Подигање деца во странска земја — предизвиците и наградите
МИЛИОНИ луѓе имигрираат со надеж за нов почеток во нова земја. Европа сега е домаќин на преку 20 милиони имигранти, САД се дом на повеќе од 26 милиони жители родени надвор од САД, додека повеќе од 21 процент од вкупното население на Австралија се родени во други земји. Честопати овие имигрантски семејства мораат да се борат со нов јазик и мораат да се приспособат на нова култура.
Доста често, децата брзо го учат јазикот на новата земја и почнуваат да размислуваат на новиот јазик. На нивните родители можеби ќе им треба повеќе време. Бидејќи децата растат во земја што е туѓа за нивните родители, проблемите со јазикот можат да предизвикаат комуникациски јаз кој не може лесно да се премости.
Освен што новиот јазик влијае на начинот на кој децата размислуваат, културата на новата земја може да влијае и на нивните чувства. За родителите може да биде тешко да ги разберат реакциите на своите деца. Затоа, родителите имигранти што се обидуваат да ги подигаат своите деца во „стега и Јеховино мисловно насочување“ се соочуваат со невообичаени предизвици (Ефешаните 6:4).
Предизвикот да се достигнат и умот и срцето
Христијанските родители имаат желба и одговорност да ги поучуваат своите деца на ‚чистиот јазик‘ на библиската вистина (Софонија 3:9, NW). Сепак, ако децата имаат само ограничено познавање на јазикот на нивните родители и ако родителите не можат делотворно да се изразат на јазикот на кој се свикнати нивните деца, тогаш како можат родителите да го всадат Јеховиниот закон во срцата на своите деца? (Второзаконие 6:7). Децата можеби ги разбираат зборовите што нивните родители ги кажуваат, но ако она што се кажува не достигнува до срцето тие можат да станат странци во својот сопствен дом.
Педро и Сандра се преселиле од Јужна Америка во Австралија и се соочуваат со овој предизвик додека ги подигаат своите две момчиња тинејџери. Педроa вели: „Кога зборуваш за духовни работи, вклучени се и срцето и емоциите. Треба да изразиш подлабоки и посмисловни мисли, па затоа ти е потребен поголем фонд на зборови“. Сандра додава: „Ако нашите деца немаат темелно разбирање на нашиот мајчин јазик, тогаш може да трпи нивниот духовен живот. Може да го изгубат чувството за вистината, не сфаќајќи го начелото што стои зад она што го учат. Може да биде попречена нивната духовна проникливост, и може да трпи нивниот однос со Јехова“.
Њанапиракасам и Хелен од Шри Ланка имигрирале во Германија и сега имаат две деца. Тие се согласуваат: „Сметаме дека е мошне важно нашите деца да зборуваат на нашиот мајчин јазик додека учат германски. Важно е да можат да комуницираат со нас за своите емоции, да зборуваат отворено“.
Мигел и Кармен, кои имигрирале од Уругвај во Австралија, велат: „Родителите што се во ситуација како нашата мораат да вложуваат поголеми напори. Мораат или да го научат новиот јазик толку добро што ќе можат да ги сфатат и да ги објаснат духовните работи на тој јазик или да си ги научат децата да го владеат јазикот на родителите“.
Семејна одлука
Од најголема важност за духовното здравје на секое имигрантско семејство е одлуката кој јазик ќе го користат за да бидат „поучени од Јехова“ (Исаија 54:13, NW). Ако во близина има собрание на нивниот мајчин јазик, семејството може да избере да го поддржува тоа собрание. Од друга страна, пак, може да изберат да одат во собрание што го зборува јазикот кој преовладува во земјата во која имигрирале. Кои фактори ќе влијаат на оваа одлука?
Деметриос и Патрула, кои имигрирале од Кипар во Англија и таму подигнале пет деца, објаснуваат што влијаело на нивната одлука: „Во почетокот, нашето семејство одеше во грчко собрание. Иако ова многу ни помогна нам, родителите, се покажа дека е пречка за духовниот развој на нашите деца. И покрај тоа што имаа основно познавање на грчкиот јазик, имаа тешкотии со подлабоките теми. Тоа стана очигледно од нивниот прилично бавен духовен развој. Како семејство се префрливме во англиско собрание, и речиси веднаш имаше добри резултати кај нашите деца. Тие беа духовно зајакнати. Одлуката да се преместиме не беше лесна, но во нашиот случај се покажа мудра“.
Семејството сѐ уште задржало познавање на мајчиниот јазик на родителите и пожнеало богати благослови. Нивните деца коментираат: „Корисно е да се знае повеќе од еден јазик. Иако англискиот ни е прв јазик, увидовме дека нашето познавање на грчкиот ни овозможи цврсти и блиски семејни односи, особено со бабите и дедовците. Тоа, исто така, нѐ направи посочувствителни кон имигрантите и нѐ увери дека можеме да научиме друг јазик. Па така, кога пораснавме, семејството се пресели за да помага во албанско собрание“.
Кристофер и Маргарита, исто така, се преселиле од Кипар во Англија и таму подигнале три деца. Тие избрале да поддржуваат грчко собрание. Нивниот син, Никос, кој сега служи како старешина во грчко собрание, си спомнува: „Бевме охрабрени да се придружиме на новоформираното грчко собрание. Нашето семејство го сметаше тоа за теократска доделба“.
Маргарита забележува: „Кога нашите два сина имаа седум и осум години, се вклучија во Теократската школа за служба. Како родители, бевме донекаде загрижени поради нивното ограничено разбирање на грчкиот јазик. Меѓутоа, секоја задача беше семеен проект и поминувавме многу часови помагајќи им да ги подготват говорите“.
Нивната ќерка Јоана вели: „Се сеќавам како татко ми нѐ учеше грчки така што дома ќе ја напишеше азбуката на табла, а ние моравме темелно да ја научиме. Многу луѓе минуваат години учејќи некој јазик, но со помош на мајка ми и татко ми, научивме грчки без да потрошиме многу време“.
Некои семејства ќе се придружат на собрание на нивниот јазик зашто родителите сметаат дека за да се развие „духовно сфаќање“ и да напредуваат, мораат да бидат поучени на својот мајчин јазик (Колошаните 1:9, 10; 1. Тимотеј 4:13, 15). Или семејството може да гледа на своите јазични вештини како на нешто корисно што ќе им помогне на другите имигранти да ја дознаат вистината.
Од друга страна, некое семејство можеби ќе смета дека од најголема корист ќе им биде ако одат во собрание каде што се зборува јазикот на земјата во која имигрирале (Филипјаните 2:4; 1. Тимотеј 3:5). Откако ќе разговара за ситуацијата со семејството, одлуката е оставена на семејниот поглавар (Римјаните 14:4; 1. Коринќаните 11:3; Филипјаните 4:6, 7). Кои предлози може да им помогнат на овие семејства?
Некои практични предлози
Педро и Сандра, спомнати претходно, велат: „За да се погрижиме да не го заборавиме нашиот мајчин јазик, имаме правило дома да зборуваме само шпански. Тоа правило е тешко да се држи, зашто нашите синови знаат дека разбираме англиски. Но, ако не се држиме за ова правило, набрзо може да престанат да го разбираат шпанскиот јазик“.
Мигел и Кармен, исто така цитирани претходно, препорачуваат: „Ако родителите водат редовна семејна студија и секој ден дискутираат за дневниот стих на мајчиниот јазик, тогаш децата ќе научат повеќе отколку основните работи на јазикот — ќе научат да изразуваат духовни мисли на тој јазик“.
Мигел исто така предлага: „Направете го сведочењето интересно. Нашето подрачје опфаќа поголем дел од еден голем град и трошиме многу време патувајќи со автомобил за да ги најдеме луѓето што зборуваат на нашиот јазик. Тоа време го користиме за да играме библиски игри и за да разговараме за важни работи. Се трудам да ги испланирам тие патувања за да направиме неколку добри повторни посети. Значи, на крајот, децата се вклучени барем во еден смисловен разговор“.
Да се излезе на крај со културните разлики
Божјата реч ги охрабрува младите: „Слушај ја синко дисциплината на татка си, и не го напуштај законот на мајка си“ (Пословици 1:8, NW). Меѓутоа, може да се појават проблеми кога мерилата за дисциплина на таткото и „законот“ на мајката се под влијание на култура што е поинаква од културата во која се наоѓаат децата.
Се разбира, на семејниот поглавар останува да одлучи како ќе го води своето домаќинство и тој не треба да биде под претерано влијание на другите семејства (Галатите 6:4, 5). Сепак, добрата комуникација помеѓу родителите и децата може да го отвори патот за прифаќањето на нови обичаи.
Меѓутоа, многу од обичаите или практиките што преовладуваат во развиените земји се штетни за духовното здравје на христијаните. Сексуалниот неморал, алчноста и бунтовноста честопати се унапредуваат преку популарната музика и забава (Римјаните 1:26—32). Христијанските родители не можат да си дозволат да се откажат од својата одговорност да го контролираат изборот на музика и забава на нивните деца само затоа што им е проблем да го разберат јазикот. Тие мораат да дадат цврсти упатства. Меѓутоа, тоа може да биде предизвик.
Кармен вели: „Честопати не ги разбираме текстовите на музиката што ја слушаат нашите деца. Мелодијата можеби звучи добро, но ако зборовите се двосмислени или дали има сленг изрази што се неморални, не знаеме“. Како се справиле со оваа ситуација? Мигел вели: „Поминуваме доста време поучувајќи ги нашите деца за опасностите од неморалната музика и се трудиме да им помогнеме да изберат музика што би била прифатлива за Јехова“. Да, за да се излезе на крај со културните разлики, потребни се будност и разумност (Второзаконие 11:18, 19; Филипјаните 4:5).
Да се пожнеат наградите
Подигањето деца во странска земја бара повеќе време и напор. Нема сомнение во тоа. Но, и родителите и децата можат да пожнеат додатни награди за својот труд.
Азам и неговата сопруга Сара, имигрирале од Турција во Германија, каде што подигнале три деца. Нивниот најстар син сега служи во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Селтерс, Германија. Азам вели: „Голема корист за децата е тоа што можат да развијат особини што се многу ценети и во двете култури“.
Антонио и Лутонадио се преселиле од Ангола во Германија и таму подигаат девет деца. Семејството зборува лингала, француски и германски. Антонио вели: „Тоа што можеме да зборуваме различни јазици му помага на нашето семејство да сведочи на луѓе од многу земји. Ова навистина ни донесува големо задоволство“.
Двете деца на една јапонска двојка што се преселила во Англија сметаат дека за нив е голема предност што знаат и јапонски и англиски. Младите велат: „Тоа што знаеме два јазика ни помогна да најдеме работа. Извлекуваме корист од големите конгреси на англиски јазик. Во исто време, имаме предност да служиме во собрание на јапонски, каде што има голема потреба“.
Можеш да успееш
Подигањето деца кога се живее меѓу луѓе што не ги делат нивните културни вредности е предизвик со кој Божјите слуги се соочуваат уште од библиски времиња. Родителите на Мојсеј биле успешни, иако го подигнале во Египет (Излез 2:9, 10). Голем број од протераните Евреи во Вавилон подигнале деца што биле спремни да се вратат во Ерусалим и да го обноват вистинското обожавање (Езра 2:1, 2, 64—70).
На сличен начин, и христијанските родители денес можат да бидат успешни. Може да ја добијат наградата да го чујат од своите деца она што го чула една двојка: „Ние сме многу блиско семејство поради љубезната грижа на мајка ми и татко ми, со кои секогаш сме имале добра комуникација. Среќни сме што сме дел од светското семејство што му служи на Јехова“.
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
[Слика на страница 24]
Ако дома зборувате само на својот мајчин јазик, децата ќе стекнат основно познавање за тој јазик
[Слика на страница 24]
Заедничкиот јазик ја зачувува врската помеѓу внуците и бабите и дедовците
[Слика на страница 25]
Проучувањето на Библијата со твоите деца го развива нивното „духовно сфаќање“