ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w02 15/9 стр. 10-15
  • ‚Обрни повеќе од обично внимание‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • ‚Обрни повеќе од обично внимание‘
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Требало да обрнат погрижливо внимание
  • Да се обрне „повеќе од обично внимание“ денес
  • Да ја подобриме концентрацијата на состаноците
  • Извлечи целосна корист од личната студија
  • Не откажувај се од трката за живот!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Како можам да се сконцентрирам?
    Разбудете се! 1999
  • Како Јехова нѐ води
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Обрнувајте ѝ внимание на пророчката реч
    Нашата служба за Царството 1994
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
w02 15/9 стр. 10-15

‚Обрни повеќе од обично внимание‘

„Затоа е неопходно да му обрнеме повеќе од обично внимание на она што сме го чуле, за никогаш да не отпловиме“ (ЕВРЕИТЕ 2:1).

1. Илустрирај како одвлекувањето на вниманието може да води до катастрофа.

САМО во Соединетите Држави, во автомобилските несреќи го губат животот околу 37.000 луѓе годишно. Експертите велат дека многу од тие смртни случаи ќе можеле да се избегнат ако возачите биле повнимателни на патот. На некои возачи им е одвлечено вниманието од знаците и рекламните паноа или од употребата на мобилниот телефон. Има и такви што јадат зад воланот. Во сите овие ситуации, одвлекувањето на вниманието може да води до катастрофа.

2, 3. Каква опомена им дал Павле на еврејските христијани и зошто неговиот совет е на место?

2 Речиси 2.000 години пред изумувањето на автомобилот, апостол Павле идентификувал еден вид одвлекување на внимание што се покажало катастрофално за некои еврејски христијани. Павле истакнал дека на воскреснатиот Исус Христос му била дадена положба повисока од сите ангели бидејќи седнал од десната страна на Бог. Потоа апостолот навел: „Затоа е неопходно да му обрнеме повеќе од обично внимание на она што сме го чуле, за никогаш да не отпловиме“ (Евреите 2:1).

3 Зошто еврејските христијани требало да ‚обрнат повеќе од обично внимание на она што го чуле‘ во врска со Исус? Затоа што поминале речиси 30 години откако Исус ја напуштил земната сцена. Во отсуство на својот Господар, некои еврејски христијани почнале да отпловуваат од вистинската вера. Јудаизмот, нивниот претходен начин на обожавање, им го одвлекол вниманието.

Требало да обрнат погрижливо внимание

4. Зошто некои еврејски христијани можеби биле на искушение да се вратат во јудаизмот?

4 Зошто некој христијанин би можел да биде доведен во искушение да се врати во јудаизмот? Па, системот на обожавање под Законот вклучувал опипливи работи. Луѓето можеле да ги видат свештениците и да ги помирисаат запалените жртви. Но, во извесни аспекти, христијанството било доста поинакво. Христијаните имале Првосвештеник, Исус Христос, но него никој не го видел на земјата три децении (Евреите 4:14). Тие имале храм, но неговото свето место се наоѓало во самото небо (Евреите 9:24). За разлика од физичкото обрежување под Законот, христијанското обрежување било „обрежување на срцето по дух“ (Римјаните 2:29). Затоа, на еврејските христијани, христијанството можеби почнало да им изгледа прилично апстрактно.

5. Како покажал Павле дека системот на обожавање што го воспоставил Исус бил подобар од тој под Законот?

5 Еврејските христијани требало да сфатат нешто многу значајно во врска со системот на обожавање што го воспоставил Христос. Тој повеќе се темелел на вера отколку на гледање, но сепак бил подобар од Законот што бил пренесен преку пророкот Мојсеј. „Ако крвта на јарци и бикови и пепелта од јуница, со која се попрскани оние кои се извалкани, посветува до таа мера што телото станува чисто“, напишал Павле, „колку ли повеќе крвта на Христос, кој преку вечниот дух самиот себеси без дамка му се принесе на Бог, ќе ги исчисти нашите совести од мртви дела за да му принесуваме света служба на живиот Бог?“ (Евреите 9:13, 14). Да, простувањето што може да се добие преку верата во откупната жртва на Исус Христос во многу аспекти е далеку подобро од простувањето што било овозможено преку жртвите принесени под Законот (Евреите 7:26—28).

6, 7. а) Поради која ситуација било итно еврејските христијани ‚да обрнат повеќе од обично внимание на она што го чуле‘? б) Кога Павле го напишал своето писмо до Евреите, уште колку време му останувало на Ерусалим? (Види фуснота.)

6 Имало и друга причина зошто еврејските христијани требало да обрнат строго внимание на она што го чуле за Исус. Тој претскажал дека Ерусалим ќе биде уништен. Исус рекол: „На тебе ќе дојдат денови кога твоите непријатели ќе изградат околу тебе утврдување од зашилени колци и ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни, и ќе те срамнат со земјата тебе и твоите деца во тебе, и нема да остават во тебе ни камен на камен, бидејќи не го спозна времето на своето прегледување“ (Лука 19:43, 44).

7 Кога ќе се случело ова? Исус не го открил денот и часот. Наместо тоа, го дал следново упатство: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека неговото запустување се приближило. Тогаш оние кои се во Јудеја нека почнат да бегаат по горите, а оние кои се среде него нека излезат, и оние кои се во селата нека не влегуваат во него“ (Лука 21:20, 21). Во текот на 30-те години откако Исус ги кажал овие зборови, некои христијани во Ерусалим го изгубиле чувството на итност и им било одвлечено вниманието. Го тргнале погледот од патот, така да се каже. Ако не го преиначеле своето размислување, сигурно ќе дошло до катастрофа. Без оглед на тоа дали тие мислеле така или не, уништувањето на Ерусалим било неизбежно!a Да се надеваме дека Павловата опомена ги разбудила духовно задреманите христијани во Ерусалим.

Да се обрне „повеќе од обично внимание“ денес

8. Зошто треба ‚да обрнеме повеќе од обично внимание‘ на вистините од Божјата реч?

8 Исто како христијаните од првиот век, и ние треба ‚да им обрнеме повеќе од обично внимание‘ на вистините од Божјата реч. Зошто? Затоа што и ние се соочуваме со едно претстојно уништување, и тоа не само на една нација туку на еден цел систем на работи (Откровение 11:18; 16:14, 16). Се разбира, не го знаеме точниот ден и час кога Јехова ќе ја преземе таа акција (Матеј 24:36). Сепак, сведоци сме на исполнувањето на библиските пророштва што јасно укажуваат дека живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1—5). Затоа, треба да се чуваме од сѐ што би можело да ни го одвлече вниманието. Треба да ѝ обрнеме внимание на Божјата реч и да задржиме силно чувство на итност. Само така ќе ‚успееме да го избегнеме сето она што треба да се случи‘ (Лука 21:36).

9, 10. а) Како можеме да покажеме дека обрнуваме внимание на духовните работи? б) На кој начин Божјата реч е како ‚светилка на нашата нога‘ и ‚светлина на нашата патека‘?

9 Во овие значајни времиња, како можеме да покажеме дека обрнуваме „повеќе од обично внимание“ на духовните работи? Еден начин е редовно да присуствуваме на христијанските состаноци, собири и конгреси. Исто така, треба ревносно да ја проучуваме Библијата за да можеме да му се приближиме на нејзиниот Автор, Јехова (Јаков 4:8). Ако примаме спознание за Јехова преку лична студија и состаноци, ќе бидеме како псалмистот што рекол за Бог: „Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека“ (Псалм 119:105).

10 Библијата служи како ‚светлина на нашата патека‘ кога ни ги кажува Божјите намери за иднината. Таа е и ‚светилка на нашата нога‘. Со други зборови, може да ни помогне во нашиот следен чекор кога се соочуваме со тешките животни проблеми. Затоа е неопходно ‚да обрнеме повеќе од обично внимание‘ кога се собираме за поука со соверниците и кога лично ја читаме Божјата реч. Информациите што ги примаме ќе ни помогнат да донесуваме мудри и корисни одлуки кои ќе му бидат угодни на Јехова и ќе го радуваат неговото срце (Пословици 27:11; Исаија 48:17). Како можеме да ја зголемиме должината на нашата концентрација на состаноците и во периодите на лична студија за да извлечеме најголема корист од Божјите духовни подготовки?

Да ја подобриме концентрацијата на состаноците

11. Зошто понекогаш е предизвик да се обрнува внимание на христијанските состаноци?

11 Понекогаш е предизвик да обрнуваме внимание на христијанските состаноци. Мислите лесно можат да ни бидат одвлечени, можеби од доенче што плаче или од некој што задоцнил и бара место да седне. По цел ден работа, можеби едноставно сме уморни. Оној што зборува од подиумот можеби не е баш најинтересен говорник и, пред да бидеме свесни за тоа, сме почнале да си фантазираме — а можеби дури и да си дремеме! Со оглед на многу битните информации што се изнесуваат, ќе биде добро да ја подобриме нашата моќ за концентрација на собраниските состаноци. Но, како можеме да го сториме тоа?

12. Што може да ни олесни да обрнуваме внимание на состаноците?

12 Обично е полесно да обрнуваме внимание на состаноците ако сме добро подготвени. Затоа, зошто не одвоиш време однапред да размислиш за материјалот што ќе се разгледува? Потребни се само неколку минути секој ден да се чита и да се медитира за дел од доделените поглавја за седмичното читање на Библијата. Со малку планирање можеме да најдеме време и да се подготвиме за Собраниската студија на книга и студијата на Стражарска кула. Кој и да е распоредот што ќе го избереме, едно е сигурно: Подготовката ќе ни помогне да обрнеме внимание на материјалот што се разгледува на собраниските состаноци.

13. Што може да ни помогне да останеме сосредоточени на материјалот што се дискутира на состаноците?

13 Освен тоа што ќе бидат добро подготвени, некои утврдиле дека се повнимателни на состаноците кога седат понапред во Салата на Царството. Одржувањето визуелен контакт со говорникот, следењето во Библијата кога се чита некој стих и правењето белешки се други начини да не дозволиме да ни талкаат мислите. Меѓутоа, многу поважно од некоја посебна техника на концентрација е да се има подготвено срце. Треба да ја сфатиме целта на нашето заедничко собирање. Се состануваме со соверниците првенствено за да го обожаваме Јехова (Псалм 26:12; Лука 2:36, 37). Состаноците се важен начин на кој се храниме духовно (Матеј 24:45—47). Освен тоа, тие ни даваат прилики „да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела“ (Евреите 10:24, 25).

14. Што го прави еден состанок навистина успешен?

14 Некои можеби се склони да го мерат квалитетот на некој состанок по способностите за поучување на учесниците. Ако говорниците се многу способни, би можеле да речеме дека состанокот е добар. Но, ако изгледа дека недостига ефикасно поучување, можеби ќе го мислиме спротивното. Точно е дека оние што имаат учество во програмата треба да дадат сѐ од себе за да применат уметност на поучување и особено да ги достигнат срцата (1. Тимотеј 4:16). Сепак, ние што слушаме не треба да бидеме претерано критични. Иако е важна способноста за поучување на учесниците, таа не е единствениот фактор што придонесува за тоа состанокот да биде успешен. Зарем не се согласуваш дека најважно не треба да ни биде колку добро говорникот го изнесува својот говор туку колку добро слушаме ние? Кога присуствуваме на состаноците и обрнуваме внимание на она што се изнесува, го обожаваме Бог во склад со неговата волја. Тоа го прави состанокот успешен. Ако сме желни да примиме спознание за Бог, ќе извлекуваме корист од состаноците, без оглед на способностите на говорникот (Пословици 2:1—5). Затоа, по секоја цена, да бидеме одлучни ‚да обрнуваме повеќе од обично внимание‘ на нашите состаноци.

Извлечи целосна корист од личната студија

15. Како можат да ни користат проучувањето и медитацијата?

15 Извлекуваме голема корист ако ‚обрнуваме повеќе од обично внимание‘ во периодите на лична студија и медитирање. Читањето и длабокото размислување за Библијата и за христијанските публикации ќе ни дадат скапоцени прилики да ги всадиме вистините од Божјата реч во нашето срце. Тоа, пак, ќе има длабоко влијание врз начинот на кој размислуваме и постапуваме. Навистина, тоа ќе ни помогне да уживаме во извршувањето на Јеховината волја (Псалм 1:2, NW; 40:8). Затоа, треба да ја развиеме својата способност за концентрација за да ни служи добро кога проучуваме. Толку е лесно да ни се одвлече вниманието! Мали прекини — телефонски повик или врева — можат да бидат причина да се деконцентрираме. Или можеби веќе и онака не можеме да се концентрираме долго. Можеби седнуваме со добра намера да се нахраниме духовно, но по кратко време можеби „го пуштаме умот на пасење“. Како можеме да ‚обрнуваме повеќе од обично внимание‘ за време на личното проучување на Божјата реч?

16. а) Зошто е важно да планираме време за лична студија? б) Како наоѓаш време за проучување на Божјата реч?

16 Корисно е да се направи распоред и да се избере амбиент што е најпогоден за проучување. За повеќето од нас времето и приватноста се ретки поседи. Можеби се чувствуваме како струјата од секојдневни настани да нѐ носи како гранче низ брз поток. Всушност, ние треба да се бориме против струјата, така да се каже, и да бараме мало островче на мир и тишина. Не можеме едноставно да чекаме да се појави прилика за проучување сама од себе. Наместо тоа, треба да преземеме контрола врз ситуацијата со тоа што ќе наоѓаме време за проучување (Ефешаните 5:15, 16). Некои си одвојуваат краток период наутро кога помалку работи им го одвлекуваат вниманието. Други сметаат дека подобра прилика е навечер. Главно е да не ја игнорираме животоважната потреба да примаме точно спознание за Бог и за неговиот Син (Јован 17:3). Затоа, да испланираме време за лична студија и потоа да се држиме за тој распоред.

17. Што е медитација и како може да ни користи?

17 Медитацијата — процес на длабоко размислување за она што сме го научиле во текот на проучувањето — е непроценлива. Таа ни помага да ги земеме Божјите мисли од отпечатената страница и да ги пренесеме во нашето срце. Медитацијата ни помага да видиме како да го примениме библискиот совет за да станеме „извршители на речта, а не само слушатели“ (Јаков 1:22—25). Освен тоа, медитацијата ни помага уште повеќе да му се приближиме на Јехова бидејќи ни овозможува да размислуваме за неговите особини и за тоа како тие се истакнати во материјалот што се разгледува во текот на периодите на проучување.

18. Какви услови се потребни за делотворно медитирање?

18 За да извлечеме целосна корист од проучувањето и од медитацијата, мораме да се чуваме од работи што можат да ни го одвлечат вниманието. За да направиме простор за нови информации кога медитираме, треба да ги отфрлиме работите од денешниот живот што можат да ни го одвлечат вниманието. За да се направи тоа, потребно е време и потребно е да се биде сам, но сепак, колку е само освежувачки да се зема од духовната храна и од водите на вистината што се наоѓаат во Божјата реч!

19. а) Во поглед на личната студија, што им помогнало на некои да ја зголемат должината на својата концентрација? б) Каков треба да биде нашиот став кон проучувањето, и кои користи можеме да ги извлечеме од оваа важна активност?

19 Што ако не можеме да се концентрираме долго и ако мислите почнат да ни талкаат по краток период на проучување? Некои утврдиле дека можат да ја зголемат својата способност за концентрација додека проучуваат на тој начин што ќе започнат со пократки периоди на проучување и постепено ќе ги продолжуваат. Нашата цел треба да биде да проучуваме полека а не да брзаме. Треба да негуваме горлив интерес за темата што се разгледува. И, можеме повеќе да истражуваме користејќи го обемниот материјал што го обезбедува класата на верниот и разборит роб. Многу е важно да се погледне во „длабоките работи Божји“ (1. Коринќаните 2:10). Тоа ни овозможува да го зголемиме нашето спознание за Бог и да ја развиеме нашата моќ за согледување (Евреите 5:14). Ако сме трудољубиви проучувачи на Божјата реч, ќе бидеме и ‚соодветно оспособени да поучуваме други‘ (2. Тимотеј 2:2).

20. Како можеме да стекнеме и да задржиме близок однос со Јехова Бог?

20 Присуството на христијанските состаноци и личната студија ќе придонесат многу за да ни помогнат да стекнеме и да задржиме близок однос со Јехова. Очигледно, тоа било случај со псалмистот, кој рекол за Бог: „Колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него“ (Псалм 119:97). Затоа, по секоја цена редовно да присуствуваме на состаноците, собирите и конгресите. И да си откупуваме време за библиска студија и за медитирање. Ќе бидеме богато наградени ако на тој начин ‚обрнуваме повеќе од обично внимание‘ на Божјата реч.

[Фуснота]

a Писмото до Евреите веројатно било напишано во 61 н.е. Ако е така, тогаш само пет години подоцна Ерусалим бил опколен од улогорените војски на Цестиј Гал. Наскоро тие војски се повлекле, а тоа им овозможило на будните христијани да избегаат. По четири години градот бил уништен од римските војски под генерал Тит.

Се сеќаваш ли?

• Зошто некои еврејски христијани отпловувале од вистинската вера?

• Како можеме да останеме внимателни на христијанските состаноци?

• Што ќе ни помогне да извлечеме корист од личната библиска студија и медитирањето?

[Слика на страница 11]

Еврејските христијани требало да бидат будни за претстојното уништување на Ерусалим

[Слика на страница 13]

Родителите можат да им помогнат на своите деца да извлечат корист од христијанските состаноци

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели