Дај им утеха на оние што жалат
„Јехова ме помаза . . . да ги утешам сите жалосни“ (ИСАИЈА 61:1, 2, NW).
1, 2. Кому треба да му даваме утеха, и зошто?
ЈЕХОВА, Богот на вистинската утеха, нѐ учи да покажуваме грижа кога другите доживуваат несреќи. Тој нѐ поучува ‚да им зборуваме утешно на депримираните души‘ и да ги тешиме сите што се жалосни (1. Солуњаните 5:14). Кога на сообожавателите им е потребна таква помош, ние им ја даваме. Исто така, покажуваме љубов кон оние што не се дел од собранието, па дури и кон оние што во минатото можеби никогаш не покажале никаква љубов кон нас (Матеј 5:43—48; Галатите 6:10).
2 Исус Христос го прочитал и го применил на себе пророчкиот налог: „Духот на Суверениот Господ Јехова е на мене затоа што Јехова ме помаза да им ја објавувам добрата вест на кротките. Ме испрати да ги превијам оние со скршени срца . . . да ги утешам сите жалосни“ (Исаија 61:1, 2, NW; Лука 4:16—19). Денешните помазани христијани одамна сфатиле дека овој налог важи и за нив, а ‚другите овци‘ радосно им се придружуваат во тоа дело (Јован 10:16).
3. Како би можеле да им помогнеме на луѓето кога ќе прашаат „Зошто Бог допушта несреќи?“
3 Кога ќе се случи катастрофа и луѓето се во длабока болка и очај, тие честопати прашуваат „Зошто Бог допушта несреќи?“ Библијата дава јасен одговор на ова прашање. Меѓутоа, можеби на некој што не ја проучувал Библијата ќе му треба време сосема да го разбере одговорот. Публикациите на Јеховините сведоци можат да му помогнат во тоа.a Меѓутоа, се покажало дека за некои луѓе, за почеток, било утешно и самото тоа што во Библијата виделе некој стих како што се стиховите од Исаија 61:1, 2, бидејќи тие покажуваат дека Бог има желба луѓето да добијат утеха.
4. Како можела една девојка Сведок од Полска да ѝ помогне на една очајна соученичка, и како може тоа искуство да ти помогне тебе да им помагаш на другите?
4 И на младите и на постарите им е потребна утеха. Една депримирана тинејџерка од Полска побарала совет од една своја познаничка. Со љубезно потпрашување, пријателката, која е Јеховин сведок, дознала дека девојката била преплавена со прашања и сомневања: ‚Зошто постои толкава злоба? Зошто луѓето страдаат? Зошто страда мојата парализирана сестра? Зошто имам болест на срцето? Црквата вели дека Бог сака да биде така. Но, ако тоа е точно, ќе престанам да верувам во него!‘ Девојката Сведок му се помолила во себе на Јехова, и потоа рекла: „Мило ми е што ме праша за тоа. Ќе се обидам да ти помогнам“. Таа раскажала дека како дете и самата имала сомневања и дека Јеховините сведоци ѝ помогнале. Објаснила: „Дознав дека Бог не го предизвикува страдањето на луѓето. Тој ги сака, им го посакува само најдоброто и наскоро ќе донесе големи промени на земјата. Болеста, проблемите на староста и смртта ќе ги нема повеќе, а послушните луѓе ќе живеат засекогаш — токму овде, на оваа планета“. Ѝ ги покажала на девојката стиховите од Откровение 21:3, 4; Јов 33:25; Исаија 35:5—7 и 65:21—25. По долга дискусија, со видливо олеснување девојката рекла: „Сега знам зошто живеам. Може ли пак да се видиме?“ Со неа се водела библиска студија двапати седмично.
Со утехата што ја дава Бог
5. Кога изразуваме сочувство, што ќе даде вистинска утеха?
5 Кога се трудиме да ги утешиме другите, секако дека е на место да кажеме зборови на сочувство. Со нашите зборови и со тонот на гласот настојуваме да му покажеме на ужаленото лице дека сме длабоко загрижени за неговата ситуација. Ова нема да го постигнеме ако кажуваме само плитки фрази. Библијата ни вели ‚да имаме надеж преку својата истрајност и преку утехата од Писмото‘ (Римјаните 15:4). Со оглед на ова, во погоден момент можеме да објасниме што е Божјето царство и можеме да покажеме на темел на Библијата како тоа ќе ги реши сегашниве проблеми. Потоа можеме да образложиме зошто таа надеж е сигурна. На тој начин ќе дадеме утеха.
6. За луѓето да извлечат потполна корист од утехата во Писмото, што би требало да им помогнеме да сфатат?
6 За да извлече потполна корист од утехата што му е дадена, едно лице треба да го познава вистинскиот Бог, каква Личност е тој и колку се веродостојни неговите ветувања. Кога се трудиме да му помогнеме на некое лице што сѐ уште не е обожавател на Јехова, добро е да ги објасниме следниве мисли: 1) Утехата што се наоѓа во Библијата е од Јехова, вистинскиот Бог. 2) Јехова е Семоќен, Творец на небото и на Земјата. Тој е Бог на љубовта и обилен е во оддадена љубезност и вистина. 3) Можеме да бидеме зајакнати да се справиме со различни ситуации ако му се приближиме на Бог стекнувајќи точно спознание од неговата Реч. 4) Библијата содржи стихови што се однесуваат на конкретни испити со кои се соочуваат различни поединци.
7. а) Што може да се постигне ако се нагласи дека утехата што ја дава Бог ‚изобилува преку Христос‘? б) Како би можел да утешиш некого што сфаќа дека постапувал лошо?
7 Некои ги охрабриле и ги утешиле ужалените што веќе се запознати со Библијата на тој начин што им ги прочитале стиховите од 2. Коринќаните 1:3—7. При тоа го нагласиле изразот „изобилува и утехата што ја добиваме преку Христос“. Овој стих може да му помогне на едно лице да сфати дека Библијата е извор на утеха на кој треба да му обрне поголемо внимание. Исто така, може да даде основа за натамошна дискусија, можеби во некоја друга прилика. Ако едно лице смета дека неговите неволји се резултат на лошите работи што ги правел, тогаш би можеле да му кажеме, без да го судиме, дека е утешно да се знае што е запишано во 1. Јованово 2:1, 2 и Псалм 103:11—14. На овој начин вистински ги тешиме другите со утехата што ја дава Бог.
Кога животот носи лузни од насилство или од економски тешкотии
8, 9. Како може на соодветен начин да им се даде утеха на луѓето што трпат насилство?
8 Животите на милиони луѓе носат лузни од насилство — насилничките злосторства во околината или насилството на војната. Како можеме да ги утешиме таквите луѓе?
9 Вистинските христијани водат сметка да не застанат, ниту со зборови ниту со дела, на страната на една или друга фракција во конфликтите во светот (Јован 17:16). Но, соодветно ја користат Библијата за да покажат дека сегашниве тешки услови нема да траат засекогаш. Можат да прочитаат Псалм 11:5 за да покажат како гледа Јехова на оние што го сакаат насилството или, пак, Псалм 37:1—4 за да посочат на тоа дека Бог нѐ поттикнува да не си земаме за право да вратиме со иста мера туку да имаме доверба во него. Зборовите од Псалм 72:12—14 покажуваат како Поголемиот Соломон, Исус Христос, кој сега владее како небесен Цар, гледа на недолжните луѓе што трпат насилство.
10. Ако со години си живеел во војна, како можат да те утешат наведените стихови?
10 Некои луѓе преживеале многу конфликти додека завојувани фракции се бореле за власт. За нив е нормално војната и нејзините последици да бидат дел од животот. Единствена надеж гледаат во тоа дека можеби ќе им биде подобро ако избегаат во друга земја. Но, повеќето од нив никогаш не успеваат во тоа, а некои од оние што се обиделе, при тоа го изгубиле животот. Оние што сепак ќе стигнат во друга земја, честопати увидуваат дека едноставно замениле едни проблеми со други. Може да се искористи Псалм 146:3—6 за да им се помогне на таквите луѓе да ја положат својата надеж во нешто многу посигурно од иселувањето. Пророштвото од Матеј 24:3, 7, 14 или 2. Тимотеј 3:1—5 би можело да им помогне да добијат поцелосна слика за работите и да го сфатат значењето на условите што ги поднесуваат, имено, дека живееме во завршетокот на стариот систем на работи. Стиховите како што се Псалм 46:1—3, 8, 9 и Исаија 2:2—4 би можеле да им помогнат да сфатат дека навистина постои надеж за една мирољубива иднина.
11. Кои стихови утешиле една жена од Западна Африка, и зошто?
11 Во текот на еден период на постојана војна во Западна Африка, една жена избегала од дома под дожд од куршуми. Животот ѝ се исполнил со страв, тага и длабоко разочарување. Подоцна, додека со семејството живеела во друга земја, сопругот одлучил да го запали венчалниот документ, да ја истера својата бремена сопруга и нивниот 10-годишен син, и да стане свештеник. Кога ѝ биле прочитани стиховите од Филипјаните 4:6, 7 и Псалм 55:22, како и библиски статии од Стражарска кула и Разбудете се!, таа конечно нашла утеха и смисла во животот.
12. а) Какво олеснување им дава Писмото на оние што се притиснати во економски поглед? б) Како успеала една жена Сведок од Азија да ѝ помогне на некоја муштерика?
12 Економскиот крах ги уништил животите на милиони луѓе. Понекогаш и тоа се должи на војната и нејзините последици. Но, во други случаи, немудрата владина политика, заедно со алчноста и нечесноста на оние што се на власт, ги збришала заштедите на луѓето и ги присилила да ги напуштат своите поседи. Други, пак, никогаш немале многу од добрата на овој свет. Сите тие можат да бидат утешени од сознанието за Божјето уверување дека тој ќе им донесе олеснување на оние што имаат доверба во него и дека гарантира еден праведен свет во кој луѓето ќе уживаат во делото на своите раце (Псалм 146:6, 7; Исаија 65:17, 21—23; 2. Петрово 3:13). Кога една жена Сведок од една азиска земја чула како некоја муштерика изразува тегобна загриженост поради тамошната економска ситуација, таа ѝ објаснила дека она што се случува таму е дел од еден образец на настани што се случуваат низ целиот свет. Дискусијата за Матеј 24:3—14 и Псалм 37:9—11 водела до редовна библиска студија.
13. а) Кога луѓето се разочарани од празни ветувања, како би можеле да ја употребиме Библијата за да им помогнеме? б) Ако луѓето мислат дека лошите услови се доказ дека не постои Бог, како би можел да се обидеш да резонираш со нив?
13 Кога луѓето страдаат многу години или, пак, се разочарани од многубројни празни ветувања, можеби стануваат како Израелците во Египет, кои не слушале „поради обесхрабрување“ (Излез 6:9, NW). Во такви случаи може да биде корисно да се истакне на кој начин Библијата може да им помогне успешно да се справат со сегашниве проблеми и да ги избегнат стапиците што непотребно ги уништуваат животите на многу луѓе (1. Тимотеј 4:8б). Некои можеби сметаат дека лошите услови под кои живеат се доказ дека не постои Бог или дека тој не се грижи за нив. Би можел да резонираш за соодветни стихови за да им помогнеш да сфатат дека Бог нуди помош, но дека мнозина не ја прифаќаат (Исаија 48:17, 18).
Кога се соочени со бури и земјотреси
14, 15. Кога мнозина биле во шок по една катастрофа, како Јеховините сведоци ја покажале својата грижа?
14 Некоја бура, земјотрес, пожар или експлозија може да предизвика катастрофа. Можеби сите многу жалат. Што да се стори за да им се даде утеха на преживеаните?
15 На луѓето им е потребно да знаат дека некој се грижи. По терористичкиот напад во една земја, мнозина биле во шок. Некои од нив изгубиле членови од семејството, хранители, пријатели, вработување или какво и да е чувство на сигурност што мислеле дека го имаат. Јеховините сведоци им помогнале на таквите во својата средина, изразувајќи сочувство за нивните големи загуби и кажувајќи им зборови на утеха од Библијата. Мнозина биле длабоко благодарни за таквата грижа.
16. Зошто службата на теренот на локалните Сведоци била многу делотворна кога се случила катастрофа во еден регион на Ел Салвадор?
16 Во Ел Салвадор, по еден силен земјотрес во 2001 следело масивно лизгање на земјиштето, при што биле однесени многу животи. Загинал 25-годишниот син на една жена Сведок и двете сестри на неговата свршеничка. Мајката на овој млад човек и неговата свршеничка веднаш се ангажирале во службата на теренот. Мнозина им рекле дека Бог ги зел оние што умреле или дека тоа било Божја волја. Сведоците цитирале од Пословици 10:22 за да покажат дека Бог не сака да трпиме болка. Прочитале во Римјаните 5:12 за да покажат дека смртта дошла преку гревот на човекот, а не затоа што била Божја волја. Исто така, посочиле на утешната порака од Псалм 34:18, Псалм 37:29, Исаија 25:8 и Откровение 21:3, 4. Луѓето спремно слушале, особено затоа што обете жени и самите изгубиле некого од семејството во катастрофата, и биле започнати многу библиски студии.
17. Каква помош можеме да дадеме во случај на катастрофа?
17 Кога ќе се случи катастрофа, можеби ќе сретнеш некого на кого веднаш му треба физичка помош. Можеби ќе треба да повикаш лекар, да му помогнеш на некое лице да појде в болница или да сториш сѐ што можеш за да му се обезбеди храна и кров над глава. Во 1998, за време на една таква катастрофа во Италија, еден новинар забележал дека Јеховините сведоци „дејствуваат на практичен начин, подавајќи им рака на оние што страдаат без да водат сметка за тоа на која религија ѝ припаѓаат“. На некои места, настаните што се проречени за последните денови предизвикуваат големо страдање. Таму Јеховините сведоци укажуваат на библиските пророштва и ги тешат луѓето со библиското уверување дека Божјето Царство ќе донесе вистинска сигурност за човештвото (Пословици 1:33; Михеј 4:4).
Кога умрел некој член од семејството
18-20. Ако во некое семејство има смртен случај, што би можел да речеш или да направиш за да дадеш утеха?
18 Секој ден милиони луѓе жалат поради смртта на некој сакан. Можеби ќе сретнеш луѓе што се ужалени додека учествуваш во христијанската служба или додека ги извршуваш секојдневните работи. Кои твои зборови или постапки ќе им донесат утеха?
19 Дали лицето е емоционално вознемирено? Дали куќата е полна со ужалени роднини? Можеби би сакал да кажеш многу работи, но важно е да бидеш тактичен (Проповедник 3:1, 7). Можеби сѐ што треба да направиш е да изразиш сочувство, да оставиш соодветна библиска публикација (брошура, списание или трактат), а потоа да навратиш по неколку дена за да видиш како можеш да дадеш натамошна помош. Во некој погоден момент, пренеси некои охрабрувачки мисли од Библијата. Тоа може да смири и да дејствува како лек (Пословици 16:24; 25:11). Ти не можеш да ги воскреснеш мртвите, како што правел Исус. Но, можеш да кажеш што вели Библијата за состојбата во која се наоѓаат, иако можеби не е време да се обидуваш да побиеш погрешни гледишта (Псалм 146:4; Проповедник 9:5, 10; Езекиел 18:4, NW). Можете заедно да ги прочитате библиските ветувања во врска со воскресението (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Би можеле да дискутирате што значат тие, по можност користејќи библиски извештај за некое воскресение (Лука 8:49—56; Јован 11:39—44). Исто така, сврти внимание на особините на Бог кој е полн со љубов и кој ни ја дава таа надеж (Јов 14:14, 15; Јован 3:16). Објасни каква корист си извлекол ти од овие учења и зошто имаш доверба во нив.
20 Со тоа што ќе го поканиме ужалениот во Салата на Царството, можеме да му помогнеме да запознае луѓе што вистински ги сакаат своите ближни и што знаат како да се изградат еден со друг. Една жена од Шведска сфатила дека цел живот го барала токму тоа (Јован 13:35; 1. Солуњаните 5:11).
21, 22. а) Што се бара од нас за да дадеме утеха? б) Како можеш да утешиш некого што веќе добро го знае Писмото?
21 Кога знаеш дека некој е ужален, сеедно дали во или надвор од христијанското собрание, дали понекогаш се чувствуваш несигурен во поглед на тоа што да речеш или што да направиш? Грчкиот збор што во Библијата честопати се преведува со „утеха“ дословно значи „да повикаш некого крај себе“. Да бидеш вистински утешител значи да им се ставиш на располагање на оние што жалат (Пословици 17:17).
22 Што ако лицето кое сакаш да го утешиш веќе знае што вели Библијата за смртта, за откупот и за воскресението? И самото присуство на пријател што ги има истите верувања може да биде утешно. Ако сака да зборува, биди добар слушател. Немој да мислиш дека треба да одржиш предавање. Ако читате стихови, гледај на нив како на Божји зборови што ги зајакнуваат срцата на обајцата. Изрази го гласно силното уверување што обајцата го имате во сигурноста на она што го ветуваат тие стихови. Со тоа што ќе одразуваш побожно сочувство и ќе ги споделуваш скапоцените вистини што ги содржи Божјата реч, ќе можеш да им помогнеш на оние што жалат да добијат утеха и сила од Јехова, „Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3).
[Фуснота]
a Види ги книгите Спознание кое води до вечен живот, 8. поглавје; Расправљање на темељу Писма, страници 133—137, 282—289; Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, 10. поглавје; и брошурата Се грижи ли Бог навистина за нас?
Како би коментирал?
• Кого го обвинуваат многу луѓе за несреќите и како можеме да им помогнеме?
• Што би можеле да направиме за да им помогнеме на другите да извлечат потполна корист од утехата што ја дава Библијата?
• Кои ситуации жалостат многу луѓе во твоето место и како можеш да ги утешиш?
[Слики на страница 23]
Пораката на вистинска утеха се споделува во време на неволја
[Извор на слика]
Камп за бегалци: ФОТОГРАФИЈА НА ОН 186811/J. Isaac
[Слика на страница 24]
И самото присуство на некој пријател може да биде утешно