„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“
Пред и потоа — животот ѝ се променил од темел
КОЛКУ непријатен и бесмислен ѝ станал животот на Мацепанг! Таа била млада девојка од Лесото, земја во срцето на Јужна Африка. Мацепанг била воспитана како католик. Меѓутоа, наместо да добие помош да му се приближи на Бог, таа со години била злоупотребувана од калуѓерките што ја поткупувале со пари за да ја наговорат да се впушти во неморални постапки.
Како резултат, Мацепанг се разочарала од религијата и не можела да го прифати верувањето во Творец полн со љубов кој искрено се грижи за своите човечки творби. Поради негрижата и злоупотребата што ги претрпела, Мацепанг имала длабоки емоционални лузни и се чувствувала потполно безвредна. Станала многу насилна и агресивна. Ова водело до криминално однесување.
На крај Мацепанг станала член на една банда што ги ограбувала луѓето во возовите. Била уапсена и потоа осудена на затворска казна во Јужна Африка. Подоцна била депортирана во нејзината татковина, Лесото, каде што продолжила со живот исполнет со криминал, пијанчење, насилство и неморал.
Во тешка депресија, Мацепант очајно му се молела на Бог за помош. Му ветила: „Боже, ако го преживеам ова, ќе сторам сѐ што можам за да ти служам“.
Наскоро на Мацепанг ѝ пришле мисионери што биле Јеховини сведоци. Ѝ понудиле да ја проучуваат Библијата со неа. Од проучувањето сфатила дека Бог не е рамнодушен и дека се грижи. Всушност, увидела дека Сатана, ‚таткото на лагата‘, користи лукави и измамливи тактики за да поттикне некои да се чувствуваат безвредни и за да ги натера да веруваат дека Јехова никогаш не би сметал дека се достојни да ги сака (Јован 8:44; Ефешаните 6:11).
Напротив, колку само било утешно за Мацепанг кога научила дека можеме да имаме здрава самопочит ако се покаеме за своето грешно минато, ако побараме простување од Бог и ако настојуваме да му угодиме! Ѝ било помогнато да сфати дека „Бог е поголем од нашето срце“ и дека нѐ гледа на начин што може да биде многу поинаков од тоа како ние се гледаме себеси (1. Јованово 3:19, 20).
Мацепанг била воодушевена кога ги прочитала овие зборови на псалмистот Давид: „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето; а ги спасува оние што се здробени во духот“ (Псалм 34:18, NW). Како еден од „оние што се здробени во духот“, сфатила дека Јехова не ги напушта своите слуги, дури и ако некои од нив станале потиштени или се чувствуваат неважни. Тоа што научила дека Бог се грижи за сите свои овци и дека ги поддржува во тешкотии ѝ го згреало срцето (Псалм 55:22; 1. Петрово 5:6, 7). Особено ја трогнале зборовите: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8).
Моќта на Божјата реч, Библијата, станала очигледна во животот на Мацепанг. Почнала редовно да оди на христијанските состаноци и ги напуштила небиблиските практики. Каков бил резултатот? Повеќе не се чувствувала недостојна за Божјата љубов и наклоност. Откако се крстила како Јеховин сведок, поминала илјадници часови во христијанската служба како објавител на добрата вест за Царството. И покрај раните од минатото, Мацепанг сега води среќен и смисловен живот. Каков само приказ за моќта на Библијата да го подобри животот! (Евреите 4:12).
[Истакната мисла на страница 9]
„Боже, ако го преживеам ова, ќе сторам сѐ што можам за да ти служам“
[Рамка на страница 9]
Библиски начела на дело
Библиските начела што утешиле жртви на малтретирање ги вклучуваат и следниве:
„Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите [Божјите] утехи ми ја веселат душата“ (Псалм 94:19). Јеховините „утехи“ што се наоѓаат во Божјата реч се извор на голема утеха. Тоа што ќе ги земеме предвид додека медитираме и се молиме, ќе ни помогне да ги смириме грижите и да изградиме доверба во Бог како Пријател полн со разбирање.
„Тој [Јехова] ги исцелува оние што се со скршено срце и ги преврзува нивните рани“ (Псалм 147:3). Ако сме благодарни за Јеховината милост и за неговите подготовки да ги покрие нашите гревови преку откупната жртва на Исус, можеме со доверба да му пристапиме на Бог без и понатаму да се чувствуваме осудени. Ова може да донесе ненедминлива утеха и душевен мир.
„Никој не може да дојде кај мене [Исус Христос], ако не го привлече Таткото кој ме испрати; и јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6:44). Со помошта на својот свет дух и преку делото на проповедање на Царството, Јехова лично нѐ привлекува кон неговиот Син и ни дава надеж за вечен живот.