Како да го зајакнеш својот брак
ЗАМИСЛИ СИ една куќа што западнала во состојба на распаѓање. Бојата се лупи, кровот е оштетен, па дури и тревникот е целиот обраснат. Очигледно, оваа куќа е оштетена затоа што била изложена на некои силни бури низ годините и затоа што била запоставена. Дали треба да биде срушена? Не мора да значи. Ако темелот е цврст и конструкцијата е стабилна, веројатно куќата би можела да се поправи.
Дали состојбата на таа куќа те потсетува на твојот брак? Низ годините, силни бури, така да се каже, можеби си го зеле данокот од твојата брачна врска. Можеби е вклучен извесен степен на негрижа од страна на едниот од вас или, пак, од обајцата. Можеби се чувствуваш како Сенди. По 15 години брак, таа рекла: „Немавме ништо заедничко освен што бевме во брак. А тоа не беше доволно“.
Дури и ако твојот брак дошол до ваква состојба, немој избрзано да заклучиш дека треба да му се стави крај. Твојот брак, веројатно, може да се поправи. Многу зависи од степенот на оддаденост што постои помеѓу тебе и твојот брачен другар. Оддаденоста може да помогне така што ќе му даде стабилност на бракот во време на испити. Но, што е оддаденост? И како може Библијата да ти помогне да ја зајакнеш?
Оддаденоста вклучува обврска
Оддаденоста значи состојба да се биде обврзан или емоционално поттикнат. Понекогаш, овој збор се однесува на нешто безлично, како што е некој деловен договор. На пример, еден градежник можеби се чувствува обврзан да ги исполни барањата од некој договор што го потпишал да изгради куќа. Тој можеби не го познава оној што ја нарачал работата. Сепак, се чувствува принуден да си го одржи зборот.
Иако бракот не е некоја ладна деловна зделка, оддаденоста во него вклучува обврска. Ти и твојот брачен другар веројатно сте се заветиле пред Бог и пред луѓето дека, што и да се случи, ќе останете заедно. Исус рекол: „Оној кој ги создаде од почетокот, ги направи машко и женско и рече: ‚Од таа причина човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена‘“. Понатаму додал: „Бог што впрегнал во јарем, ниеден човек да не разделува“ (Матеј 19:4—6). Затоа, кога ќе се појават проблеми, ти и твојот брачен другар треба да бидете цврсто решени да го исполните ветувањето дека ќе бидете оддадени еден на друг.a Една сопруга вели: „Работите почнаа да се подобруваат дури откако престанавме да размислуваме за разводот како опција“.
Меѓутоа, брачната оддаденост значи многу повеќе отколку обврска. Што друго е вклучено?
Тимската работа ја зајакнува оддаденоста во бракот
Оддаденоста во бракот не значи дека брачните другари никогаш нема да имаат несогласувања. Кога ќе дојде до некој судир треба да постои искрена желба да се реши работата не само поради некој завет што те обврзува туку поради емоционалната врска. Во врска со сопругот и сопругата, Исус рекол: „Повеќе не се двајца, туку едно тело“.
Што значи да бидеш „едно тело“ со твојот брачен другар? Апостол Павле напишал дека „мажите треба да ги љубат своите жени како своите сопствени тела“ (Ефешаните 5:28, 29). Според тоа, да се биде „едно тело“ делумно значи дека си исто толку загрижен за доброто на твојот брачен другар колку што си за своето. Луѓето што се во брак треба да го пренасочат своето размислување од „мое“ на „наше“, од „јас“ на „ние“. Една советничка напишала: „И двајцата партнери треба да престанат да бидат самци во душата и да станат венчани во душата“.
Дали ти и твојот брачен другар сте „венчани во душата“? Можно е двајца да бидат заедно долги години, а сепак да не бидат „едно тело“ во таа смисла. Да, тоа може да се случи, но книгата Giving Time a Chance (Да се остави на времето) вели: „Бракот значи да делиш живот, а колку повеќе двајца делат толку поуспешна ќе биде нивната врска“.
Некои несреќни брачни двојки остануваат заедно само за доброто на децата или заради финансиска сигурност. Други трпат затоа што имаат силни морални убедувања против разводот или затоа што се плашат што ќе речат другите ако се раздвојат. Иако е за пофалба што овие бракови опстојуваат, запамтете дека вашата цел треба да биде да имате врска на љубов а не само врска што трае.
Несебичните постапки поттикнуваат на брачна оддаденост
Библијата претскажала дека во текот на „последните денови“ луѓето ќе бидат „себељубиви“ (2. Тимотеј 3:1, 2). Верно на тоа пророштво, изгледа дека денес нагласокот се става на тоа да се биде длабоко оддаден на самиот себе. Во многу бракови, да се даваш себеси без гаранција дека ќе добиеш нешто за возврат се смета за знак на слабост. Меѓутоа, во еден добар брак, и двајцата брачни партнери покажуваат самопожртвуван дух. Како можеш да го правиш тоа?
Наместо да размислуваш за прашањето: ‚Што добивам јас од оваа врска?‘ запрашај се: ‚Што правам јас за да го зајакнам мојот брак?‘ Библијата вели дека христијаните треба да ‚гледаат со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘ (Филипјаните 2:4). Додека размислуваш за ова библиско начело, анализирај ги твоите постапки од минатата седмица. Колку често направи нешто љубезно само за доброто на твојот брачен другар? Кога твојот брачен другар сакаше да зборува, дали ти слушаше — иако баш и не ти се слушаше? Во колку активности што повеќе го интересираат него отколку тебе учествуваше и ти?
Кога се преиспитуваш во врска со овие прашања, немој да бидеш загрижен дека твоите постапки ќе останат незабележани или ненаградени. „Во повеќето врски“, вели еден прирачник, „позитивното однесување ги тера другите да возвратат исто, затоа давај сѐ од себе за да го охрабриш твојот партнер да се однесува позитивно така што и ти самиот ќе се однесуваш уште попозитивно“. Самопожртвуваните дела го зајакнуваат твојот брак зашто тие покажуваат дека го цениш и дека сакаш да го одржиш.
Неопходно е да се гледа долгорочно
Јехова Бог ја цени лојалноста. Всушност, Библијата вели: „Со некој лојален ти [Јехова] ќе постапиш лојално“ (2. Самоил 22:26, NW). Да се остане лојален на Бог вклучува да се остане лојален на брачното уредување што го воспоставил тој (Битие 2:24).
Ако ти и твојот брачен другар сте си лојални еден на друг, тогаш имате чувство на трајност на вашата врска. Кога размислувате за месеците, годините и децениите пред вас, се гледате заедно. Помислата да не сте во брак еден со друг ви е сосем туѓа, и ваквиот став ѝ донесува сигурност на вашата врска. Една сопруга вели: „Дури и кога сум му најлута [на мојот сопруг] и кога сум најизнервирана од она што ни се случува, не ме мачи мисла дека нашиот брак ќе заврши. Ме мачи мислата како ли да се вратиме таму каде што застанавме. Ни најмалку не се сомневам дека работите ќе се вратат по старо — само што во тој момент не знам како“.
Неопходен дел од оддаденоста на брачниот другар е да се гледа долгорочно но, за жал, тоа недостасува во многу бракови. Во некоја вжештена расправија еден од брачните другари можеби ќе извика: „Ќе те оставам!“ или „Ќе си најдам некој што навистина ќе ме цени!“ Точно, најчесто таквите зборови не се мислат дословно. Сепак, Библијата забележува дека јазикот може да биде ‚полн со смртоносен отров‘ (Јаков 3:8). Заканите и ултиматумите праќаат порака: ‚Јас не гледам на нашиот брак како на нешто трајно. Можам да те оставам кога сакам‘. Да се алудира на такво нешто може да биде разорно за еден брак.
Кога гледаш долгорочно, очекуваш да бидеш со твојот брачен другар низ сито и решето. Ова носи дополнителна корист. Тебе и на твојот брачен партнер ќе ви биде многу полесно да ги прифатите слабостите и грешките и ќе продолжите да се поднесувате еден со друг и спремно да си простувате (Колошаните 3:13). „Во еден добар брак“, вели еден прирачник, „има простор и двајцата да згрешите а бракот да опстане и покрај тоа.“
Кога си се венчал, си се обврзал не кон институцијата брак туку кон личност — твојот брачен другар. Овој факт треба да има длабоко влијание врз начинот на кој сега размислуваш и постапуваш како личност што е во брак. Зарем не се согласуваш дека треба да останеш со твојот брачен другар не само затоа што веруваш во светоста на бракот туку и затоа што ја сакаш личноста со која си во брак?
[Фуснота]
a Во екстремни случаи може да има оправдана причина за една брачна двојка да се раздели (1. Коринќаните 7:10, 11; види ја книгата Тајната на семејната среќа, страници 160, 161, издадена од Јеховините сведоци). Освен тоа, Библијата дозволува развод поради блуд (сексуален неморал; Матеј 19:9).
[Рамка/слика на страница 5]
Што можеш да направиш сега
Како стои твојот брак во поглед на оддаденоста? Можеби гледаш простор за подобрување. За да ја зајакнеш својата оддаденост, обиди се со следново:
● Направи си едно преиспитување. Запрашај се: ‚Дали навистина сум венчан во душата, или сѐ уште размислувам и постапувам како самец?‘ Дознај што мисли твојот брачен другар за ова.
● Прочитај ја оваа статија со твојот брачен другар. Потоа, смирено дискутирајте за тоа на кои начини можете да ја зајакнете оддаденоста во вашиот брак.
● Заедно со твојот брачен другар учествувај во активности што ја зајакнуваат вашата оддаденост. На пример: гледајте ги фотографиите од вашата свадба и од други значајни настани. Правете ги работите во кои уживавте додека се запознававте или во раните години од вашиот брак. Проучувајте заедно библиски темелени статии од Стражарска кула и Разбудете се! што се однесуваат на бракот.
[Рамка/слика на страница 6]
Во бракот, оддаденоста вклучува . . .
● Обврска „Исполни го секој свој завет. Подобро е да не се заветува отколку да се заветува, а да не се исполни“ (Проповедник 5:3, 4).
● Тимска работа „Подобро им е на двајцата отколку на еден . . . Ако падне едниот, другиот ќе го поткрене“ (Проповедник 4:9, 10).
● Самопожртвуваност „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).
● Да се гледа долгорочно „Љубовта . . . сѐ трпи“ (1. Коринќаните 13:4, 7).
[Слики на страница 7]
Кога твојот брачен другар сака да зборува, дали слушаш?