Проповедај за да правиш ученици
„Кога [Аполо] го чуја Прискила и Акила, го примија кај себе и поточно му го образложија Божјиот пат“ (ДЕЛА 18:26).
1. Иако Аполо ‚зрачел со духот‘, што му било потребно?
ПРИСКИЛА и Акила, брачна двојка христијани од првиот век, го гледале Аполо како држи говор во една синагога во градот Ефес. Со своите силни зборови и моќ на убедување, Аполо го пленил вниманието на своите слушатели. Тој ‚зрачел со духот‘ и ‚говорел за Исус со точност‘. Меѓутоа, било очигледно дека на Аполо ‚му било познато само Јовановото крштавање‘. Она што го проповедал Аполо за Христос било точно, но не било доволно. Проблемот бил во тоа што неговото знаење било ограничено. Аполо требало да научи повеќе за улогата на Исус Христос во исполнувањето на Јеховината намера (Дела 18:24—26).
2. Каков предизвик прифатиле Прискила и Акила?
2 Без никакво двоумење, Прискила и Акила се ставиле на располагање да му помогнат на Аполо да стане човек што ќе може да ‚држи сѐ‘ што заповедал Христос (Матеј 28:19, 20). Извештајот вели дека тие го зеле Аполо ‚кај себе и поточно му го образложиле Божјиот пат‘. Меѓутоа, имало некои работи во врска со Аполо што би навеле некои христијани да се колебаат дали да го поучат. Кои биле тие работи? И што можеме да научиме од напорите што ги вложиле Прискила и Акила да дискутираат за Писмото со Аполо? Како може едно разгледување на овој историски извештај да ни помогне да се сосредоточиме на тоа да започнуваме домашни библиски студии?
Сосредоточи се на луѓето
3. Зошто потеклото на Аполо не ги спречило Прискила и Акила да го поучат?
3 Аполо имал еврејско потекло и по сѐ изгледа пораснал во градот Александрија. Во тоа време Александрија бил главен град на Египет и центар на високото образование, познат по својата голема библиотека. Во тој град имало бројно еврејско население, вклучувајќи и учени луѓе. Така, грчкиот превод на Хебрејските списи, познат како Септуагинта бил направен таму. Не е чудо што Аполо бил „добро упатен во Писмото“! Акила и Прискила правеле шатори. Дали речовитоста на Аполо ги обесхрабрила? Не. Мотивирани од љубов тие мислеле на него како личност, на неговите потреби и како можат да му помогнат.
4. Кога и како Аполо ја добил помошта што му требала?
4 Без оглед на тоа колку речовит бил Аполо, нему му требала поука. Помошта што му требала не можел да ја добие од ниеден универзитет туку само од соверниците во христијанското собрание. Сега Аполо требало да извлече корист од оние мисли што ќе му помогнеле да стекне поточно разбирање за Божјата подготовка за спасение. Прискила и Акила ‚го примиле кај себе и поточно му го образложиле Божјиот пат‘.
5. Што можеш да кажеш за духовноста на Прискила и Акила?
5 Прискила и Акила биле духовно јаки и цврсто втемелени во верата. Сосема веројатно тие биле ‚секогаш спремни да дадат одбрана пред секого кој им барал причина за надежта која била во нив‘, сеедно дали се работело за богат човек, за сиромашно лице, за учен човек или за роб (1. Петрово 3:15). Акила и неговата жена можеле ‚исправно да ракуваат со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15). Очигледно, тие сериозно го проучувале Писмото. Аполо бил длабоко трогнат од поуката што се темелела на ‚Божјата реч, која е жива и врши силно влијание‘, допирајќи до срцето (Евреите 4:12).
6. Од каде знаеме дека Аполо ја ценел помошта што ја добил?
6 Аполо го ценел примерот на своите учители и станал уште повешт во правењето ученици. Своето спознание добро го користел во делото на објавување на добрата вест, особено меѓу еврејското население. Аполо особено бил корисен во тоа да ги увери Евреите во врска со Христос. Бидејќи бил ‚моќен во Писмото‘, тој можел да им докаже дека сите пророци од древнина со радост го очекувале доаѓањето на Христос (Дела 18:24, Kingdom Interlinear Translation). Извештајот додава дека Аполо потоа заминал во Ахаја, каде што ‚многу им помогнал на оние кои верувале поради Божјата незаслужена љубезност; зашто со жар јавно и темелно докажувал дека Евреите не се во право, со тоа што на темел на Писмото покажувал дека Исус е Христос‘ (Дела 18:27, 28).
Учи од примерот на другите учители
7. На кој начин Акила и Прискила станале вешти учители?
7 На кој начин Акила и Прискила станале вешти учители на Божјата реч? Освен тоа што биле многу марливи во личната студија и во присуството на состаноците, сигурно многу им помогнало и нивното блиско дружење со апостол Павле. Цели 18 месеци Павле живеел во домот на Прискила и Акила во Коринт. Тие работеле заедно додека правеле и поправале шатори (Дела 18:2, 3). Замисли си ги само длабоките библиски разговори што сигурно ги воделе! Колку само била зајакната нивната духовност од дружењето со Павле! „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар“, стои во Пословици 13:20. Доброто дружење влијаело добро врз нивните духовни навики (1. Коринќаните 15:33).
8. Што научиле Прискила и Акила додека гледале како Павле ја извршува службата?
8 Додека Прискила и Акила го гледале Павле како објавител на Царството, тие виделе што значи да се биде добар учител. Извештајот од Дела наведува дека Павле ‚секој сабат држел говор во синагогата [во Коринт ] и ги уверувал Евреите и Грците‘. Подоцна, кога му се придружиле Сила и Тимотеј, Павле ‚почнал горливо да се зафаќа со речта, сведочејќи им на Евреите за да докаже дека Исус е Христос‘. Кога членовите на синагогата не покажале голем интерес, Прискила и Акила забележале дека Павле ја префрлил проповедничка активност на една поповолна локација, во една куќа веднаш до синагогата. Таму Павле успеал да му помогне на Крисп, „претседавачкиот службеник на синагогата“, да стане ученик. Сосема веројатно, Прискила и Акила забележале дека тоа што бил направен тој ученик имало длабоко и продуктивно влијание на тоа подрачје. Во извештајот стои: „Крисп . . . стана верник во Господ, како и целиот негов дом. И многу коринќани кои слушнаа, почнаа да веруваат и се крстија“ (Дела 18:4—8).
9. Како реагирале Прискила и Акила на примерот што го дал Павле?
9 Примерот што Павле го дал во службата на теренот го имитирале и други објавители на Царството, како што биле Прискила и Акила. Апостолот ги советувал другите христијани: „Станете мои имитатори, како што сум и јас на Христос“ (1. Коринќаните 11:1). Во склад со примерот на Павле, Прискила и Акила му помогнале на Аполо поточно да ги разбере христијанските учења. Тој, пак, понатаму им помогнал на други. Прискила и Акила несомнено помогнале да се прават ученици во Рим, Коринт и Ефес (Дела 18:1, 2, 18, 19; Римјаните 16:3—5).
10. Што научи од Дела, 18. поглавје, што ќе ти помогне во делото на правење ученици?
10 Што можеме да научиме од разгледувањето на Дела, 18. поглавје? Па, исто како што Акила и Прискила учеле од Павле, така можеме и ние да ја подобриме способноста да правиме ученици следејќи го примерот на добрите учители на Божјата реч. Можеме да се дружиме со оние што се „интензивно зафатени со речта“ и што им даваат „темелно сведоштво“ на другите (Дела 18:5, Kingdom Interlinear Translation). Можеме да забележиме како го достигнуваат срцето на луѓето користејќи вештини на уверување додека поучуваат. Таквите вештини можат да ни помогнат да правиме ученици. Кога ја проучуваме Библијата со некого, би можеле да му предложиме да ги покани другите членови од семејството или соседите да се придружат на студијата. Или, пак, би можеле да го замолиме да ни каже на кого друг би можеле да му понудиме библиска студија (Дела 18:6—8).
Создавај си прилики да правиш ученици
11. Каде можат да се најдат нови ученици?
11 Павле и неговите сохристијани настојувале да прават ученици проповедајќи од куќа до куќа, на пазарот и додека патувале — всушност, секаде. Како ревносен работник за Царството што настојува да прави ученици, можеш ли да ги прошириш своите активности во службата на теренот? Можеш ли да ги искористиш приликите да ги бараш оние што се достојни и да им проповедаш? Кои се некои начини на кои другите објавители на добрата вест пронашле ученици? Најнапред да го разгледаме полето на сведочење по телефон.
12-14. За да ги илустрираш користите од сведочењето по телефон, раскажи некое твое лично искуство или некое од искуствата во овие пасуси.
12 Додека сведочела од куќа до куќа во Бразил, една христијанка што ќе ја наречеме Марија ѝ дала трактат на некоја млада жена што живеела во една зграда. Користејќи го насловот на трактатот како вовед, Марија прашала: „Би сакале ли да знаете повеќе за Библијата?“ Жената одговорила: „Баш би сакала. Проблемот е што јас сум наставничка и тоа што давам часови ми го одзема сето време“. Марија објаснила дека ќе можат да разгледуваат библиски теми по телефон. Жената ѝ го дала на Марија својот телефонски број и истата вечер започнала студија по телефон користејќи ја брошурата Што бара Бог од нас?a
13 Додека сведочела по телефон, една полновремена министерка во Етиопија се преплашила кога започнала разговор со некој човек, а од другата страна слушнала врева. Човекот ја замолил да се јави подоцна. Кога се јавила по вторпат, се извинил и рекол дека, кога се јавила првиот пат, тој и жена му биле среде вжештена расправија. Сестрата ја искористила оваа забелешка како прилика да посочи на мудрото водство што го дава Библијата за решавање на семејните проблеми. Таа му рекла дека на многу семејства им помогнала Тајната на семејната среќа, книга објавена од Јеховините сведоци. Неколку дена откако ја дала книгата, сестрата повторно му се јавила на човекот. Тој воскликнал: „Оваа книга ми го спаси бракот!“ Всушност, тој го собрал сето семејство заедно за да им ги пренесе на другите убавите мисли што ги прочитал во книгата. Била започната домашна библиска студија и наскоро човекот почнал редовно да присуствува на христијанските состаноци.
14 Една објавителка на Царството во Данска што започнала библиска студија сведочејќи по телефон, вели: „Надгледникот за служба ме охрабри да учествувам во сведочењето по телефон. Во почетокот се колебав, велејќи си: ‚Тоа не е за мене‘. Меѓутоа, еден ден собрав храброст и го завртев бројот на првиот станар. Се јави Соња и, по краток разговор, се согласи да земе библиска литература. Една вечер дискутиравме за создавањето и таа сакаше да ја прочита книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?b Реков дека би било убаво кога би можеле да се сретнеме лично и да дискутираме на таа тема. Таа се согласи. Кога дојдов, Соња беше подготвена за студија и оттогаш проучуваме секоја седмица“. Нашата христијанска сестра заклучува: „Многу години се молев за библиска студија, но не очекував дека ќе започнам студија сведочејќи по телефон“.
15, 16. Кои искуства можеш да ги раскажеш за да покажеш колку вреди да се искористат различните начини да се започнат библиски студии?
15 Мнозина имаат успех затоа што ги применуваат предлозите да им сведочат на луѓето каде и да се. Една христијанка од Соединетите Држави го паркирала автомобилот веднаш до некое службено комбе на паркиралиште. Кога жената од комбето ја забележала, сестрата почнала да ѝ објаснува за природата на нашето библиско образовно дело. Жената слушала, излегла од комбето и дошла до автомобилот на сестрата. Таа рекла: „Мило ми е што запревте за да разговарате со мене. Долго време не сум добила од вашата литература. Освен тоа, повторно сакам да ја проучувам Библијата. Ќе проучувате ли со мене?“ На овој начин нашата сестра си создала поволна прилика да ја сподели добрата вест.
16 Една сестра во Соединетите Држави го имала следново искуство кога посетила еден старечки дом: му пристапила на директорот што бил одговорен за извесни активности во таа установа и му рекла дека би сакала да помогне да се задоволат духовните потреби на луѓето што живеат таму. Нашата сестра додала дека со задоволство ќе води бесплатна седмична библиска студија со секој што сака да присуствува. Директорот ѝ дал дозвола да посети различни станари во нивните соби. Наскоро водела библиска студија трипати седмично со вкупно 26 станари. Еден од нив може редовно да присуствува на нашите состаноци.
17. Кој пристап е честопати ефикасен во започнувањето домашни библиски студии?
17 Некои објавители на Царството имаат добри резултати кога директно ќе понудат библиска студија. Едно утро, едно собрание од 105 објавители вложило посебни напори да им се понуди библиска студија на сите станари со кои ќе се стапело во контакт. Во службата на теренот учествувале 86 објавители и, откако поминале два часа во проповедничкото дело, утврдиле дека биле започнати најмалку 15 нови библиски студии.
Продолжи да ги бараш достојните
18, 19. Кое важно упатство што го дал Исус треба да го имаме на ум, и што треба да бидеме одлучни да правиме за таа цел?
18 Како објавител на Царството, можеби сакаш да се обидеш со предлозите спомнати во оваа статија. Се разбира, ќе биде мудро да ги земеш предвид локалните обичаи кога размислуваш кои методи да ги примениш во сведочењето. Над сѐ, да го задржиме во мислите упатството на Исус да ги бараме достојните и да им помагаме да станат ученици (Матеј 10:11; 28:19).
19 За таа цел, ‚исправно да ракуваме со речта на вистината‘. Тоа можеме да го правиме користејќи уверување што цврсто се темели на Писмото. Тоа ќе ни помогне да ги достигнеме срцата на оние што се приемливи и да ги поттикнеме на акција. Додека во молитва се потпираме на Јехова, можеме да имаме удел да им помагаме на некои да станат ученици на Исус Христос. И колку само наградувачко е ова дело! Затоа, ‚да даваме сѐ од себе за да се покажеме како одобрени пред Бог‘, секогаш оддавајќи му чест на Јехова како ревносни објавители на Царството, кои проповедаат со цел да прават ученици (2. Тимотеј 2:15).
[Фусноти]
a Објавена од Јеховините сведоци.
b Објавена од Јеховините сведоци.
Дали се сеќаваш?
• Зошто на Аполо му требало поцелосно да му се образложи патот на Бог?
• На кои начини Прискила и Акила учеле од апостол Павле?
• Што научи за делото на правење ученици од Дела, 18. поглавје?
• Како можеш да си создадеш прилики да правиш ученици?
[Слика на страница 18]
Прискила и Акила ‚поточно му го образложиле Божјиот пат‘ на Аполо
[Слика на страница 20]
Аполо станал вешт во правењето ученици
[Слика на страница 21]
Павле проповедал секаде каде што одел
[Слики на страница 23]
Создавај си прилики да проповедаш