Жени што го радувале Јеховиното срце
„Господ нека ти плати за сѐ што си направила, и нека ти додели полна награда Господ“ (РУТА 2:12).
1, 2. Како може да ни користи тоа што ќе размислуваме за библиски примери на жени што го радувале Јеховиното срце?
СТРАВОТ од Бог натерал две жени да не му се потчинат на еден фараон. Верата поттикнала една блудница да си го ризикува животот за да заштити двајца израелски шпиони. Разумноста и понизноста во еден пресуден момент ѝ помогнале на една жена да спаси многу животи и да го спречи Јеховиниот помазаник да си навлече вина за крв. Верата во Јехова Бог и духот на гостољубивост поттикнале една вдовица и мајка да му ја даде последната храна што ја имала на еден Божји пророк. Ова се само некои од многуте библиски примери на жени што го радувале Јеховиното срце.
2 Јеховиниот став кон таквите жени и благословите што им ги излеал покажуваат дека она што го радува над сѐ друго се духовните особини, кои се поважни од полот. Во денешниов свет, кој е толку преокупиран со телесни работи, предизвик е човек да ја стави својата духовност на прво место. Но, тој предизвик може да се пресретне, како што покажува примерот на милиони богобојазливи жени што сочинуваат голем дел од Божјиот народ денес. Таквите христијанки ја имитираат верата, разумноста, гостољубивоста и другите убави особини што ги покажувале богобојазливите жени спомнати во Библијата. Се разбира, и христијанските мажи сакаат да ги имитираат особините што ги покажувале таквите примерни жени во древни времиња. За да видиме како можеме да го правиме тоа во попотполна мера, да ги разгледаме подетално библиските извештаи за жените спомнати во почетокот (Римјаните 15:4; Јаков 4:8).
Жени што не му се потчиниле на фараонот
3, 4. а) Зошто Сепфора и Фуа одбиле да го послушаат фараонот кога тој наредил да се убие секое машко израелско новороденче? б) Како ги наградил Јехова двете бабици за нивната храброст и побожен страв?
3 На Нирнбершкиот судски процес, кој се одржа во Германија по II светска војна, многу од оние што беа обвинети за масовни убиства се обидоа да најдат оправдување за злосторствата што ги извршиле аргументирајќи дека тие едноставно слушале наредби. Сега, да ги споредиме тие луѓе со двете израелски бабици, Сепфора и Фуа, кои живееле во древниот Египет за време на владеењето на еден тирански фараон чие име не ни е познато. Плашејќи се од еврејскиот народ што се множел како печурки по дожд, фараонот им наредил на двете бабици да водат сметка да биде убиено секое машко еврејско новороденче. Како реагирале овие жени на ваквата ѕверска заповед? „Не правеа како што им нареди египетскиот цар, туку ги оставаа во живот машките деца.“ Зошто овие жени не подлегнале на стравот од човек? Затоа што ‚се боеле од Бога‘ (Излез 1:15, 17; Битие 9:6).
4 Да, бабиците побарале засолниште кај Јехова, и тој се покажал како „штит“ за нив, заштитувајќи ги од бесот на фараонот (2. Самоил 22:31; Излез 1:18—20). Но, тоа не бил единствениот благослов од Јехова. Тој ги наградил Сепфора и Фуа со сопствени семејства. Освен тоа, им оддал чест на овие жени на тој начин што дал нивните имиња и дела да бидат запишани во неговата инспирирана Реч за да ги читаат идните генерации, додека името на фараонот било изгубено во заборавот на времето (Излез 1:21; 1. Самоил 2:30б; Пословици 10:7).
5. На кој начин многу христијанки денес го покажуваат истиот став како Сепфора и Фуа, и како ќе ги награди Јехова?
5 Дали и денес постојат жени како Сапфора и Фуа? Да, постојат! Секоја година, илјадници такви жени бестрашно ја проповедаат библиската животоспасувачка порака во земјите каде што „наредбата на царот“ го забранува тоа и на тој начин ја ризикуваат својата слобода, па дури и својот живот (Евреите 11:23; Дела 5:28, 29). Поттикнати од љубов кон Бог и кон ближниот, таквите храбри жени не дозволуваат никому да ги спречи да им ја пренесуваат на другите добрата вест за Божјето Царство. Поради тоа, многу христијанки се соочуваат со противење и прогонство (Марко 12:30, 31; 13:9—13). Како што било случај со Сепфора и Фуа, Јехова е добро запознаен со делата на таквите одлични, храбри жени, и ќе ја покаже својата љубов кон нив на тој начин што ќе ги зачува нивните имиња во својата ‚книга на животот‘ доколку верно истраат до крајот (Филипјаните 4:3; Матеј 24:13).
Една поранешна блудница го радува Јеховиното срце
6, 7. а) Што знаела Раав за Јехова и за неговиот народ, и како влијаело врз неа ова сознание? б) На кој начин Божјата реч ѝ оддава чест на Раав?
6 Во 1473 пр.н.е., една блудница по име Раав живеела во ханаанскиот град Ерихон. По сѐ изгледа Раав била добро информирана жена. Кога двајца израелски шпиони побарале засолниште во нејзиниот дом, таа знаела да им раскаже конкретни детали за чудесното излегување на Израелците од Египет, иако ова се случило 40 години пред тоа! Исто така, знаела за последните победи на Израел над аморејските цареви Сион и Ог. Забележи како тоа сознание влијаело врз неа. На двајцата шпиони им рекла: „Знам дека Господ ви ја даде оваа земја . . . зашто Господ, вашиот Бог — Тој е Бог горе на небесата и долу на земјата“ (Исус Навин 2:1, 9—11). Да, она што Раав го дознала за Јехова и неговите дела во корист на Израел наишло на поволен одѕив во нејзиното срце и ја поттикнало да положи вера во него (Римјаните 10:10).
7 Верата ја поттикнала Раав на акција. Таа ги примила израелските шпиони „мирољубиво“ и ги послушала животоспасувачките упатства кога Израел го нападнал Ерихон (Евреите 11:31; Исус Навин 2:18—21). Нема никакво сомнение дека делата на вера што ги направила Раав го израдувале Јеховиното срце, бидејќи тој го инспирирал христијанскиот ученик Јаков да го наведе нејзиното име заедно со името на Авраам, Божјиот пријател, како пример што треба да го имитираат христијаните. Јаков напишал: „Зарем блудницата Раав не беше на ист начин прогласена за праведна со дела, откако гостољубиво ги прими гласниците и ги испрати по друг пат?“ (Јаков 2:25).
8. На кој начин Јехова ја благословил Раав за нејзината вера и послушност?
8 Јехова ја наградил Раав на многу начини. Една работа е тоа што со чудо го поштедил нејзиниот живот и животот на сите што нашле засолниште во нејзиниот дом — имено, „сето нејзино семејство и сѐ нивно“. Потоа, им дозволил да живеат „меѓу Израелците“, каде што со нив требало да се постапува како со сонародници (Исус Навин 2:13; 6:22—25; Левит 19:33, 34). Но, тоа не е сѐ. Јехова ѝ ја укажал на Раав и честа да стане предок на Исус Христос. Колку само силен доказ за оддадена љубезност кон една жена која некогаш била ханаанска обожавателка на идоли!a (Псалм 130:3, 4).
9. На кој начин ставот што го имал Јехова кон Раав и кон извесни христијанки во првиот век може да биде охрабрување за некои жени денес?
9 Исто како Раав, и други христијанки, уште од првиот век па сѐ до денес, напуштиле неморален начин на живот за да му угодат на Бог (1. Коринќаните 6:9—11). Несомнено некои од нив пораснале во средина слична на онаа во древниот Ханаан, каде што неморалот бил раширен, па дури и се сметал за нешто нормално. Сепак, тие ги промениле своите патишта, поттикнати од вера темелена на точното спознание од Писмото (Римјаните 10:17). Затоа, и за таквите жени би можело да се рече дека „Бог не се срами од нив да го повикуваат како свој Бог“ (Евреите 11:16). Каква чест!
Благословена поради нејзината разумност
10, 11. Кои околности во врска со Навал и Давид ја поттикнале Авигеја да дејствува?
10 Многу верни жени од старо време ја покажувале на еден истакнат начин особината разумност, поради што биле скапоцени за Јеховиниот народ. Една таква жена била Авигеја, сопругата на богатиот израелски земјопоседник Навал. Разумноста на Авигеја помогнала да се спасат животи и го спречила Давид, идниот цар на Израел, да стане виновен за крв. Можеме да прочитаме за Авигеја во извештајот запишан во 1. Самоил, 25. поглавје.
11 Во почетокот на оваа вистинита приказна, Давид и неговите следбеници се улогорени во близина на стадата на Навал и ги штитат ден и ноќ без да им се плати, покажувајќи добрина кон својот израелски брат, Навал. Кога резервите со храна на Давид се при крај, тој испраќа десет млади мажи за да побараат храна од Навал. Сега Навал има прилика да покаже ценење кон Давид и да му оддаде чест како на Јеховин помазаник. Но, Навал го прави токму спротивното. Во излив на гнев, тој го навредува Давид и ги праќа младите мажи назад со празни раце. Штом слуша за ова, Давид собира 400 вооружени мажи и тргнува да се одмазди. Авигеја дознава за грубиот одговор на маж ѝ и дејствува брзо и мудро за да го смири Давид така што му испраќа великодушна пратка со храна. Потоа и самата оди кај Давид (стихови 2—20).
12, 13. а) Како Авигеја докажала дека е разумна и лојална на Јехова и на неговиот помазаник? б) Што направила Авигеја кога се вратила дома и, на крај, што се случило со неа?
12 Кога Авигеја го пресретнува Давид, нејзината понизна молба за милост ја открива нејзината длабока почит кон Јеховиниот помазаник. „Господ ќе му основа траен дом на мојот господар, зашто мојот господар ги води Господовите боеви“, вели таа, додавајќи дека Јехова ќе го назначи Давид за водач на Израел (стихови 28—30). Во исто време, Авигеја покажува значителна храброст кажувајќи му на Давид дека, ако не ја контролира својата желба за одмазда, таа ќе води до вина за крв (стихови 26, 31). Давид се вразумува од понизноста, длабоката почит и јасното размислување на Авигеја. Тој одговара: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес кај мене во пресрет! Нека е благословена твојата мудрост, и благословена да бидеш ти што ме задржа денес за да не навалам врз себеси крвна вина“ (стихови 32, 33).
13 Кога се враќа дома, Авигеја храбро се обидува да му каже на својот сопруг за подарокот што му го дала на Давид. Меѓутоа, кога го наоѓа, тој е „сосем пијан“. Затоа чека да се отрезни и тогаш му кажува. Како реагира Навал? Тој е толку погоден од веста што добива некој вид парализа. По десет дена умира од Божја рака. Кога Давид дознава за смртта на Навал, ѝ предлага брак на Авигеја, на која очигледно многу ѝ се восхитува и длабоко ја почитува. Авигеја ја прифаќа понудата на Давид (стихови 34—42).
Можеш ли да бидеш како Авигеја?
14. Кои особини на Авигеја можеби сакаме да ги негуваме во поголема мера?
14 Дали во Авигеја гледаш некои особини што ти — сеедно дали си маж или жена — би сакал да ги негуваш во поголема мера? Можеби сакаш да постапуваш помудро и поразумно кога ќе се појават тешкотии. Или можеби сакаш да зборуваш смирено и разумно кога ќе се разгорат емоциите на оние околу тебе. Ако е така, зошто не го молиш Јехова за таа работа? Тој ветува дека ќе им даде мудрост, разбирање и способност за размислување на сите што ‚бараат со вера‘ (Јаков 1:5, 6; Пословици 2:1—6, 10, 11).
15. Во кои околности е особено важно христијанките да ги покажуваат особините што ги покажала Авигеја?
15 Таквите убави особини се особено важни за жена чиј сопруг не е верник, кој обрнува мало или никакво внимание на библиските начела. Можеби претерано пие. Да се надеваме дека таквите мажи ќе се променат. Многумина веќе го направиле тоа, честопати како одговор на благоста, длабоката почит и чесното однесување на нивните сопруги (1. Петрово 3:1, 2, 4).
16. Како една христијанска сестра ќе покаже дека го цени својот однос со Јехова над сѐ друго, без оглед на нејзините домашни околности?
16 Какви и да се проблемите со кои можеби мораш да се справуваш дома, не заборавај дека Јехова секогаш е тука да те поддржи (1. Петрово 3:12). Затоа, настојувај да се зајакнеш духовно. Моли се за мудрост и за смирено срце. Да, приближи му се на Јехова преку редовна библиска студија, молитва, медитирање и дружење со сохристијаните. Врз љубовта на Авигеја кон Бог и нејзиниот став кон неговиот помазан слуга не влијаело недуховното гледиште на нејзиниот сопруг. Таа постапувала врз основа на праведни начела. Дури и во домаќинство каде што сопругот е примерен слуга на Бог, христијанската сопруга сфаќа дека треба да продолжи напорно да работи на тоа да ја гради и да ја одржува својата духовност. Точно, нејзиниот сопруг има библиска обврска да се грижи за неа и во духовен и во материјален поглед но, на крајот на краиштата, таа мора да работи на „своето спасение со страв и трепет“ (Филипјаните 2:12; 1. Тимотеј 5:8).
Таа добила „награда на пророк“
17, 18. а) Пред кој необичен испит на верата се нашла вдовицата од Сарепта? б) Како реагирала вдовицата на барањето на Илија, и како ја наградил Јехова за тоа?
17 Начинот на кој Јехова се грижел за една сиромашна вдовица во времето на пророкот Илија покажува дека Тој има длабоко ценење за оние што го поддржуваат вистинското обожавање на тој начин што се даваат себеси и своите средства. Поради една долготрајна суша во времето на Илија, гладот им се заканувал на многумина, вклучувајќи и една вдовица и нејзиното синче што живееле во Сарепта. Токму тогаш кога имале храна за само уште еден оброк, пристигнал еден посетител — пророкот Илија. Тој имал едно многу необично барање. Иако знаел во каква неволја е таа жена, ја замолил да му испече „колаче“, користејќи го последното масло и брашно што го имала. Но, тој додал: „Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‚Нема да снема брашно во садот, ниту ќе се испразни врчвата со масло, сѐ додека Господ не пушти да падне дожд на земјата‘“ (1. Цареви 17:8—14).
18 Како би реагирал ти на тоа необично барање? Вдовицата од Сарепта, очигледно препознавајќи дека Илија е Јеховин пророк, „направи како што ѝ рече Илија“. На кој начин одговорил Јехова на нејзината гостољубива постапка? Додека траела сушата тој со чудо обезбедувал храна за жената, за нејзиниот син и за Илија (1. Цареви 17:15, 16). Да, Јехова ѝ дал на вдовицата од Сарепта „награда на пророк“, иако не била Израелка (Матеј 10:41). И Божјиот Син ѝ оддал чест на оваа вдовица кога им ја истакнал како пример на неверните луѓе во неговиот крај, Назарет (Лука 4:24—26).
19. На кој начин многу христијанки денес го одразуваат духот на вдовицата од Сарепта, и што мисли Јехова за нив?
19 Денес, многу христијанки го одразуваат духот на вдовицата од Сарепта. На пример, секоја седмица несебичните христијански сестри — од кои многу се сиромашни и треба да се грижат за своите семејства — им укажуваат гостопримство на патувачките надгледници и на нивните сопруги. Други ги делат оброците со локалните полновремени министри, им помагаат на сиромашните или, пак, на некој друг начин се даваат себеси и своите средства за да го поддржат делото на Царството (Лука 21:4). Дали Јехова ги забележува таквите жртви? Секако! „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, со тоа што им служевте на светите и понатаму им служите“ (Евреите 6:10).
20. Што ќе разгледаме во следната статија?
20 Во првиот век, неколку богобојазливи жени имале предност да им служат на Исус и на неговите апостоли. Во следната статија ќе дискутираме за тоа како овие жени го радувале Јеховиното срце и ќе го разгледаме примерот на денешните жени што со цело срце му служат на Јехова, дури и под тешки околности.
[Фуснота]
a Родословието на Исус, што го запишал Матеј, спомнува четири жени по име — Тамара, Раав, Рут и Марија. Божјата реч за сите нив зборува со голема почит (Матеј 1:3, 5, 16).
За повторување
• Како го радувале Јеховиното срце следниве жени?
• Сепфора и Фуа
• Раав
• Авигеја
• Вдовицата од Сарепта
• Како може тоа што ќе медитираме за примерот што го дале тие жени да ни помогне нам лично? Илустрирај.
[Слики на страница 9]
Многу верни жени му служеле на Бог и покрај „наредбата на царот“
[Слика на страница 10]
Зошто Раав е добар пример за некој што има вера?
[Слика на страница 10]
Кои особини што ги покажала Авигеја сакаш да ги имитираш?
[Слика на страница 12]
Многу христијанки денес го одразуваат духот на вдовицата од Сарепта