Прашања од читателите
Што е крштавање за мртвите?
Кога пишувал за небесното воскресение, апостол Павле напишал еден многу интересен стих. Во преводот на Д-р/Д-р Душан Х. Константинов, читаме: „Инаку, што ќе прават оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто се крштаваат за нив?“ А преводот Радосна вест го преведува овој стих: „Ако нема воскресение за мртвите, тогаш што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во името на мртвите, ако нема воскресение на мртвите?“ (1. Коринќаните 15:29).
Дали Павле овде укажува на тоа дека живите луѓе се крштаваат заради оние што умреле без да се крстат? Можеби така се чини од овие и од некои други библиски преводи. Меѓутоа, едно повнимателно испитување на Писмото и на оригиналниот грчки јазик што го користел Павле укажуваат на поинаков заклучок. Павле мислел на тоа дека помазаните христијани се крстени, или потопени, во животен правец кој ќе води во смрт слична на Христовата, односно смрт со која ќе го зачуваат интегритетот како што го зачувал и тој. Потоа, ќе бидат воскреснати во духовен живот како што бил и тој.
Библијата го поткрепува ова објаснување. Во своето писмо до Римјаните, Павле напишал: „Зарем не знаете дека сите ние кои бевме крстени во Христос Исус, крстени сме во неговата смрт?“ (Римјаните 6:3). Во своето писмо до Филипјаните, Павле зборувал за себе, велејќи: ‚Соучествувам во [Христовите] страдања, подложувајќи се на смрт како неговата, за да видам можам ли некако да го постигнам пораното воскресение од мртвите‘ (Филипјаните 3:10, 11). Павле истакнал дека животот на еден помазан следбеник на Христос вклучува да го зачува интегритетот под испит, секојдневно да се соочува со смрт и на крај да умре задржувајќи го својот интегритет, по што ќе следи небесно воскресение.
Вредно е да се забележи дека овие и други стихови што директно ја спомнуваат смртта во поврзаност со крстените се однесуваат на живи поединци што биле крстени а не на оние што умреле. Павле, исто така, им рекол на другите помазани христијани: „Со него сте погребани во неговото крштавање и преку заедништвото со него сте и подигнати заедно преку вашата вера во Божјето дејствување, кој го воскресна од мртвите“ (Колошаните 2:12).
Грчкиот предлог хипер од 1. Коринќаните 15:29, преведен со „за“ или „заради“ во различни библиски преводи, може исто така да значи „со цел“. Затоа, во склад со други библиски стихови, Превод Нов свет на Светото Писмо исправно го преведува овој стих: „Што ќе прават оние кои се крштаваат со цел да бидат мртви? Ако мртвите воопшто не треба да станат, зошто и се крштаваат за да бидат такви?“