат во вистината не го слават Божиќ?

8 Оние што одат во вистината избегнуваат небиблиски прослави затоа што ‚светлината нема заедништво со темнината‘ (2. Коринќаните 6:14—18). На пример, тие не го слават Божиќ, кој се држи на 25 декември. „Никој не го знае точниот датум на Христовото раѓање“, признава The World Book Encyclopedia. Една друга енциклопедија наведува: „Сатурналија, римски празник што се прославувал во средината на декември, станал модел за многу весели Божиќни обичаи“ (The Encyclopedia Americana, издание од 1956). Трета енциклопедија забележува: „Прославувањето на Божиќ не е наложено од Бог ниту, пак, потекнува од Н[овиот] З[авет]“ (Cyclopædia на Мек Клинток и Стронг). А книгата Daily Life in the Time of Jesus (Секојдневието во времето на Исус) забележува: „Стадата . . . ја поминувале зимата под покрив; и овој факт сам по себе покажува дека е неверојатно да е точен традиционалниот датум за Божиќ, во зима, затоа што Евангелието вели дека пастирите биле по полињата“ (Лука 2:8—11).

9. Зошто Јеховините слуги од минатото и денес не ги држат велигденските прослави?

9 Велигден наводно е одбележување на воскресението на Христос, но почитувани извори го поврзуваат со лажното обожавање. Еден речник вели дека Велигден „во почетокот бил пролетен празник во чест на тевтонската божица на светлината и на пролетта, позната на англо-саксонски како Естра“ или Остра (The Westminster Dictionary of the Bible). Како и да е, една енциклопедија вели: „Во Новиот завет не постои показател за прославување на велигденскиот празник“ (Encyclopædia Britannica, 11. издание). Велигден не бил прослава на раните христијани и денес Јеховиниот народ не го слави.

10. Која прослава ја вовел Исус, и кој ја држи исправно?

10 Исус не им заповедал на своите следбеници да го прославуваат ниту неговото раѓање ниту неговото воскресение, туку го вовел Меморијалот на својата жртвена смрт (Римјаните 5:8). Навистина, тоа е единствениот настан што тој им заповедал на своите ученици да го одбележуваат (Лука 22:19, 20). Наречен и Господова вечера, овој годишен настан Јеховините сведоци сѐ уште го прославуваат (1. Коринќаните 11:20—26).

Вистината се објавува низ целата Земја

11, 12. На кој начин оние што одат во вистината секогаш ја поддржуваат својата проповедничка активност?

11 Оние што ја знаат вистината сметаат дека е предност да го посветат своето време, енергија и другите благодати во делото на проповедање на добрата вест (Марко 13:10). Проповедничката активност на раните христијани била поддржувана со доброволни донации (2. Коринќаните 8:12; 9:7). Тертулијан напишал: „Дури и да има некаква кутија, во неа не се ставаат пари добиени од влезници, како религијата да е некој деловен договор. Еднаш во месецот, секој донесува скромен износ — или кога тој сака, и само ако сака, и ако може; зашто никој не е присилен; тоа е доброволен принос“ (Апологија, 39. поглавје).

12 Глобалното дело на проповедање на Јеховините сведоци исто така се поддржува со доброволни донации. Освен Сведоците, благодарните заинтересирани луѓе сметаат дека е предност да ја поддржуваат оваа активност со своите прилози. И во тој поглед постои сличност меѓу првите христијани и Јеховините сведоци.

Вистината и личното однесување

13. На кој совет од Петар, во врска со своето однесување, внимаваат Јеховините сведоци?

13 Како лица што одат во вистината, раните христијани биле послушни на советот на апостол Петар: „Задржете го своето добро однесување меѓу нациите за во она, во кое зборуваат против вас како да сте злосторници, на темел на вашите добри дела чиишто очевидци се тие, да го прослават Бог во денот на неговото прегледување“ (1. Петрово 2:12). Јеховините сведоци ги земаат овие зборови при срце.

14. Какво е христијанското гледиште за неморалната забава?

14 Дури и откако навлегол отпад, номиналните христијани избегнувале неморални активности. В. Д. Килен, професор по црковна историја, напишал: „Во вториот и во третиот век, театарот во секој голем град бил центар на активност; и иако актерите биле главно луѓе со многу лабав морал, нивните драмски изведби постојано му угодувале на изопачениот апетит од тоа време . . . Сите вистински христијани гледале на театарот со одвратност . . . Тие се згрозувале од неговата бесрамност; а постојаните повици што се упатувале во него до боговите и божиците на паганството биле навреда за нивните религиозни убедувања“ (The Ancient Church — Древната црква, страници 318, 319). Исусовите вистински следбеници денес исто така избегнуваат срамотни и морално деградирачки облици на забава (Ефешаните 5:3—5).

Вистината и вишите власти

15, 16. Кои се „вишите власти“, и како гледаат на нив оние што одат во вистината?

15 И покрај тоа што раните христијани имале добро однесување, повеќето римски императори погрешно ги проценувале. Историчарот Е. Џ. Харди вели дека императорите гледале на нив „како на некакви ентузијасти што заслужуваат презир“. Преписката меѓу управителот Плиниј Помладиот од Витинија и императорот Трајан покажува дека владејачките класи главно не биле свесни за вистинската природа на христијанството. Како гледаат христијаните на државата?

16 Исто како Исусовите рани следбеници, Јеховините сведоци се во релативна подложност на државните ‚виши власти‘ (Римјаните 13:1—7). Ако постои конфликт меѓу некое човечко барање и божествената волја, тие го заземаат ставот: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29). Книгата По Исус — триумф на христијанството вели: „Иако христијаните можеби не учествувале во обожавањето на императорот, тие не биле подбуцнувачи на толпи, а нивната религија, иако била поинаква и понекогаш навредлива од гледна точка на паганите, не претставувала реална закана за империјата“.

17. а) На која влада биле застапници раните христијани? б) На кој начин вистинските следбеници на Христос ги применувале во својот живот зборовите од Исаија 2:4?

17 Раните христијани биле застапници на Божјето Царство, исто како што патријарсите Авраам, Исак и Јаков практикувале вера во тој ветен ‚град чиј творец е Бог‘ (Евреите 11:8—10). Како и нивниот Учител, Исусовите ученици ‚не биле дел од светот‘ (Јован 17:14—16). А што се однесува до човечките војувања и судири, тие се стремеле кон мир така што ‚ги прековале мечевите во плугови‘ (Исаија 2:4). Забележувајќи една интересна паралела, Џефри Ф. Натал, доцент по црковна историја, коментирал: „Ставот на раните христијани кон војната бил толку многу сличен на ставот на луѓето што се нарекуваат Јеховини сведоци што нам не ни е баш угодно да го прифатиме тоа“.

18. Зошто ниедна влада нема причина да се плаши од Јеховините сведоци?

18 Како неутрални поединци подложни на „вишите власти“, првите христијани не претставувале закана за ниедно политичко тело, а не претставуваат закана ни Јеховините сведоци. „Потребно е човек да има нетолерантна и параноидна фантазија за да верува дека Јеховините сведоци претставуваат некаква закана за кој и да е политички режим“, напишал еден уредник од Северна Америка. „Тие не се подривачи и се толку мирољубиви колку што воопшто може да биде едно религиозно тело.“ Информираните власти знаат дека не треба да се плашат од Сведоците на Јехова.

19. Во врска со даноците, што може да се рече за раните христијани и за Јеховините сведоци?

19 Еден начин на кој раните христијани покажувале почит кон „вишите власти“ бил со тоа што плаќале даноци. Пишувајќи му на римскиот император Антонин Пиј (138—161 н.е.), Јустинијан Маченик тврдел дека христијаните ги плаќале своите даноци „поспремно од сите други луѓе“ (Прва Апологија, 17. поглавје). А Тертулијан им рекол на римските владетели дека нивните собирачи на даноци им должеле „голема благодарност на христијаните“ поради нивното совесно плаќање на даноците (Апологија, 42. поглавје). Христијаните извлекувале корист од Пакс романа, односно Римскиот мир, со неговиот закон и ред, добрите патишта и релативно безбедното патување по море. Признавајќи го својот долг кон општеството, тие внимавале на Исусовите зборови: „Плаќајте го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Марко 12:17). Јеховиниот народ денес го следи овој совет и е пофалуван заради чесноста како, на пример, при плаќањето даноци (Евреите 13:18).

Вистината — обединувачка врска

20, 21. Во врска со мирољубивото братство, како било со раните христијани и како е со Јеховините денешни слуги?

20 Затоа што оделе во вистината, раните христијани биле поврзани во едно мирољубиво братство, исто како што се поврзани Јеховините сведоци денес (Дела 10:34, 35). Во едно писмо што излегло во The Moscow Times стоело: „[Јеховините сведоци се] добро познати како многу фини, љубезни и кротки луѓе, со кои е многу лесно да се сложиш, кои никогаш не вршат притисок врз останатите луѓе и секогаш се стремат кон мир во односите со другите . . . Кај нив нема такви што бараат мито, нема пијаници ниту зависници од дрога, а причината е многу едноставна: Тие само се обидуваат да бидат водени од нивните библиски темелени убедувања во сѐ што прават или зборуваат. Ако сите луѓе на светот барем би се обиделе да живеат според Библијата на начинот на којшто живеат Јеховините сведоци, нашиот суров свет би бил апсолутно поинаков“.

21 Една енциклопедија вели: „Раната црква се сметала себеси за едно ново човештво во кое претходно непријателските групи, Евреи и не-Евреи, можеле да живеат заедно како едно тело во мир“ (Encyclopedia of Early Christianity). Јеховините сведоци се исто така едно мирољубиво меѓународно братство — навистина ново светско општество (Ефешаните 2:11—18; 1. Петрово 5:9; 2. Петрово 3:13). Кога видел како Сведоци од сите раси мирољубиво се собрале како конгресни делегати на Show Grounds во Преторија (Јужна Африка), главниот службеник на обезбедувањето рекол: „Сите беа и се учтиви, луѓето зборуваа убаво еден со друг, ставот што го покажаа во изминатите неколку дена — сето тоа сведочи за моралниот квалитет на членовите на вашата заедница, и за тоа дека сите живеат заедно како едно среќно семејство“.

Благословени затоа што поучуваат за вистината

22. Што се случува поради тоа што христијаните ја објавуваат вистината?

22 Со своето однесување и со својата проповедничка активност, Павле и другите христијани ‚ја објавувале вистината‘ (2. Коринќаните 4:2). Зарем не се сложуваш дека Јеховините сведоци го прават истото и ги поучуваат за вистината сите нации? Сѐ поголем број луѓе низ целата Земја го прифаќаат вистинското обожавање и се слеваат кон ‚гората на Господовиот дом‘ (Исаија 2:2, 3). Секоја година, илјадници се крштаваат во симбол на своето предание на Бог, што има за резултат формирање на многу нови собранија.

23. Како гледаш на оние што ги поучуваат сите нации за вистината?

23 Иако имаат различни заднини, Јеховините слуги се обединети во вистинското обожавање. Љубовта што ја покажуваат ги идентификува како Исусови ученици (Јован 13:35). Можеш ли да видиш дека ‚Бог е навистина меѓу нив‘? (1. Коринќаните 14:25). Дали си зазел став со оние што ги поучуваат сите нации за вистината? Ако да, покажи трајна благодарност за вистината и биди привилегиран да одиш во неа засекогаш.

Како би одговорил?

• Каква сличност постои меѓу раните христијани и Јеховините сведоци во врска со начинот на обожавање?

• Која е единствената религиозна прослава што ја држат оние што одат во вистината?

• Кои се „вишите власти“, и како христијаните гледаат на нив?

• На кој начин вистината е обединувачка врска?

[Слика на страница 21]

Христијанските состаноци секогаш се благослов за оние што одат во вистината

[Слики на страница 23]

Исус им заповедал на своите следбеници да го прославуваат Меморијалот на неговата жртвена смрт

[Слика на страница 24]

Исто како раните христијани, Јеховините сведоци покажуваат почит кон „вишите власти“

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели