„Спасението му припаѓа на Јехова“
ВО ВРЕМЕ на национални кризи или меѓународна затегнатост, луѓето очекуваат сигурност и безбедност од својата влада. Владите, од своја страна, ги засилуваат програмите наменети да ја придобијат поддршката на народот. Колку повеќе се унапредува чувството на патриотизам со таквите програми толку поживо и почесто станува славењето на патриотските свечености.
За време на некоја национална вонредна состојба, патриотскиот жар честопати им дава на луѓето чувство на единство и сила и може да унапредува дух на соработка и граѓанска свесност меѓу нив. Меѓутоа, „како и секоја друга емоција и патриотизмот е непредвидлив“, вели една статија во The New York Times Magazine, бидејќи „штом еднаш ќе биде пуштен на слобода, може да добие грди облици“. Изразите на патриотизам можат да се претворат во постапки што ги загрозуваат граѓанските слободи и религиозната слобода на одредени граѓани на земјата. Вистинските христијани особено доаѓаат под притисок да ги компромитираат своите верувања. Како се однесуваат кога таква атмосфера го проголтува светот околу нив? Кои библиски начела им помагаат да постапуваат со увид и да го задржат интегритетот кон Бог?
„Не ќе им се поклонуваш“
Понекогаш, поздравувањето на националното знаме станува популарен израз на патриотски чувства. Но, на знамињата честопати има слики на работи што се на небото, како што се ѕвезди, како и работи што се на земјата. Бог го изразил своето гледиште за поклонувањето на такви предмети кога му заповедал на својот народ: „Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш, зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог [Бог кој бара исклучителна оддаденост, NW]“ (Излез 20:4, 5).
Дали поздравувањето или клекнувањето пред знаме што ја претставува државата навистина е во спротивност со давањето исклучителна оддаденост на Јехова Бог? Точно е дека древните Израелци имале ‚знаци‘, или бајраци, околу кои се собирале нивните триплеменски одделенија додека биле во пустелијата (Броеви 2:1, 2). Коментирајќи за хебрејските зборови што означуваат такви бајраци, Cyclopedia на Меклинток и Стронг вели: „Ниеден од нив, меѓутоа, не ја изразува идејата што „бајрак“ ја пренесува во нашиот ум, имено, знаме“. Освен тоа, бајраците на Израел не се сметале за свети ниту, пак, со нивната употреба биле поврзани некакви свечености. Тие едноставно служеле како знаци, покажувајќи им на луѓето каде да се соберат.
Ликовите на херувими во табернакулот и во храмот на Соломон првенствено служеле како претстава на небесните херувими (Излез 25:18; 26:1, 31, 33; 1. Цареви 6:23, 28, 29; Евреите 9:23, 24). Фактот дека овие уметнички слики не требало да се обожаваат јасно се гледа од тоа што луѓето, воопшто, не можеле ни да ги видат, а не треба да се обожаваат ни ангелите (Колошаните 2:18; Откровение 19:10; 22:8, 9).
Размисли и за фигурата на бронзената змија што пророкот Мојсеј ја направил за време на патувањето на Израелците низ пустелијата. Таа фигура, или лик, служела како симбол и имала пророчко значење (Броеви 21:4—9; Јован 3:14, 15). Не ѝ се поклонувале ниту ја користеле за обожавање. Меѓутоа, со векови по времето на Мојсеј, Израелците неисправно почнале да го обожаваат истиот тој лик, дури му палеле и темјан. Затоа Јудејскиот цар Езекија го искршил на парчиња (2. Цареви 18:1—4).
Дали националните знамиња едноставно имаат практична функција? Што симболизираат тие? „Главен симбол на вера и централен предмет на обожавање на национализмот е знамето“, изјавил авторот Џ. Пол Вилијамс. The Encyclopedia Americana вели: „Знамето, како и крстот, е свето“. Знамето е симбол на државата. Според тоа, поклонувањето или поздравувањето на знамето е религиозен обред со кој што ѝ се оддава слава на државата. Таквиот чин ѝ го припишува спасението на државата и не е во склад со она што Библијата го кажува за идолопоклонството.
Писмото јасно вели: „Спасението му припаѓа на Јехова“ (Псалм 3:8, NW). Спасението не треба да им се припишува на човечките институции ниту на нивните симболи. Апостол Павле ги советувал сохристијаните: „Љубени мои, бегајте од идолопоклонство“ (1. Коринќаните 10:14). Раните христијани не учествувале во дела на обожавање на државата. Во книгата Those About to Die (Оние кои требало да умрат), Даниел П. Маникс забележува: „Христијаните одбиле да . . . ѝ принесуваат жртви на божественоста на [римскиот] император — што е денес речиси исто како да одбиеш да го поздравиш знамето“. Исто е и со христијаните денес. Со цел да му искажат исклучителна оддаденост на Јехова, тие се воздржуваат да го поздравуваат знамето на која и да било нација. На тој начин, иако задржуваат почит кон владите и нивните владетели, на прво место го ставаат Бог. Всушност, ја признаваат својата одговорност да им бидат подложни на владините „виши власти“ (Римјаните 13:1—7). Но, какво е библиското гледиште во врска со пеењето патриотски песни, како што се националните химни?
Што се националните химни?
„Националните химни се изрази на патриотски чувства и честопати вклучуваат привикување божествено водство и заштита на народот или на нивните водачи“, вели The Encyclopedia Americana. Националната химна, всушност, е песна на фалба или молитва во корист на некоја нација. Во неа обично се бара нацијата да има материјален напредок и долг живот. Треба ли вистинските христијани да се придружат во таквите молитвени мисли?
Пророкот Еремија живеел меѓу луѓе што тврделе дека му служат на Бог. Сепак, Јехова му заповедал: „Не моли милост за овој народ, не кревај глас за нив и не моли, ниту се застапувај пред Мене, зашто нема да те послушам“ (Еремија 7:16; 11:14; 14:11). Зошто му била дадена оваа заповед на Еремија? Затоа што нивното општество било исполнето со крадење, убиства, прељуба, лажно колнење и идолопоклонство (Еремија 7:9).
Исус Христос поставил преседан кога рекол: „Јас молам за нив; не молам за светот, туку за оние кои ми ги даде“ (Јован 17:9). Библијата вели дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ и дека „поминува“ (1. Јованово 2:17; 5:19). Како тогаш можат вистинските христијани совесно да се молат за напредок и долг живот на таквиот систем?
Се разбира, сите национални химни не вклучуваат молби до Бог. „Мислите во националните химни варираат“, вели Encyclopædia Britannica, „од молитви за монархот, алузии за важни национални битки или востанија . . . до изрази на патриотски чувства.“ Но, можат ли оние што сакаат да му угодат на Бог, всушност, да ликуваат заради војните и револуциите на која и да било нација? Во врска со вистинските обожаватели, Исаија прорекол: „Ќе ги прековаат мечевите во плугови, а копјата во српови“ (Исаија 2:4). „Иако одиме во тело“, напишал апостол Павле, „не водиме војна според она што сме во тело. Зашто оружјето на нашето војување не е телесно“ (2. Коринќаните 10:3, 4).
Националните химни честопати изразуваат чувства на национална гордост или надмоќ. Ова гледиште нема библиски темел. Во својот говор на Ареопагот, апостол Павле рекол: „[Јехова Бог] од еден човек ја создаде секоја човечка нација да живее по целата површина на земјата“ (Дела 17:26). „Бог не е пристрасен“, изјавил апостол Петар, „туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
Поради своето разбирање на Библијата, многумина донесуваат лична одлука да не учествуваат во поздравување на знамето и во пеење патриотски песни. Но, како се однесуваат кога се соочени со ситуации што ги доведуваат лице в лице со овие прашања?
Воздржувај се со почит
Во обид да го зајакне единството на својата империја, цар Навуходоносор од древниот Вавилон поставил огромен златен лик во рамницата Дура. Потоа организирал една церемонија за инаугурација на која ги поканил своите сатрапи, префекти, управители, советници и други високи службеници. Требало сите собрани, штом ќе го чуеле звукот на музиката, да се поклонат и да го обожаваат ликот. Меѓу оние што морале да бидат присутни биле и тројца млади Евреи — Седрах, Мисах и Авденаго. Како покажале дека немаат удел во таа религиозна церемонија? Кога почнала музиката и кога собраните луѓе паднале на колена пред ликот, тројцата млади Евреи останале да стојат (Даниел 3:1—12).
Денес знамињата обично се поздравуваат со испружена рака или така што раката се држи до челото или на срцето. Понекогаш можеби се зазема некоја посебна положба на телото. Во некои земји се очекува децата на училиште да клекнат и да го бакнат знамето. Со тоа што ќе стојат мирно додека другите го поздравуваат знамето, вистинските христијани јасно покажуваат дека се набљудувачи полни со почит.
Но, што ако церемонијата за знамето се изведува на таков начин што само и стоењето дава доказ за учество? На пример, претпостави си дека еден ученик од училиштето е избран да го претставува целото училиште и да го поздрави знамето надвор пред јарболот додека од другите ученици се очекува да стојат мирно во училницата. Самиот чин на стоење во овој случај покажува согласност со тоа ученикот што е надвор да дејствува како твој личен претставник во поздравувањето на знамето. Самото стоење би значело дека се придружуваш во церемонијата. Ако случајот е таков, оние што сакаат да бидат само набљудувачи полни со почит ќе останат мирно да седат. Што ако класот веќе стои кога таквата церемонија почнува? Во тој случај, ако останеме да стоиме нема да значи дека учествуваме.
Да претпоставиме дека од некого не се бара да го поздрави знамето туку само да го држи, на парада, во училница или на некое друго место, за да можат другите да го поздрават. Наместо да „бегаме од идолопоклонство“ како што е заповедано во Библијата, тоа всушност би значело да бидеме во самиот центар на церемонијата. Тоа се однесува и на марширањето на патриотски паради. Затоа што тоа би значело дека даваме поддршка на она на што му се укажува чест со парадата, вистинските христијани совесно одбиваат да учествуваат.
Кога се свират национални химни, обично, сѐ што некој мора да направи за да покаже дека ги дели мислите на песната е да стане. Во такви случаи, христијаните остануваат да седат. Меѓутоа, ако веќе стојат кога почнува да се свири националната химна, нема потреба посебно да седнуваат. Тоа не е како да избрале да станат токму за химната. Од друга страна, ако од некоја група се очекува да стане и да пее, тогаш самото станување од почит, но не и пеење не би значело дека се согласуваш со мислите на песната.
„Задржете чиста совест“
Откако ја опишал неделотворноста на предметите за обожавање направени од човек, псалмистот рекол: „Такви се и оние, што ги направија, и сите кои се надеваат на нив“ (Псалм 115:4—8). Очигледно е тогаш дека секое вработување што директно вклучува производство на предмети за обожавање, вклучувајќи и национални знамиња, би било неприфатливо за обожавателите на Јехова (1. Јованово 5:21). Може да се појават и други ситуации на работа кога христијаните со почит покажуваат дека не го обожаваат ниту знамето ниту она што е претставено со него туку само Јехова.
Еден работодавач, на пример, може да побара некој вработен да го крева и да го спушта знамето што е истакнато на зградата. Дали некое лице ќе го прави тоа или не зависи од неговото лично гледиште за околностите. Ако кревањето и спуштањето на знамето се дел од некоја посебна церемонија, на која има луѓе што стојат мирно или го поздравуваат знамето, тогаш вршењето на таа работа е исто што и учество во церемонијата.
Од друга страна, ако подигањето или спуштањето не е проследено со никаква церемонија, тогаш овие постапки не претставуваат ништо повеќе отколку извршувањето задачи како што се подготвување на зградата за употреба, отклучување и заклучување на вратите и отворање и затворање на прозорците. Во тие случаи знамето е едноставно симбол на државата и кревањето и спуштањето меѓу другите рутински задачи е работа на лична одлука темелена на она што го налага неговата библиски темелена совест (Галатите 6:5). Совеста на една личност може да ја поттикне од својот претпоставен да побара некој друг вработен да го крева и да го спушта знамето. Друг христијанин може да смета дека неговата совест му дозволува да ракува со знамето сѐ додека не е вклучена никаква церемонија. Каква и да е одлуката, вистинските обожаватели мораат да ‚задржат чиста совест‘ пред Бог (1. Петрово 3:16).
Нема библиски приговор на тоа да се работи или да се биде во јавни објекти како што се противпожарни станици, општински канцеларии и училишта, каде што е истакнато националното знаме. Знаме може да се појави и на поштенски марки, на автомобилски таблички или на други работи произведени од владата. Користењето на таквите предмети само по себе не ги прави лицата учесници во религиозни постапки. Она што е важно не е присуството на знаме или на негова копија туку како некој се однесува кон него.
Знамињата честопати се истакнати на прозорци, врати, автомобили, работни маси или на други предмети. Исто така, може да се купи облека со мотив од знаме отпечатен на неа. Во некои земји е незаконски да се носи таква облека. Дури и ако тоа не го крши законот, на што ќе укаже ова во однос на ставот на некоја личност кон светот? Во врска со своите следбеници, Исус Христос рекол: „Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16). Не треба да се игнорира ни ефектот што таквата постапка може да го има врз соверниците. Може ли тоа да повреди нечија совест? Можно ли е да биде заслабната нивната решеност да останат цврсти во верата? Павле ги советувал христијаните: ‚Уверете се во поважните работи за да бидете непорочни и да не ги спрепнувате другите‘ (Филипјаните 1:10).
‚Благи кон сите‘
Додека во овие „критични времиња“ условите во светот се влошуваат, постои веројатност чувствата на патриотизам да се засилат (2. Тимотеј 3:1). Нека оние што го сакаат Бог никогаш не заборават дека спасението му припаѓа само на Јехова. Тој заслужува исклучителна оддаденост. Кога од нив било побарано да направат нешто што не било во склад со Јеховината волја, Исусовите апостоли рекле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29).
„Робот Господов не треба да се кара“, напишал апостол Павле, „туку треба да биде благ кон сите“ (2. Тимотеј 2:24). Затоа, христијаните настојуваат да бидат мирољубиви, полни со почит и благи додека се потпираат на својата библиски школувана совест во донесувањето лични одлуки во врска со поздравувањето на знамето и со пеењето на националната химна.
[Слика на страница 23]
Одлучни но полни со почит, тројцата Евреи избрале да му угодат на Бог
[Слика на страница 24]
Како треба да се однесува еден христијанин за време на некоја патриотска прослава?