Прашања од читателите
Што значи да се има „живот во себе“?
Библијата зборува дека Исус Христос има „живот во себе“, и дека и неговите следбеници имаат „живот во себе“ (Јован 5:26; 6:53). Меѓутоа, овие два стиха немаат исто значење.
„Како што Таткото има живот во себе“, рекол Исус, „така и на Синот му дал да има живот во себе.“ Пред да ја каже оваа значајна изјава, Исус рекол: „Вистина ви велам: ‚Кој ја слуша мојата реч и му верува на оној кој ме испрати, има вечен живот . . . Доаѓа часот, и веќе е тука, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и оние кои ќе послушаат, ќе живеат‘“. Овде Исус укажал на посебната моќ што му ја дал Татко му — способноста да им овозможи на луѓето одобрена положба пред Бог. Освен тоа, Исус е способен да ги воскресне оние што се во смртен сон и да им даде живот. За Исус, тоа што има „живот во себе“ значи дека нему му е дадена оваа моќ. Како Таткото, и Синот го има ‚дарот на живот во себе‘, како што, исто така, би можел да се преведе овој израз (Јован 5:24—26). Но, што е со неговите следбеници?
Околу една година подоцна, Исус им се обратил на оние што го слушале, велејќи: „Вистина, вистина ви велам: Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, немате живот во себе. Кој се храни со моето тело и ја пие мојата крв, има вечен живот, и јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6:53, 54). Овде Исус го споредува тоа да се има „живот во себе“ со добивањето „вечен живот“. Изрази со иста граматичка конструкција како што е да се има „живот во себе“ има и на други места во Грчките христијански списи. Два такви примера се „имајте сол во себе“ и „примајќи на себе полна плата“ (Марко 9:50; Римјаните 1:27). Во овие примери, изразите не означуваат моќ да им даваат сол на другите или да се одмери плата на некого. Наместо тоа, се укажува на внатрешна целост или потполност. Според тоа, изразот „живот во себе“, употребен во Јован 6:53, едноставно значи да се добие самата потполност на животот.
Укажувајќи дека неговите следбеници имаат живот во себе, Исус го спомнал своето тело и својата крв. Подоцна, кога ја воспоставил Господовата вечера, Исус повторно зборувал за своето тело и за својата крв и им дал упатство на своите следбеници кои ќе биле земени во новиот завет да земат од симболите на бесквасен леб и вино. Дали ова значи дека само помазаните христијани, кои се во новиот завет со Јехова Бог, добиваат таква потполност на животот? Не. Тие две прилики ги делела цела година. Оние што ги чуле зборовите на Исус запишани во Јован 6:53, 54 немале никакво спознание за годишното одбележување со симболите што ги претставуваат телото и крвта на Исус.
Според Јован 6. поглавје, Исус прво го споредил своето тело со мана, велејќи: „Вашите прататковци јадеа мана во пустелијата, а сепак умреа. Ова е лебот што слегува од небото за секој да јаде од него и да не умре. Јас сум живиот леб што слезе од небото; ако некој јаде од овој леб, ќе живее вечно“. Телото на Исус, заедно со неговата крв, било позначајно од дословната мана. Зошто? Затоа што неговото тело било дадено во корист на „животот на светот“ правејќи го на тој начин вечниот живот возможен.a Оттука, изјавата во врска со тоа да се има „живот во себе“ од Јован 6:53 се однесува на сите што добиваат вечен живот — на небото или на земјата (Јован 6:48—51).
Кога следбениците на Исус добиваат живот во себе, или потполност на животот? За помазаните наследници на Царството тоа се случува при нивното воскресение за небесен живот како бесмртни духовни суштества (1. Коринќаните 15:52, 53; 1. Јованово 3:2). ‚Другите овци‘ на Исус ќе доживеат да ја добијат потполноста на животот по завршетокот на неговото Илјадагодишно владеење. Дотогаш, веќе ќе бидат испитани, најдени верни и прогласени за праведни за вечен живот на рајската земја (Јован 10:16; Откровение 20:5, 7—10).
[Фуснота]
a Во пустелијата, и на Израелците и на ‚бројното мноштво други луѓе‘ им била потребна маната за да останат живи (Излез 12:37, 38, NW; 16:13—18). На сличен начин, за да живеат вечно, сите христијани, без разлика дали се помазани или не, мораат да се послужат со небесната мана така што ќе практикуваат вера во откупната моќ на телото и крвта на Исус што ги дал како жртва. (Види ја Стражарска кула од 1 јуни 1988, страници 30, 31.)
[Слики на страница 31]
Сите вистински христијани можат да имаат „живот во себе“