ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 15/6 стр. 12-17
  • Имитирај го Јехова, нашиот непристрасен Бог

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Имитирај го Јехова, нашиот непристрасен Бог
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Реакции на Јеховината слава
  • Како постапувал Јехова со Авраам и со Израел
  • Исус, непристрасниот Учител
  • Позитивни ефекти
  • Да се надминат предрасудите
  • „Раширете се“
  • Исус Навин и Гаваонците
    Поуки од Библијата
  • Врвни точки од книгата Исус Навин
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Она на што се сеќавал Исус Навин
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Израелците влегуваат во Ханаан
    Библијата — која е нејзината порака?
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 15/6 стр. 12-17

Имитирај го Јехова, нашиот непристрасен Бог

„Кај Бог нема пристрасност“ (РИМЈАНИТЕ 2:11).

1, 2. а) Каква била Јеховината намера во врска со Ханаанците воопшто? б) Што направил Јехова, и кои прашања произлегуваат од тоа?

УЛОГОРЕНИ на Моавските Полиња во 1473 пр.н.е., Израелците внимателно слушале што вели Мојсеј. Од другата страна на реката Јордан ги чекал предизвик. Мојсеј ја објавил Јеховината намера Израел да ги порази седумте моќни ханаански нации што живееле во Ветената земја. Колку само успокојувачки биле зборовите на Мојсеј: „Господ, твојот Бог, ќе ти ги предаде и . . . ти ќе ги поразиш“! Израел не смеел да склучи сојуз со нив и тие не заслужувале никаква милост (Второзаконие 1:1; 7:1, 2).

2 Сепак, Јехова поштедил една фамилија од првиот град што го нападнал Израел. И луѓето од четири други града исто така ја добиле Божјата заштита. Зошто? Што учиме за Јехова од значајните настани поврзани со преживувањето на овие Ханаанци? И како можеме да го имитираме?

Реакции на Јеховината слава

3, 4. Како влијаела врз поединци од Ханаан веста за победите на Израелците?

3 Во текот на 40-те години што Израел ги поминал во пустината пред да влезе во Ветената земја, Јехова го штител и се борел за својот народ. Јужно од Ветената земја, Израел со соочил со ханаанскиот цар на Арад. Со Јеховина помош, Израелците го поразиле него и неговиот народ кај Орма (Броеви 21:1—3). Подоцна, Израел ја обиколил земјата Едом и го продолжил патот на север, североисточно од Мртвото Море. На ова подрачје, кое претходно било населено од Моавците, сега живееле Аморејците. Аморејскиот цар Сион не сакал да му дозволи на Израел да помине низ негова територија. Започнале битка кај Јаса, по сѐ изгледа северно од потокот Арнон, каде што Сион го изгубил животот (Броеви 21:23, 24; Второзаконие 2:30—33). Уште посеверно, Ог владеел над Аморејците во Васан. Иако Ог бил џин, не му бил рамен на Јехова. Ог бил убиен кај Едраин (Броеви 21:33—35; Второзаконие 3:1—3, 11). Веста за овие победи, како и извештаите за излезот на Израел од Египет, имале силно влијание врз поединци што живееле во Ханаан.a

4 Кога Израелците првпат навлегле во Ханаан откако ја преминале реката Јордан, подигнале логор во Галгал (Исус Навин 4:9—19). Недалеку од таму бил градот Ерихон, кој бил утврден со ѕидини. Она што Ханаанката Раав го чула за Јеховините дела ја поттикнало да постапи со вера. Како резултат на тоа, кога Јехова го уништил Ерихон, ја поштедил неа и оние што биле во нејзиниот дом (Исус Навин 2:1—13; 6:17, 18; Јаков 2:25).

5. Што ги навело Гаваонците да постапат со итрина?

5 Потоа, Израел тргнал од низините во близина на реката и се искачил на централните ридови на тој регион. Следејќи го водството од Јехова, Исус Навин се послужил со заседа против градот Гај (Исус Навин, 8. поглавје). Веста за поразот што следел навела многу ханаански цареви да се соберат за војна (Исус Навин 9:1, 2). Жителите на блискиот еврејски град Гаваон реагирале сосема поинаку. „Се присетија на итрина“, се раскажува во Исус Навин 9:4. Како и Раав, и тие чуле дека Јехова го избавил својот народ при излезот од Египет и кога биле поразени Сион и Ог (Исус Навин 9:6—10). Гаваонците сфатиле дека е залудно да даваат отпор. Затоа, во име на Гаваон и уште на три околни града — Кефир, Вирот и Киријат Јарим — тие испратиле кај Исус Навин во Галгал една делегација луѓе преправени како да доаѓаат од некоја далечна земја. Таквата итрина успеала. Исус Навин склучил со нив сојуз кој им гарантирал преживување. По три дена, Исус Навин и Израелците дознале дека биле измамени. Сепак, тие се заколнале во Јехова дека ќе го држат сојузот и затоа си стоеле на зборот (Исус Навин 9:16—19). Дали Јехова го одобрил тоа?

6. Како реагирал Јехова на сојузот што го склучил Исус Навин со Гаваонците?

6 На Гаваонците им било дозволено да станат дрвосечачи и да носат вода за Израелците, дури и „за Господовиот жртвеник“ во шаторот (Исус Навин 9:21—27). Освен тоа, кога пет аморејски цареви и нивните војски им се заканиле на Гаваонците, Јехова интервенирал со чудо. Градот што паѓал од небото убил повеќе непријатели отколку војските на Исус Навин. Јехова дури и одговорил на молбата на Исус Навин да застанат сонцето и месечината за поразот на непријателите да биде потполн. „Немаше таков ден ни порано ни после“, забележал Исус Навин, „така што Господ му се одѕва на човечкиот глас. Така Господ војуваше за Израел“ (Исус Навин 10:1—14).

7. Која вистина што ја признал Петар била покажана во случајот на извесни Ханаанци?

7 Ханаанката Раав и нејзиното семејство, како и Гаваонците, имале страв од Јехова и постапиле во склад со тоа. Она што се случило со нив јасно покажува една вистина што подоцна ја кажал христијанскиот апостол Петар: „Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).

Како постапувал Јехова со Авраам и со Израел

8, 9. Како Јехова покажал непристрасност во своите постапки со Авраам и со нацијата Израел?

8 Ученикот Јаков свртел внимание на Божјата незаслужена љубезност и на Неговите постапки со Авраам и неговите потомци. Авраам станал „пријател на Јехова“ поради својата вера, а не поради своето етничко потекло (Јаков 2:23). Верата на Авраам и неговата љубов кон Јехова им донеле благослови на неговите потомци (2. Летописи 20:7). Јехова му ветил на Авраам: „Ќе го излеам Својот благослов на тебе и ќе го направам твоето потомство многубројно, како ѕвезди на небото и песок на морскиот брег“. Но, забележи го ветувањето во следниот стих: „Сите народи на земјата ќе бидат благословени преку твоето потомство“ (Битие 22:17, 18; Римјаните 4:1—8).

9 Далеку од тоа да покаже пристрасност, со своите постапки со Израел Јехова покажал што може да стори за оние кои му се послушни. Таквите постапки се пример за тоа како Јехова покажува лојална љубов кон своите верни слуги. Иако Израел бил „посебна сопственост“ на Јехова, тоа не значело дека другите луѓе не можеле да ја искусат Божјата добрина (Излез 19:5; Второзаконие 7:6—8). Точно, Јехова го откупил Израел од ропството во Египет и потоа изјавил: „Само вас ве познав меѓу сите земни племиња“. Но, преку пророкот Амос и преку други пророци, Јехова ветил и еден прекрасен изглед за луѓето од „сите народи“ (Амос 3:1; 9:11, 12; Исаија 2:2—4).

Исус, непристрасниот Учител

10. Како Исус го имитирал својот Татко во покажувањето на непристрасност?

10 Во текот на својата служба на земјата, Исус, кој е точен отпечаток на својот Татко, ја имитирал Јеховината непристрасност (Евреите 1:3). Во тоа време првенствено бил заинтересиран да ги најде „загубените овци на домот Израелов“. Сепак, не се колебал да ѝ сведочи на една Самарјанка покрај еден бунар (Матеј 15:24; Јован 4:7—30). Исто така, тој направил чудо на молба на еден воен офицер, кој по сѐ изгледа бил не-Евреин (Лука 7:1—10). Значи, не покажувал љубов со дела само кон Божјиот народ. И Исусовите ученици проповедале насекаде. Станало јасно дека критериумот за добивање Јеховин благослов не бил поврзан со националноста туку со ставот. На добрата вест за Царството се оѕвале понизните луѓе со искрени срца, кои биле гладни за вистината. За разлика од нив, гордите и вообразените го презирале Исус и неговата порака. „Јавно те фалам Татко, Господару на небото и на земјата“, изјавил Исус, „бидејќи внимателно си ги скрил тие работи од мудрите и умните, а си им ги открил на бебињата. Да, о Татко, зашто таквото постапување е она што ти си го одобрил“ (Лука 10:21). Кога постапуваме со другите со љубов и вера, постапуваме непристрасно, знаејќи дека Јехова го одобрува тоа.

11. Како била покажана непристрасност во раното христијанско собрание?

11 Во раното христијанско собрание, Евреите и не⁠-​Евреите биле еднакви. „Слава и чест и мир на секој кој го прави она што е добро“, објаснил Павле, „најпрвин на Евреин, а така и на Грк. Зашто кај Бог нема пристрасност“b (Римјаните 2:10, 11). Она што одредувало дали ќе извлечат корист од Јеховината незаслужена љубезност не било нивното етничко потекло туку начинот на кој реагирале кога дознале за Јехова и за изгледите што биле овозможени преку откупнината на неговиот Син, Исус (Јован 3:16, 36). Павле напишал: „Не е Евреин оној кој е тоа однадвор ниту е обрежување она кое е однадвор врз телото. Туку Евреин е оној кој е тоа однатре, и неговото обрежување е обрежување на срцето по дух, а не по пишан законик“. Потоа, користејќи игра на зборови во врска со хебрејскиот термин за „Евреин“ (што значи „од Јуда“, односно фален), Павле додал: „Фалбата на таквиот не доаѓа од луѓе, туку од Бог“ (Римјаните 2:28, 29). Јехова непристрасно дава фалба. Дали и ние го правиме тоа?

12. Каков изглед нуди Откровение 7:9, и за кого?

12 Подоцна, во една визија, апостол Јован ги видел верните помазани христијани прикажани како духовна нација од 144.000, „запечатени од секое племе на синовите Израелови“. По нив, Јован здогледал „едно големо мноштво, коешто ниеден човек не можеше да го изброи, од сите нации и племиња и народи и јазици, како стои пред престолот и пред Јагнето, облечено во бели долги облеки; и во рацете имаа палмови гранки“ (Откровение 7:4, 9). Значи, ниедна етничка група или јазик не се исклучени од денешното христијанско собрание. Поединци со секакво потекло имаат изглед да ја преживеат претстојната ‚голема неволја‘ и да пијат од ‚изворите на води на животот‘ во новиот свет (Откровение 7:14—17).

Позитивни ефекти

13-15. а) Како можеме да ги надминеме расните и културните разлики? б) Наведи примери за користите што можат да произлезат кога се покажува пријателски став.

13 Јехова добро нѐ познава, исто како што еден добар татко добро ги познава своите деца. На сличен начин, штом ќе почнеме да имаме разбирање за другите покажувајќи интерес за нивната култура и заднина, разликите меѓу нас избледуваат. Етничките бариери се рушат, а врските на пријателство и љубов се зајакнуваат. Единството се зацврстува (1. Коринќаните 9:19—23). Ова добро го покажува активноста на мисионерите што служат на странски доделби. Тие покажуваат личен интерес за луѓето што живеат таму и, како резултат на тоа, наскоро мисионерите увидуваат дека се претопуваат во локалните собранија (Филипјаните 2:4).

14 Позитивните ефекти од непристрасноста јасно се гледаат во многу земји. Аклилу, по потекло од Етиопија, се чувствувал осамен во Лондон, престолнината на Британија. Неговите чувства на осаменост уште повеќе се засилиле поради она што му изгледало како општ недостиг на пријателско расположение кон луѓето од други земји, нешто што се чувствува во многу големи градови на денешна Европа. Колку само било поинакво искуството на Аклилу кога отишол на еден христијански состанок во Салата на Царството на Јеховините сведоци! Присутните му изразиле добредојде и по кратко време се чувствувал како дома. Брзо стекнал подлабоко ценење за Творецот. Наскоро тој барал прилики да учествува во пренесувањето на добрата вест за Царството и на другите луѓе од таа област. Всушност, еден ден, кога Сведокот што бил во служба со Аклилу го прашал какви цели има сега во животот, Аклилу спремно одговорил дека се надева еден ден да биде дел од некое собрание во кое ќе се зборува неговиот јазик, амхарски. Кога старешините во локалното англиско собрание го чуле тоа, со радост направиле подготовка да се одржи библиско јавно предавање на мајчиниот јазик на Аклилу. На поканата да присуствуваат дошле многу странци и луѓе од локалното население за да го поддржат првиот состанок на амхарски јазик што се одржал во Британија. Денес, Етиопјани и други во тоа подрачје се обединети во едно напредно собрание. Мнозина таму утврдиле дека ништо не ги спречува да заземат став за Јехова и да го симболизираат тоа со христијанско крштавање (Дела 8:26—36).

15 Луѓето имаат различни карактеристики и заднина, кои не се мерка за тоа дали некој е супериорен или инфериорен; тие се, едноставно, разлики. Кога го гледале крштавањето на новопредадени слуги на Јехова на островот Малта, радосната одушевеност на локалните Сведоци била надополнета со солзите радосници во очите на посетителите од Британија. Двете групи, и Малтежаните и Британците, ги изразиле своите чувства, иако на различен начин, а нивната силна љубов кон Јехова ги зајакнала врските на христијанско заедништво (Псалм 133:1; Колошаните 3:14).

Да се надминат предрасудите

16-18. Раскажи едно искуство што покажува како можат да се надминат предрасудите во христијанското собрание.

16 Додека се продлабочува нашата љубов кон Јехова и кон нашите христијански браќа, можеме потесно да го имитираме Јехова во начинот на кој гледаме на другите. Можеме да надминеме секаква предрасуда што некогаш сме ја чувствувале кон извесни националности, раси или култури. Да го земеме за пример случајот на Алберт, кој служел во британската армија за време на II светска војна и кого Јапонците го заробиле при поразот на Сингапур во 1942. Подоцна поминал околу три години работејќи на „пругата на смртта“, во близина на она што станало познато како мост на реката Квај. Кога бил ослободен на крајот на војната, имал 32 килограма, имал скршена вилица и нос и боледувал од дизентерија, лишај и маларија. Илјадници други затвореници си поминале уште полошо; мнозина не преживеале. Како последица од ѕверствата што ги видел и доживеал Алберт, во 1945 се вратил дома како огорчен човек што не сакал да има никаква врска со Бог или со религијата.

17 Сопругата на Алберт, Ирене, станала Јеховин сведок. За да ѝ угоди, Алберт отишол на неколку состаноци во локалното собрание на Јеховините сведоци. Еден млад христијанин што бил во полновремена служба, кој се викал Пол, го посетил Алберт за да ја проучува Библијата со него. Наскоро Алберт сфатил дека Јехова гледа на луѓето според состојбата на нивното срце. Му го предал животот на Јехова и се крстил.

18 Подоцна Пол се преселил во Лондон, научил јапонски и се поврзал со едно јапонско собрание. Кога предложил да однесе некои гостувачки Сведоци од Јапонија во своето поранешно собрание, тамошните браќа си спомнале за силните предрасуди што ги имал Алберт кон луѓето со такво потекло. Откако се вратил во Британија, Алберт избегнувал да се сретне со Јапонци, па затоа браќата се прашувале како ќе реагира во таа ситуација. Не требало да бидат загрижени — Алберт ги примил посетителите со безусловна братска наклоност (1. Петрово 3:8, 9).

„Раширете се“

19. Кој совет на апостол Павле може да ни помогне ако имаме дури и најмала пристрасност?

19 „Не чини да се биде пристрасен“, напишал мудриот цар Соломон (Пословици 28:21). Лесно е да ги чувствуваме блиски оние што добро ги познаваме. Меѓутоа, понекогаш сме склони да не покажуваме голем интерес за оние што не ги познаваме толку добро. Таква пристрасност не му прилега на еден слуга на Јехова. Секако, ќе биде добро сите да го следиме јасниот совет на Павле ‚да се рашириме‘ — да, да се рашириме во нашата љубов кон сохристијаните кои имаат поинакво потекло (2. Коринќаните 6:13).

20. На кои полиња од животот треба да го имитираме Јехова, нашиот непристрасен Бог?

20 Сеедно дали ја имаме предноста на небесниот повик или изгледот да живееме засекогаш на земјата, тоа што ќе бидеме непристрасни ни овозможува да уживаме во единството на едно стадо, еден Пастир (Ефешаните 4:4, 5, 16). Тоа што ќе настојуваме да го имитираме Јехова, нашиот непристрасен Бог, може да ни помогне во нашата христијанска служба, во нашето семејство и во собранијата, всушност, на сите полиња од животот. Како? За тоа ќе стане збор во следната статија.

[Фусноти]

a Подоцна Јеховината слава станала тема на свети песни (Псалм 135:8—11; 136:11—20).

b Овде, изразот „Грци“ се однесува на не⁠-​Евреите воопшто (Insight on the Scriptures — Увид во Писмото, објавена од Јеховините сведоци, том 1, страница 1004).

Како би одговорил?

• Како Јехова покажал непристрасност кон Раав и кон Гаваонците?

• Како Исус покажал непристрасност кога поучувал?

• Што може да ни помогне да надминеме секакви културни и расни предрасуди?

[Слика на страница 13]

Израелците почнуваат да го освојуваат Ханаан

[Слика на страница 15]

Исус не се колебал да ѝ сведочи на една Самарјанка

[Слика на страница 16]

Состанок за јавност на амхарски јазик во Британија

[Слика на страница 16]

Љубовта на Алберт кон Јехова му помогнала да ги надмине предрасудите

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели