Кадење темјан — има ли место во вистинското обожавање?
„БОГОВИТЕ сакаат мириси.“ Ова била вообичаена изрека кај древните Египќани. За нив, кадењето темјан опфаќало голем дел од нивното обожавање. Верувајќи дека боговите се близу, Египќаните секојдневно каделе темјан во своите храмови и на домашните олтари, па дури и кога работеле. И други нации имале слични обичаи.
Што е темјан? Овој израз се однесува на чадот или на материјата што согорува. Составен е од ароматични смоли и каучук, како што се белиот темјан и балсамот. Тие се толчат во прав и честопати се мешаат со други материи како што се зачини, кора од дрво и цвеќе за да се создадат одредени мириси за конкретна употреба.
Темјанот бил толку пожелна, а со тоа и вредна стока во древните времиња, што неговите состојки станале важни трговски артикли. Караваните што оделе по трговските патишта ги носеле овие артикли од далечни земји. Можеби се сеќаваш дека младиот син на Јаков, Јосиф, бил продаден на некои исмаилски трговци што ‚доаѓале од Галад. Нивните камили носеле: мириси, балсами и смирна, за да ги препродадат во Египет‘ (Битие 37:25). Побарувачката на темјан станала толку голема што трговскиот пат на белиот темјан, кој без сомнение го започнале трговците со темјан, довел до тоа повеќе да се патува од Азија во Европа и обратно.
Темјанот сѐ уште се принесува во церемониите и ритуалите на многу религии денес. Освен тоа, сѐ повеќе луѓе избираат да кадат темјан во своите домови едноставно за да уживаат во неговата пријатна арома. Како треба христијаните да гледаат на кадењето темјан? Дали за Бог тоа е нешто прифатливо во обожавањето? Да испитаме што има да каже Библијата на таа тема.
„Светина за Господа“
Кај древните Израелци, кадењето темјан имало значајна улога во должностите на свештениците во табернакулот. Cyclopedia на Меклинток и Стронг вели: „Навистина, кадењето темјан кај Евреите изгледа се сметало за толку важен чин на обожавање или свет принос што никаде не можеме да прочитаме за друга употреба на темјанот кај нив освен оваа“.
Јехова Бог одредил четири состојки што треба да се измешаат и да се кадат во табернакулот: „Набави мириси: стакта, оникс и халван. Од овие мириси и од чист темјан, сѐ во еднакви делови, направи темјан за кадење, смеса од мириси каква што прави мирисоправачот, измиена, чиста, света. Од тоа столчи малку на ситно во прав и еден дел стави пред Сведоштвото, во Шаторот на средбата“ (Излез 30:34—36). Изучувачите укажуваат дека рабинските Евреи подоцна додале и други состојки за употреба во храмот.
Темјанот што се кадел во табернакулот бил свет, и се користел исклучително во обожавањето на Бог. Јехова заповедал: „Темјанот што ќе го направиш според овој состав, не смеете да го правите за своја употреба. Тоа нека ти биде светина за Господа! Кој ќе си направи нешто такво за да му мириса, нека биде истребен од својот народ“ (Излез 30:37, 38). На одреден жртвеник, свештениците каделе темјан двапати на ден (2. Летописи 13:11). А на Денот на искупување, првосвештеникот кадел темјан во Светината над светините (Левит 16:12, 13).
За Бог не биле прифатливи сите приноси на темјан. Тој ги казнил несвешетениците што дрско принеле темјан како да се свештеници (Броеви 16:16—18, 35—40; 2. Летописи 26:16—20). Темјанот што го принесувала еврејската нација бил навреда за Јехова кога таа во исто време се впуштала во лажно обожавање и ги валкала рацете со крв. Нивното лицемерство довело до тоа Јехова да рече: „Кадењето е одвратно за мене“ (Исаија 1:13, 15, ПСП). Израелците толку го запоставиле обожавањето одредено од Јехова што го затвориле храмот и каделе темјан на други жртвеници (2. Летописи 28:24, 25). Со години подоцна светитот темјан се користел дури и во изопачено обожавање на лажни богови. Таквите практики му биле гадни на Јехова (Езекиел 16:2, 17, 18).
Темјанот и раните христијани
Сојузот на законот, што ги вклучувал и свештеничките прописи за принесување свет темјан, завршил кога Христос го вовел новиот закон во 33 н.е. (Колошаните 2:14). Нема ниеден запис дека раните христијани каделе темјан за религиозни цели. Во врска со ова, Cyclopedia на Меклинток и Стронг вели: „Сигурно е дека [раните христијани] не користеле темјан. Всушност, неговото користење било знак на паганство . . . Неколку зрна темјан што некој поклоник ги фрлал на пагански жртвеник претставувало чин на обожавање“.
Раните христијани, исто така, одбивале да кадат темјан за да ја признаат „божественоста“ на римскиот император, иако тоа можело да ги чини живот (Лука 4:8; 1. Коринќаните 10:14, 20). Со оглед на идолопоклоничката употреба на темјанот во тоа време, не изненадува тоа што раните христијани не се впуштале дури ни во трговијата со темјан.
Кадењето темјан денес
Како се користи темјанот денес? Во многу цркви на христијанскиот свет темјанот се принесува во церемонии и во литургија. Многу азиски семејства кадат темјан во храмови или пред домашни олтари за да ги слават своите богови и за да ги заштитат мртвите. Во религиозните служби, темјанот се користи на различни начини за дезинфекција, за лекување, за прочистување и за заштита.
Неодамна, употребата на темјанот повторно заживеа дури и кај оние што не припаѓаат на никаква религија. Некои кадат темјан при медитација. Еден прирачник предлага да се користи темјан за да се достигнат „таинствени нивоа“ и „посебни сили“ надвор од физичкиот свет. За да се најдат решенија за животните проблеми, препорачува и ритуали со кадење темјан што вклучуваат контакт со „натприродни суштества“. Дали ваквите практики се за христијаните?
Јехова остро ги осудува оние што се обидуваат да ги мешаат практиките на лажната религија со вистинското обожавање. Апостол Павле цитирал од пророштвото на Исаија и го применил на христијаните, поттикнувајќи ги да се држат настрана од нечистото влијание на лажната религија. Тој напишал: „ ,Затоа, излезете од нивната средина и одвојте се‘, вели Јехова, ‚и престанете да го допирате она што е нечисто‘; ‚и јас ќе ве примам‘ “ (2. Коринќаните 6:17; Исаија 52:11). Вистинските христијани гледаат да избегнат сѐ што е поврзано со лажното обожавање или со окултизмот (Јован 4:24).
Дали тоа што темјанот се користи во религиозни церемонии и во спиритизмот значи дека секое кадење темјан е погрешно? Не секогаш. Можеби некој сака да кади темјан во својот дом како мирис едноставно за да ужива во неговата пријатна арома (Пословици 27:9). Сепак, кога одлучува дали ќе кади темјан, еден христијанин треба да земе предвид одредени фактори. Дали другите во подрачјето каде што живееш го поврзуваат користењето на темјанот со некоја практика од лажната религија? Дали во твојата средина темјанот честопати се поврзува со спиритистички ритуали? Или, дали обично се користи за нерелигиозни цели?
Ако некој избере да кади темјан, при донесувањето на одлуката ќе ги земе предвид и својата совест и чувствата на другите (1. Коринќаните 10:29). Овде важат зборовите на апостол Павле до Римјаните. Тој напишал: „Да се стремиме кон она што придонесува за мир и кон она што служи за заемно изградување. Престанете да го уривате Божјето дело само поради јадење. Вистина, сѐ е чисто, но штетно е за човекот кој јаде кога постои можност за спрепнување. Добро е да не се јаде месо, ниту да се пие вино, ниту да се прави нешто од што твојот брат се спрепнува“ (Римјаните 14:19—21).
Молитви што се „како темјан“
Принесувањето темјан кај Израелците било соодветен симбол за молитвите што ги слуша Бог. Затоа, псалмистот Давид му пеел на Јехова: „Нека се издигне мојата молитва како темјан пред Твоето лице“ (Псалм 141:2).
Верните Израелци не гледале на принесувањето темјан како на некој безначаен ритуал. Внимателно подготвувале и каделе темјан токму онака како што Јехова одредил. Наместо да користат дословен темјан, христијаните денес принесуваат молитви што одразуваат длабока благодарност и почит кон нашиот небесен Татко. Како темјанот со пријатен мирис што го принесувале свештениците во храмот, Божјата реч нѐ уверува: „Мила Му е молитвата на праведните“ (Пословици 15:8).
[Слики на страница 29]
Кадењето темјан во табернакулот и во храмот било свето
[Слика на страница 30]
Дали кадењето темјан при медитација е за христијаните?