ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 15/3 стр. 20-25
  • Раните христијани и Мојсеевиот закон

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Раните христијани и Мојсеевиот закон
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Возбудлив развој во христијанската доктрина
  • Некои продолжиле да го следат ‚воспитувачот‘
  • Искрено застапување на различни мислења — а потоа единство!
  • Што е со еврејските христијани?
  • Бавно ја сфатиле поентата
  • Примена на лекцијата денес
  • Што значи за тебе Мојсеевиот Закон?
    Обединети во обожавањето на единствениот вистинит Бог
  • „Дојде до голема расправа“
    ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2021
  • Законот пред Христа
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 15/3 стр. 20-25

Раните христијани и Мојсеевиот закон

„Законот стана наш воспитувач кој води до Христос“ (ГАЛАТИТЕ 3:24).

1, 2. Кои биле некои користи што ги имале Израелците што внимателно го држеле Мојсеевиот закон?

ВО 1513 пр.н.е., Јехова им дал на Израелците еден законски кодекс. Му рекол на народот дека, ако го послушаат неговиот глас, Тој ќе ги благослови и тие ќе живеат среќно и задоволно (Излез 19:5, 6).

2 Тој законски кодекс, наречен и Мојсеев закон, или едноставно „Законот“, бил ‚свет и праведен и добар‘ (Римјаните 7:12). Унапредувал доблести како што се љубезност, чесност, морал и добрососедски односи (Излез 23:4, 5; Левит 19:14; Второзаконие 15:13—15; 22:10, 22). Исто така, Законот ги поттикнувал Евреите да се сакаат (Левит 19:18). Освен тоа, тие не требало да се мешаат со не⁠-​Евреите што не биле подложни на Законот ниту, пак, да земаат жени од нив (Второзаконие 7:3, 4). Како ‚ѕид‘ што ги одделувал Евреите од не⁠-​Евреите, Мојсеевиот закон спречувал Божјиот народ да се извалка со паганско размислување и обичаи (Ефешаните 2:14, 15; Јован 18:28).

3. Бидејќи никој не можел совршено да го држи Законот, какво влијание имал тој?

3 Меѓутоа, дури и најсовесните Евреи не можеле совршено да го држат Божјиот закон. Дали Јехова очекувал премногу од нив? Не. Една причина зошто на Израел му бил даден Законот била „да се направат очигледни престапите“ (Галатите 3:19). Законот ги направил искрените Евреи свесни за нивната очајничка потреба од Откупител. Кога Тој пристигнал, верните Евреи се радувале. Нивното избавување од проклетството на гревот и смртта било близу! (Јован 1:29).

4. Во која смисла Законот бил „воспитувач кој води до Христос“?

4 Мојсеевиот закон требало да биде привремена подготовка. Пишувајќи им на сохристијаните, апостол Павле го опишал како „воспитувач кој води до Христос“ (Галатите 3:24). Еден воспитувач од старо време ги придружувал децата до училиште и назад. Тој обично не бил учителот; само ги водел децата кај учителот. Слично на тоа, Мојсеевиот закон бил наменет да ги води богобојазливите Евреи до Христос. Исус ветил дека тој ќе биде со своите следбеници „во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:20). Според тоа, штом било формирано христијанското собрание, овој „воспитувач“ — Законот — повеќе не бил потребен (Римјаните 10:4; Галатите 3:25). Но, некои еврејски христијани не ја сфатиле веднаш оваа многу важна вистина. Како резултат на тоа, тие продолжиле да се држат за некои аспекти од Законот дури и по воскресението на Исус. Други, пак, го преиначиле своето размислување. На тој начин, дале добар пример за нас денес. Да видиме како.

Возбудлив развој во христијанската доктрина

5. Какви упатства добил Петар во една визија, и зошто бил шокиран?

5 Во 36 н.е., христијанскиот апостол Петар добил една впечатлива визија. Во таа прилика еден глас од небото му заповедал да заколе и да јаде птици и животни што според Законот се сметале за нечисти. Петар бил шокиран! Тој никогаш ‚немал јадено нешто валкано и нечисто‘. Но, гласот му рекол: „Престани да го викаш валкано она што Бог го исчистил“ (Дела 10:9—15). Наместо круто да се држи за Законот, Петар го преиначил своето гледиште. Ова го довело до едно неверојатно откритие во врска со Божјите намери.

6, 7. Што му помогнало на Петар да заклучи дека сега може да им проповеда на не⁠-​Евреите, и до какви натамошни заклучоци веројатно дошол?

6 Еве што се случило. Тројца луѓе дошле во куќата каде што бил сместен Петар за да го замолат да појде со нив во домот на еден богобојазлив необрежан не⁠-​Евреин по име Корнелиј. Петар ги поканил овие луѓе внатре и ги угостил. Бидејќи го сфатил значењето на визијата, следниот ден Петар отишол со нив во домот на Корнелиј. Таму дал темелно сведоштво во врска со Исус Христос. Во таа прилика, Петар изјавил: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“. Не само Корнелиј туку и неговите роднини и блиски пријатели покажале вера во Исус и ‚светиот дух слегол на сите кои ја слушале речта‘. Увидувајќи дека Јехова ги водел работите, Петар ‚им заповедал да се крстат во името на Исус Христос‘ (Дела 10:17—48).

7 Што му помогнало на Петар да заклучи дека не⁠-​Евреите што не биле подложни на Мојсеевиот закон сега можеле да станат следбеници на Исус Христос? Духовната проникливост. Бидејќи Бог покажал дека ги одобрува необрежаните не⁠-​Евреи на тој начин што го излеал својот дух врз нив, Петар согледал дека можат да бидат прифатени за крштавање. Во исто време, Петар најверојатно сфатил дека Бог не очекува нееврејските христијани да го држат Мојсеевиот закон како услов за крштавање. Да си живеел тогаш, дали ќе си бил подеднакво спремен како Петар да го преиначиш твоето гледиште?

Некои продолжиле да го следат ‚воспитувачот‘

8. Какво гледиште за обрежувањето, кое било поинакво од гледиштето на Петар, застапувале некои христијани што живееле во Ерусалим, и зошто?

8 Откако заминал од домот на Корнелиј, Петар отишол во Ерусалим. До тамошното собрание пристигнала веста дека необрежани не⁠-​Евреи „ја примиле речта Божја“ и некои еврејски ученици биле вознемирени поради тоа (Дела 11:1—3). Иако признавале дека не⁠-​Евреите можат да станат Исусови следбеници, „поборниците на обрежувањето“ инсистирале овие луѓе од нееврејските нации да го држат Законот за да се спасат. Од друга страна, пак, во подрачјата што претежно биле населени со не⁠-​–Евреи и каде што имало малку нееврејски христијани, обрежувањето не било спорно прашање. Овие две гледишта продолжиле да постојат околу 13 години (1. Коринќаните 1:10). Каков само испит мора да било ова за тие рани христијани — особено за не⁠-​Евреите што живееле во еврејски подрачја!

9. Зошто било многу важно да се реши спорното прашање за обрежувањето?

9 Ова спорно прашање конечно достигнало кулминација во 49 н.е., кога христијаните од Ерусалим дошле во Сириска Антиохија, каде што проповедал Павле. Тие почнале да поучуваат дека нееврејските преобратеници мораат да се обрежуваат според Законот. Таму се појавиле не мал раздор и расправија меѓу нив и Павле и Варнава! Ако не се решело ова спорно прашање, некои христијани, сеедно дали од еврејско или од нееврејско потекло, ќе се спрепнеле. Затоа, биле направени подготовки Павле и неколкумина други да појдат во Ерусалим и да го замолат христијанското водечко тело да го реши ова спорно прашање еднаш засекогаш (Дела 15:1, 2, 24).

Искрено застапување на различни мислења — а потоа единство!

10. Кои се некои точки што ги разгледало водечкото тело пред да донесе одлука во врска со статусот на не⁠-​Евреите?

10 Изгледа дека на тој состанок што бил свикан некои аргументирале во прилог на обрежувањето, додека други изнесувале спротивно гледиште. Но, не надвладеале емоциите. По долга расправија, апостолите Петар и Павле ги опишале знаците што Јехова ги извршил меѓу необрежаните. Објасниле дека Бог излеал свет дух врз необрежаните не⁠-​Евреи. Тие, всушност, прашале: ‚Дали христијанското собрание може со право да ги отфрли оние што Бог ги прифатил?‘ Потоа ученикот Јаков прочитал еден извадок од Писмото што им помогнал на сите присутни да согледаат која е Јеховината волја за таа работа (Дела 15:4—17).

11. Кој фактор не бил вклучен кога се донесувала одлука во врска со обрежувањето, и што покажува дека Јехова ја благословил таа одлука?

11 Сега сите погледи биле вперени во водечкото тело. Дали нивното еврејско потекло ќе ја искриви нивната одлука во прилог на обрежувањето? Не. Овие верни мажи биле одлучни да го следат Писмото и водството на Божјиот свет дух. Откако ги сослушало сите релевантни искази, водечкото тело еднодушно се согласило дека нема потреба нееврејските христијани да се обрежуваат и да бидат под Мојсеевиот закон. Кога браќата чуле за тоа, се израдувале и бројот на собранијата почнал ‚да расте од ден на ден‘. Оние христијани што се подложиле на јасното теократско водство биле благословени со убедлив, библиски одговор (Дела 15:19—23, 28, 29; 16:1—5). Сепак, едно важно прашање останало неодговорено.

Што е со еврејските христијани?

12. Кое прашање останало нерешено?

12 Водечкото тело јасно покажало дека нееврејските христијани не треба да се обрежуваат. Но, што е со еврејските христијани? Одлуката на водечкото тело не го опфатила конкретно овој аспект од прашањето.

13. Зошто било погрешно да се тврди дека за спасение требало да се држи Мојсеевиот закон?

13 Некои еврејски христијани што биле „ревносни за Законот“ продолжиле да ги обрежуваат своите деца и да држат извесни аспекти од Законот (Дела 21:20). Други оделе уште подалеку и инсистирале дека е потребно еврејските христијани да го држат целиот Закон за да се спасат. Но, биле во голема заблуда. На пример, како можел некој христијанин да принесе животинска жртва за простување на гревовите? Поради Христовата жртва таквите жртви станале непотребни. А што е со барањето на Законот Евреите да избегнуваат блиско дружење со не⁠-​Евреите? Би било многу тешко ревносните христијански евангелизатори да се држат за тие ограничувања, а сепак да го извршуваат налогот да ги поучуваат не⁠-​Евреите за сѐ што ги поучил Исус (Матеј 28:19, 20; Дела 1:8; 10:28).a Не постојат докази дека оваа работа била разјаснета на некој состанок на водечкото тело. Сепак, собранието не било оставено без помош.

14. Какво водство во поглед на Законот дале инспирираните писма на Павле?

14 Водство не дошло во облик на писмо од водечкото тело туку во облик на други инспирирани писма што ги напишале апостолите. На пример, апостол Павле им испратил силна порака на Евреите и на не⁠-​–Евреите што живееле во Рим. Во своето писмо до нив, тој објаснил дека вистински Евреин „е оној кој е тоа однатре, и неговото обрежување е обрежување на срцето по дух“ (Римјаните 2:28, 29). Во истото писмо, Павле употребил една илустрација за да докаже дека христијаните повеќе не биле под Законот. Тој образложил дека една жена не може истовремено да биде во брак со двајца мажи. Но, ако умрел нејзиниот сопруг, таа била слободна да се премажи. Потоа Павле ја објаснил примената на оваа илустрација покажувајќи дека помазаните христијани не можеле да бидат подложни на Мојсеевиот закон и истовремено да му припаѓаат на Христос. Тие морале да ‚бидат усмртени што се однесува до Законот‘ за да можат да бидат обединети со Христос (Римјаните 7:1—5).

Бавно ја сфатиле поентата

15, 16. Зошто некои еврејски христијани не ја сфатиле поентата во врска со Законот, и што покажува тоа за потребата да се остане духовно буден?

15 Резонирањето на Павле во поглед на Законот не можело да се побие. Тогаш, зошто некои еврејски христијани не ја сфатиле поентата? Една причина била тоа што им недостигала духовна проникливост. На пример, тие го запоставиле земањето на цврста духовна храна (Евреите 5:11—14). Исто така, не присуствувале редовно на христијанските состаноци (Евреите 10:23—25). Друга причина зошто некои не ја сфатиле поентата можеби била поврзана со природата на самиот Закон. Тој бил сосредоточен на работи што можеле да се видат, да се почувствуваат и да се допрат, како што се храмот и свештенството. На некој што му недостигала духовност му било полесно да го прифати Законот отколку да ги прифати подлабоките начела на христијанството, кои биле сосредоточени на стварности што не се гледаат (2. Коринќаните 4:18).

16 Во своето писмо до Галатите, Павле изнел уште една причина зошто некои што изјавувале дека се христијани горливо сакале да го држат Законот. Тој објаснил дека овие луѓе сакале да бидат угледни во очите на другите, како членови на главна религија. Наместо да бидат поинакви во околината, тие биле спремни да направат речиси секаков компромис за да се вклопат во неа. Биле позаинтересирани да стекнат одобрување од луѓе отколку да стекнат одобрување од Бог (Галатите 6:12).

17. Кога станало совршено јасно кое е исправното гледиште во врска со држењето на Законот?

17 Проникливите христијани што внимателно ги проучиле божествено инспирираните списи на Павле и на другите, извлекле исправни заклучоци во врска со Законот. Меѓутоа, дури во 70 н.е. на сите еврејски христијани им станало непогрешливо јасно кое е исправното гледиште за Мојсеевиот закон. Тоа се случило кога Бог дозволил да бидат уништени Ерусалим, неговиот храм и документите што се однесувале на свештенството. Поради ова станало невозможно некој да ги држи сите аспекти на Законот.

Примена на лекцијата денес

18, 19. а) Какви ставови мораме да усвоиме и какви ставови мораме да избегнуваме за да останеме духовно здрави? б) Што нѐ учи примерот на Павле во врска со следењето на водството што го добиваме од одговорните браќа? (Види ја рамката на 24. страница.)

18 Откако ги разгледа овие настани што се случиле одамна, можеби се прашуваш: ‚Да сум живеел во тоа време, како ќе сум реагирал додека Божјата волја постепено била разоткривана? Дали круто ќе сум се држел за традиционалните гледишта? Или, пак, ќе сум бил стрплив сѐ додека не станело јасно кое е исправното разбирање? А кога ќе станело јасно, дали со сето срце ќе сум го поддржувал?‘

19 Се разбира, не можеме со сигурност да знаеме како ќе сме реагирале да сме живееле во тоа време. Но, би можеле да се запрашаме: ‚Како реагирам кога денес се изнесуваат разјаснувања во разбирањето на Библијата? (Матеј 24:45). Кога се дава библиско водство, дали се трудам да го применам, држејќи се не само за словото на законот туку и за неговиот дух? (1. Коринќаните 14:20). Дали стрпливо чекам на Јехова кога ми се чини дека некои прашања остануваат неодговорени подолго време?‘ За „никогаш да не отпловиме“, многу е важно добро да ја користиме духовната храна што денес ни стои на располагање (Евреите 2:1). Внимателно да слушаме кога Јехова дава водство преку својата Реч, преку својот дух и преку својата земна организација. Ако го правиме тоа, Јехова ќе нѐ благослови со бескраен живот, кој ќе биде и среќен и задоволувачки.

[Фуснота]

a Додека Петар бил во Сириска Антиохија, уживал во срдечно дружење со нееврејските верници. Меѓутоа, кога еврејските христијани пристигнале од Ерусалим, Петар ‚почнал да се повлекува и да се одвојува, во страв од оние од класата на обрежаните‘. Можеме да си замислиме колку мора да биле повредени тие нееврејски преобратеници кога почитуваниот апостол одбил да јаде со нив (Галатите 2:11—13).

Како би одговорил?

• Во кој поглед Мојсеевиот закон бил како „воспитувач кој води до Христос“?

• Како ги објаснуваш разликите во начинот на кој Петар и „поборниците на обрежувањето“ реагирале на преиначувањата во разбирањето на вистината?

• Што научи за начинот на кој Јехова ја открива вистината денес?

[Рамка/слика на страница 24]

Павле постапува понизно при еден испит

По едно успешно мисионерско патување, Павле пристигнал во Ерусалим во 56 н.е. Таму го чекал еден испит. До собранието стигнала веста дека тој поучувал дека Законот бил укинат. Старешините се плашеле новопреобратените еврејски христијани да не се спрепнат поради тоа што Павле толку отворено зборувал за Законот и да не заклучат дека христијаните немаат доволно почит кон Јеховините подготовки. Во собранието имало четворица еврејски христијани што дале завет, можеби назорејски завет. Тие морале да одат во храмот за да ги извршат барањата на заветот.

Старешините го замолиле Павле да појде со четворицата во храмот и да се погрижи за нивните трошоци. Павле имал напишано најмалку две инспирирани писма во кои образложил дека држењето на Законот не било барање за спасение. Меѓутоа, тој ја зел во обѕир совеста на другите. Пред тоа имал напишано: „На оние кои се без закон им станав како без закон . . . за да ги придобијам оние кои се без закон“ (1. Коринќаните 9:20—23). Иако никогаш не правел компромис кога станувало збор за битни начела од Писмото, Павле сметал дека може да го прифати предлогот на старешините (Дела 21:15—26). Не било погрешно да го направи тоа. Немало ништо небиблиско во подготовката за завети, и храмот се користел за чисто обожавање, а не за идолопоклонство. Затоа, за да не даде повод за спрепнување, Павле го направил тоа што се барало од него (1. Коринќаните 8:13). За ова несомнено била потребна голема понизност од страна на Павле, факт што уште повеќе го продлабочува нашето ценење за него.

[Слика на страници 22 и 23]

Повеќе години, меѓу христијаните постоеле различни гледишта за Мојсеевиот закон

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели