По што се некои запаметени
ПРЕД околу три илјади години, Давид бегал од израелскиот цар Саул. Давид испратил луѓе кај Навал, богат сточар со многу овци и кози, да побараат храна и вода. Всушност, Навал им должел услуга на Давид и на неговите следбеници зашто му ги заштитиле стадата. Меѓутоа, Навал одбил да им укаже гостољубивост. Дури и ги истерал. Навал си играл со оган, зашто Давид не бил човек со кого можел да си поигрува (1. Самоил 25:5, 8, 10, 11, 14).
Ставот на Навал не бил во склад со традицијата на Блискиот Исток да им се укаже гостољубивост на посетителите и на туѓинците. Значи, какво име си стекнал Навал? Библискиот извештај вели дека бил „суров и опак“. Неговото име значело „безумен“, и тој дефинитивно се покажал како таков (1. Самоил 25:3, 17, 25). Би сакал ли и ти да бидеш запаметен како таков? Дали си груб и непопустлив во постапките со другите, особено кога се чини дека се во понеповолна положба? Или си љубезен, гостољубив и обѕирен?
Авигеја — мудра жена
Како последица од неговиот груб став, Навал бил во неволја. Давид и 400 од неговите луѓе ги препашале своите мечеви и тргнале да му одржат лекција на Навал. Авигеја, сопругата на Навал, чула што се случило. Таа знаела дека пресметката е неизбежна. Што да прави? Побрзала да подготви доволно храна и други намирници и тргнала да ги пресретне Давид и неговите луѓе. Кога ги сретнала, го преколнувала Давид да не пролева крв без причина. Срцето на Давид смекнало. Ги послушал нејзините преколнувања и попуштил. Набрзо по овие настани, Навал умрел. Тогаш, увидувајќи ги нејзините добри особини, Давид ја зел Авигеја за жена (1. Самоил 25:14—42).
Каков глас си стекнала Авигеја? Таа била „многу умна“ или „интелигентна“, како што е изразено на оригинален хебрејски. Очигледно била разумна и практична и знаела како и кога да преземе иницијатива. Постапила лојално за да го заштити својот лекоумен сопруг и неговото домаќинство од несреќа. На крајот таа умрела, но како мудра жена на извонреден глас (1. Самоил 25:3).
Какво досие оставил Петар?
Сега да одиме малку понапред во времето, во првиот век н.е., и да ги разгледаме 12-те апостоли на Исус. Без сомнение, еден од најекспресивните и најимпулсивните бил Петар, или Кифа, кој порано бил рибар во Галилеја. Тој очигледно бил темпераментен човек кој не се плашел да покаже што чувствува. Да ја земеме за пример ситуацијата кога Исус им ги измил нозете на своите ученици. Како реагирал Петар кога дошол редот Исус нему да му ги измие нозете?
Петар му рекол на Исус: „Господи, ти ли ќе ми ги миеш нозете?“ Исус му одговорил: „Она што јас го правам ти сега не го разбираш, но ќе разбереш подоцна“. Петар рекол: „Ти сигурно никогаш нема да ми ги измиеш нозете“. Забележи ја одлучната но импулсивна реакција на Петар. Како одговорил Исус?
„Ако не те измијам“, одговорил Исус, „немаш дел со мене.“ Симон Петар му рекол: „Господи, не само нозете туку и рацете и главата“. Сега Петар оди во друга крајност! Но, со Петар човек секогаш знаел на што е. Кај него немало никакво преправање или дволичност (Јован 13:6—9).
Петар е запаметен и по неговите слабости вообичаени за луѓето. На пример, трипати се одрекол од Христос пред луѓето што го обвиниле дека е следбеник на осудениот Исус од Назарет. Кога ја сфатил својата грешка, почнал горко да плаче. Не се плашел да ја покаже својата тага и каење. Значајно е и тоа што овој извештај за одрекувањето на Петар е запишан од писателите на евангелијата — најверојатно благодарение на информациите што им ги кажал самиот Петар! Тој бил доволно понизен за да си ги признае слабостите. Дали си и ти таков? (Матеј 26:69—75; Марко 14:66—72; Лука 22:54—62; Јован 18:15—18, 25—27).
Само неколку седмици откако се откажал од Христос, Петар, исполнет со свет дух, смело им проповедал на едно мноштво Евреи на Пентекост. Ова бил сигурен знак дека воскреснатиот Исус имал доверба во него (Дела 2:14—21).
Во друга прилика, Петар паднал во една поинаква замка. Апостол Павле објаснил дека пред извесни браќа да пристигнат во Антиохија, Петар отворено се дружел со нееврејските христијани. Но, се издвоил од нив „во страв од оние од класата на обрежаните“, кои тукушто пристигнале од Ерусалим. Павле отворено ги изнел двојните мерила на Петар (Галатите 2:11—14).
Сепак, кој од апостолите проговорил во еден критичен момент кога се чинело дека многу од следбениците на Исус биле спремни да го напуштат? Тоа се случило кога Исус открил нешто ново, во врска со тоа што значи да се јаде неговото тело и да се пие неговата крв. Тој рекол: „Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, немате живот во себе“. Поголемиот дел од еврејските следбеници на Исус се спрепнале и рекле: „Овој говор е шокантен; кој може да го слуша?“ Што се случило потоа? „Поради тоа многу од неговите ученици се вратија на она што го оставија зад себе и не одеа веќе со него“ (Јован 6:50—66).
Во тој критичен момент Исус се свртел кон 12-те апостоли и им поставил едно проникливо прашање: „Да не сакате и вие да си отидете?“ Петар одговорил: „Гоподи, кај кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот; и ние поверувавме и спознавме дека ти си Светиот Божји“ (Јован 6:67—69).
Каков глас си стекнал Петар? Оној што ги чита извештаите за него не може а да не биде импресиониран од неговиот искрен и отворен карактер, од неговата лојалност и од неговата спремност да ги признае своите слабости. Колку само прекрасен глас си стекнал!
По што го запаметиле луѓето Исус?
Земната служба на Исус траела само три и пол години. Сепак, како каков го запаметиле неговите следбеници? Бидејќи бил совршен, без грев, дали бил надуен и ладен? Дали се правел важен затоа што знаел дека е Божји Син? Дали ги заплашувал и присилувал своите следбеници да му бидат послушни? Дали толку сериозно гледал на себе што му недостигала смисла за хумор? Дали бил толку зафатен што немал време за слабите и за болните, или за децата? Дали гледал од високо на луѓето од другите раси и на жените, како што во тоа време често правеле мажите? Што ни кажува извештајот?
Исус бил заинтересиран за луѓето. Проучувањето на неговата служба открива дека во многу прилики ги лекувал сакатите и болните. Се трудел да им помага на бедните. Покажувал интерес за младите, поучувајќи ги своите ученици: „Пуштете ги дечињата да доаѓаат кај мене; не обидувајте се да ги запрете“. Потоа Исус ‚ги зел децата в прегратка и почнал да ги благословува, положувајќи ги рацете врз нив‘. Одвојуваш ли време за децата, или си толку многу зафатен што дури и не го забележуваш нивното присуство? (Марко 10:13—16; Матеј 19:13—15).
Кога Исус бил на земјата, еврејскиот народ бил оптоварен со религиозни правила и одредби што оделе подалеку од барањата на Законот. Нивните религиозни водачи ги оптоварувале луѓето со тешки товари, додека тие самите не ги помрднувале ни со прст (Матеј 23:4; Лука 11:46). Според тоа, колку само се разликувал Исус! Тој рекол: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам“ (Матеј 11:28—30).
Луѓето биле освежени кога се дружеле со Исус. Тој не ги заплашувал своите ученици, па да им биде страв да го кажат своето мислење. Всушност, тој поставувал прашања за да ги поттикне отворено да се изразат (Марко 8:27—29). Христијанските надгледници треба да се запрашаат: ‚Дали јас оставам таков впечаток кај соверниците? Дали другите старешини навистина ми кажуваат што мислат, или се колебаат да го сторат тоа?‘ Колку е освежувачки кога надгледниците се пристапливи, кога ги слушаат другите и остануваат флексибилни! Неразумноста само ја обесхрабрува искрената и отворена дискусија.
Иако бил Божји Син, Исус никогаш не ја злоупотребил својата моќ или авторитет. Напротив, тој резонирал со своите слушатели. Тоа се случило и кога фарисеите се обиделе да го фатат во стапица со едно лукаво прашање: „Дозволено ли е на цезарот да му се плаќа данок по глава или не?“ Исус им рекол да му покажат една паричка и ги прашал: „Чија слика и натпис е ова?“ Тие одговориле: „На цезарот“. Тогаш тој им рекол: „Затоа, плаќајте му го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Матеј 22:15—21). Едноставната логика била доволна.
Дали Исус имал смисла за хумор? Некои читатели можат да насетат извесна смисла хумор кога го читаат делот каде што Исус рекол дека полесно ѝ е на камила да помине низ иглени уши отколку на богат човек да влезе во Божјето Царство (Матеј 19:23, 24). Самата помисла како камила се обидува да помине низ уши на дословна игла е преувеличување. Друг пример за таква хипербола е да ја видиш сламката во окото на братот а да не ја забележиш гредата во своето око (Лука 6:41, 42). Не, Исус не бил крут воспитувач. Тој бил срдечен и пријатен човек. Во стресни времиња, смислата за хумор може да ги разведри и христијаните денес.
Сочувството на Исус кон жените
Како се чувствувале жените во присуство на Исус? Тој секако имал многу женски слебеници, вклучувајќи ја и мајка му, Марија (Лука 8:1—3; 23:55, 56; 24:9, 10). Жените чувствувале дека можат слободно да му пристапат на Исус до таа мера што во една прилика една жена, „позната како грешница“, му ги измила нозете со своите солзи и му ги помазала со мирисливо масло (Лука 7:37, 38). Една друга жена, која со години страдала од крвавење, се пробила низ толпата за да ја допре неговата облека и да се излекува. Исус ја пофалил нејзината вера (Матеј 9:20—22). Да, жените го сметале Исус за пристаплив.
Во друга прилика, Исус разговарал со една Самарјанка покрај еден бунар. Таа била толку изненадена што рекла: „Како тоа ти, иако си Евреин, бараш од мене да пиеш кога јас сум Самарјанка?“ Работата била во тоа што Евреите не сакале да имаат ништо со Самарјаните. Исус почнал да ја поучува за прекрасната вистина во врска со ‚водата која извира за да даде вечен живот‘. Тој се однесувал природно со жените. Не се чувствувал загрозен од нив (Јован 4:7—15).
Исус е запаметен по многуте човечни особини што ги имал, вклучувајќи го и самопожртвуваниот дух. Тој бил олицетворение на божествената љубов. Исус го поставува мерилото за сите што сакаат да бидат негови следбеници. Колку тесно го следиш неговиот пример? (1. Коринќаните 13:4—8; 1. Петрово 2:21).
По што се запаметени денешните христијани?
Во современа доба, илјадници верни христијани починале, многумина од старост, други, пак, релативно млади. Но, оставиле добар глас зад себе. Некои, како Кристл, која починала на стари години, се запаметени по нивната љубов и дружељубива природа. Други, како Дирк кој починал на четириесетина години, се запаметени по нивната весела природа и спремен дух.
Тука е и примерот на Хозе од Шпанија. Во 1960-те, кога проповедничкото дело на Јеховините сведоци било забрането во таа земја, Хозе бил женет и имал три мали ќерки. Имал сигурна работа во Барселона. Но, во тоа време во јужна Шпанија имало потреба од зрели христијански старешини. Хозе ја напуштил својата сигурна работа и со семејството се преселил во Малага. Тие морале да претрпат периоди на тешки економски услови, честопати без работа.
Сепак, Хозе е познат по неговиот пример на верност, постојаност во службата и по тоа колку добро ги воспитал своите ќерки заедно со помошта и поддршката од неговата сопруга, Кармела. Кога имало потреба некој да организира христијански конгреси во тоа подрачје, Хозе секогаш се ставал на располагање. За жал, на педесетина години Хозе тешко се разболел и починал. Меѓутоа, останал на глас како доверлив, вреден старешина и сопруг и татко полн со љубов.
Па, по што ќе бидеш запаметен? Да си умрел вчера, што ќе зборуваа луѓето за тебе денес? Ова е прашање што може да нѐ мотивира сите нас да се подобруваме во тоа како постапуваме.
Што можеме да направиме за да стекнеме добар глас? Секогаш можеме да се подобруваме во покажувањето на плодовите на духот — меѓу другото, љубов, долготрпеливост, љубезност, благост и самосовладување (Галатите 5:22, 23). Да, сигурно е дека „подобро е доброто име отколку скапоценото масло, и смртниот ден отколку денот на раѓањето“ (Проповедник 7:1; Матеј 7:12).
[Слика на страница 5]
Авигеја е запаметена по нејзината мудрост
[Слика на страница 7]
Петар е запаметен по неговиот импулсивен но искрен карактер
[Слика на страница 8]
Исус одвојувал време за децата