Ден што треба да се памети
ТОА бил ден што целосно го сменил патот на човештвото кон вечно добро. Ниеден друг ден во историјата немал толкаво влијание врз иднината на луѓето. Тоа бил денот кога Исус довршил сѐ за што дошол на земјата. Прикован на маченички столб, го вдишал својот последен здив и извикал: „Свршено е!“ (Јован 19:30). Со каква цел дошол Исус?
„Синот човечки не дојде“, вели Библијата, „да му служат, туку да служи и да ја даде својата душа како откупнина во замена за мнозина“ (Матеј 20:28). Исус ја дал својата душа, или живот, за човештвото да може да биде спасено од наследениот грев и од смртта. Да, „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Каква само скапоцена подготовка е жртвата на Исус!
Денот на Исусовата смрт е ден што треба да се памети од уште една причина. Тој ден Божјиот Син им дал на своите апостоли скапоцени поуки што ќе им помогнеле да останат верни. Колку само мора неговите зборови да ги допреле срцата на тие ученици! Кои биле неговите поуки? Како можеме ние да извлечеме корист од она за што Исус ги поучил? За овие прашања ќе се дискутира во наредната статија.