ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 1/7 стр. 4-7
  • Како да се развие вистинска љубов

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Како да се развие вистинска љубов
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Поучувај љубов со пример
  • Како можат сите да негуваат љубов
  • Инспирирано татковско водство
  • Љубовта — плод на Божјиот дух
  • Учи се на љубов од христијанското братство
  • „Љубовта никогаш не затајува“
  • Бидете изградени со љубов
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Љубовта — скапоцена особина
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
  • „Живејте во љубов“
    Приближи му се на Јехова
  • Колку е далекосежна твојата љубов?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 1/7 стр. 4-7

Како да се развие вистинска љубов

„Љубовта е еликсирот на животот; љубовта е животот“ (Living to Purpose [Живеење со цел] од Џозеф Џонсон, 1871).

КАКО човекот учи да сака? Студирајќи психологија? Читајќи книги за самопомош? Гледајќи романтични филмови? Тешко. Луѓето учат да сакаат првенствено преку примерот и воспитанието од своите родители. Децата ќе го научат значењето на љубовта ако, во средина на срдечна наклоност, гледаат како нивните родители ги хранат и ги заштитуваат, комуницираат со нив и покажуваат длабок личен интерес за нив. Исто така учат да сакаат кога нивните родители ги поучуваат да се придржуваат за здравите начела за исправно и погрешно.

Вистинската љубов е повеќе отколку само наклоност или чувство. Таа постојано работи во најдобар интерес на другите, дури и кога тие не го ценат тоа потполно во тој момент, што честопати е случај со децата кога станува збор за љубезна дисциплина. Совршен пример за некој што покажува несебична љубов е самиот Творец. Апостол Павле напишал: „Сине мој, не омаловажувај ја дисциплината од Јехова и не премалувај кога тој те исправа; зашто кого Јехова го љуби, него и го дисциплинира“ (Евреите 12:5, 6).

Родители, како можете да го имитирате Јехова во покажувањето љубов во своето семејство? И колку е важен примерот што го поставувате во својот однос еден со друг како сопруг и сопруга?

Поучувај љубов со пример

Ако си сопруг, дали ја цениш или дали и придаваш голема вредност на својата сопруга и дали се однесуваш со неа со чест и почит? Ако си сопруга, дали си љубезна со својот сопруг и дали го поддржуваш? Библијата вели дека сопругот и сопругата треба да се сакаат и да се почитуваат еден со друг (Ефешаните 5:28; Тит 2:4). Кога го прават тоа, нивните деца од прва рака ја гледаат христијанската љубов на дело. Колку силна и вредна лекција може да биде тоа!

Исто така, родителите поттикнуваат на љубов во домот кога се придржуваат за високи мерила за семејството во поглед на работите како забава, морал и цели и приоритети. Луѓето низ целиот свет увиделе дека Библијата е од голема помош во поставувањето такви семејни мерила, давајќи жив доказ дека Библијата навистина ‚е инспирирана од Бог и корисна за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност‘ (2. Тимотеј 3:16). Навистина, моралните прописи и упатства за живот само од Проповедта на гората нашироко се сметаат за ненадминливи (Матеј, поглавја од 5 до 7).

Кога целото семејство се обраќа за водство кај Бог и се придржува за неговите мерила, секој поединец се чувствува посигурен и поголема е веројатноста дека децата ќе ги сакаат и ќе ги почитуваат своите родители. И обратно, во дом со двојни, неисправни или лабави мерила, децата може да станат раздразливи, лути и бунтовни (Римјаните 2:21; Колошаните 3:21).

Како е со самохраните родители? Дали се во сериозно неповолна положба за да ги поучат своите малечки на љубов? Не мора да значи. Иако нема замена за еден добар тим од мајка и татко, искуството покажува дека квалитетот на семејните врски може до некој степен да надомести за родителот што недостига. Ако си самохран родител, настојувај да ги применуваш библиските начела во својот дом. Да, една пословица ни кажува: „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“ — вклучувајќи ја и патеката на тоа да се биде родител (Пословици 3:5, 6; Јаков 1:5).

Многу прекрасни млади луѓе биле подигнати во средина со еден родител и сега верно му служат на Бог во илјадниците христијански собранија на Јеховините сведоци низ светот. Ова е доказ дека и самохраните родители можат успешно да ги поучат своите деца на љубов.

Како можат сите да негуваат љубов

Библијата прорекла дека „последните денови“ ќе бидат обележани со недостиг на „природна наклоност“, т.е. недостиг на природна блискост што членовите на семејството обично ја чувствуваат еден кон друг (2. Тимотеј 3:1, 3). Сепак, дури и оние што можеби пораснале во средина во која недостигала наклоност можат да научат да негуваат љубов. Како? Така што ќе учат од Јехова, кој е Изворот на љубовта и кој покажува љубов и наклоност кон сите што со цело срце се обраќаат кон него (1. Јованово 4:7, 8). „Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими“ напишал еден псламист (Псалм 27:10).

Јехова ја изразува својата љубов кон нас на многу различни начини. Во нив се вклучени татковското водство од Библијата, помошта на светиот дух и срдечната поддршка на христијанското братство (Псалм 119:97—105; Лука 11:13; Евреите 10:24, 25). Разгледај како овие три подготовки можат да ти помогнат да растеш во љубовта кон Бог и кон ближниот.

Инспирирано татковско водство

За да негуваме срдечна врска со некого, мораме добро да се запознаеме со него. Откривајќи се себеси преку страниците на Библијата, Јехова нѐ поканува да му се приближиме. Меѓутоа, не е доволно само да се чита Библијата. Мораме да ги применуваме нејзините учења и да ги доживееме користите што произлегуваат од тоа (Псалм 19:7—10). „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш“ вели Исаија 48:17. Да, Јехова, самото олицетворение на љубовта, нѐ поучува за наше добро — не затоа што сака да ја ограничи нашата слобода со непотребни правила и одредби.

Точното спознание од Библијата, исто така, ни помага да растеме и во љубовта кон другите луѓе. Ова е така затоа што библиската вистина нѐ учи за тоа како Бог гледа на луѓето и ни ги покажува начелата што треба да нѐ водат во нашите постапки со другите. Имајќи ги овие информации, имаме цврст темел за да негуваме љубов кон ближниот. Апостол Павле рекол: „За ова постојано се молам, вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува во точно спознание и во полна проникливост“ (Филипјаните 1:9).

За да илустрираме како може љубовта да биде исправно водена од „точно спознание“, разгледај ја основната вистина изнесена во Дела 10:34, 35: „Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“. Ако Бог ги оценува луѓето според нивните праведни дела и побожен страв, а не според нивната националност или раса, зарем не треба и ние да гледаме на луѓето со слична непристрасност? (Дела 17:26, 27; 1. Јованово 4:7—11, 20, 21).

Љубовта — плод на Божјиот дух

Исто како што навремениот дожд може да придонесе еден овоштарник да даде добар род, Божјиот дух може во приемливите поединци да произведе особини што во Библијата се опишани како ‚плодови на духот‘ (Галатите 5:22, 23). Најистакнатиот од овие плодови е љубовта (1. Коринќаните 13:13). Но, како добиваме Божји дух? Еден Многу важен начин е преку молитвата. Ако се молиме за Божји дух, тој ќе ни го даде (Лука 11:9—13). Дали „постојано“ се молиш за свет дух? Ако да, тогаш неговите скапоцени плодови, вклучувајќи ја и љубовта, треба да станат повидливи во твојот живот.

Меѓутоа, има уште еден вид дух што дејствува во спротивност на Божјиот дух. Библијата го нарекува „духот на светот“ (1. Коринќаните 2:12; Ефешаните 2:2). Тоа е зло влијание, а неговиот извор не е никој друг туку Сатана Ѓаволот, „владетелот на овој свет“ со човештво оттуѓено од Бог (Јован 12:31). Како ветар што насекаде ги разнесува правот и ѓубрето, „духот на светот“ поттикнува желби што ја нагризуваат љубовта и ги задоволуваат слабостите на телото (Галатите 5:19—21).

Луѓето го впиваат тој зол дух кога се изложуваат на материјалистичкото, себично размислување, на насилнички ставови и на искривеното и честопати расипано гледиште за љубовта што е вообичаено во светот. Ако сакаш да растеш во искрена љубов, мораш цврсто да му се спротивставиш на духот на светот (Јаков 4:7). Меѓутоа, не се потпирај на сопствената сила; барај помош од Јехова. Неговиот дух — најмоќната сила во универзумот — може да те зајакне и да ти донесе успех (Псалм 121:2).

Учи се на љубов од христијанското братство

Исто како што децата учат да покажуваат љубов како резултат на тоа што ја доживуваат дома, сите ние — млади и стари — можеме да растеме во љубовта дружејќи се со другите христијани (Јован 13:34, 35). Навистина, една од клучните улоги на христијанското собрание е да обезбеди средина во која поединците можат ‚да се поттикнуваат кон љубов и кон извонредни дела‘ (Евреите 10:24).

Таквата љубов особено ја ценат оние што можеби биле „одрани и расеани“ во овој свет без љубов што нѐ опкружува (Матеј 9:36). Искуството покажало дека врските полни со љубов во зрелите години можат да надминат многу од лошите последици од детство лишено од љубов. Затоа, колку е само важно сите предадени христијани да им изразат вистински срдечно добредојде на новите што доаѓаат во нивната средина!

„Љубовта никогаш не затајува“

Библијата вели дека „љубовта никогаш не затајува“ (1. Коринќаните 13:8). Зошто е тоа така? Апостол Пвле ни кажува: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е љубоморна, не се фали, не се дуе, не се однесува непристојно, не ги бара сопствените интереси, не се раздразнува. Не ја става во сметка штетата“ (1. Коринќаните 13:4, 5). Јасно, оваа љубов не е некој нереалистичен поим или површно чувство. Напротив — оние што ја покажуваат се свесни и признаваат дека животот носи разочарувања и болки, но не дозволуваат тоа да ја уништи нивната љубов кон другите. Таквата љубов навистина е „совршена врска на единство“ (Колошаните 3:12—14).

Разгледај го примерот на една 17-годишна христијанка од Кореја. Кога почнала да му служи на Јехова Бог, нејзиното семејство не го одобрувало тоа и таа морала да се исели од дома. Меѓутоа, наместо да се огорчи, таа се молела во врска со тоа, дозволувајќи Божјата реч и дух да го обликуваат нејзиното размислување. Потоа, често му пишувала на своето семејство, а нејзините писма биле исполнети со вистинска срдечна наклоност што ја чувствувала за нив. Како резултат на тоа, нејзините двајца постари браќа почнале да ја проучуваат Библијата и сега се предадени христијани. Мајка ѝ и помладиот брат исто така ја прифатиле библиската вистина. На крај, и татко ѝ, кој жестоко се противел, го сменил мислењето. Девојката пишува: „Сите стапивме во брак со сохристијани, и нашето семејство од обединети христијани сега брои 23“. Каква победа за љубовта!

Сакаш ли да негуваш вистинска љубов и да им помагаш на другите да го прават истото? Тогаш обрати се кон Јехова, Изворот на таа скапоцена особина. Да, земи ја при срце неговата Реч, моли се за неговиот свет дух и редовно дружи се со христијанското братство (Исаија 11:9; Матеј 5:5). Колку само го радува срцето тоа што знаеме дека наскоро ќе ги нема сите злобни, а ќе останат само оние што практикуваат вистинска христијанска љубов! Навистина, љубовта е клучот за среќа и живот (Псалм 37:10, 11; 1. Јованово 3:14).

[Слики на страница 6]

Молитвата и проучувањето на Божјата реч ќе ни помогнат да негуваме вистинска љубов

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели