Сиромаштија — да се најде трајно решение
И ПОКРАЈ негативните извештаи од светот во врска со сиромаштијата, има луѓе што сѐ уште се оптимисти дека може да се направи нешто конкретно. На пример, според еден наслов во Manila Bulletin, Азиската банка за развој известила дека „Азија може да ја искорени сиромаштијата за 25 години“. Банката предложила економски развој како начин за да се извлечат луѓето од крајната сиромаштија.
Други организации и влади составиле долг список со предлози и планови во обид да се реши тој проблем. Во нив спаѓаат: програми за социјално осигурување, подобро образование, поништување на долговите што земјите во развој им ги должат на развиените земји, отстранување на ограничувањата на увозот така што земјите со голем процент сиромашни ќе можат полесно да ги продаваат своите производи, како и социјални станови за сиромашните.
Во 2000 година, Генералното собрание на Обединетите нации постави цели што треба да се постигнат до 2015. Во нив е вклучено отстранување на крајната сиромаштија и гладот, како и на огромната нееднаквост во примањата во различни земји. Колку и да се благородни овие цели, многумина се сомневаат дека можат да се постигнат во овој разединет свет.
Практични чекори за справување со сиромаштијата
Бидејќи надежта за вистински напредок во светски размери е многу мала, каде може човек да се обрати за помош? Како што претходно беше спомнато, има еден извор на практична мудрост што може да им помогне на луѓето уште сега. Кој е тој извор? Тоа е Божјата реч, Библијата.
Што ја прави Библијата поинаква од сите други извори на информации? Таа доаѓа од највисокиот авторитет, нашиот Творец. На нејзините страници тој ставил непроценливо богатство од мудрост — практични начела што важат за сите луѓе, во секое време и на секое место. Доколку се следат, овие начела можат да им помогнат на сиромашните да имаат позадоволувачки живот уште сега. Да разгледаме неколку примери.
Имај исправно гледиште за парите. Библијата вели: „Како што се сребрениците заштита, така е и мудроста; но предноста на знаењето е дека мудроста дава живот на оној што ја има“ (Проповедник 7:12). Што е поентата на овој стих? Парите не се сѐ. Точно, тие даваат извесна мера сигурност. Ни овозможуваат да купиме одредени работи што ни се потребни, но парите си имаат свои ограничувања. Има работи што не се купуваат со пари. Тоа што ќе го признаеме овој факт ќе ни помогне исправно да гледаме на работите, избегнувајќи ги на тој начин фрустрациите на оние чијшто живот се врти околу трупањето пари. Парите не можат да ни купат живот, но мудрото постапување може да ни го заштити животот сега, а може дури да ни даде и можност за вечен живот.
Живеј во границите на своите можности. Не мора да значи дека она што го посакуваме навистина и ни треба. Треба да им дадеме предност на нашите потреби. Лесно можеме да се убедиме дека ни треба нешто кога всушност тоа е само желба а не потреба. Мудриот прво ќе си ги распредели средствата за неопходните работи — храна, облека, покрив над главата итн. Потоа, пред да почне да троши и на други работи, ќе одреди дали средствата што му остануваат му се доволни за тоа. Во една од своите илустрации, Исус препорачал човек ‚најнапред да седне и да го пресмета трошокот за да види дали има доволно‘ (Лука 14:28).
Во Филипини, Јуфросина, самохрана мајка со три деца, се соочила со предизвикот да заработи за живеачка и да се држи за еден ограничен буџет зашто сопругот ја оставил пред неколку години. Додека го правела тоа, ги учела своите деца да препознаат што има приоритет во буџетот. На пример, децата можеби ќе видат нешто што го посакуваат. Наместо само да им каже ‚не‘, таа вака разговара со нив: „Добро, можете да го имате тоа ако сакате, но ќе мора да се решите. Имаме доволно пари само за една работа. Можеме да го купиме она што го сакате вие или можеме да купиме малку месо или зеленчук за да не јадеме само ориз оваа седмица. Па, што би сакале? Одлучете вие“. Обично децата брзо ја сфаќаат поентата и се согласуваат дека повеќе би сакале нешто за јадење отколку другото.
Биди задоволен. „Кога имаме храна и покрив, да бидеме задоволни со тоа“, вели едно друго библиско начело (1. Тимотеј 6:8). Парите сами по себе не носат среќа. Многу богати луѓе се несреќни, додека многу сиромашни луѓе се многу среќни. Тие научиле да бидат задоволни само со едноставните работи што се потребни во животот. Исус зборувал за тоа да се има ‚едноставно око‘ што е сосредоточено на поважните работи (Матеј 6:22). Ова помага човек да биде задоволен. Многу сиромашни луѓе се чувствуваат многу задоволни зашто негуваат добар однос со Бог и имаат среќен семеен живот — работи што не можат да се купат со пари.
Ова се само неколку примери на практични предлози од Библијата што можат да им помогнат на сиромашните да се справат со нивната ситуација. Има уште многу други. На пример, избегнувај пороци како што се пушењето и коцкањето, на кои само залудно си ги фрлаш парите; увиди ги поважните работи во животот, особено духовните цели; таму каде што тешко може да се најде работа, обиди се да понудиш вештини или услуги што им се потребни на другите (Пословици 22:29; 23:21; Филипјаните 1:9—11). Библијата советува да се применува таквата ‚мудрост и способност за расудување‘ зашто ‚ќе бидат живот за душата твоја‘ (Пословици 3:21, 22, NW).
Иако предлозите од Библијата можат донекаде да им го олеснат животот на оние што се борат со сиромаштијата, сѐ уште остануваат некои прашања за иднината. Дали сиромашните се осудени засекогаш да останат во канџите на сиромаштијата? Дали нееднаквоста помеѓу многу богатите и крајно сиромашните некогаш ќе биде решена? Да испитаме едно решение за кое многумина не се свесни.
Библијата дава причина за надеж
Многумина признаваат дека Библијата е добра книга. Меѓутоа, честопати не се свесни дека таа нуди конкретни информации што укажуваат на големи промени што наскоро ќе се случат.
Бог има намера да преземе акција со која ќе ги реши проблемите на човештвото, вклучувајќи ја и сиромаштијата. Бидејќи човечките влади покажале дека не се способни или дека не се спремни да го сторат тоа, Бог има намера да ги замени. Како? Библијата јасно кажува во Даниел 2:44: „Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека“.
Откако ќе ги отстрани овие „царства“ или влади, Божјиот наименуван Владетел ќе дејствува. Тој Владетел не е човек туку моќно небесно суштество како и Бог, со способност да ги направи тие драстични промени што се потребни за да се отстранат сегашните нееднаквости. Бог го избрал својот сопствен Син за да го стори ова (Дела 17:31). Псалм 72:12—14 опишува што ќе направи овој Владетел: „Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник; ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот: Ќе ги ослободи од неправдата и насилствата, зашто нивната крв е скапоцена во неговите очи“. Колку прекрасен изглед! Конечно, олеснување! Божјиот наименуван Владетел ќе дејствува во корист на сиромашните и бедните.
Во тоа време ќе бидат решени навистина многу проблеми поврзани со сиромаштијата. Стих 16 од 72. Псалм вели: ‚Ќе има изобилство на жито во земјата, класјето по врвовите ќе шуми како кедровите‘. Нема повеќе да има недостиг на храна како резултат на глад, недостиг на пари или погрешно управување.
Ќе бидат решени и други проблеми. На пример, денес голем процент од светското население нема свој дом. Меѓутоа, Бог ветува: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе уживаат во нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21, 22). Секој ќе има свој дом и ќе ужива во својата работа. Така, Бог ветува целосно и трајно решение за сиромаштијата. Нема повеќе да има огромен јаз помеѓу богатите и сиромашните ниту луѓе што одвај врзуваат крај со крај.
Кога првпат ќе ги чуе овие библиски ветувања, некој можеби ќе мисли дека се нереалистични. Меѓутоа, едно подетално испитување на Библијата покажува дека Божјите ветувања од минатото се оствариле (Исаија 55:11). Значи, вистинското прашање не е дали ќе се случи тоа туку: ‚Што мораш да направиш ти за да извлечеш корист кога ќе се случи?‘
Ќе бидеш ли таму?
Бидејќи таа влада е Божја, мораме да бидеме такви луѓе какви што Бог ќе прифати како граѓани на тоа владетелство. Не нѐ оставил во незнаење за тоа како можеме да се квалификуваме. Упатствата се изнесени во Библијата.
Наименуваниот Владетел, Божјиот Син, е праведен (Исаија 11:3—5). Според тоа, и од оние што се прифатени да живеат под оваа влада се очекува да бидат праведни. Пословици 2:21, 22 вели: „Праведните ќе ја населат земјата и непорочните ќе останат на неа; а беззакониците ќе бидат збришани од земјата, и богохулниците ќе бидат искоренети од неа“.
Може ли некако да се научи како да се исполнат овие барања? Да, може. Со тоа што ќе ја проучуваш Библијата и ќе ги применуваш нејзините упатства, можеш да имаш изглед за оваа прекрасна иднина (Јован 17:3). Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат во тоа проучување. Те покануваме да ја искористиш оваа можност да бидеш вклучен во едно општество во кое никогаш нема да има сиромаштија и неправда.
[Слика на страница 5]
Јуфросина: „Еден ограничен буџет му помага на моето семејство да го имаме она што ни е потребно“
[Слики на страница 6]
Добриот однос со Бог и среќниот семеен живот не можат да се купат со пари